Интервјуа
КУПУВАЧОТ Е СЕКОГАШ ВО ПРАВО

Симон Наумоски
Претседател на Бордот на директори на Витаминка

Господине Наумоски, Вие сте една од легендите на македонската економија. Компанијата Витаминка е основана во 1956 година, но нејзината вистинска трансформација и развој во она што таа го претставува денес започнува со Вашето доаѓање во компанијата во 1974 година. Како би го опишале Вие периодот оттогаш наваму?

С. Наумоски: По налог, поточно по барање на раководството на Општинскиот комитет на СК за Прилеп, отидов на работното место директор на фабриката за мелен црвен пипер Витаминка од Прилеп, фабрика со моно производ, со 72 вработени, со огромни загуби, со многу лоши создадени меѓучовечки односи во неа, пред сѐ, од желбата кој да го замени дотогашниот директор на фабриката кој заминуваше во пензија. Воедно фабриката имаше и тригодишни залихи на сушена црвена пиперка во парчиња и дел од мелен црвен пипер, а платата на постоечките вработени ја исплаќаше со редовно задолжување со краткорочен кредит во локалната банка – ми се чини Пелагониска банка се викаше. Залихите беа повеќе од 720 тони, и тоа пред самиот почеток на купувањето црвена пиперка од новата реколта која доаѓаше (септември – октомври), а за првите шест месеци од годината беа продадени само 106 тони готов производ. Одеднаш се најдов во фабрика со безизлезна состојба. Многу често започнав да си го поставувам прашањето по кој пат да се тргне за да се решаваат најкрупните присутни проблеми или дали да се оди постапно, да се решаваат еден по еден, или фронтално по повеќе од нив. Времето не дозволуваше да се оди во решавањето на проблем по проблем, што значи немаше избор, мораше фронтално да се работи на решавањето на крајно тешките присутни проблеми. И стручниот кадар кој го затекнав во фабрикава поделен во две спротивставени групи со силно поделени и спротивставени мислења не ми даваа шанса да работам нормално и морав да се ориентирам на барањето на носење нови додатни стручни кадри надвор од фабриката, кои ќе ми даваат целосно поткрепа во тоа што начелно го размислував да го преземам, но и со забрзано темпо иако сѐ уште немав изградено конечен концепт по кој пат најбрзо да тргнам. Сепак уште во старт ми требаше добра поткрепа која сметав дека ќе ја добијам со носење на извесен број нови високостручни кадри однадвор. И тоа го направив.

Како го доживеавте Вие лично овој период? Кои моменти би ги издвоиле како клучни? Има ли можеби некоја интересна бизнис-случка што би ја споделиле со читателите?

С. Наумоски: Таа прва година и до две од моето влегување во Витаминка во средината на летото во 1974 год., ми се чини, ми беа најтешки во моето, повеќе од 53 години, досегашно работење во стопанството во Републикава. Се наоѓав речиси две години во безизлез, пред сè од огромните залихи кои не можеа да траат повеќе од две години и од притисокот на огромните земени краткорочни кредити за плати.
По речиси една година размислување и консултации со искусни стопанственици во општината и со дел од прилепските кадри на високи позиции во Републикава се одлучив најпрво да ги решавам овие два најкрупни присутни проблеми, и тоа во најголем приоритет, а тие беа:
1. Да продадам што повеќе од количините на пипер присутни во залихи дури и по цена на создавање нова загуба ако дел од нив се исфрлат како некорисен отпад поради изгубениот квалитет (боја) во него и да вратам што поголем дел од земените краткорочни кредити од банките и
2. Да барам решение да воведам некоја нова мала линија или машина за од Витаминка на пазарот да се излезе со неколку нови производи кои пазарот ќе ги прифати, а нив да ги произведувам исклучиво со користење на големиот вишок на работна рака кој го имав во фабриката како неискористен.
И тргнав со најголем интензитет да ги решавам овие два врвни тогашни доминантни проблеми на Витаминка. Претставништвото на тогашниот Црн бор (од Прилеп) во Белград го искористив за многу поинтензивна продажба на залихите од црвен пипер, а и претставникот за Косово до максимум ја засили продажбата на пазарот во Косово. Тогашниот генерален директор на Црн бор, г. Милан Цапоски - Цапе, многу ми помогна за проширување на пазарот во Србија, а и тогашниот трговски патник за Косово, сега покоен, Бајрам Мрлаку истото тоа го направи на тој терен. Залихите на мелен црвен пипер веќе во следната 1975 год. почнаа да се намалуваат, нешто што почна силно да ми дава нова енергија за мојот натамошен личен ангажман во работата.
Случајно во еден разговор во големата трговска фирма Инпрес во Скопје со г. Јоже Кировски, комерцијален директор на таа компанија, знаејќи ја добро севкупната состојба од секој аспект во Витаминка, ми даде информација за несебично да ми помогне дека во фирмата Браќа Раџеновиќ во Вировитица, Хрватска, се продава половна пакерка, италијанска, за пакување на зачини и други производи во прав за секојдневна употреба во домаќинствата (сода бикарбона, прашок за печиво, ванилин шеќер, црн бибер во зрно и мелен, сув квасец и слични на нив други зачини), која без гледање и без размислување ја купив и започнав нив да ги произведувам во Витаминка. И пазарот во Републикава неочекувано одлично нè прифати, а нив ги купува. Со тоа и започна процесот на создавање дополнителен приход и нова дополнителна остварена разлика во цени од нив, се ангажираше дел од неискористената работна рака во производството со што патот на излезот од кризата при крајот на 1975 год. веќе се наѕираше.

СЕКОГАШ СМЕТАЈ ГО КУПУВАЧОТ ЗА СВЕТОСТ, ШТО ЗНАЧИ СЕКОГАШ БИДИ И ЗА НЕКОЈ ПРОМИЛ „ПОМАЛ“ ОД НЕГО. КУПУВАЧОТ Е СЕКОГАШ ВО ПРАВО. ЕДУЦИРАЈ СЕ ПОСТОЈАНО, СЕКОЈ ДЕН, БЕЗ ПРЕСТАНОК, ОДИ НА САЕМИ И НА СТРУЧНИ СОВЕТУВАЊА, ТЕКОВНИТЕ ПРОБЛЕМИ МАЛКУ РЕШАВАЈ ГИ ПО ТЕЛЕФОН, А МНОГУ ПОВЕЌЕ ВО ДИРЕКТНИ КОНТАКТИ

Што покажуваат денес податоците за Витаминка?

С. Наумоски: По воведување на пакерката во фабриката, со интензивна работа на нови производи, со новиот стручен кадар од млади лица кои ги зедов и речиси со сите нив работев заедно до нивното пензионирање, почнавме да излегуваме на пазарот со сè повеќе нови производи: со зачинот дафинка, со пудинзите, со шлаговите (со кои имавме големи тешкотии додека ги усогласивме во квалитетот), пуштивме нови сокови во прав амиго, почнавме да печеме кафе и наут, купивме половна линија за печење кикирики од Струмица, од ЗИК-от, но и работевме на нова поголема инвестиција, и тоа на купување нова фабрика за чипс производи за во почетокот на 1977 год., пролетта, сосема случајно во Белград, на еден мој состанок во Здружението на зачинарите од Југославија Кобекс да ми се предложи од една личност вработена во него (г-ѓа Милица Јоксимовиќ) наместо на чипс да одам во инвестиција за флипс, предлог кој го прифатив, и веднаш започнавме да го реализираме со земен кредит од Банката во Прилеп. Со тоа конечно и започна интензивниот развој на Витаминка по кој зафат неа ја трансформиравме во прехранбена индустрија. Тие години ни беа многу богати, со реализирани мали и големи инвестиции кои и ни носеа големи добивки. Тоа беше периодот од 1980 до 1991 година. Во тој период Витаминка нагло почна да расте и да биде многу ценета во сите Републики од Бившата СФРЈ.
Со таква работа Витаминка веќе во 1991 год. оствари рекорден вкупен приход од тогаш неверојатни сса 67 000 000 германски марки, кој и ден денес сѐ уште не е достигнат во фабрикава.
Денес Витаминка и дефинитивно со купувањето на опремата, на зградите и на брендот на Фабриката за масло Брилијант во Штип веќе стана и најголема прехранбена индустрија во Македонија – со гордост тоа го велам и го пишувам.
Aко не беше огромната стагнација на фабриката во периодот од 1991 до 1994 година поради растурањето на бившиот ЈУ-пазар од сса 24 милиони потрошувачи, во кој период годишниот промет ни падна за цели 4,5 пати, денес реално Витаминка ќе имаше вкупен приход од повеќе од 75 милиони евра, а можеби и над 100.

Вие сте сега претседател на Бордот на директори на Витаминка, а претходно долги години бевте генерален директор на компанијата. Што е за Вас добар менаџер? Како би го опишале Вашиот менаџерски стил?

С. Наумоски: Од секој добар менаџер нема да се добие ист одговор за прашањето што се подразбира под поимот добар менаџер. Јас станав добар водејќи компанија која повеќе од 35 години немаше блокирана сметка, која постојано беше ликвидна и работеше редовно со добивка, со почитување од моја страна, но и од моите соработници на овие основни принципи во своето секојдневно работење, и тоа:
- Примарно и најмногу води сметка за обемот на својот обртен капитал и не претерувај со неговото трошење во купување градежни објекти и машини без разлика на тоа дали тие ти требаат или не во моментот. Нивното купување може да се одложува за нешто подоцна.
- Постојано пуштај во текот на годината нови типови пакувања и нови производи на постоечките машини кои ги имаш ако за тоа постои слободен капацитет на нив во III или IV смена за да создадеш нов доход непланиран за таа година.
- Не давај производи на купувачи кои се сомнителни во плаќањето и по цена на пад во производството и пласманот.
- Произведувај производи секогаш со висок и стандарден квалитет без разлика дали тие се наменети за купувачи од САД, од Германија и сл. или за купувач од Мариовскиот Регион.
- Секогаш сметај го купувачот за светост, што значи секогаш биди и за некој промил „помал“ од него. Купувачот е секогаш во право.
- Едуцирај се постојано, секој ден, без престанок, оди на саеми и на стручни советувања, тековните проблеми малку решавај ги по телефон, а многу повеќе во директни контакти и сл.
А станав добар стопанственик од причина што Витаминка ја градев по моја лична желба, ја водев по мој модел на работа и организација во работењето и од загубар ја доведов да биде компанија со висока почит од секое лице од Републикава и од странство.

Дали преземањето ризици е неизбежна карактерна особина на добриот менаџер? Вие, на пример, своевремено одлучивте да го преземете ризикот и да ја купите машината од Вировитица, Хрватска, со која почна нова фаза во развојот на Витаминка.

С. Наумоски: Преземањето ризици од страна на генералниот директор, па и на останатите менаџери во компанијата е составен дел во нивната работа. Но, пред да се преземе таков ризик неопходно е прибирање на што повеќе опширни информации за тоа што сакаш да го преземеш, информации од секаков карактер, моментално важечки за него, за пазарот, и колку повеќе добиеш навреме информации сам ќе си помогнеш последиците од ризикот кој ќе го преземеш да бидат што помали. Преземен ризик без добра подлога со актуелни информации е исто како и игра во лотарија.

На функцијата генерален менаџер во Витаминка Ве наследи Вашиот син Сашо. Колку беше тоа лесна или тешка одлука за Вас? Во Македонија сме виделе поголем број вакви транзиции, но не е голем бројот на тие што биле успешни приказни како оваа на Витаминка.

С. Наумоски: Да, веќе неколку години генерален директор на Витаминка е мојот син. Одлуката да ме наследи не беше тешка од причини што неговата подготовка за заземањето на тоа работно место беше повеќегодишна. Тој својата кариера ја започна во друга компанија како трговски претставник. Според тоа тој природно ги помина сите скалила до поставувањето на позицијата генерален извршен директор на Витаминка. Тој на таа позиција досега повеќе од многу добро ја извршува својата работа и јас од него сум целосно задоволен. Повремено постојат меѓу нас различни мислења поврзани за решавањето на одреден актуелен проблем, но тоа реално се сфаќа. Старата и младата генерација природно е да имаат различни гледишта и пристапи во решавањето на некој актуелен проблем.

Годинава Стоби флипс, еден од најпрепознатливите македонски брендови, прославува голем јубилеј, 40 години. Како се роди идејата за Стоби флипс? Што значи денес Стоби флипс за работењето на Витаминка? Гледано пошироко, како се гради супер бренд, која е формулата? Кои се, според Вас, карактеристиките на еден добар бренд?

С. Наумоски: Да, Стоби флипс е наш бренд бр. 1, бренд над сите наши брендови, еден од три-четирите најголеми брендови во Републикава подолга низа години наназад. Тој е нашата гордост. Како е дојдено до идејата да го произведуваме спомнав претходно во ова интервју. Не е лесно да се дојде до врвен бренд на овие простори и посебно подолго време да се задржи на таа позиција. Од 3 до 4 стручни лица во фабрикава, од кои еден сум и јас, потрошен е многу стручен труд, работа во испитувања, во проби за да се дојде до него, тој производ да има постојана форма, тежина, ровкост, вкус, мирис, да има особини на здрава храна, да има секогаш постојан и ист квалитет, во него да нема штетни заситени масни киселини, да не се произведува со додавање хидрогенизирани масти, да е без глутен. Не беше ни малку лесно да се постигне тоа, за да се дојде до тој врвен постојан квалитет „се потроши“ повеќегодишна стручна работа.
Денес Стоби флипс е проширен со новиот вкус, многу лут, МАГНУС квалитетот, кој е наменет исклучиво за возрасните потрошувачи и кој извонредно брзо и неочекувано се прифати од нив. Стоби флипс денес се произведува во потполно нов најсовремен погон со машини.
Стоби флипс и денес е столбот за успешната работа на Витаминка.

Да се свртиме сега малку кон македонската економија. Се согласувате ли со констатацијата дека политиката доминира со животот во Македонија? Зошто економијата никогаш не успеа да го добие заслуженото место?

С. Наумоски: Се сложувам со Вас, со Вашето мислење, дека денес, а и подолго време наназад во Републикава доминира политиката над економијата. Во ниедна поразвиена земја почнувајќи од Словенија, па натаму, во секоја од земјите членки на ЕУ, тоа не е така.
Не знам дали ќе го делите со мене ова што сега ќе ви го кажам, а тоа е следново: застанете и разговарајте на некоја економска тема со стопанственици кои работеле подолго време во стопанството, кои и биле успешни, и со професори, со доценти и со асистенти кои цело време предаваат одредени предмети на факултетите и кои никогаш не биле на работа во стопанството, и многу често ќе забележите, се забележува, забележлива разлика во гледиштата и мислењата за таквите теми макар тие да треба да бидат исти или слични, што покажува дека нешто во нашиот образовен систем мора под најитно да се менува ако искрено сакаме во блиска иднина (од деценија - две) да добиваме вистински стручни кадри, посебно онакви со виша и висока стручна подготовка какви што се неопходни денес и какви што утре ќе му требаат на стопанството во Републикава.

Каде ја гледате иднината на прехранбената индустрија? Дали мислите дека Македонија треба да посвети повеќе внимание на оваа индустрија и на извозниците воопшто? Или што е она што земјава генерално треба да го направи при дизајнирањето и водењето на економските политики?

С. Наумоски: Е, ова е посебно интересно и важно прашање за иднината на македонската прехранбена индустрија. Веднаш сакам да кажам дека оваа индустрија во последниве деценија - две многу е отидена напред и се проби нашироко во светот. Таа има големи можности да оди и побрзо со развојот натаму и да ангажира уште многу млада работна сила, пред сѐ, на школувани стручни кадри од КВ работник, па сѐ нагоре до високо образование. Тоа го велам од единствена причина што до денес, и денес сѐ уште, многу повеќе се увезуваат во Републикава такви производи, потребно или непотребно, оправдано или неоправдано, а тоа нешто не е од корист за развојот на Републикава од аспект на побрзо разрешување на актуелните тешкотии кои ги имаме придружени со висока невработеност, непотребно трошење на девизни средства за увоз на многу прехранбени производи кои можат со висок квалитет да се произведуваат во Републикава и сл.
Во Републикава, како никаде во светов, не постои ни минимално организирана, законски или со културни договорни мерки, заштита на постоечкото домашно производство од нелојалната странска конкуренција која многу често настапува на македонскиот пазар и со многу ниски дампинг продажни цени, а сè со цел по секоја цена да се наштети на постоечкото домашно производство. Денес во Републикава имаме една реална состојба од една блиска соседна земја да се увезуваат прехранбени производи, често и со многу пониски цени, чиј увоз повеќе години наназад е и за 10 до 15 пати, повторувам пати, поголем по глава на жител во Републикава во однос на нашиот извоз на тие исти производи произведени во Републикава, кои се и со висок и стандарден квалитет по глава на жител кој живее во таа соседна држава. И тоа така се одвива секојдневно и постојано и натаму, па и со засилено темпо, што многу тешко се одразува врз ефектите од тековното работење на компаниите од прехранбениот сектор во Републикава. А пласманот на нашите производи во таа држава е сè потежок и потежок од едноставна причина што немаат потреба од таков производ зашто имаат свој добар производ произведен во нивната држава. Денес прехранбената индустрија, посебно онаа од кондиторската област, во Републикава може слободно да се каже дека нема свој домашен пазар. И домашниот е станат како странски за неа, за жал. Тоа не чини и не смее да се дозволува да се случува тоа и натаму. Таа појава треба многу брзо да се спречи ако сакаме да имаме добра прехранбена индустрија во Републикава со добар и брз развој. Во спротивно и неа ќе ја имаме како индустрија со огромни тешкотии и без перспектива.

Каде ја гледате иднината на Витаминка? Какви се плановите?

С. Наумоски: Развојот на Витаминка во наредниве десетина и повеќе години е прецизно дефиниран. Во почетокот на оваа година се купи Фабриката за сончогледово масло Брилијант од Штип. Поточно се купија зградите, опремата и брендот Брилијант, а не фирмата, и веднаш, за неполни 2 до 3 месеци, таа се пушти во редовно производство и продажба. Витаминка повеќе години наназад беше најголем купувач на сончогледово масло на Брилијант за потребите на нашето тековно производство (за мајонезот, за флипсот, за кремовите). Витаминка во своето производство, за своите познати врвни брендови, одамна не користи хидрогенизирани масти, масти со штетните трансмасни киселини, обична палмина маст и сл.
Од ден на ден во рецептурите на своите производи Витаминка редовно сè повеќе внесува нови суровини кои ги имаат особините на здрава храна, чиста етикета, суровини со природно потекло, без трансмасни киселини, со избегнување на присуството на глутен во нив и сл. Тоа ќе го прави постојано и натаму без престанок, употребувајќи сè повеќе во своето тековно производство целосно природни суровини кои нема да дејствуваат штетно врз здравјето на потрошувачот.
Витаминка ќе го шири производството на чоколада, а и постојано ќе инвестира во нова опрема како основен предуслов за раст на продуктивноста во работењето.

Кој е Вашиот совет за младите и идни менаџери?

С. Наумоски: Учи и постојано учи, едуцирај се, следи стручни странски списанија, а такви ги има многу во Германија, во Англија, во Италија. Посетувај постојано саеми и стручни советувања во странство. Не запирај никако со тоа. Прво и најважно е да си ја сакаш искрено својата професија. Влегувај во учење на IV-та индустриска револуција што веќе длабоко навлегува во секојдневната работа во компаниите од високоразвиените земји во Европа. Ако својата професија не ја сакаш, веднаш бегај од работното место, напушти го и остави го на некој друг. Работејќи на тоа работно место без љубов правиш двојна огромна штета, и тоа и за себе и за компанијата во која работиш. Секогаш учи што се подразбира под поимот продуктивност на работното место и како се доаѓа до нејзиниот раст. Размислувај и редовно работи на полето така што на производот кој го произведуваш да му обезбедиш начин и метод тој да се произведува секогаш со висок и постојан квалитет без разлика кој го произведува, во кој дел од работното време, од смената и без разлика на тоа за кои купувачи е наменет. Купувачот е секогаш купувач за тебе, Бог за тебе, светиња за тебе, без разлика кој е тој, од каде е, богат е или сиромав, стар е или млад, без разлика од која земја, од која вера е и слично. Не ги заборавај никогаш овие работи.

За крајот на ова интервју, кога сѐ ќе се собере и ќе се одземе, во Вашата извонредна кариера во која се испреплетуваа улогите на менаџер, на сопруг, на татко, на дедо, која е Вашата дефиниција за задоволен и среќен човек?

С. Наумоски: Задоволен и среќен човек е оној кому на прво место му е сè да му е во ред во неговата потесна фамилија, кога сите се на број, здрави и живи, па потоа сè друго. И состојбата во компанија е поспоредна во однос на добрата состојба во фамилијата. Кога сè ти е во ред со фамилијата тогаш лично ги имаш сите предуслови успешно и упорно да работиш и да ги решаваш проблемите во компанијата. Но, секогаш сакај си ја професијата и настојувај да имаш максимална поткрепа од својата потесна фамилија. И никогаш не ги ставај на исто рамниште професионалната работа и желбите, барањата на пријателите. Тие не одат едно со друго. На професионалната работа секогаш давај ѝ прв приоритет. Во спротивно ќе ги нема резултатите какви што ги очекуваш, какви што ти требаат.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top