Општество
РИЗИЧНИОТ ГАМБИТ НА ЕРДОГАН

Љупчо Поповски
Авторот е новинар

Турскиот претседател закажа предвремени избори за да може да ги пресретне економските проблеми со кои се соочува Турција и што побрзо да ги добие султанските овластувања усвоени со уставните измени. Таа одлука ја мобилизираше опозицијата како никогаш досега.

 

Општата теорија е дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган едноставно е осуден да победи уште еден пат на избори, на тие што ненадејно ги закажа за 24 јуни, една и пол година порано од календарот. Неприкосновениот владетел на Турција уште од 2002 година како да немаше трпение да ја чека есента 2019 година за воведување на претседателскиот систем што беше одобрен на супертесниот референдум (51 наспроти 49 отсто) со кој ќе има власт речиси како султан. Со уставните измени се укинува функцијата премиер, претседателот ќе ги именува министрите и редица судии – всушност, ќе има огромна, па дури и неконтролирана власт.
Но, дали само нетрпението го натера Ердоган на предвремени претседателски и парламентарни избори? Дали не му беше доволно признанието во турската јавност за успешната воена интервенција во Сирискиот Регион околу границата кај Африн со која ги неутрализира курдските милиции? Дали не му беше доволно што 50 000 новинари, професори, воени офицери, политички противници и борци за човекови права се во затворите поради наводни врски со терористите и заговорниците на неуспешниот државен удар од пред две години? Дали не му беше доволно што вонредната состојба во државата трае и денес и со тоа е осакатена и онаа демократија што остана во Турција? Дали не му беше доволно што најголемиот дел од медиумите ги стави под државна контрола и ги претвори во апологети на неговото владеење? Дали не му беше доволно што го исламизира турското општество како во времето пред Кемал Ататурк да ја модернизира и да ја секуларизира државата? Дали не му беше доволно што опозицијата е расцепкана и немоќна?

ЕДНО ОД ПРЕДИЗБОРНИТЕ РЕШЕНИЈА Е ПОЗНАТО ОД НАШИВЕ ПРОСТОРИ. ВЛАДАТА ОБЈАВИ ДЕКА „СТОКМИЛА“ ПРЕДИЗБОРЕН ПАКЕТ ЗА КОЈ ЌЕ ПОТРОШИ ШЕСТ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ СО КОИ ЌЕ ГИ ПЛАТИ ДОЛГОВИТЕ НА ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ, ЌЕ ПЛАЌА КАЗНИ КОИ СЕ НА ТОВАР НА ГРАЃАНИТЕ, ЌЕ ОВОЗМОЖИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА 13 МИЛИОНИ ГРАДБИ ЗА КОИ НЕМА ПЛАТЕНО КОМУНАЛНИ ТРОШОЦИ И НАЈПОПУЛИСТИЧКАТА МЕРКА – ЌЕ ИМ ДАРУВА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ПО 400 ДОЛАРИ ПРЕД ДВАТА СВЕТИ МУСЛИМАНСКИ ПРАЗНИЦИ. ОВОЈ ПАКЕТ ТРЕБА ДА МУ ПОМОГНЕ ДА ДОЈДЕ ДО ПОБЕДАТА НА ИЗБОРИТЕ

Темни економски облаци
Очигледно – не. И очигледно дека една друга мака имаше на ум Ердоган. А тоа се економските проблеми во кои западна Турција. Економскиот подем беше основното кредо врз кое Ердоган ги добиваше сите избори по ред како од шега. Турската економија во 2017 година имаше спектакуларен раст од 7,4 отсто, но предвидувањата за оваа година се прилично нејасни. Економските експерти велат дека таа тешко оти ќе може да достигне раст од едвај четири проценти, буџетскиот дефицит ќе се искачи на 17 милијарди долари. Инфлацијата во април го достигна рекордното ниво од 10,9 отсто, а турската лира забрзано ја губи вредноста. Властите ја изгубија довербата кај странските инвеститори. Експертите велат дека темните облаци на економијата веќе неколку години се собираат над турскиот владетел и дека тој ја загубил идејата на економскиот фронт.
Превирањата во последниве години придонесоа турската лира да загуби 141 отсто во однос на доларот од мај 2013 година, 41 отсто од јули 2016 година кога беше прогласена вонредната состојба и дури 15 отсто од почетокот на годинава. Долговите и несолвентноста чекаат зад првиот ќош. Надворешниот долг на приватниот сектор сега изнесува една четвртина од вкупниот БДП на земјата, а некои од најголемите конгломерати веќе стојат во редицата за реструктурирање на долговите. Воената победа во Африн беше само краткотрајно интермецо во грижите на обичните Турци. Кога неодамна кредитната агенција Стандард и Пурс го намали кредитниот рејтинг на Турција подлабоко во „џанк“, од ББ во ББ-, тоа беше уште еден знак за тревога. Ердоган сега вели дека му е потребен нов силен претседателски мандат да ја рестартира економијата и да ги пронајде решенијата.
Едно од предизборните решенија е познато од нашиве простори. Владата објави дека „стокмила“ предизборен пакет за кој ќе потроши шест милијарди долари со кои ќе ги плати долговите на јавните институции, ќе плаќа казни кои се на товар на граѓаните, ќе овозможи легализација на 13 милиони градби за кои нема платено комунални трошоци и најпопулистичката мерка – ќе им дарува на пензионерите по 400 долари пред двата свети муслимански празници. Овој пакет треба да му помогне да дојде до победата на изборите.
Опозицијата намириса крв во оваа ранлива економска ситуација и неочекувано го зграпчи моментумот по распишувањето на изборите. По предлог на лидерот на секуларистичката Републиканска народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, четири опозициски партии потпишаа коалициски договор за заеднички настап на парламентарните избори. Во оваа коалиција, освен ЦХП, влегоа новоформираната партија Ији (Добра) на харизматичната десничарка Мерал Акшенар, исламистичката Среќна партија (политичкиот дом од кој произлезе самиот Ердоган пред да ја формира неговата Партија за право и развој – АКП) и малата центродесничарска Демократска партија. Тие се главниот блок кој ќе се обиде да ја победи коалицијата Народен сојуз на АКП и националистичката Партија на националното движење (МХП) на Девлет Бахчели заедно со малата националистичка Партија на големото единство. Надвор од овие два блока е курдската Народна демократска партија (ХДП).
Главните опозициски партии се здружија во еден блок само за парламентарните избори, додека за претседателските секоја ќе оди поединечно со свои кандидати. Има логика во оваа опозициска стратегија. Поради разноликоста во политичките програми дискутабилно е колку посветената муслиманка и поранешна министерка за внатрешни работи, Мерал Акшенар, би била прифатлива за секуларистичките гласачи на ЦХП, партијата што се повикува за наследник на политиката на Ататурк. Или пак да привлече значаен дел од курдските гласачи кои знаат колку таа беше ригидна кон нив за време на нејзиниот мандат во 90-тите години на минатиот век. Но, тоа важи само за првиот круг на претседателските избори. Опозицискиот договор е доколку Ердоган не успее да помине 50 отсто од гласовите во вториот круг сите да го поддржат кандидатот на опозицијата.
Дали ќе успее овој план на политичарите кои веќе изгледаат изнемоштено и резигнирано во опозициските клупи? Анкетите не се многу доверлив извор за политичко предвидување во Турција, но сепак оние испитувања на јавното мислење на влијателни институти покажуваат дека Ердоган и неговата партија би требало да бидат загрижени. Последното истражување на Гезичи институтот покажа дека Реџеп Таип Ердоган има поддршка од 46 отсто од гласачите, додека Мерал Акшенар меѓу 25 и 27 отсто. Гезичи предвидува дека владејачката партија АКП и националистите од МХП ќе го загубат мнозинството во Парламентот, а дека прокурдската партија ХДП и овојпат ќе го премине неопходниот праг од 10 отсто.
Во друго истражување што го направи главната турска агенција за испитување на јавното мислење, Метропол, бројките се уште полоши за Ердоган. Според ова истражување шансите да има втор круг на претседателските избори се најмалку 60 отсто, а поддршката на Ердоган во овој момент изнесува 42,5 проценти. Од Метропол објаснуваат дека „ефектот Африн“ почнал да бледнее и дека коалицијата на партијата на Ердоган и националистите има поддршка од 43 до 44 проценти, што значи дека ќе го загуби мнозинството во Парламентот. Кај претседателските кандидати на опозицијата Мерал Акшенар и изборот на ЦХП, борбениот Мuхарем Инџе, поддршката е изедначена со по 21 отсто.


Мерал Акшенар има прекар Машка Жена, таа е посветена муслиманка, но се колне во секуларноста на државата

Таа-Волк и борбениот учител
Мерал Акшенер ја викаат Турската Железна Лејди. Нејзините обожувачи имаат уште еден прекар за 61-годишната Акшенер – Асена или Таа-Волк. Акшенер е ветеран во турската политика. Посветената муслиманка (чија цел е Турција да ја зачува секуларноста) е правнука на имигранти кои пристигнале од Грција за време на размената на населението во 20-тите години на минатиот век. Нејзината кариера почна во десничарската Партија на вистинскиот пат на познатиот Неџметин Ербакан како пратеник во 1995 година. Следната година стана министер за внатрешни работи, кусо по избувнувањето на аферата Шушурлук од која се дозна дека безбедносните сили соработувале со подземјето во борбата против курдските милитантни. Веднаш го доби прекарот Машка Жена откако го отпушти генералниот директор на Полицијата и кога тој одбил да ја напушти канцеларијата дошла на полноќ со новиот директор и се зборува дека сама ја скршила вратата. Во постмодерниот државен удар во 1997 година, секуларистичкиот врв на армијата го принуди премиерот Ербакан да поднесе оставка. Подоцна таа стана пратеник во редовите на националистичката МХП, во времето кога партискиот лидер Девлет Бахчели беше жесток противник на Ердоган. Но, кога во 2015 година Бахчели направи драматичен пресврт и стана сојузник на Ердоган, Акшенер и неколкумина влијателни членови на партијата се обидоа со внатрешен бунт да го сменат лидерот. Оневозможени со одлуки на судовите, Акшенер најпосле ја напушти МХП и лани во октомври ја создаде нејзината Ији партија. Шест месеци подоцна партијата имаше поддршка од 16 отсто од електоратот. Но, се појави една голема пречка за да може да учествува на неочекувано распишаните избори – не го исполнуваше законски предвидениот рок да има поминато најмалку шест месеци од основачкиот конгрес. Ердоган и неговиот коалициски партнер Бахчели се надеваа токму на таа можност затоа што Акшенер во голема мерка ги презеде гласачите на МХП. Во таа речиси нерешлива ситуација лидерот на секуларистичките левичари од ЦХП, Киличдароглу, го одигра неочекуваниот потег – 15 пратеници од неговата партија преминаа во групата од пет пратеници на Ији во Парламентот и се создаде неопходната парламентарна фракција од 20 членови која законски ѝ овозможува на партијата да учествува на изборите.
„Овие избори се едни од најважните избори во историјата на нашата земја“, вели бескомпромисната Акшенер, постојано напаѓајќи го Ердоган за уништување на демократијата. Таа ветува дека повторно ќе го врати парламентарниот систем доколку победи, ќе го обнови владеењето на правото во Турција и ќе ги врати на стариот колосек односите на нејзината земја со ЕУ. „Јас сум посветена муслиманка, одам на аџилак, но имам на ум дека владеењето мора да се заснова на законите. Државниот секуларизам овозможува да се менуваат законите кои се направени за луѓето“, зборува Акшенер.
Таа добро знае дека Турција е главно десничарска земја и дека од воведувањето на плуралната демократија во 1950 година левицата владеела со земјата само 17 месеци. Затоа нејзиното десничарско пледоаје е закана за Ердоган. Или барем најголема главоболка. Но, и Акшенер има главоболки. За победа во евентуалниот втор круг, ако таа биде второпласирана, ќе ѝ бидат потребни гласовите на Курдите кои сочинуваат 20 отсто од електоратот, а од нив барем шест отсто гласаат за АКП. Во курдските средини не се заборавени нејзините години како министер за внатрешни работи кога таму беа кршени човековите права, а неразјаснетите убиства се случуваа речиси секој ден. Акшенер сега тврди дека немала ништо со тие убиства и зборува во општи назнаки дека ќе ги респектира правата на малцинските групи.
Но, Акшенер можеби нема да стигне до вториот круг ако дојде до него. Мухарем Инџе, претседателскиот кандидат на главната опозициска партија ЦХП, за кусо време стана најборбениот противник на Ердоган. Поранешниот учител со неспорна харизма и долг јазик внесе голема енергија во секуларистичката база, држи огнени говори, неговите напади врз Ердоган се интелигентни, а потезите стратешки пресметани. Турските аналитичари велат дека Киличдароглу и ЦХП го избрале најдобриот можен кандидат. Тој јавно побара да се ослободи од затвор лидерот на курдската партија ХДП, Селахaтин Демирташ, кој беше уапсен веднаш по државниот удар за наводни врски со терористички групи. Па дури отиде да го посети Демирташ во затворот во Едрене за да му ја искаже и лично својата поддршка. Тоа треба да остави голем впечаток кај курдските гласачи и да му ја донесе потребната поддршка за влез во вториот круг ако го има. Тој уште ветува дека нема да се всели во огромната претседателска палата во Анкара што ја изгради Ердоган.

Мухарем Инце е кандидат на најголемата опозициска партија. Тој внесе голема борбеност во кампањата.

Три сценарија
Можни се три сценарија за Турција по изборите.
Првото – Ердоган ги добива претседателските избори, а АКП го задржува парламентарното мнозинство. Тоа е сценарио од соништата на Ердоган. Во Турција тогаш ќе биде зацементирана власта на исламистичко-националистичкиот блок и ќе му даде легитимитет на Ердоган и кај пријателите и кај непријателите на меѓународната сцена. Тогаш Ердоган ќе може да прави во земјата што сака и да го одредува нејзиниот правец онака како што замислил.
Второто – Ердоган ги губи и претседателските и парламентарните избори. Тоа е најмалку веројатно. Тоа сигурно ќе предизвика политички хаос во земјата и големо прашање е како во таа ситуација ќе се однесува Ердоган. Дали воопшто ќе сака да ја предаде власта? Но, сосема сигурно е дека во таков развој на настаните многу негови сојузници ќе почнат забрзано да го напуштаат.
Третото – Ердоган ги добива претседателските избори, но го губи мнозинството во Парламентот. А главниот противник – економијата, продолжува да работи против него. Како неверојатно искусен политичар тој веројатно ќе се обиде да поставува министри од новата опозиција и да владее со декрети. Но, така конфузијата во земјата ќе стане уште поголема.
Едно е јасно. Реџеп Таип Ердоган немаше толку долго да остане на власт ако не го направи владеењето толку ефикасно за да служи за една цел – јакнење на неговата речиси неограничена моќ. Затоа би било наивно да се верува дека тој ќе остави да тече наративот на опозицијата. Но, во основа, небото се наоблачува и за него дури и да победи на изборите.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top