Е-Б-Ф-Б
ПРАВА И ОБВРСКИ ВО ДОЛЖНИЧКО - ДОВЕРИТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ, ПОТРЕБА ОД ИНФОРМИРАЊЕ И ОД ЕДУЦИРАЊЕ ЗА НИВ

Памела Велјаноска
Авторот е Раководител на оддел за правни работи, EOS Матрих

Интеракцијата и секојдненото воспоставување на одредени релации меѓу индивидуите (пријателски, деловни, семејни и сл.) ја претставуваат суштината на човештвото. Државата и нејзината форма на уредување (односно системот) е најдобар пример за тоа. Тоа уредување ни покажува како меѓучовечките интеракции се структурирани со цел сите да бидат еднакви во системот во однос на остварување на своите права и обврски. Меѓутоа, не секогаш државaта и системот кој се имплементира успеваат да го воспостават овој баланс докрај. Примери за тоа секојдневно гледаме во должничко - доверителските односи. Но, она што треба да го знаеме е дека системот не постои сам за себе, системот го градат самите индивидуи – граѓаните, како негови активни учесници. Тие понекогаш, намерно или ненамерно, свесно или несвесно, излегуваат од рамките на очекуваното однесување, што во крајна линија значи дека ги подзабораваат своите обврски. Прашањата поврзани со начинот на однесувањето во смисла на што е правилно, а што не; како самите да придонесеме за нашето место во системот што ќе нѐ направи среќни и ќе нѐ реализира; дали нашата припадност во системот зависи од надворешни фактори... – овие прашања отсекогаш биле предмет на дискусија.

ДОЛЖНИЧКО - ДОВЕРИТЕЛСКИОТ ОДНОС Е ИСТО ТАКА ОБЛИГАЦИОНЕН ОДНОС ВО КОЈ СТРАНИТЕ СЛОБОДНИ, НЕПРИСИЛЕНИ ОД НИКОГО ГО УРЕДУВААТ МЕЃУСЕБНИОТ НАЧИН НА СОРАБОТКА, ПРЕД СÈ РАКОВОДЕЈЌИ СЕ ОД ПРИНЦИПОТ НА РАМНОПРАВНОСТ, НА СОВЕСНОСТ И НА ЧЕСНОСТ. ПРИ ЗАСНОВАЊЕТО НА ВАКВИОТ ОДНОС, ОПШТЕСТВОТО ОЧЕКУВА ДЕКА СТРАНИТЕ СЕ ДОЛЖНИ ЗАЕДНИЧКИ ДА СОРАБОТУВААТ ЗАРАДИ ОСТВАРУВАЊЕ НА ЦЕЛТА НА ДОГОВОРОТ: ЦЕЛОСНО И УРЕДНО ИСПОЛНУВАЊЕ НА ДОГОВОРЕНОТО

Во однос на прашањето „Што треба јас да направам“, Имануел Кант одговорот го бара со прашањето: „Што прават сите рационални суштества?“ Слично на Кант е и размислувањето на Џон Стјуарт Мил кој смета дека во целокупното наше однесување треба да се раководиме според принципот на корисност за системот. Факт е дека сите ние во секојдневните интеракции (воспоставувајќи пријателски или деловни односи) при континуирано исто однесување создаваме рутина преку која градиме одредени очекувања во однос на тоа како конкретни индивидуи, со конкретно доделени улоги, во конкретниот однос, треба и се очекува да се однесуваат. Кога овие односи и релации се генерализираат, се создаваат т.н. очекувања во општеството.
Една од најчестите интеракции во општеството со цел остварување на одредени права и обврски во системот е и засновањето на облигациони односи меѓу учесниците. Облигациониот однос претставува однос во кој страните слободно ги уредуваат правата и обврските во согласност со Уставот, со позитивните прописи и со добрите обичаи (моралот). Должничко - доверителскиот однос е исто така облигационен однос во кој страните слободни, неприсилени од никого го уредуваат меѓусебниот начин на соработка, пред сѐ раководејќи се од принципот на рамноправност, на совесност и на чесност. При засновањето на ваквиот однос, општеството очекува дека страните се должни заеднички да соработуваат заради остварување на целта на договорот: целосно и уредно исполнување на договореното. Секоја од страните во облигациониот однос е должна да ја изврши својата обврска и е одговорна за исполнувањето на правото на другата страна. Во должничко - доверителскиот однос, обврска на доверителите е да се исполнат ветувањата по договорот во смисла на испорачување на предметот на договорот со што се исполнува правото на другата страна во однос на договорот, но истовремено должникот исполнувајќи го своето право по однос на предметот има обврска да плати за тоа право и на тој начин преку исполнување на својата обврска да создаде услови за исполнување на правото на доверителот.

Меѓутоа, не секогаш страните остануваат докрај мотивирани да се придржуваат кон условите под кои ги договориле своите права и обврски. Што е причината за ваквото однесување? Дали станува збор за недоволна информираност, незнаење, неликвидност на корисниците на услугите или пак свесната интенција да се отстапи од веќе преземените обврски – односно да се излезе од рамките на еден договор – систем? Вината за ваквото однесување не може и не треба да се бара само на едната страна. Токму затоа веруваме дека потребно е да се промени разбирањето за должничко - доверителските односи и за улогите на главните актери во нив. Со потпишувањето на еден договор од кој произлегува должничко - доверителски однос не завршува релацијата меѓу договорните страни. Напротив, од тука почнува активната интеракција меѓу двете страни. А тоа, пред сѐ, значи: редовно комуницирање и едуцирање на корисникот на услугите од страна на доверителот како за неговите права, така и за неговите обврски, особено за последиците од неисполнувањето на обврските. Повеќе од јасно е дека во договорите кон кои страните доброволно пристапуваат, правата и обврските се јасно утврдени и регулирани, но сепак прашање е колку тие темелно се читаат за по стапување во договорниот однос да се знаат сите права и обврски. Од друга страна, пак, се чини дека и покрај нашата свесност во човековата природа е да очекува постоење на еден контролен механизам кој ќе потсетува / ќе укажува / ќе информира / ќе едуцира за потребата и значајноста на навременото исполнување на обврските. Оттука контролниот механизам (доколку постои) не треба да се разбере како систем на закани, туку напротив, како систем на едуцирање, на информирање и како систем за обезбедување соодветни решенија за полесно исполнувањето на обврските.

ПРОМЕНАТА ВО РАЗБИРАЊЕТО НА ДОЛЖНИЧКО - ДОВЕРИТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ И АКТИВНАТА ИНТЕРАКЦИЈА МЕЃУ ДОВЕРИТЕЛОТ И ДОЛЖНИКОТ ЌЕ ПРИДОНЕСЕ КОН ТОА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ДА ГИ ИСПОЛНУВААТ СВОИТЕ ОБВРСКИ НАВРЕМЕНО И ВО СОГЛАСНОСТ СО КВАЛИТЕТОТ КОЈ ГО ВЕТИЛЕ, А ПРИТОА ВОДЕЈЌИ ГРИЖА ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА СВОИТЕ КОРИСНИЦИ. ОД ДРУГА СТРАНА, КОРИСНИЦИТЕ НА УСЛУГИ НАВРЕМЕНО ЌЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ СВОИТЕ ОБВРСКИ И ЌЕ КОНТАКТИРААТ СО ДОВЕРИТЕЛИТЕ КОГА СЕ СООЧУВААТ СО ФИНАНСИСКИ ПОТЕШКОТИ ЗА ИЗНАОЃАЊЕ НА РЕШЕНИЈА

Во денешно време сѐ повеќе зборуваме за правичното и за праведното, за заштита на личноста и на личните податоци, на приватноста и сл. Секако ова се принципи на кои треба да се внимава во секој облигационен однос. Но, сепак, треба да запомниме дека зад овие права не смееме да ги затскриваме обврските. За да се заштитат личните права докрај, односно, за да не биде ограничено одредено право, треба да се почитуваат границите кои ги поставил системот. Дотолку повеќе што дигиталното општество во кое денеска живееме е вртоглав систем од континуирани промени. Како во минатото, така и денеска важи истиот принцип на реципроцитет – за да имаш одредени права прво треба да исполниш и одредени обврски. Според тоа сите ние, кои сме дел од овој систем активно вклучени во должничко - доверителски односи, потребно е ревносно и заеднички да работиме кон создавање свест преку транспарентна информираност и едукација. Од тоа се очекува иницирање на поголема соработка и ангажираност од страна на страните во должничко - доверителските односи на патот кон разрешување на своите обврски.

Промената во разбирањето на должничко - доверителските односи и активната интеракција меѓу доверителот и должникот ќе придонесе кон тоа доверителите да ги исполнуваат своите обврски навремено и во согласност со квалитетот кој го ветиле, а притоа водејќи грижа за заштита на правата на своите корисници. Од друга страна, корисниците на услуги навремено ќе ги исполнуваат своите обврски и ќе контактираат со доверителите кога се соочуваат со финансиски потешкоти за изнаоѓање на решенија. Воопшто, довербата меѓу доверителите и корисниците на нивните услуги ќе се издигне на едно повисоко ниво кое низ одреден временски период на финансиска дисциплина и фер односи може да придонесе за повеќе различни, квалитетни, а и попристапни услуги на пазарот.

 Поддржано од EOS Matrix 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top