Е-Б-Ф-Б
ЗАПОЧНА 11. КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПЛАЌАЊА И ПАЗАРНА ИНФРАСТРУКТУРА НА НБРМ


Денес, Во Охрид започна Единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, во организација на Народната банка на Република Македонија во соработка со Централната банка на Холандија. Годинава, Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер е насловена: „Време е за дигитализација“ и ќе опфати теми коишто, меѓу другото, се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот Финтек, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија.

„Пробивот на дигиталните плаќања се врзува со многуте можности што тие ги нудат. Прифаќањето на дигитализацијата на плаќањата има потенцијал за значително намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста и овозможување поширок пристап до платежни услуги. Со растот на новите дигитални технологии за плаќање развиени од страна на „Финтек“, а коишто банките сè повеќе и повеќе ги усвојуваат, потрошувачите и трговците денес имаат широка палета на производи за плаќање од којашто можат да одбираат. Со развојот на иновациите, како што се инстант плаќањата, услугите за иницирање на плаќањата, мобилните плаќања лице-на-лице и бесконтактните плаќања, процесот на дигитализација е придружен со решенија коишто се иновативни во својата суштина. Платежните иновации и процесот на дигитализација, исто така, имаат влијание врз трансформацијата на инфраструктурата на пазарот на платежни услуги. Овие случувања, сепак, покренаа различни прашања поврзани со барањата за отвореност на банките, безбедноста на купувачите, транспарентноста и довербата на пазарот на платежни услуги, како и заштита на правата на потрошувачите. Оттука, регулаторите треба да усвојат соодветна законодавна рамка којашто поддржува дигитализација, иновации и конкуренција, но исто така, треба да се грижат за безбедноста и заштитата. Во овој контекст, може да се забележи дека Европската Унија е глобален лидер во овој домен.“ – истакна, меѓу другото, гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање.

По кратко осврнување на речиси секој од трендовите коишто се јавуваат како резултат на новите дигитални технологии за плаќање, како и на преземените чекори од страна на ЕУ со ревидирањето на Директивата за платежни услуги (ПСД2), таа истакна дека во ова променливо опкружување полно со предизвици, Република Македонија не треба да стои настрана. „За да се соочиме со сѐ поголемите предизвици, во соработка со Министерството за финансии веќе подготвивме нов Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи во кој се транспонирани Директивата за платежни услуги 2, како и другите релевантни директиви и регулативи на Европската Унија во областа на плаќањата. Новата регулатива за плаќањата има за цел да ја поттикне конкуренцијата на пазарот на плаќања на кој, традиционално, најмногу учествуваат банките, преку отворање на влезот за компаниите на „Финтек“ коишто можат да обезбедат иновативни платежни услуги, како и да воспостават и да управуваат со нови платни системи. Истовремено, нашиот фокус е насочен кон одржувањето на финансиската стабилност преку зголемување на отпорноста на инфраструктурите на пазарот на платежни услуги, коишто се оценуваат во согласност со Принципите за инфраструктура на финансиските пазари.“ – нагласи д-р Ангеловска-Бежоска.

Во своето обраќање, таа потсети дека најголемиот систем за мали плаќања во Република Македонија во 2017 година воспостави гарантна шема, што е во согласност со регулативата на НБРМ, којашто има за цел да обезбеди порамнување во истиот ден и со тоа да го минимизира ликвидносниот ризик во важниот платен систем во случај на неизвршување на обврската на учесниците. Истовремено, потсети и дека се вложени напори за олеснување на прекуграничните плаќања во евра во 2017 година, преку воспоставување врска помеѓу нашиот платен систем РТГС МИПС и ТАРГЕТ2, којашто се потпира на високо ценетата соработка со Банката на Италија.

„И не запираме овде. Нашите скорешни напори се фокусираа на изградбата на Стратегија за намалување на употребата на готовина, а со тоа и зголемување на дигитализацијата и безготовинските плаќања, што е заеднички проект на централната банка, Министерството за финансии и банкарската заедница.“ – соопшти гувернерката на НБРМ.  

Следниве три дена, до петок, на Конференцијата предавачи ќе бидат високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Воедно, во Охрид, на овој значаен настан ќе учествуваат и претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка. Ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот „Финтек“ и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top