Интервјуа
СЕ ИЗДВОЈУВАМЕ НА ПАЗАРОТ ПО ПРОЕКТНОТО ФИНАНСИРАЊЕ

Петар Трпески
Директор, Сектор за управување со корпоративни клиенти, Шпаркасе Банка Македонија

 

Вие сте, што се вели, „на терен“, го имате непосредниот контакт со бизнис-секторот кога тој бара банкарски кредити. Тоа Ви овозможува директно да го почувствувате пулсот на пазарот на корпоративни кредити во Република Македонија. Како би го опишале овој пазар? Кои беа неговите главни карактеристики во изминатиов период?

П. Трпески: Пазарот на корпоративни кредити во изминатиов период во основа го карактеризираа малиот раст (недоволната кредитна побарувачка) и поинтензивната конкурентска активност на банките. Овие околности, во услови на висока ликвидност, придонесоа за намалување на активните каматни стапки во делот на корпоративното кредитирање. Според објавените податоци за банкарскиот систем, кредитирањето на нефинансиски правни лица во 2017 година порасна за помалку од 3 % во однос на 2016 година, додека приходите од активни камати се намалија за околу 9 %.
Во вакво пазарно опкружување (високо ниво на ликвидност и намалени активни камати) може да се каже дека условите за кредитирање на корпоративните клиенти (кои ги исполнуваат условите за финансирање) се значително поволни.

Какви се генералните очекувања за 2018 година?

П. Трпески: Очекувањата на компаниите, како основа за носење на деловните одлуки, зависат од повеќе фактори. Од економска гледна точка, позитивните движења во втората половина од 2017 година отвораат простор за домашните компании да очекуваат продолжување на позитивниот тренд и во 2018. Во иста насока влијае и економскиот раст во еврозоната, која е еден од нашите најзначајни трговски партнери.
Независно од економските фактори, а имајќи го предвид високиот политички ризик во земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан, големо влијание врз очекувањата имаат факторите поврзани со политичката стабилност. Забрзувањето на интегративните процеси (НАТО, ЕУ), во голема мерка ќе имаат позитивно влијание врз градењето на позитивните очекувања и во овој дел.

КРЕДИТИРАЊЕТО НА КОРПОРАТИВНИТЕ КЛИЕНТИ И КРЕДИТИРАЊЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЕ РЕЧИСИ ИЗЕДНАЧЕНИ ВО АПСОЛУТЕН ИЗНОС. КОМПАРИРАНО СО СОСТОЈБАТА ВО ЕВРОЗОНАТА, КРЕДИТИРАЊЕТО НА ДОМАЌИНСТВАТА УЧЕСТВУВА СО 57 %, ДОДЕКА КОРПОРАТИВНОТО КРЕДИТИРАЊЕ СЛЕДИ СО 43 %

Пред да ги дискутираме специфичностите на пазарот на корпоративни кредити, едно општо прашање за кредитната активност на банките. Зошто веќе извесен број години банките својата кредитна активност ја насочуваат повеќе кон населението во споредба со правните лица?

П. Трпески: Кредитирањето на корпоративните клиенти и кредитирањето на населението во Република Македонија се речиси изедначени во апсолутен износ. Компарирано со состојбата во еврозоната, кредитирањето на домаќинствата учествува со 57 %, додека корпоративното кредитирање следи со 43 %. Дополнително учеството на кредитирањето на домаќинствата во БДП на еврозоната изнесува околу 58 %, додека учеството на кредитирањето на населението во БДП на Македонија изнесува околу 25 %. Овие соодноси можат да упатат на заклучокот дека нема структурно отстапување во корист на кредитирањето на население, како и тоа дека постои простор за негов натамошен пораст.
Сепак треба да се истакне дека профитабилноста (зголемени нето каматни приходи во 2017 година од кредитирање на население) и можноста за диверзификација на кредитниот ризик го прават кредитирањето на населението значајно за банките.

Зошто кредитната побарувачка на компаниите последниве години главно е поврзана со потребата за обртни средства, а помалку со инвестициски проекти?

П. Трпески: Обемот на инвестициската активност зависи од повеќе фактори, економски и политички. Од аспект на економските фактори, негативните движења во индустријата и во градежништвото одразуваат дел од причините за недоволната инвестициска активност. Во делот на политичките фактори, нестабилноста во првата половина од 2017 и 2016 година имаше влијание врз компаниите да се воздржат од реализирање на инвестициски проекти.
Сепак, трендот на намалување на долгорочното кредитирање на компаниите запре во последниот квартал од 2017 година, кога беше забележан и мал пораст. Едновремено, падот на бруто-инвестициите беше значително забавен, а домашното производство на капитални добра и увозот на производи за инвестиции забележаа пораст. Доколку се имаат предвид овие трендови, како и проекциите за економскиот раст, постои реална основа да се очекува инвестициите да се зголемуваат, а со нив и потребата од долгорочно корпоративно кредитирање.

Кои се главните разлики кај побарувачката на кредити од страна на големите компании и побарувачката на малите и средни претпријатија или микро фирмите?

П. Трпески: Микро, малите и средните претпријатија доминираат во вкупниот број правни лица, од аспект на бројност. Меѓутоа, гледано од аспект на кредитна изложеност побарувачката на кредити сеуште во најголем дел произлегува од големите компании. Во оваа насока се и податоците од НБРМ за ризиците на банкарскиот систем, а кои се поврзани со нивото на концентрација во кредитирањето. Десетте најголеми изложености кон нефинансиски правни лица на ниво на банкарскиот систем во РМ изнесуваат над 85% од сопствените средства на банките.
Забрзаниот економски раст и инвестициска активност во иднина, би требало понатаму да го стимулираат порастот на бројот на микро и мали претпријатија, како и нивната кредитна побарувачка.

Имајќи го предвид сето ова сегментирање на побарувачката на правни лица за кредити, што е она што тековно го нуди Шпаркасе Банка Македонија? Како би ги дефинирале, според Вас, предностите на она што го нуди Вашата банка?

П. Трпески: Шпаркасе Банка Македонија ги поддржува корпоративните клиенти независно од нивната големина и износот на финансирање (имајќи го предвид и потенцијалот на Групацијата), иако во својот фокус ги има компаниите сегментирани како мали и средни (SME сегмент).
Од аспект на видовите кредити, Банката ги овозможува сите видови финансирање на инвестициите и оперативните циклуси, како и поддршка во делот на документарното работење (работење со гаранции и со акредитиви). Посебно би го потенцирале делот на проектните финансирања по кои Банката е препознатлива и се издвојува на пазарот.
Покрај проектното финансирање, клиентите на Шпаркасе Банка ја имаат можноста да користат услуги на “регионална банка“, т.е. банкарска групација која е застапена во целиот регион и има деловна политика за интегриран пристап во нудењето услуги на клиентите. Како пример може да се наведе интегрираната групациска платформа за меѓународни плаќања. Повеќе клиенти на Банката веќе ги користат овие можности и ги имаат препознаено позитивните ефекти во делот на финансирањето, документарното работење, платниот промет, финансиските пазари, итн.
На крај, стабилноста на Банката и на Групацијата овозможува пристап до поволни извори на финансирање, кои се основа за поволни ценовни понуди.

ЗАБРЗАНИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ И ИНВЕСТИЦИСКАТА АКТИВНОСТ ВО ИДНИНА, БИ ТРЕБАЛО ПОНАТАМУ ДА ГО СТИМУЛИРААТ ПОРАСТОТ НА БРОЈОТ НА МИКРО И МАЛИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, КАКО И НИВНАТА КРЕДИТНА ПОБАРУВАЧКА

Што планирате генерално за периодот што доаѓа во поглед на кредитната понуда, нови производи итн.?

П. Трпески: Во периодот што следува, Банката примарно ќе ги насочи своите активности кон малите и средните претпријатија. Воедно, Банката ќе продолжи да ја одржува својата препознатливост во делот на проектното финансирање, посебно во финансирањето на обновливите извори на енергија, eco-friendly инвестициите и другите проекти кои поттикнуваат општествена одговорност.
Во делот на новите производи Банката ќе настојува и во наредниов период да имплементира нови понуди во својот каталог. Како пример би ја издвоиле можноста за воведување на ИРС (IRS Interest Rate Swap), финансиски дериватив кој ќе им овозможи на клиентите кои користат финансирање во евро валута со варијабилни камати да се заштитат од каматниот ризик.

Колку влијае на квалитетот на кредитната понуда на Шпаркасе Банка Македонија за правни лица фактот дека банката е дел од Шпаркасе Групацијата? Се случува ли трансфер на знаења?

П. Трпески: Шпаркасе Банка Македонија го има целосно усогласено своето работење со стандардите на Групацијата, кои ги вклучуваат најдобрите деловни практики на европските банки. Трансферот на знаења и континуираната размена на искуства е од големо значење не само за квалитетот во делот на кредитната анализа и управувањето со кредитниот ризик туку и од аспект на адекватното структурирање на кредитната понуда во согласност со потребите на клиентите. Со оглед дека станува збор за искуство и за знаење стекнато на поголеми и поразвиени пазари, Групацијата, исто така, овозможува значителни предности во антиципирањето на идните трендови во финансирањето.
Веќе споменавме дека во делот на корпоративното кредитирање Банката е препознатлива по групациските придобивки во делот на проектното финансирање, крос-бордер (cross-border) финансирањето и можноста за регионално користење на финансиските услуги.

Една од важните детерминанти на побарувачката за кредити е каматната стапка. Како го објаснувате движењето на активните каматни стапки изминативе години и што очекувате за наредниов период?

П. Трпески: Активните каматни стапки во изминатиов период имаа тренд на опаѓање, што може да се согледа и од намалените каматни приходи од кредитирањето на нефинансиски правни лица во 2017 година (при зголемен обем на кредитирање). Може да се каже дека обемот на кредитната активност и инвестициите не се доволни да ги искористат акумулираните заштеди, што може да се согледа и од намалувањето на пасивните каматни стапки (поголема понуда на депозити). Оттука промената на каматните стапки најопшто ќе зависи од менувањето на соодносот меѓу нивото на штедењето и инвестициите во земјава.
Воедно, имајќи предвид дека значителен дел од кредитирањето на домашните правни лица е во евро валута (околу 25%), движењето на каматните стапки во еврозоната ќе биде исто така релевантно и за домашниот пазар.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top