Интервјуа
ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ГО НАПРАВИ СВЕТОТ ПОДОБРО МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Андреас Елснер
Главен извршен директор, Македонски Телеком

Со Адреас Елснер, главниот извршен директор на Македонски Телеком, разговаравме за дигитализацијата и за предизвиците што таа ги носи, за паметните решенија, за мрежите како крвни садови на новото време, за новите бизнис-модели и за новите трендови во телекомуникациите

 

Живееме во многу, многу возбудлив период на глобален технолошки напредок. Во основа, гледаме како научно-фантастичните книги и до скоро незамисливите нешта стануваат реалност. На филозофско ниво, колку е возбудливо сето ова за Вас?

А. Елснер: На прагот сме на нова ера, ерата на дигитализација, што ќе ни донесе многу предизвици, но на крајот на денот ќе го направи светот подобро место за живеење. Денес ние комуницираме преку нашите смартфони, утре машините ќе „комуницираат“ со други машини што води кон лекување од далечина, образование од далечина – достапно за сите, „паметни домови“, „паметни градови“ кои ќе штедат енергија што, пак, ќе овозможи полесно да ја зачуваме животната средина... Она што ние како деца го сонуваваме, читајќи научно-фантастични книги, нашите деца веќе го имаат или наскоро ќе го имаат како секојдневие. И покрај сите предизвици и сомнежи, возбудливо е да се живее во ова време и да се биде дел од тој процес, особено за телеком-операторите.

Телекомуникацискиот сектор е предводникот на овој напредок. Тој е движечка сила за иновации и за раст, но и за промени во бројни индустрии. Каков е Вашиот став во однос на ова?

А. Елснер: Јас би ги кажал нештата малку поинаку. Телеком операторите преку нивните мрежи ќе бидат новите крвни садови на светот во кој ќе живееме. Ние ќе бидеме сервис за една повисока цел, технологија која ќе доведе до подобар, до полесен, до поедноставен живот, до поефикасно општество, до подобра животна средина. Затоа ќе опстојат само оние телеком-компании кои ќе инвестираат во мрежите, во растот и во иновациите. Нашата примарна цел веќе не се наоѓа на крајот од слушалката, тоа време одамна помина.

 

ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО МРЕЖАТА СЕ ПРВ ИМПЕРАТИВ НА ТЕЛЕКОМ ЗА ШТО СЕ ПЛАНИРАНИ НАД 60 МИЛИОНИ ЕВРА НАРЕДНИВЕ ДВЕ ГОДИНИ. ВЕЛИМЕ ДЕКА ЈА ИМАМЕ НАЈДОБРАТА МРЕЖА И ТОА Е ТОЧНО, НО АКО ЗАПРЕМЕ, НЕМА ДА БИДЕ ТАКА. КОГА ЗБОРУВАМЕ ЗА МОБИЛНАТА МРЕЖА ЕДИНСТВЕНИ СМЕ ВО ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ ГРУПАЦИЈАТА СО 100 % 4G ПОКРИЕНОСТ, А НЕОДАМНА, СО НОВА ТЕХНОЛОГИЈА ПОСТИГНАВМЕ ДВОЈНО ПОГОЛЕМА БРЗИНА ВО СПОРЕДБА СО 4G. ОВА ЗНАЧИ ДЕКА СО ОВИЕ БРЗИНИ ЌЕ МОЖЕТЕ ДА СИМНЕТЕ ФИЛМ ОД 2 ГИГАБАЈТИ ЗА 20 СЕКУНДИ.

Сѐ почесто, кога се зборува за дигитализација, неминовно се слуша терминот интернет на нештата...

А. Елснер: Токму така, кога зборуваме за дигитализација, зборуваме за интернет на нештата, за машини кои „комуницираат“ не само со нас туку и со други машини и за нас пресметуваат, мерат, контролираат, навигираат, машини кои им асистираат на луѓето во нивниот секојдневен живот за да биде поедноставен, поефикасен, побезбеден. Се очекува до 2020 година повеќе од 30 милијарди „нешта“ да „комуницираат“ меѓу себе. Во врска со сето ова секако има многу сомнежи, во која насока ќе се движи, колку ние ќе успееме да ја искористиме технологијата, а не таа нас, но сигурно истото ова се случувало кога се измислени автомобилите, луѓето се плашеле од сообраќајни несреќи, што се неминовни, но доколку не сме го прифателе предизвикот сѐ уште би оделе пеш...

А каде сме ние во таа приказна, дали се ближиме или „каскаме“ зад европските земји?

А. Елснер: Неодамна имавме еден пионерски проект кој треба да функционира токму според овој принцип. Станува збор за смарт маски против загадувањето кои ги промовиравме на Светскиот конгрес за мобилни технологии во Барселона. Одличен пример за користење на технологијата за повисока цел – заштита од загадувањето. Маските ќе бидат изработени од смарт текстил и ќе „комуницираат“ преку мобилна апликација со сензорите за мерење на загадувањето кои ќе бидат поставени на нашите базни станици. Така, кога загадувањето ќе биде над дозволената граница, маските ќе сигнализираат преку лед светла или вибрација. За жал, загадувањето е голем проблем особено во поголемите градови, а сите ние и компании и поединци треба да придонесеме за намалување на загадувањето и на штетните последици од него.

Во тој контекст, што се случува на тема „паметен град“? До каде сме ние во тој поглед и кои се Вашите планови за наредниве години?

А. Елснер: Светски проблем се пренаселените градови кои се соочуваат со предизвици од типот на премногу сообраќај, загадување, намалување на буџетите... Многу наши паметни решенија веќе функционираат, на пример „паметен транспорт“ со кој се подобри квалитетот на јавниот транспорт, а направени се и големи заштеди со оглед на тоа што наместо хартиени се користат електронски картички и мобилно плаќање. Друг пример е проектот „паметно паркирање“ со кој возачите штедат време за пронаоѓање слободно паркинг-место, се намалува загадувањето и се намалува ризикот од сообраќајни прекршоци. Подготвени сме да понудиме „паметно улично осветлување“, што ќе ги намали сметките за електрична енергија на градовите и на општините за дури 40 % и „паметно управување со отпад“ со што ќе се дигитализираат процесите за собирање отпад, а оперативните расходи ќе се намалат за 40 %. Паметните решенија веќе стануваат неопходни за животот во модерните градови, за да добиеме почиста животна средина, помалку сообраќај, поквалитетен и поорганизиран живот.



Безбедноста и приватноста и понатаму се важни прашања во денешниов свет. Сите видовме што се случуваше неодамна со Фејсбук. Како тоа влијае врз телекомуникацискиот бизнис?

А. Елснер: Еден од предизвиците на дигитализацијата е токму заштитата на податоците. Евидентно е дека нарушувањето на приватноста на социјалните мрежи постојано се зголемува, a скандалот со Фејсбук е само последен од низата на случаи каде што сме сведоци на масовна злоупотреба на личните податоци на корисниците. Но, конекцијата меѓу операторите и социјалните мрежи е тоа што операторите обезбедуваат интернет за да може поединецот да пристапи и да ги користи социјалните мрежи. Оттука случувањата на Фејсбук немаат директно влијание врз телекомуникацискиот бизнис. Сепак треба да имаме предвид дека сајбер-безбедноста станува глобално прашање за чие решавање е потребен сериозен пристап и активна меѓународна соработка, односно сплотување на државите и преземање мерки во борбата против криминалот во дигиталниот простор. Во таа насока, општата регулатива за заштита на личните податоци чија директна примена во земјите членки на ЕУ ќе почне од 25 мај годинава веќе е имплементиранa во Дојче Телеком Групацијата, а со тоа и во Македонски Телеком. Оваа регулатива ги дава насоките за заштита на податоците на корисниците и неопходно е сите земји да бидат усогласени и да ги прифатат одредбите имајќи предвид дека приватноста е основно загарантирано човеково право.

Како го оценувате телекомуникацискиот пазар во Македонија и местото на Македонски Телеком во него? Што мислите за регулативите, дали се компатибилни со стандардите на ЕУ?

А. Елснер: Телекомуникацискиот пазар во Македонија е развиен и ги следи најновите светски телекомуникациски трендови и достигнувања. Од друга страна, пазарот е висококонкурентен со голем број учесници при што цените во одредени сегменти се дури и под европскиот просек. Треба да се има предвид дека малиот пазар бара максимално ефикасно користење на ресурсите, а секако притисокот од конкуренцијата е голем. Што се однесува до регулативата, Македонија ја следи ЕУ-регулативата и ги следи промените кои се случуваат, што е во согласност со аспирациите на земјава за членството во Унијата. Често тоа значи и преголема регулација на висококонкурентиот пазар така што очекувано е да се намали регулацијата во телекомуникацискиот сектор.

МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ НУДИ ПРИСТАП ДО ОПТИКА НА ОКОЛУ 27 % ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА ВО СПОРЕДБА СО 17 % ДОМАЌИНСТВА НА ЕВРОПСКО НИВО

Ајде да се осврнеме на промената на индустриите и на старите бизнис-модели. Што генерално треба да очекуваат компаниите од овој бран на технолошки развој во телекомуникациите кој се очекува да продолжи и да стане уште поголем? Како треба да се позиционираат компаниите во такви околности за да опстанат?

А. Елснер: Како што доаѓањето на новите технологии ги заменува старите, така и корпорациите треба да го менуваат и својот начин на водење на бизнисот. Големите и бавни корпорации наспроти брзите свежи идеи на стартапите? Би рекле, нема шанси. Но, корпорациите треба да го прифатат тој начин на мислење, да создаваат партнерства, да ја урнат крутата хиерархија на функционирање, да воведуваат нови бизнис-модели. Неодамна ние во Македонски Телеком отворивме Инкубатор за дигитални таленти. Тим од студенти, кои доаѓаат од ИТ, од е-бизнис и од телекомуникации, ќе работи на дигитализација на процесите на компанијата и ќе развива дигитални апликации. Свежите идеи на студентите и искуството на нашиот тим сигурно ќе донесе резултати и тоа скоро. Најдобрите студенти со тек на време ќе станат дел од Телеком тимот. Тоа е тој нов начин на водење на бизнисот.

Телекомуникацискиот бизнис бара значителни инвестиции. Дали би можеле да наведете некои бројки во однос на обемот на инвестиции на Вашата компанија во минатото и плановите за иднината?

А. Елснер: Инвестициите во мрежата се прв императив на Телеком за што се планирани над 60 милиони евра наредниве две години. Велиме дека ја имаме најдобрата мрежа и тоа е точно, но ако запреме, нема да биде така. Кога зборуваме за мобилната мрежа единствени сме во Дојче Телеком групацијата со 100% 4G покриеност, а неодамна, со нова технологија постигнавме двојно поголема брзина во споредба со 4G. Овие брзини веќе се достапни за корисниците на Скопје, Центар, а до крајот на годинава ќе бидат достапни и во другите поголеми градови. Ова значи дека со овие брзини ќе можете да симнете филм од 2 гигабајти за 20 секунди. Ова е неопходно за да овозможиме што поголем проток на податоци.

Зборувате за надградба на мобилната мрежа. Што е со фиксната, колку е тоа важно и дали и таму се инвестира?

А. Елснер: Секако, и фиксната мрежа се надградува паралелно. Напредуваме со оптиката, годинава се планира да се покријат 11 000 семејства. А тука имаме со што да се пофалиме – Македонски Телеком нуди пристап до оптика на околу 27 % од домаќинствата во Македонија во споредба со 17 % домаќинства на европско ниво. Истовремено работевме на нова технологија за да ја зголемиме брзината на интернет за корисниците кои не се на оптика. Се правеше надградба на постојната бакарна мрежа со понапредна – хибридна технологија, со што веќе над 100 000 корисници имаат можност за двојно поголеми брзини. Оваа технологија, освен побрз интернет, овозможува и подобра ТВ-услуга.

Потрошувачката на интернет секојдневно се зголемува на светско ниво. Дали е тоа случај и во Македонија и што преземате за да излезете во пресрет на тој предизвик?

А. Елснер: Нашите корисници се гладни за интернет. Тоа е многу очигледно последниве години. Да речеме ако направиме споредба со потрошувачката на мобилен интернет во 2017 со 2018 година – имаме 50 % зголемување. Во просек, нашите постпејд корисници трошат околу 4 GB интернет, што е двојно во споредба со минатата година. Има две клучни нешта во врска со овој тренд – иновации и надградба на мрежата за да се овозможи непречен тек на големата количина податоци и адаптирање на понудите на потребите на пазарот, односно што повеќе интернет. Веќе зборувавме за перформансите и за инвестициите во мрежата, а воведуваме и новитети во понудите за да овозможиме корисниците непречено да уживаат во своите интернет-содржини – како што е опцијата Smart Video во Magenta 1 и Smart, со која неограничено и засекогаш можат да ги гледаат омилените серии, видеа и филмови на YouTube, Netflix, HBO Go и MaxTv Go на нивниот смартфон без да трошат интернет од претплатата.

АКО НАПРАВИМЕ СПОРЕДБА СО ПОТРОШУВАЧКАТА НА МОБИЛЕН ИНТЕРНЕТ ВО 2017 СО 2018 ГОДИНА – ИМАМЕ 50 % ЗГОЛЕМУВАЊЕ. ВО ПРОСЕК, НАШИТЕ ПОСТПЕЈД КОРИСНИЦИ ТРОШАТ ОКОЛУ 4 GB ИНТЕРНЕТ, ШТО Е ДВОЈНО ВО СПОРЕДБА СО МИНАТАТА ГОДИНА

Отсекогаш сте биле компанија со висока свест за општествена одговорност, дали и на ова поле се планирани инвестиции?

А. Елснер: Минатата година почнавме со една иницијатива која продолжува и во 2018 година – Telekom Goes Green, се насочивме кон исклучително важна тема – заштита на животната средина. Ги поттикнуваме вработените да користат велосипеди за превоз, затоа правиме посебен возен парк од смарт велосипеди, го набавивме првото електрично возило, а планот е од година в година сѐ поголем број возила во нашиот возен парк да бидат такви што не испуштаат штетни емисии на гасови. Тука спаѓаат и смарт маските за заштита од загадувањето, за што веќе претходно зборував, како и поставување сензори за мерење на степенот на загаденост на нашите базни станици, што ќе биде инвестиција од над 100 000 евра. Продолжуваме со еко иницијативи и наредниве години.

Кога Ве прашуваат пријатели од Вашата земја за животот во Македонија, што им кажувате? Што најмногу Ви се допаѓа, а што најмалку?

А. Елснер: Дека е земја на сонцето, со природни убавини, со многу контрасти, вкусна храна, отворени и пријателски настроени луѓе, дека на планината Водно можете да најдете совршен баланс меѓу рекреација во шума и убав поглед на градот. Ми пречи загадувањето во зимските денови, но се надевам дека со вклученост на сите, институциите и секој поединец, ќе се изнајде решение за справување со загадувањето.


Ви благодариме за интервјуто.

 

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top