Убава Македонија
КРАТОВО И КУКЛИЦИ

Александар Матески

Кратовско крие бројни тајни. Кратово е мал град, но исклучително активен во минатото и со континуирано урбано функционирање со векови наназад почнувајќи од римско време. За жал, денес градот ни оддалеку го нема значењето кое го имал во минатото. Во срцето на градот, иако мала, но исклучително симпатична и добар репрезент на кратовската архитектура е чаршијата. Сепак она што прво ќе го забележите со влегувањето во Кратово се неговите кули и мостовите на Кратовска Река која го дели градот на два дела. Се претпоставува дека биле тринаесет кули. Рударството е најпрепознатливото занимање на локалното население низ историјата. Токму и со оваа гранка се поврзува намената на кулите градени од убав делкан камен. Целта на кулите била исклучиво одбранбена бидејќи во нив живееле закупците на локалните рудници со своите фамилии и чуварите, а во нив биле складирани и парите кои биле заработувани од рудата која се вадела. Според многумина Симиќевата е таа која е најзначајна и најубава. Датира од 1370 година. Со оглед на тоа дека е највисока кула, посебно убав поглед има од најгорниот кат. Изградбата на кулата историчарите ја поврзуваат со владеењето на Костадин Дејанов, крупен феудалец од 14 век под чие владение влегувале и територии од Источна Македонија. Подземни тунели биле користени за меѓусебна комуникација на кулите. И денес кога сте во Кратово распрашајте се за тунелите, па можеби ќе имате среќа да се прошетате низ дел од нив.

Сигурно нема да се двоумите и кои се двете борови стебла од 14 век. Лоцирани во градскиот парк Карши бавча, тоа се најстарите дрва во градот. Преданието е дека биле засадени од германските семејства од областа Шлезија, а кои се населиле во областа богата со руда. Доказ дека ваквото предание може да биде вистинито е и фактот што селото Шлегово е само на неколку километри во близина на Кратово.
Во близина на центарот на Кратово ќе ја забележите бистата на Павел Шатев. Да, Кратово е родниот град на овој револуционер, преживеан гемиџија, правник и прв министер за правосудство во Македонија. Георги Манасов е неговиот псевдоним кој ќе го користи при влезот во францускиот брод „Гвадалкивир“ при извршувањето на познатите солунски атентати. Сведок бил на двата Илиндена. Ќе биде и делегат на АСНОМ и избран за член на Президиумот. Оние кои сакаат повеќе да дознаат за овој светол лик од македонската историја најдобро е да ги прочитаат неговите спомени во книгата „Солунските атентати и заточениците во Фезан“ издадена во 1927 година.


Не пропуштајте да „ископате“ некои од легендите поврзани со кратовските мостови. Најпознатата е онаа за убавата Рада. Легендите со неимарските предизвици во градењето на овие круцијални објекти се бројни. Ги има во голем број дела од нашите преродбеници. Прочитајте и за трагичниот настан поврзан со Јосиф Даскалов. Неговата родна куќа се наоѓа веднаш до црквата „Св. Јован Крстител“. Црквата е вистинска гордост на кратовчани. Прекрасното дело на еден од најпознатите македонски мијачки неимари Андреја Дамјанов е неизбежен дел од секоја посета на Кратово.
Околу 2 часа ви се потребни за посета и на природниот феномен Камени кукли лоциран на околу 12 километри од Кратово. Легендата за овај локалитет е дека проколнувањето од страна на несудената невеста било причина за скаменувањето на сите гости на свадбата во Куклици, вклучително и на младоженците. Па така денес кога сте во посета на локалитетот погледнете ги описите под секоја од камените формации, а за подобар преглед искачете се на некои од блиските возвишенија. Локалитетот плени со својата убавина. Научниците тврдат дека ваквите облици се резултат исклучиво на ерозијата, но сепак приказната за разочараната девојка и скаменетите свадбари е сѐ уште жива и интересна. Македонскиот фолклор познава бројни вакви легенди. Покрај Куклици, интересни се легендите и за скаменетите баби во Штип и во Прилеп.
Кратово има и одлични нови сместувачки капацитети. За посета на овој мистичен крај најдобро би било да се оддели барем еден викенд. Нема да зажалите.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top