Убава Македонија
ОСОГОВО, ПОНИКВА И СУЛТАН ТЕПЕ


Иако општопознато е дека Република Македонија е планинска земја со преку 40 планини и планински масиви, сепак кога се споменува планина најчесто погледот врти кон западниот дел на мапата од Македонија. Голем дел од убавините на истокот неоправдано се скриени или барем таков e впечатокот.
Питомоста и гостопримливиот карактер на Осогово се веднаш забележливи. Без опасни стрмни делови, Осоговските Планини се идеално мирен пејзаж во сите годишни времиња. Дури шест врвови на Осогово се повисоки од 2 000 метри. Највисокиот Руен (2 252 м н. в.) е на самата граница со Бугарија, a во централниот дел се наоѓа Султан Тепе (2 085 м н. в.) или познат како Царев Врв. Ѓорче Петров во неговата книга „Материали по изучванието на Македонија“ од 1896 година споменува дека името на врвот доаѓа по чешмата на врвот која била направена од цар Константин кој господарел на тие места и затоа се нарекува Царев Врв. Според другата легенда чешмата била изградена од султан Мехмед кој поминал преку тој врв и не пронашол вода да ја угаси жедта, па по негова заповед е направена чешмата за спомен на неговото поминување и за да не страдаат другите патници како него. Пред врвот, на околу еден час, се наоѓа чешма. Дали тоа е чешмата која ја споменува Ѓорче или имало и друга останува да биде истражено. Како и да е, водата е многу убава. Петровден е денот кога традиционално се организира искачувањето на Царев Врв по една од најдобрите патеки за запознавање на срцето на овoј масив. Недопрените предели далеку од човечката рака, прекрасната букова шума и пространите пасишта уште веднаш го наметнуваат заклучокот дека целосно неоправдано овoј предел на државава е непромовиран и енигма за голем број наши граѓани. Дел од дрвјата се стари и по неколку векови и импресионира нивната издржливост толку долг временски период. Богатите предели имаат идеални услови за сточарство, но за жал нивната искористеност денес е минимална. Дека ова е еден од најголемите планински масиви во државава говори и фактот што за посета на врвот, од Пониква и назад, потребно е да бидат испешачени околу 32 километри. Движењето, и покрај благото искачување, може да биде многу напорно. Но, планината нуди идеални услови и за планински велосипедизам и возење со теренски возила. На самиот врв се наоѓаат два објекта изградени и користени од српската жандармерија за воени цели во немирниот почеток на XX век. Современите интернет нагледни средства ви овозможуваат да ги погледнете и воените утврдувања кои се користеле во тој период. Овие масивни градби кои се оставени на забот на времето нудат одлична основа за нивна пренамена во планинарски домови, што ќе овозможи и подолг престој на планинарите на тие простори, како и отворање на планинскиот масив и за странските туристи.

Локалното население се занимава со собирање шумски плодови од кои најзначајна е боровинката, но не помалку значајни се и лековитите растенија. Доколку имате можност, пробајте и сок од ајдучка трева, еден од најинтересните вкусови за чие подготвување има посебна традиција во повеќе населени места во државава. Планината е посебно богата со руда. Рудниците се на сите страни на планината: Тораница, Македонска Каменица, Лесново, Саса, Злетово... Според претпоставките рударството својот замав го зема по доаѓањето на германските племиња на тие простори (Саси, Шлези итн.), па оттука и топонимите (Саса, Шлегово итн.). Ова е уште еден доказ за мешањето на народите, но и историскиот континуитет на рударската дејност на тие простори.
Пониква, еден од најубавите туристички локалитети на истокот, се наоѓа на 1 580 м н. в. и на околу дваесетина километри од Кочани. Покрај викендичките, во местото се наоѓаат и угостителски објекти кои, освен одлична храна и уживање во чистиот воздух, имаат и солидни сместувачки капацитети.


Во Осоговскиот Регион впечатливи се и вештачките езера Кнежево и Гратче. Првата акумулација се наоѓа на околу 18 километри од Злетово, додека втората е близу до Кочани (само 6 километри). Првата е градена скоро, а втората е една од најстарите во државава, во далечната 1959 година. За илустрација најстарото вештачко езеро во Македонија е Матка изградено во 1938 година. Искачувајќи се кон Пониква, од десната страна се отвора поглед кон Гратче, па не пропуштајте ја глетката кога патувате кон висините на планината.
Дали посетата на Осоговските Планини ќе ја искомбинирате со посета на Осоговскиот манастир во близина на Крива Паланка и оттука ќе се искачувате кон врвот Руен или пак ќе ја запознавате планината од страната на Пониква кон врвот Султан Тепе – останува ваш избор. Секој приод нуди одлични услови за одмор и за уживање. Другите опции кои ги имате на располагање се посетата на акумулацијата Гратче во непосредна близина на Кочани каде што има и одлични сместувачки капацитети или пак одмор покрај Злетовска Река во некој од локалните ресторани по претходната посета на Лесновскиот манастир.


Александар Матески

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top