Е-Б-Ф-Б
НЕПРИЈАТНА ФИСКАЛНА АРИТМЕТИКА – КАКО ПЛУСОТ МОЖЕ ДА СТАНЕ МИНУС

Горан Петревски
Авторот е Редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Голем број земји реагираа на глобалната финансиска и економска криза применувајќи го стандардниот економски рецепт: кога ќе се намали приватната потрошувачка, владата треба да ја зголеми јавната потрошувачка. Ваквата логика ја следеше и Македонија која во период од неколку години спроведуваше експанзивна фискална политика. Како последица на постојаните буџетски дефицити кои се движеа во интервалот од 2,4 % до 4,2 % од БДП, во период од шест години (2008 – 2014) јавниот долг се зголеми двојно, од 23 % на 46 %. Неизбежно фискалната екпанзија предизвика бројни реакции и коментари од страна на пошироката јавност (бизнисот, медиумите, политичарите), а се разбира таа го предизвика интересот и на економистите. Во таа смисла, во 2017 година се појави една монографија на МАНУ во која се анализираат макроекономските ефекти на фискалната политика во Македонија во периодот по војната од 2001 година. Во неа авторите ги испитуваат ефектите на јавните расходи (јавната потрошувачка и јавните инвестиции) и на јавните приходи врз економската активност, ги пресметуваат т.н. фискални мултипликатори и ја анализираат врската меѓу фискалната и монетарната политика. Резултатите и сознанијата од оваа анализа се исклучително интересни (за професионалната публика) и корисни (за политичарите).

Односите меѓу фискалната и монетарната политика
Ако почнеме од крајот, анализата на интеракцијата меѓу фискалната и монетарната политика покажува дека јавните расходи вообичаено растат, а јавните приходи се намалуваат како реакција на рестриктивната монетарна политика. Со други зборови, фискалната власт и монетарната политика се однесуваат како стратегиски супститути: кога централната банка применува рестриктивна политика, фискалната власт води експанзивна политика настојувајќи да ги неутрализира евентуалните негативни ефекти врз економската активност, и обратно; кога владата се ангажира во фискална експанзија, централната банка ја затегнува монетарната политика и така ги неутрализира ефектите од фискалната експанзија. Ваквиот резултат воопшто не е изненадување зашто често се случува, при режим на фиксен девизен курс, фискалната и монетарната политика да имаат различни цели: централната банка се грижи за одржување на фиксниот курс, додека фискалната власт настојува да ги стимулира производството и вработеноста. Тоа покажува дека одржувањето на фиксниот курс наметнува сериозни ограничувања во однос на ефективноста на домашните макроекономски политики.

КАКО ШТО ПОКАЖУВА ЕДНО ИСТРАЖУВАЊЕ НАПРАВЕНО ОД ММФ, ПЛАНИРАНИТЕ ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЧЕТИРИТЕ МЕГАПРОЕКТИ (АВТОПАТИШТА И ЖЕЛЕЗНИЦА) ВО МАКЕДОНИЈА СЕКОЈА ГОДИНА ЌЕ ТРОШАТ 2 ДО 3 % ОД БДП ВО ПЕРИОДОТ 2014 – 2018 ГОДИНА, ДОДЕКА НИВНИОТ ПРИДОНЕС ВО ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА БДП БИ БИЛ САМО 0,5 % ПРОСЕЧНО ГОДИШНО ВО ПЕРИОДОТ 2014 – 2020 ГОДИНА. СПОРЕД ТОА, ДУРИ И ДА СЕ ПРЕЗЕМААТ ПРОДУКТИВНИ ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ОЧЕКУВААТ СПЕКТАКУЛАРНИ МУЛТИПЛИКАТИВНИ ЕФЕКТИ ВРЗ ЕКОНОМСКАТА АКТИВНОСТ

Колкава е моќта на фискалната политика?
Сепак особено интересни се резултатите од истражувањето на ефектите на фискалната политика врз економската активност кои се спротивни на стандардните (кејнзијански) поставки врз кои се темели активната економска политика. Имено, на среден рок, пресметаните мултипликатори на јавната потрошувачка се негативни, т. е. порастот на јавните расходи е проследен со намалување на економската активност. Исто така и мултипликаторите на јавните инвестиции не се во согласност со стандардните кејнзијански поставки бидејќи имаат ниски (негативни) ефекти врз економската активност.
Што се однесува до приходната страна на буџетот, мултипликаторите на јавните приходи се негативни како на кус, така и на среден рок, но иако го имаат очекуваниот негативен знак, нивната вредност е исклучително ниска така што слободно може да се тврди дека имаат неутрално влијание врз економската активност. Веројатно тоа може да се објасни со ниското ниво на даночно оптоварување и отсуството на даночна прогресија во Македонија поради што отсуствуваат дисторзивните ефекти на даноците.
Ова истражување ја потврдува тезата дека тековните јавни расходи (претежно плати и надоместоци, како и набавка на стоки и услуги) не само што не ја стимулираат агрегатната потрошувачка туку и имаат негативно влијание на економската активност. Меѓутоа, како што споменавме, уште поинтересен е резултатот во поглед на негативниот мултипликатор на јавните инвестиции. Во тој поглед треба да се подвлече фактот дека негативните ефекти на капиталните расходи се засилуваат на среден рок, што е во спротивност со тезата дека ефектите на капиталните расходи доаѓаат до израз на среден и на долг рок преку нивното претпоставено влијание врз продуктивноста. Оттука се наметнува прашањето дали капиталните расходи можат да имаат поволно дејство врз економската активност.
Веројатно одговорот на ова прашање е „не“ поради неколку причини: прво, структурата на капитални расходи кои вклучуваат и буџетски позиции од типот канцелариски мебел, автомобили, административни згради со луксузни ентериери, фасади, споменици итн. Значи, во буџетското сметководство како капитални расходи се евидентираат и ставки кои економистите тешко би можеле да ги наречат капитални добра; второ, како што покажува проектот „Скопје 2014“, капиталните расходи може се однесуваат на непродуктивни јавни инвестиции. Оттука добиените резултати за негативните мултипликатори на капиталните расходи не треба да изненадуваат. Во принцип, ефектите на јавните инвестиции можат да се зголемат преку подобрување на нивната структура, т. е. преку инфраструктурни проекти (патишта, железница, гасификација итн.) кои имаат поволни изведени ефекти во смисла на намалување на трошоците за водење бизнис. Меѓутоа, како што покажува едно истражување направено од ММФ, планираните јавни инвестиции во четирите мегапроекти (автопатишта и железница) во Македонија секоја година ќе трошат 2 до 3 % од БДП во периодот 2014 – 2018 година, додека нивниот придонес во зголемувањето на БДП би бил само 0,5 % просечно годишно во периодот 2014 – 2020 година. Според тоа, дури и да се преземаат продуктивни јавни инвестиции не треба да се очекуваат спектакуларни мултипликативни ефекти врз економската активност.

ОД ПОСЕБНО ЗНАЧЕЊЕ Е ДАЛИ ФИСКАЛНАТА ПОЛИТИКА ТРАНСФЕРИРА РЕСУРСИ КАЈ ДОМАЌИНСТВАТА И БИЗНИСИТЕ СО ПОВИСОКА МАРГИНАЛНА СКЛОНОСТ КОН ПОТРОШУВАЧКА (КОИ СРЕДСТВАТА ЌЕ ГИ ПОТРОШАТ/ИНВЕСТИРААТ) ИЛИ, ПАК, ВО РАЦЕТЕ НА ОЛИГАРСИ, СО БЛИСКИ ОДНОСИ СО ВЛАСТА, КОИ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД СРЕДСТВАТА ЌЕ ГИ ОДЛЕАТ НАДВОР ОД ЕКОНОМИЈАТА (НАБАВКА НА ЛУКСУЗНИ УВОЗНИ ДОБРА, ИНВЕСТИРАЊЕ ВО НЕДВИЖЕН ИМОТ ВО СТРАНСТВО, ДЕПОЗИТИ ВО СТРАНСКИ БАНКИ ИТН.)

Порака до оптимистите: Не се надевајте премногу
Според тоа резултатите од ова истражување не се многу охрабрувачки во однос на можноста за водење активна фискална политика во Македонија зашто вкупните јавни расходи и нивните компоненти (јавната потрошувачка и јавните инвестиции) имаат исклучително ниски или дури и негативни ефекти врз економијата. Всушност, вредностите на фискалните мултипликатори се толку ниски што воопшто не може да се зборува за мултипликативни ефекти во вистинска смисла на зборот. Имено, концептот за мултипликативни ефекти значи дека порастот на јавните расходи за 100 денари треба да доведе до пораст на БДП за 150, за 200 или за 300 денари. Но, ако фискалните мултипликатори се помали од еден, тоа значи дека при пораст на јавните расходи за 100 денари, БДП се зголемува за 90 денари. Со други зборови, при пораст на јавната потрошувачка дошло до уште поголемо намалување на приватната потрошувачка, што предизвикало намалување на агрегатната потрошувачка.
Притоа во монографијата се наведуваат неколку фактори кои влијаат на намалување на вредностите на фискалните мултипликатори: неискористените капацитети и високата стапка на невработеност во Македонија не се од циклична природа, т. е. еластичноста на понудата на труд е ниска, што ги намалува ефектите на фискалната експанзија; Македонија е увозно зависна земја и голем дел од јавните расходи за брзо време се одлеваат во странство. На пример, таков е случајот при набавката на автомобили, канцелариски мебел и другите набавки на стоки од странство. Згора на тоа, големите инвестициски проекти кај нас најчесто ги реализираат странски изведувачи; често фискалната експанзија предизвикува монетарна рестрикција која неутрализира дел од ефектите на фискалната политика; големината на фискалните мултипликатори во значајна мера зависат и од продуктивноста на услугите што ги обезбедува јавниот сектор наспроти приватниот сектор. Во таа смисла, ако продуктивноста на трудот и продуктивноста на капиталот во јавниот сектор се ниски, тогаш тие предизвикуваат ниски мултипликативни ефекти; најпосле, од посебно значење е дали фискалната политика трансферира ресурси кај домаќинствата и бизнисите со повисока маргинална склоност кон потрошувачка (кои средствата ќе ги потрошат/инвестираат) или, пак, во рацете на олигарси, со блиски односи со власта, кои голем дел од средствата ќе ги одлеат надвор од економијата (набавка на луксузни увозни добра, инвестирање во недвижен имот во странство, депозити во странски банки итн.).

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top