Е-Б-Ф-Б
ПОТКОПУВАЊЕ НА МУЛТИЛАТЕРАЛНИОТ ТРГОВСКИ СИСТЕМ

Катерина Тошевска Трпчевска
Авторот е професор на Економски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје

Последниве две недели одекна веста со која американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царина од 25 % за увозот на челик и царина од 10 % за увозот на алуминиум со цел да ја заштити домашната индустрија. Како одговор на овие изненадувачки вести претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, најави дека Европската Унија ќе биде приморана да одговори со наметнување давачки кон определени таргетирани и препознатливи американски производи како моторциклите Харли-Дејвидсон, фармерките Левис и вискито Кентаки. Како дополнение на ова, американскиот претседател уште повеќе ја нагласи реториката за започнување трговска војна со најава да наметне дополнителни давачки на увозот на европските автомобили.

Иако сè уште со сигурност не се знае дали и во колкава мера најавите за воведување царини ќе се реализираат, оваа реторика на трговска војна секако наметна „страв и загриженост“ кај сите кои се вклучени во меѓународните трговски текови.
Правилата на современиот мултилатерален трговски систем, спроведени преку одлуките и спогодбите донесени во рамките на Светската трговска организација (СТО), укажуваат дека царините се единствениот инструмент што им стои на располагање на земјите членки за заштита на домашните индустрии. Одредбите на оваа организација што се однесуваат на меѓународната размена со стоки се дефинирани во Општата спогодба за царини и трговија донесена во 1994 година (позната како ГАТТ 94) како наследничка на Општата спогодба за царини и трговија од 1947 година (ГАТТ 47). Она што мора да се нагласи е дека во однос на царинската заштита со ГАТТ од 1994 година дефинирано е дека земјите членки на СТО се должни да ги „обврзат“ сопствените царински стапки во концесиските листи што како составен дел секоја земја членка е должна да ги достави при пристапувањето во Светската трговска организација. Оваа обврзливост значи дека земјите членки на СТО во концесиските листи ги наведуваат максималните царински стапки во нивните тарифи и тие се всушност максималните износи на царини што земјите смеат да ги наплатуваат во меѓународната трговија со стоки од останатите земји членки. Доколку земјите сакаат, смеат да применуваат пониски царински стапки од обврзаните и за тоа не мораат да ги известуваат органите на Светската трговска организација. Но, во никој случај земјите не смеат, своеволно и унилатерално, да применуваат повисоки царински стапки од оние што се наведени во нивните царински тарифи.

ПРАВИЛАТА НА СОВРЕМЕНИОТ МУЛТИЛАТЕРАЛЕН ТРГОВСКИ СИСТЕМ, СПРОВЕДЕНИ ПРЕКУ ОДЛУКИТЕ И СПОГОДБИТЕ ДОНЕСЕНИ ВО РАМКИТЕ НА СВЕТСКАТА ТРГОВСКА ОРГАНИЗАЦИЈА (СТО), УКАЖУВААТ ДЕКА ЦАРИНИТЕ СЕ ЕДИНСТВЕНИОТ ИНСТРУМЕНТ ШТО ИМ СТОИ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ ЗА ЗАШТИТА НА ДОМАШНИТЕ ИНДУСТРИИ

Во согласност со ова правило излегува дека ниту Соединетите Американски Држави не смеат своеволно да воведуваат дополнителна царинска заштита од онаа за која се обврзале при пристапувањето во Светската трговска организација. Но, иако вака кажано изгледа дека мултилатералниот трговски систем има многу ригидни правила, во суштина тој дозволува флексибилност. Флексибилноста на мултилатералниот трговски систем значи дека земјите членки смеат да применуваат дополнителни заштитни мерки доколку се случат некои настани или во определени ситуации. Генерално земјите смеат да применуваат дополнителни трговски мерки во следниве ситуации: заради исполнување неекономски цели (заштита на јавното здравје, заштита на националната безбедност), заради одржување „фер“ конкуренција (антидампиншки мерки, компензаторни мерки, заштитни мерки заради социјални и политички проблеми на загрозени индустрии) и заради исполнување економски цели (заштита на платниот биланс, поддршка на млади индустрии).

Во конкретниов случај, од сите погоре наведени мерки, мерките за „фер“ конкуренција и дополнителна заштита имаат смисла и може да се земат предвид доколку американската економија има потреба да ја заштити сопствената индустрија на челик и алуминиум. За да биде појасно, доколку домашната индустрија на една земја е загрозена од увозот на некои производи и трпи штета на домашниот пазар, трговската политика има на располагање да примени два вида мерки: антидампиншки мерки или дополнителни мерки на заштита (самозаштита).


Примената на антидампиншки давачки и дополнителни заштитни мерки е регулирана со посебни спогодби во рамките на Светската трговска организација. Во ситуации кога земјата сака да примени вакви дополнителни мерки на заштита треба да докаже постоење на дампинг или на неочекувано зголемување на увозот во апсолутна и релативна смисла, потоа треба да докаже постоење на штета на домашниот пазар за да може оправдано да воведе дополнителни давачки. На ова подрачје, Соединетите Американски Држави имаат голема и значајна историја на примена и на антидампиншки и на заштитни мерки при увозот на челик и производи од челик. Но, резултатите главно биле негативни. Примената на антидампиншките мерки честопати доведувала до незадоволство од страната кон која биле применети и ги наведувале оптоварените земји да применуваат реторзивни (или повратни мерки) како одговор на антидампиншките. Примената на заштитните мерки при увозот на челик, исто така, наместо да доведе до добивки за американската економија, во 2002 година резултирала со значителни загуби на работни места и регистрирана нето-загуба за националната благосостојба.

Знаејќи ги негативните ефекти од примената на наведените заштитни мерки, протекционистички настроената американска администрација најверојатно овојпат ќе се одлучи за примена на дополнителни царини врз основа на неекономски цели, односно за заштита на националната безбедност. Повикувањето на исклучокот за заштита на националната безбедност е можно во согласност со членот XXI на ГАТТ. Овој член дозволува земјата членка да примени дополнителни мерки на заштита во услови кога доаѓа до ситуации што може да ја загрозат нејзината национална безбедност. Членот им дозволува на земјите да преземат мерки во услови кога „државата смета дека тие се неопходни за заштита на основните безбедносни интереси“ без оглед на тоа „дали е во време на војна или во друга неопходна ситуација (криза) во меѓународните односи“. Определувањето дали ситуацијата во која се наоѓа определена земја е ситуација што ја загрозува националната безбедност е чувствително прашање и со оглед на тоа што членот не е многу прецизен, ваквата ситуација може навистина да направи проблеми во мултилатералниот трговски систем. Ова би било особено проблематично од аспект на тоа доколку некоја земја членка на СТО се одлучи да покрене спор за утврдување на легитимноста од преземените заштитни царини од страна на САД, Телото за решавање трговски спорови на СТО ќе има многу тешка задача да досуди дали преземените мерки се неопходни за заштита на националната безбедност. Иако ретко, примената на исклучокот за национална безбедност се случила неколкупати во рамките на мултилатералниот трговски систем.

ЗНАЕЈЌИ ГИ НЕГАТИВНИТЕ ЕФЕКТИ ОД ПРИМЕНАТА НА НАВЕДЕНИТЕ ЗАШТИТНИ МЕРКИ, ПРОТЕКЦИОНИСТИЧКИ НАСТРОЕНАТА АМЕРИКАНСКА АДМИНИСТРАЦИЈА НАЈВЕРОЈАТНО ОВОЈПАТ ЌЕ СЕ ОДЛУЧИ ЗА ПРИМЕНА НА ДОПОЛНИТЕЛНИ ЦАРИНИ ВРЗ ОСНОВА НА НЕЕКОНОМСКИ ЦЕЛИ, ОДНОСНО ЗА ЗАШТИТА НА НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ

Во 1975 година Шведска вовела ограничувачки квоти за увоз на чизми повикувајќи се на исклучокот за национална безбедност. Нејзиното оправдување било дека сака да има гарантирано домашно производство на чизми што ќе гарантира дека земјата нема да има недостиг од чизми за војската во услови на војна. Иако чудно, овие аргументи на тогашната Влада на Шведска биле протолкувани како оправдани од нејзините трговски партнери. Исклучокот за национална безбедност бил применет и од САД во 1985 година кога Владата на Америка вовела ембарго кон трговијата со Никарагва. Владата на Никарагва покренала спор во тогашната ГАТТ спогодба и Панелот одлучил дека САД не ја прекршиле спогодбата. Ова е единствен случај во кој примената на исклучокот за национална безбедност била предмет на спор и спорот да завршил со одлука. Во друга ситуација, САД во 1996 година повикувајќи се на овој исклучок забраниле повеќе економски активности со Куба. На примената на тие мерки се пожалила Европската Унија и иако изгледало дека решението многу тешко ќе се донесе, спорот не отишол до крај и завршил со договарање заемно прифатливо решение меѓу Унијата и САД во 1997 година.

Иако насловот на самиот член XXI за национална безбедност укажува дека товарот на докажување за оправданоста на исклучокот е на страната што го применува, во случајов САД, многу поверојатно е дека тие ќе играат на картата на започнување спор во рамките на механизмот на СТО што би имал исклучително тешка и неблагодарна задача да процени дали дополнителната царина што ја најави американскиот претседател за увозот на челик и алуминиум е неопходна за зачувување на националната безбедност на земјата!

ОНА ШТО СО СИГУРНОСТ МОЖЕМЕ ДА ГО КАЖЕМЕ Е ДЕКА ПРИМЕНАТА НА ДОПОЛНИТЕЛНИ ЦАРИНИ ОД СТРАНА НА КОЈА БИЛО ЗЕМЈА ВОДИ КОН ПОТКОПУВАЊЕ НА ТЕШКО ИЗГРАДЕНИОТ МУЛТИЛАТЕРАЛЕН ТРГОВСКИ СИСТЕМ

Последните најави за можното започнување трговска војна укажуваат дека САД размислуваат да не ги применат најавените царини кон увозот од Австралија, привремено да ги исклучат Канада и Мексико како дел од регионалната интеграција што заедно ја сочинуваат – НАФТА, па дури има и најави дека Европската Унија би можела да докажува дека нејзините производи не се закана за националната безбедност на САД. Оттаму има најави кои укажуваат дека вистинскиот таргет на примената на овие мерки треба да биде Кина и дека е можно повторно проблематизирање за нејзиниот статус на „непазарна економија“ што важеше до 2016 година во рамките на СТО и дозволуваше примена на дополнителни заштитни мерки од страна на другите земји по послаби критериуми. Најавите одат дотаму што наскоро се планира воведување дополнителни царини за стоки од информатичката технологија, телекомуникациите и други потрошувачки добра што доаѓаат од Кина.
Како и да е, конечната одлука ќе биде донесена и најавените царини најверојатно ќе почнат да важат. Со оглед на тоа што не може со сигурност да се каже ниту точно за кои производи ќе важат ниту кои земји ќе бидат исклучени од примената, многу е тешко да се прогнозира развојот на оваа „трговска војна во перспектива“. Сепак, она што може да се потврди од економската теорија и историското искуство на трговски војни е дека добивките што треба да ги остварат заштитените индустрии и дополнителните приходи од наплатената царина ќе бидат помали од загубите во останатите индустрии вклучени во производниот процес, ќе има загуби на работни места и индиректни загуби за потрошувачите. Всушност, и во таа насока американските корпорации потпишале петиција за непримена на најавените царини. Петицијата е поддржана од повеќе од 30 000 членки на Стопанската комора на САД, 65 000 членки на Националната асоцијација на мали бизниси и други 45 трговски здруженија. Од другата страна, поддржувачи на оваа протекционистичка политика се 3 поголеми асоцијации во кои членуваат нешто повеќе од 150 компании.

Со оглед на тоа што е многу тешко да се пишува и да се толкуваат настаните што се одвиваат во моментов, она што со сигурност можеме да го кажеме е дека примената на дополнителни царини од страна на која било земја води кон поткопување на тешко изградениот мултилатерален трговски систем.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top