Општество
ДВЕ МАКЕДОНИИ...

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Денес, додека го пишувам овој текст (20 март), не знам што ќе се случи утре. Природата на пишување и на читање текстови во месечно списание ни создава чувство дека интернет не постои, дека светот се вратил од петта во втора брзина и дека можноста за удирање во карпа или паѓање во бездна сепак е предмет на вештината на возачот и на прилагодувањето на брзината. И тоа е едно навистина добро чувство бидејќи во изминативе 30 дена, а и во претходните 30 и сè така понатаму, навистина ништо не се случило. А тоа ништо сепак не е мала работа имајќи предвид дека социјалните мрежи и секојдневните кафе-муабети се исполнети со морничави провиденија за распадот на светот, со посебен акцент на нашава држава.
Но, имајќи ги предвид постојните и потенцијалните негативни последици од донесувањето на Законот за употреба на јазиците и немањето слух и тактичност за дебата и за процедура при донесувањето на Законот, се наоѓаме во една тешка ситуација која не гарантира успех за реформската агенда. Имено, од онаа претходна чиста позиција кога нема избори на повидок и кога теренот за решавање на проблемот со името се чинеше израмнет, ја имаме главната опозициска партија која влегува во некаква речиси предизборна кампања (од мај!) и ја имаме главната албанска партија која френетично турка два паралелни проекти: Законот за јазици и решавање на спорот со името. И тоа какво спектакуларно туркање: директно со главата во ѕид по двете прашања! Практично она што остана како главно прашање на агендата на сегашната влада е спорот со името во чиј финиш влегуваме со преполовен капацитет, дополнително генериран и поради хаосот што го предизвика Законот за јазиците. Просто е неверојатно, навраќајќи се еден месец порано, да се разбере како е можно да дојдовме до тука и како е можно на државата постојано да ѝ се ставаат сопки (или сама да се сопнува) за да тргне напред. Се осмелувам и да предвидам (ако во меѓувреме тоа веќе не е и објавено на некој начин) дека преговорите со името се доведени во пат позиција и дека мали се шансите овој проблем да биде решен во ова шестмесечје. И покрај сето ова, со ваквиот очекуван развој повторно нема да пропадне државата. Но, она што и понатаму ја „тресе“ државата од темел се грдите поделби во општеството, поделби кои, ете, не завршија со падот на Груевски, наспроти силните пароли испраќани во таа насока.

ДВЕ МАКЕДОНИИ Е ОБИД ДА СЕ НАПРАВИ ОГЛЕДАЛО НА РЕАЛНОСТА ЗА ТЕШКИТЕ ПОДЕЛБИ КОИ ЈА СНАЈДОА ДРЖАВАВА. ИМА ЛИ ВИСТИНА ВО ОВОЈ КОНСТРУКТ? НА КОИ ОПШТЕСТВЕНИ, ЕКОНОМСКИ, ИСТОРИСКИ И ПОЛИТИЧКИ ПРЕТПОСТАВКИ СЕ ТЕМЕЛИ ТОЈ? И ШТО КАЖУВА СЕТО ОВА ЗА ВИТАЛНОСТА НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА? И КОНЕЧНО, ДАЛИ КОНСТРУКТОТ ЈА ПРЕСОЗДАВА РЕАЛНОСТА ИЛИ ПАК РЕАЛНОСТА (ПОДЕЛБИТЕ) Е ИНСПИРАЦИЈА ЗА КОНСТРУКТОТ?

Приказната за две Македонии е јазички и социјален конструкт кој излезе на површина изминативе десетина години. Ова двојство се однесува на поделбите по партиска, идеолошка и најверојатно социјално-културолошка линија на македонскиот народ. Нека изгледа нескромно, но и јас бев еден од кумовите на оваа кованица обидувајќи се да разберам што е тоа што толку ме обременува и ми прави нелагодност во македонското општество. Две Македонии е обид да се направи огледало на реалноста за тешките поделби кои ја снајдоа државава. Има ли вистина во овој конструкт? На кои општествени, економски, историски и политички претпоставки се темели тој? И што кажува сето ова за виталноста на македонската нација? И конечно, дали конструктот ја пресоздава реалноста или пак реалноста (поделбите) е инспирација за конструктот?

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се двете партии кои еманираат две различни граѓански структури во македонското општеството, структури кои дополнително се диференцираат и отаде македонската граница, во дијаспората. Оваа константа и линија на поделба се покажува како многу пргава од осамостојувањето до денес. Тука не е баш јасно кој е кокошката, а кој јајцето, но ми се чини дека и кокошката и јајцето се раѓаа синхронизирано, хранејќи се меѓусебно. Малите партии, кои повремено се појавуваа(т) како изданоци на овие две мега структури и не нудат квалитативен исчекор, се само аргумент плус за пргавоста и точната дијагноза за нашето поделено општество.

На пример, мојот личен став за постоењето на две Македонии (една која се бори за слобода, а друга која милува ропство, една сдсмовска, а друга вмровска) денес е променет. Сè уште мислам дека постојат две Македонии, но извориштето на едната и на другата има различна идејна и идеолошка основа, а двете ги врзува клиентелизмот и мрзеливоста за подлабоко промислување на корените и на мотивите на сопственото дејствување. Тоа ги прави едноставни, совршени и сложни непријатели, подготвени до крај да го бранат своето од другото.

Кога овие две Македонии би се погледнале во огледало и кога внимателно и чесно би ги проучиле сопствените недостатоци, би разбрале веројатно дека најдобро е да си подадат рака, барем на неколку точки кои би биле погонско гориво за одење кон подобро. На ироничен начин тие мора се помират бидејќи во различни историски отсечки и двете покажаа дека не ги бива, дека се од едно исто направени, од ист штоф ткаени, па распорени.
Всушност, кои сме ние?

За да ги прикажам на едноставен начин ќе морам малку да стереотипизирам, па нека ми простат оние кои не се пронашле во стереотипот, а јас знам дека најгласни критичари ќе бидат токму оние кои се дел од едната или од другата Македонија.
Првава, самонаречена прогресивна и либерална Македонија, упорно и драматично секојдневно потфрла во разбирањето на, да ја наречеме втората, конзервативна Македонија. Вторава, пак, покажува неверојатен бес, напати омраза и агресивен пристап кон првата.

НЕКА СЕ СРДАТ КОЛКУ САКААТ, НО ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ЛИБЕРАЛНАТА/ПРОГРЕСИВНА ЈАВНОСТ МОРААТ ДА ЗНААТ ДЕКА НИВНАТА ОДГОВОРНОСТ ВО ИГРАТА НА ОПШТЕСТВЕНАТА ШАХОВСКА ТАБЛА СЕКОГАШ Е ПОГОЛЕМА БИДЕЈЌИ ИСТОРИСКИ И ФАКТИЧКИ ТИЕ СЕ ЛОКОМОТИВАТА КОН ПРОГРЕСОТ, ДОДЕКА КОНЗЕРВАТИВНАТА ЈАВНОСТ ЦВРСТО ГИ ДРЖИ СОПИРАЧКИТЕ И МУ ВЕЛИ НА ПРОГРЕСОТ „СТОП! ЗАБАВЕТЕ МАЛКУ! НЕ СМЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ОДИМЕ СО ТАКВА БРЗИНА БИДЕЈЌИ МОЖЕМЕ ДА ИЗЛЕТАМЕ ОД ШИНИТЕ НА ИСТОРИЈАТА“

Но, ајде прво малку теорија. Либералите/прогресивци имаат големи очекувања, и од себе и од човекот кој кај нив секогаш е со големо „Ч“. Конзервативците немаат такви очекувања. Напротив. Човекот е слаб и несовршен, велат конзервативците, но затоа секој негов макар и мал успех е голема работа. Прогресивците велат дека прашањата се решаваат со просветлени одлуки донесени од политичката елита со помош на државниот апарат. Конзервативците се плашат од државата и од државниот апарат. Далечни им се и туѓи. За нив најважно е меѓу човекот (индивидуата) и државата да има нешто! Некакви интермедијарни институции. Семејство, тајфа, друштво, црква/џамија, невладина организација, задруга, уметнички ансамбл... нешто што ќе значи блискост и истородност со целиот ризик таквата истородност да може да произведе нетрпеливост и конфликт со другиот. Ако меѓу индивидуата и државата постои бездна, тогаш одиме кон авторитарна власт и тоталитарно општество во кое државата знае сè и целосно го претставува (репрезентира) немоќниот индивидуалец. Државен апарат во кој знаењето е сила и знаењето е моќ е тоталитарна држава, велат конзервативците.

Самопрогласените скопски Пјербурдиеовци, Мишелфукоовци и Аланбадиеовци како упорно да ја туркаат конзервативната Македонија сè подесно и подесно, не оставајќи ѝ простор за дишење и разумна општествена артикулација. Со своите либерални филипики, оваа Македонија ја исклучува другата Македонија од животниот простор. Либералната Македонија се однесува како несигурен шерпас кој води неопитни и неопремени планинари на хималајските врвови, додека планинарите панично врескаат „ама ние сакаме да останеме во подножјето, се плашиме да одиме на врвот и не сакаме да знаеме што има таму“.

Нека се срдат колку сакаат, но претставниците на либералната/прогресивна јавност мораат да знаат дека нивната одговорност во играта на општествената шаховска табла секогаш е поголема бидејќи историски и фактички тие се локомотивата кон прогресот, додека конзервативната јавност цврсто ги држи сопирачките и му вели на прогресот „Стоп! Забавете малку! Не сме подготвени да одиме со таква брзина бидејќи можеме да излетаме од шините на историјата“.
Либералната Македонија нема право да не знае (напротив, има одговорност да знае!) дека ваквото туркање во десно на крајот не се сведува на ништо друго освен на порив за грабеж и опасно одење по жица од страна на десните популистички политички елити. Но, тоа „десно“ (колку и да е извитоперено во македонските услови) упорно бркнува во окото на тоа „лево“ и покажува дека сепак постои некаков општествен екстракт кој многу граѓани го препознаваат и сакаат да се идентификуваат со него, па макар тоа да се нарекува нација и национализам.

Другиот, пак, конзервативниот Македонец, не е сигурен во себе, се кае за својата алчност, егоизам и неодговорност при давањето на својот глас на избори. Постојано се преиспитува и гледа дека неговиот простор, и духовен и физички, се стеснува. Тоа му создава фрустрација и ново и уште подлабоко пикање во удобноста на националистичката черупка.

Да не заборавиме дека вторава Македонија денес е на колена, посрамена, понижена, но најмногу злоупотребена од своите, во основа клептомански, врвни политички претставници. Таа во моментов не е сигурна што треба да прави. Затоа прислушкуваните разговори беа крајно непријатни за ушите и разорни по психата на десниот гласач бидејќи ја открија големата измама и сега тешко оди опоравувањето. Како резултат на овие трауми, се чини дека, на краток и можеби на среден рок, конзервативната Македонија е подготвена да ги проголта сите политички решенија на либералната Македонија. Таа денес нема морална сила да се брани бидејќи долги години била на страната која се покажала како погрешна за нејзината сопствена кауза. Тоа сè ми се чини дека се однесува и на решавање на проблемот со името, како уште една во серијата на нечестиви одлуки кои либералната Македонија мора да ги потпише за државава да опстои како таква држава. Но, оваа Македонија исто така гордо негувајќи го нарцизмот на малите разлики верува дека никогаш нема да ѝ прости на првата Македонија за моментот на искористување на шансата и „продавање“ на Македонецот и на Македонија, иако досега неколкупати ѝ простила, особено по драматичната 2001 година.

МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ НЕ Е МРТОВ, АМА НЕ Е НИ ЖИВ. ПРАШАЊЕ Е ДАЛИ ПОСТОЕЛ ВООПШТО ИЛИ Е ВЕШТ И СЕПАК ДОБРОНАМЕРЕН КОНСТРУКТ ВО ЛАБОРАТОРИИТЕ НА ГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ УНИВЕРЗИТЕТИ (ДОМИНАНТНО ЛИБЕРАЛНИ!), ПОАЃАЈЌИ ОД НЕМОЖНОСТА ДА СЕ АКОМОДИРААТ РАЗЛИЧНИТЕ ГРУПИ (НАЈЧЕСТО ЕТНИЧКИ, НО ВО МАКЕДОНСКИОВ СЛУЧАЈ И ВНАТРЕЕТНИЧКИ) ВО ЕДЕН ДОМИНАНТЕН КОНЦЕПТ НА НАЦИЈА-ДРЖАВА

Во деведесеттите години на минатиот век, транзицијата кон пазарна економија и демократија тврдоглаво ги негуваше овие разлики. Грубо кажано, таа создаде една општествена структура (или еманација на таа структура) на една прогресивна, но во основа нетолерантна Македонија, идеологизирани граѓани и гласачи со по неколку пароли на реверите, но без некаков изграден репер и компас во однос на важните прашања за иднината на државава. Оваа Македонија некако постојано вреска ЕУ/НАТО! ЕУ/НАТО! и на моменти некритички (другава Македонија би рекла „сервилно“!) ги прифаќа сите рецептури и плодови кои ги нуди Западот. Другата Македонија се раѓаше во пазувите на оние кои би ги нарекле „д хев нотс“ (the have-nots) или оние кои немаат, еве да ги крстиме „немачите“. Обесчестени, осиромашени, со одземени „ингеренции“ во културолошки и економски поглед, гледајќи од малите замандалени прозорчиња на нивните домашни тврдини, овие граѓани развиваат природен реакционерен инстинкт кој нема проблем да заврши во фашизам доколку „некој тоа добро им го објасни“ и доколку лаконски поставената партиска рака редовно го полева. Оваа Македонија на „немачите“ е загрижена за себе и сопствената загриженост најчесто ја проектира кон другиот: Албанец, Грк, странец, ЕУ, НАТО, а последниве десетина години таа проекција најчесто се однесуваше на домашните „предавници“, т. е. целава либерална Македонија.

На прв поглед, па дури и на втор, овие две Македонии изгледаат како да се меѓусебно непомирливи. Сепак, во едно мирно и стабилно општество овие две линии можат да бидат конвергентни, дури и да се допираат повремено обединувајќи се за некакви клучни прашања за иднината и за минатото. Но, често тие линии се дивергентни, имаат различни погледи на светот, различни интереси, различни ставови и различни стравови.

Умешноста на политиката и на јавноста (одговорната јавност) е да се обиде да ги натера тие дивергентности да научат да коегзистираат. Не плашете се, коегзистенција не значи вткајување на различностите во едно цело и едно еднолично. Мултикултурализмот не е мртов, ама не е ни жив. Прашање е дали постоел воопшто или е вешт и сепак добронамерен конструкт во лабораториите на големите светски универзитети (доминантно либерални!), поаѓајќи од неможноста да се акомодираат различните групи (најчесто етнички, но во македонскиов случај и внатреетнички) во еден доминантен концепт на нација-држава.

Се разбира, албанскот корпус, или третата Македонија, е приказна за себе и тој е последниот важен дел од пузлето наречено македонска салата. Тој има свој хабитус, своја енергија и свои интереси и ставови, иако голем дел од тие погледи се прекршуваат преку леќите на најблискиот друг, т. е. Македонецот. Албанците во Македонија од пред неколку дена станаа граѓани од прв ред, откако нивниот самоназначен водач ги прогласи за такви, официјално затварајќи го нивното етничко поглавје. За албанското прашање, за граѓанскиот концепт и за мултукултурализмот ќе се осврнам во наредниот текст.

Овие три делови од сложувалката и нивниот правилен меѓусебен распоред ги кријат причините, последиците и можните клучеви за добар исход за иднината на државава која денес и во последниве 25 години се нарекува Република Македонија, а и утре и задутре ќе треба да собереме сила и мудрост за да продолжиме да ја сакаме како Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top