Општество
СВЕТОТ НЕПОВРАТНО СЕ МЕНУВА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Минатиот број ги разгледувавме предвидувањата за маркетинг комуникацијата во 2018 година, особено во насока на промените кои се случуваат во медиумите за масовно информирање. Она што е очигледно е дека сегментот дигитал во светски рамки веќе ја престигнува телевизијата, но во исто време светот почна да развива одбранбени механизми за заштита од една од најголемите закани – лажните вести. Сепак, за најинтересни ги сметам предвидувањата за употребата на вештачката интелигенција, во моментов најмногу насочена кон т.н. њузботови (newsbots) кои успеваат од галиматијасот пораки на социјалните мрежи, преку учење на движењето на „галамата“, предвреме да ги одредат фактичките од лажните вести во создавањето на т.н. новинарска „предност“. Заклучокот е дека светот влегува во една предвидлива фаза на непредвидлив развој. Јасно ни е дека вештачката интелигенција е „следното големо“, но никој не може точно да предвиди каде.
Веројатно ограничувањето доаѓа и од самата потреба да се согледаат предвидувањата до крајот на годината, а ако се има предвид дека веќе влегуваме во третиот месец од оваа година, предвидувањата „за час“ ќе дојдат. Станува значително поинтересно кога ќе се сретнете со подлабоките анализи, оние кои се обидуваат да го превидат подолгорочниот импакт од употребата на вештачката интелигенција. Општествените, па ако сакате и филозофските предизвици од појавата и имплементацијата на вештачката интелигенција во својата книга „Длабоко размислување: Каде интелигенцијата на машините завршува, а креативноста на луѓето почнува“ систематски ги разработува Гари Каспаров, веројатно еден од најдобрите шахисти на сите времиња и исто така веројатно еден од најинтелигентните луѓе на планетава. Иако неговите анализи и предвидувања се однесуваат повеќе за општествениот развој, тие во својата основа ги разгледуваат предизвиците кои потекнуваат од човечката креативност и нејзината употребна вредност. Според неговите анализи, во 2016 година за само 4 % од работните места во САД креативноста како вештина била неопходна, што говори дека речиси сите работни места кои во моментов се актуелни, во блиска иднина ќе можат да бидат автоматизирани. „Тоа е исто како и со појавата на машините во индустриската револуција, но набргу, со развојот на вештачката интелигенција, машините ќе ги заменат дејностите од терцијалната индустрија каде што се наоѓаат луѓето со универзитетски дипломи и оние кои во моментов се влијателни на социјалните мрежи“, ќе истакне Каспаров во своите настапи. Според него „набргу“, т. е. во доволно блиска иднина за да можеме да го спознаеме како општествен феномен, најголемиот број од сегашните активности и услуги за кои знаеме дека претставуваат „човечки“ производ, всушност ќе бидат заменети од машини кои тоа ќе го прават подобро, поевтино и сигурно побрзо. Тоа, смета Каспаров, ќе преставува придобивка за оние кои ќе знаат да се адаптираат на новото време, т. е. да бидат доволно креативни за да пронајдат нова употребна вредност онаму каде што машините тоа не го можат. Она на што Каспаров сепак предупредува е дека овие придобивки, иако веројатно ќе влијаат позитивно во развојот на западната цивилизација или во т.н. „слободно“ општество, тие ќе претставуваат и алатка за автократските режими со која полесно ќе ги контролираат масите, полесно ќе ги заситуваат нивните апетити за пропаганда, полесно ќе ги контролираат известувањата, комуницирањето, дури и она приватното итн. Каспаров предвидува дека со унапредувањето на алатките и можностите кои доаѓаат со напредокот на вештачката интелигенција ќе се зголеми разликата меѓу развиените и неразвиените демократии.

СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО ЕДНА ПРЕДВИДЛИВА ФАЗА НА НЕПРЕДВИДЛИВ РАЗВОЈ. ЈАСНО НИ Е ДЕКА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Е „СЛЕДНОТО ГОЛЕМО“, НО НИКОЈ НЕ МОЖЕ ТОЧНО ДА ПРЕДВИДИ КАДЕ

Иако предвидувањата на Каспаров се однесуваат само на вештачката интелигенција и нејзината употреба, сериозен општествен предизвик претставуваат начинот и брзината со кој се обликува јавното мнение и како тоа во иднина ќе влијае на идните општествени движења. Сет Арнстеин е долгогодишен новинарски уредник кој одблиску ги следи трендовите на комуникацискиот развој. Тој прави анализа на известувањето за моментално најактуелната тема во американските медиуми, масовното пукање во средното училиште во Флорида, каде што 17 луѓе беа убиени и најмалку двојно повеќе повредени. Како долгогодишен новинар Арнстеин прави анализа на јавното информирање за масовното пукање во Флорида со она во месноста Колумбин, во Денвер, Колорадо, во 1999 година, кое се смета за прво масовно пукање во американските средни училишта од современ тип. Тука е секако брзината со која општеството, но и поблиската околина дознава за настанот. Во 1999 година, вработени во канцелариите спроти училиштето во Колумбин со часови не биле свесни дека преку улицата се случува страшно масовно пукање и заложничка драма. Тоа е време на широко распространета употреба на интернетот, но исто така времето пред социјалните мрежи и пред масовната употреба на мобилните интернет уреди. Поширокото општество, пак, целосните информации ги добива многу, многу подоцна, кога телевизиите успеваат да најдат по некоја снимка од камерите за надгледување или од некој за тоа време многу редок минувач со камера, како и да разговараат со некој од сведоците. Денес, посочува Арнстеин, во првите минути од пукањето младите средношколци испраќаат снап-чет видеопораки до своите пријатели кои подоцна ги споделуваат на Твитер од каде што со светлосна брзина се информира пошироката јавност и од каде за кратко време њузботовите од почетокот на текстот почнуваат да ги креираат вестите кои се споделуваат на Фејсбук во практично секоја канцеларија. Овие, и слични вакви алатки (барем во САД) ги употребуваат и службите за безбедност, па преку геотагирање ги предупредуваат сите Фејсбук и Гугл профили за кои ќе препознаат дека се наоѓаат во близина и внимателно ги насочуваат на безбедна далечина. Иако нам, од оваа дистанца, ова не ни изгледа нималку фантастично, истите ние во 1999 година би биле вчудоневидени од можностите кои сега ни изгледаат нормални.

ИАКО СÈ УШТЕ ДЕБАТАТА НЕ Е ЗАВРШЕНА, ПРЕТПОСТАВКИТЕ СЕ ДЕКА ЗА ПРВПАТ ПОЛИТИКАТА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПОСЕДУВАЊЕТО ОРУЖЈЕ ВО АМЕРИКА ВСУШНОСТ МОЖЕ И ДА ОБЕЗБЕДИ ПОБЕДА ВО ЈАВНОСТА И ПОБЕДА ВО СМИСЛА НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ЗАКОНСКО ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПОСЕДУВАЊЕТО ОРУЖЈЕ

Но, промените не се однесуваат само на начинот на информирање на потесната и пошироката јавност, туку и во развивање на јавната свест. Огромниот број фотографии и видеа од масовното пукање, мртвите тела, лелекот на ранетите, практично вистинските и реални видео и фотоматеријали направени со стотиците телефони кои денес секој еден ги поседува вршат огромно влијание и врз севкупното движење на јавното мнение. Силното влијание предизвика масовна поддршка во борбата за ограничување на поседувањето оружје од страна на познати личности, влијателни поединци итн. Натаму младите претставници на прогресивната либерална мисла преку социјалните мрежи веќе организираа огромни маршеви и сè поочигледно е дека немаат намера да престанат. Во моментов додека го пишувам овој текст, Националната асоцијација за оружје (NRA) е под незапаметен притисок за ограничување на продажбата на оружје, притисок од кој и покрај сериозните активности кои ги спроведува не може соодветно да се одбрани. Иако сè уште дебатата не е завршена, претпоставките се дека за првпат политиката за ограничување на поседувањето оружје во Америка всушност може и да обезбеди победа во јавноста и победа во смисла на обезбедување законско ограничување на поседувањето оружје.

Тоа, смета Арнстеин, говори дека заедно со развојот на алатките не се промени само брзината на информирање, туку и брзината на менување или оформување на различното мислење. Луѓето се тие, истите, кои до пред неколку недели не дозволуваа ограничување на поседувањето оружје, а денес маршираат со своите деца во барањето токму на таквото ограничување. Инцидентот е сличен како и оној од пред безмалку 20 години во Колумбин, Денвер, но импактот врз јавноста од двата инцидента е значително различен.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top