Интервјуа
ВО РАБОТЕЊЕТО СО ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ИНОВАЦИИТЕ СЕ СЕКОЈДНЕВНИ

Киро Чадиковски
Директор на Дирекција за банкарски картички и трансакциски сметки, Комерцијална банка ад Скопје

Во моментот кога се воведоа платежните картички во Репубика Македонија, тие предизвикаа своевидна „револуција“ во економијата, како во банкарскиот сектор, така и во трговијата и кај личната потрошувачка. Каква е Вашата генерална оценка за случувањата кај платежните картички во периодот од нивното воведување наваму?

К. Чадиковски: Ерата на платежни картички во Република Македонија започна во 1995 година кога Комерцијална банка АД Скопје ја издаде првата меѓународна картичка во соработка со Јуропеј интернешнл (Europay International (сегашен Мастеркард ворлдвајд (MasterCard Worldwide)), со што стана прва банка во Република Македонија која започна соработка со високоразвиена меѓународна финансиска институција од областа на платните системи. Почетоците во овој сегмент од банкарското работење беа многу бавни и тешки, картичките повеќе се перципираа како имиџ и статусен симбол отколку како платежен инструмент. Од друга страна беше речиси невозможно брзо да се изгради инфраструктура за прифаќање на картички бидејќи до трговците не допираа бенефитите на овој посовремен инструмент, споредено со граѓанските чекови, кои масовно се користеа во тоа време, а секако цената на ПОС-терминалите во тоа време беше и значително повисока. Во таа насока, развојот на платежните картички во првата декада од нивното постоење во Република Македонија лично би го дефинирал повеќе како еволутивен процес, отколку како револуција. Нивната масовност започна во периодот од 2006 до 2008 година со низа промени во законската регулатива, кога реално започна нивното секојдневно користење. Оттогаш почна процесот на динамични промени во банкарскиот сектор на овој план. Според мене клучен момент е последниот квартал во 2012 година кога за првпат со картички се направени повеќе трансакции во трговијата, отколку за подигнување на готовина од банкомат. Гледано од денешна инстанца, веќе сите деловни банки соработуваат со најмалку една меѓународна платежна институција од областа на картичките, имаат голема понуда на производи од сите категории, активно работат на промените на нивиките на своите клиенти за нивна почеста употреба, трговците проактивно ги користат во своите маркетинг кампањи, со еден збор, платежните картички се доминантен безготовински платежен инструмент во Република Македонија. Само за споредба, во текот на 2017 година населението во земјава направило 3 пати повеќе трансакции на ПОС-терминал, отколку кредитни трансфери.

СОГЛАСНО ПОСЛЕДНИТЕ ПОДАТОЦИ НА НБРМ, ВО МАКЕДОНИЈА ИМА НАД 1.000 БАНКОМАТИ И ОКОЛУ 32.000 ПОС ТЕРМИНАЛИ

Каква е сегашната состојба на пазарот на платежни картички во земјава гледано од аспект на инфраструктурата, на понудата на банките, но и на навиките на клиентите?

К. Чадиковски: Гледано од извештаите на НБРМ, кои ги презентираат податоците за платежните картички издадени во земјава, може да се забележи дека бројот на картички во оптек континуирано расте, но со различна динамика. Банките сè повеќе нудат разноликост на можностите и на привилегиите кои ги поседуваат самите картички од една страна, а клиентите се повеќе пребирливи и го оптимизираат своето портфолио на платни инструменти. Клиентите полека ја сфаќаат поволноста на користењето на картичките како платежен инструмент, дополнителните бенефити кои ги уживаат преку нивната употреба, поради што континуирано се зголемува нивната употреба за плаќање на производи и на услуги, а не само за подигнување готовина. Тоа придонесува клиентите сè повеќе да ги менуваат сопствените навики на чување на готовина во паричникот, а тоа може да се забележи преку сè поразвиената мрежа на ПОС-терминали низ земјава, како и заинтересираноста на трговците за поставување на сѐ повеќе уреди за виртуелна продажба, односно воспоставување електронска трговија (e-commerce). Во согласност со последните податоци на НБРМ, во Македонија има над 1 000 банкомати и околу 32 000 ПОС-терминали. Реално бројот на банкомати е сосема доволен, но треба да се поработи на подобра географска распространетост бидејќи најголемиот број се поставени во урбаните центри. Од друга страна, бројот на ПОС-терминали е далеку од оптималниот број, споредено со преку 70 000 фискални каси колку што има во Република Македонија. Сепак, само за илустрација, во месец декември 2017 година направени се преку 7,6 милиони трансакции со картички, односно 2,84 трансакции/секунда, што значи дека сме на добар пат. Сепак Република Македонија е мал и добро регулиран пазар, што делумно го кочи развојот на финтеч (Fintech) компаниите во земјава, па од тие причини банките се најиновативни компании.

Што покажува споредбата со регионот, како стои пазарот на платежни картички во Република Македонија?

К. Чадиковски: Анализата на пазарот на платежни картички може да се направи од три аспекта: понудата на видови производи, примената на нови технологии и навиките на клиентите. За првите два аспекта без никаков соомнеж ќе констатирам дека сме рамо до рамо со регионот, а во некои сегменти сме и лидери. Покрај иновациите од минатото, неодамна Комерцијална банка АД Скопје беше прва банка во земјава која воведе бесконтактни мобилни плаќања со дигитализирани и токенизирани картички, односно првата банка во регионов која ја овозможи оваа услуга во соработка со Мастеркард (Mastercard) преку нивната МДЕС-платформа (MDES).
Сепак, за последниов аспект, односно навиките на клиентите, честотата на користење, како и просечната висина на поединечна трансакција, покрај добрата понуда на производи, напредната инфраструкура и имплементирана безбедност, потребна е и посилна економија. На ова поле сепак има уште многу простор за подобрување на статистиките, лично јас сум голем оптимист дека набргу ќе се подобрат и овие показатели.

Како е позиционирана Комерцијална банка АД Скопје на пазарот на платежни картички?

К. Чадиковски: Можеби малку нескромно, но мојата лична оценка е дека Комерцијална банка АД Скопје е најиновативната банка во овој сегмент од банкарското работење. Во периодот 1995 – 2018 година банката реализираше неколку круцијални и револуционерни активности во работењето со картички во Република Македонија. Гледано хронолошки, освен издавањето на првата платежна картичка, во 1996 година Комерцијална банка ги постави првите банкомати и првите ПОС-терминали во Република Македонија, во 1999 година ја издаде првата бизнис-картичка во земјава, во 2006 година го инсталираше првиот мобилен ГПРС ПОС-терминал и првиот драјв ап (drive up) банкомат во Македонија, во 2011 година воведе е-комерц (e-commerce) трансакции, во 2013 година прва издаде премиум платинум картичка, беше прва банка која во 2015 година во целост го заокружи процесот на бесконтактни плаќања со двете најголеми платежни институции Виза (Visa) и Мастеркард (MasterCard) од аспект на издавање и на прифаќање на картички итн. Како што веќе напомнав, последно и најактуелно е мобилната апликација компеј (KomPay) со која се овозможува бесконтактно дигитално плаќање преку мобилен телефон. Верувам дека сето ова е само мал показател за иновативноста на банката која во изминативе 23 години континуирано инвестираше во сопствената хардверско-софтверска платформа за работата со картички, во едукација на клиентите за промена на навиките и употреба на платежните картички и нивно зголемено користење на продажните места. И покрај големата конкуренција, Комерцијална банка бележи значаен удел на пазарот на платежни картички. Банката се стреми континуирано да ја задржи својата досегашна позиција, како и да се движи кон зголемување на пазарното учество преку воведување нови и унапредување на веќе постоечките картички, нови функционалности, поволности, зголемена безбедност и нови технологии. Веруваме дека препознатливоста како банка пионер во повеќе области поврзани со платежните картички ќе остане на високо ниво.

Комерцијална банка ад Скопје лансираше нов производ. Кажете ни подетално за што станува збор? Какви придобивки им овозможува новиот производ на клиентите на банката?

К. Чадиковски: Комерцијална банка прва во Македонија ја воведе компеј (KomPay) мобилната апликација за спроведување бесконтактни мобилни плаќања на продажни места. Со оваа апликација се врши дигитализација на мастеркард (Mastercard) картичките издадени исклучиво од банката, на мобилни уреди кои имаат Андроид (Android) оперативен систем, кои со помош на НФЦ-технологијата (NFC) можат да спроведуваат бесконтактни мобилни плаќања. Компеј (KomPay) е првата апликација од овој вид во регионов и со неа мобилниот телефон станува мобилен паричник. Едноставноста, брзината и сигурноста се некои од клучните предности на оваа апликација. Апликацијата може да се употребува како во земјава така и во странство и нуди можност плаќањата да се спроведуваат со и без интернет-конекција. Ни претставува огромно задоволство на нашите клиенти да им ги понудиме најсовремените светски текови во доменот на дигиталните плаќања.

КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ПРВА ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ВОВЕДЕ КОМПЕЈ (KOMPAY) МОБИЛНАТА АПЛИКАЦИЈА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ БЕСКОНТАКТНИ МОБИЛНИ ПЛАЌАЊА НА ПРОДАЖНИ МЕСТА. СО ОВАА АПЛИКАЦИЈА СЕ ВРШИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА МАСТЕРКАРД (MASTERCARD) КАРТИЧКИТЕ ИЗДАДЕНИ ИСКЛУЧИВО ОД БАНКАТА, НА МОБИЛНИ УРЕДИ КОИ ИМААТ АНДРОИД (ANDROID) ОПЕРАТИВЕН СИСТЕМ, КОИ СО ПОМОШ НА НФЦ-ТЕХНОЛОГИЈАТА (NFC) МОЖАТ ДА СПРОВЕДУВААТ БЕСКОНТАКТНИ МОБИЛНИ ПЛАЌАЊА.

Во модерното време неизбежно е прашањето за безбедноста на ваквите производи. Што би ни кажале во врска со тоа?

К. Чадиковски: Безбедноста на компеј (KomPay) мобилната апликација се темели на избор и примена на сигурни и светски признати технологии, како и нивна секојдневна употреба низ добро дефинирани процедури и низа заштитни мерки. Истовремено се посветува внимание и на градење врвно обучен кадар и преземање соодветни активности за информирање на корисниците. Апликација се базира на МДЕС-платформата (MDES (MasterCard Digital Enablement Service)), која е прва воведена за спроведување дигитални трансакции и ХЦЕ-технологија (HCE (Host Card Emulation)), а таа е овозможена од страна на Јупејд пејмент солушнс (uPaid Payment Solutions) кои се посредник и опслужувач на банката за мобилната апликација компеј (KomPay). Со сето ова се гледа дека станува збор за високо заштитена технологија која, освен што е овозможена со висококвалитетни стандарди, е безбедносно усогласена со стандардите на Мастеркард (MasterCard).
Покрај транспарентно објавените совети за безбедно користење, банката на сите клиенти им овозможува самостојна промена на лимитите на картичките, следење на состојбите на сметките на кое било место, во кое било време, 24 часа на ден, целосно независно од работното време на банката, преку користење на услугите интернет-банка, мБанка и СМС-банкарство, кои се најсовремени технички решенија со кои се прилагодуваме кон потребите на нашите клиенти и ги доближуваме нашите услуги поблиску до нив.
Воведувањето на 3Д секјуре стандардот (3D Secure) кај сите банкарски картички издадени од Комерцијална банка, кој овозможува зголемена безбедност при интернет-трансакции со картички, е само дел од активностите во кои континуирано се инвестира со цел поголема заштита на клиентите. Овој стандард воедно е препознаен како највисок меѓународен стандард за заштита на интернет-трансакции.

Што е следниот чекор?

К. Чадиковски: Банката работи во согласност со својот стратегиски план, ги следи глобалните трендови, воведува иновации, креира можности и секојдневно ги подобрува производите и услугите кои ги нуди придонесувајќи кон зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Веруваме дека ќе го задржиме приматот во воведување новитети, модернизација и усовршување на процесите, производите и услугите кои ги нудиме со што ќе останеме препознатливи по достигнувањата кои се направени досега и оние кои во иднина ќе бидат понудени на нашите клиенти.
Најголем акцент во 2018 година ќе биде ставен на понуда на нови кобрендирани картички, завршување на процесот на целосна замена на ПОС-терминалите со бесконтактна технологија, зголемување на бројот на јунатендид ПОС-терминали (Unattended POS), но пред сè развој на нови канали каде што досега немало можност да се користат картички. Да не заборавиме, најголема конкуренција на картичките е готовината, банката ќе биде фокусирана најмногу во тој правец. Можностите се огромни, а развојот е бескраен процес...

ИНТЕРНЕТ-КОМУНИКАЦИЈАТА Е СОСТАВЕН ДЕЛ НА Сѐ ПОГОЛЕМ БРОЈ УРЕДИ, А ПРОЦЕСОТ НА ПЛАЌАЊЕ Сѐ ПОЧЕСТО СЕ ОДВИВА ПРЕКУ НИВ. ВО ТАА НАСОКА БАНКАРСКИОТ СЕКТОР ВЛЕГУВА ВО НОВ НАТПРЕВАР. ПОБЕДНИК ВО ОВОЈ НАТПРЕВАР Е ОНАА БАНКА КОЈА НАЈДОБРО ЌЕ ГИ ПРЕТПОСТАВИ И ЌЕ ОДГОВОРИ НА БАРАЊАТА НА КЛИЕНТИТЕ, КОНТИНУИРАНО ЌЕ ОВОЗМОЖУВА ПОВИСОКО НИВО НА УСЛУГА, А ЌЕ ГО ОПСЛУЖУВА КЛИЕНТОТ

Генерално глобалните трендови на дигитализација и на ИОТ (IoТ (Internet of things)) влијаат на досегашниот бизнис-модел на банките. Каква е Вашата оценка?

К. Чадиковски: Глобалните трендови ни велат дека бесконтактното плаќање со помош на прстен веќе не претставува несекојдневна појава во светот. Колку и нереално да звучи сево ова, во моментов се спроведуваат стотици трансакции на овој начин со помош на светските технолошки достигнувања и со помош на интернетот и НФЦ-технологијата (NFC) кои се заслужни за сево ова. Во иднина очекуваме висока пенетрација на дигитализацијата како кај производите, така и кај услугите, но и отворање нови канали на комуникација со клиентите. Интернет-комуникацијата е составен дел на сѐ поголем број уреди, а процесот на плаќање сѐ почесто се одвива преку нив. Во таа насока банкарскиот сектор влегува во нов натпревар. Победник во овој натпревар е онаа банка која најдобро ќе ги претпостави и ќе одговори на барањата на клиентите, континуирано ќе овозможува повисоко ниво на услуга, а ќе го опслужува клиентот.
За Комерцијална банка АД Скопје ова е нов предизвик кој ни буди возбуда за доусовршување на технологиите и системите кои се користат, но секако и на кадарот кој го овозможува и постојано ги следи глобалното општество, навиките и потребите на клиентите.

Што носи иднината?

К. Чадиковски: Динамиката и карактерот на глобалната економија, како и брзиот технолошки развој ја наметна потребата од редефинирање на улогата и на функциите на банкарските институции во финансискиот систем. Евидентен е континуираниот стремеж кон следење и имплементација на алтернативните и современите технологии во рамките на секојдневното работење. Иднината е непредвидлива и неизвесна, а развојот на технологијата во оваа област ита со брзи чекори. Иновациите се секојдневни. Ние сме спремни да ги следиме светските трендови и да ги усогласиме работењето и производите кои ги нудиме со нив, сѐ со цел континуирано да го одржуваме и да го зголемуваме задоволството кај нашите клиенти.


Кирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top