Е-Б-Ф-Б
ШТО Е СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ?

Штефан Петер
Претседател на Советот на странски инвеститори

Минатата година Советот на странски инвеститори (ССИ) ја прослави 10-годишнината од формирањето. Примарната цел на неговото основање беше да се обезбедат консултантски и советодавни мислења и предлози од страна на странските инвеститори користејќи ги нивните знаења, искуства и ставови во врска со работењето на економиите во земјите од кои доаѓаат.

Како бизнис-асоцијација, дел од Стопанската комора, ССИ е посветен кон тоа да придонесе за создавање амбиент што поттикнува инвестирање во Македонија и поповолна клима за водење бизнис во целина. Ние веруваме дека ССИ ја има вистинската структура и сила што произлегува од големината, од важноста, од знаењето и од вештините на најголемите корпорации кои работат во Македонија. Конкретно ова значи фокусирање на обезбедувањето правна предвидливост, ефикасна администрација, транспарентност и поддршка на национално и локално ниво – сè што е неопходно за Македонија да оди напред и да овозможи деловно окружување кое ќе обезбеди поволна клима за компаниите кои веќе работат тука и ќе покаже дека претставува вистинска можност која треба да ја земат предвид други странски и домашни компании.

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ МОЖАТ ДА ИГРААТ ВАЖНА УЛОГА ВО ЕКОНОМСКОТО ЗАКРЕПНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА СО ТОА ШТО ЌЕ ДОНЕСАТ СВЕЖ КАПИТАЛ, НОВИ СТАНДАРДИ ЗА КВАЛИТЕТ И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, КАКО И ЗНАЕЊЕ (KNOW-HOW), ИНОВАТИВНИ ТЕХНОЛОГИИ, НОВИ РАБОТНИ МЕСТА И ПРОГРАМИ ЗА РАЗВОЈ НА ВРАБОТЕНИТЕ

За да се максимизираат резултатите, ССИ разви разни форми на дијалог со Владата на највисоко ниво за промовирање на ставовите на официјалните состаноци, но исто така и на експертско ниво преку тркалезни маси и специјални средби со државната администрација за да се разјаснат и да се разрешат конкретни прашања.

Проектот Бела книга започна во 2014 година како збир на сеопфатни препораки за подобрување на бизнис-условите во Македонија и транспарентна платформа за дијалог со властите. Поради својот висок квалитет и релевантност, Белата книга сега претставува клучен проект на ССИ со значително влијание врз законските промени.

Првиот Позициски документ за реалната состојба, насочен кон оценување на напредокот во спроведувањето на реформите, беше објавен во 2017 година. Овој документ на ССИ има цел да ги потсетува извршните директори на компаниите членки на ССИ и високите владини претставници што останува отворено или недовршено од првото издание на Белата книга во врска со подобрувањето на правното и социоекономското окружување во земјава.

ССИ смета дека привлекувањето странски инвестиции и охрабрувањето на присутните инвеститори да го развиваат нивниот бизнис се клучни за македонската економија да генерира раст на долг рок. Странските инвеститори можат да играат важна улога во економското закрепнување на Македонија со тоа што ќе донесат свеж капитал, нови стандарди за квалитет и заштита на животната средина, како и знаење (know-how), иновативни технологии, нови работни места и програми за развој на вработените.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top