Е-Б-Ф-Б
НА МАКЕДОНСКИ ФИРМИ ЌЕ ИМ ПОНУДИМЕ ИСКУСТВО И МЕНТОРСТВО НА КАНАДСКИ ЕКСПЕРТИ

Венди Харис
- Претседател и извршен директор на Канадската организација за извршни услуги – ЦЕСО

Фондацијата на семејството Битов, Македонија2025 во партнерство со Канадската организација за извршни услуги - ЦЕСО ја основа Битов-програмата за претприемачи, која ќе биде официјално промовирана на Вебинарот за Битов-програмата за претприемачи, на 17-ти април. За таа цел разговаравме со Венди Харис - Претседател и извршен директор на ЦЕСО, која на Вебинарот ќе ги претстави учесниците во програмата, нејзините главни цели и придобивките за македонските компании

 

Македонските компании, пред се микро, малите и средни претпријатија, ќе имаат уникатна можност да користат искуства и совети од канадски експерти за да го развијат и унапредат својот бизнис, а со тоа да придонесат и пошироко за развојот на целото општество. За остварување на таквите цели Фондацијата на семејството Битов, во рамки на организацијата Македонија2025 и во партнерство со Канадската организација за извршни услуги - ЦЕСО(CESO - Canadian Executive Service Organization)) ја основа Битов-програмата за претприемачи. Канадската организација за извршни услуги – ЦЕСО е организација за економски развој која што работи со партнери и клиенти да се создаде одржливи решенија кои поттикнуваат долгорочен економски и социјален развој. Програмата ќе биде официјално отворена преку Вебинарот за Битов-програмата за претприемачи, кој ќе се одржи на 17-ти април. По тој повод, Венди Харис - Претседател и извршен директор на ЦЕСО и Лу Наумовски - член на Експертскиот совет на Македонија2025, ќе ги претстават сите чинители кои што се вклучени во програмата, нејзините главни цели и придобивки за македонските компании.

Венди Харис - Претседател и извршен директор на ЦЕСО, во пресрет на промоцијата на програмата даде ексклузивно интервју за магазинот „Економија и бизнис“.

ЦЕСО работи од 1967 година и користи канадски експерти - доброволци кои работат со приватниот и јавниот сектор за да ги остварат целите во рамки на стратешкото планирање, развој на бизнисот, сметководство и финансии, организациски развој, развој на заедницата, управување и производство и операции.

 

Благодарејќи на Фондацијата на семејството Битов, Македонија2025 во партнерство со Канадската организација за извршни услуги - ЦЕСО ја основа Битов-програмата за претприемачи. За што станува збор и кои се главните цели на програмата? Колку компании можат да учествуваат, кои се условите, кои области и индустрии ќе бидат покриени?

В. Харис: Битов-програмата за претприемачи е резултат на партнерство помеѓу Фондацијата на семејството Битов, Македонија2025 и Канадската организација ЦЕСО, со цел да се поддржи развојот на малите и средни претпријатија (МСП) во Македонија. Програмата ќе соработува со македонски компании кои работат во областа на финансиите, туризмот, угостителството, информатичката технологија, агри-бизнисот и управувањето со природни ресурси.

Секоја година имаме проценки дека приближно седум советници на ЦЕСО ќе спроведуваат задачи во траење од две до четири недели. Преку програмата, тие ќе работат на развивање вештини, давање обука, тренинг, менторство, обезбедување бизнис алатки, процеси и системи за малите и средни претпријатија (МСП).

Македонските компании можат да аплицираат и ќе бидат избрани врз принципот на заслуга, базиран на одредени критериуми како високо ниво на посветеност од страна на сопствениците / раководството / менаџментот, нивото на подготвеност итн.

 

Канадската организација за извршни услуги – ЦЕСО е економска, непрофитна организација за развој, која работи преку висококвалификувани советници кои доаѓаат од најразлични бизнис сфери. Ќе можете ли на нашите читатели да им го објасните уникатниот концепт на „советници“ и како тие им помагаат на локалните компании и заедници да постигнат економски развој?

В. Харис: Советниците на ЦЕСО се професионални експерти од јавниот и приватниот сектор во Канада, кои го споделуваат своето деловно искуство, вештини и експертиза со поединци, заедници и институции. Тие работат преку давање менторство и советодавна рамка за креирање на одржливи решенија, поттикнувајќи го развојот на приватниот сектор и институциите.

Во моментов имаме над 1.200 советници во нашата база на податоци, кои имаат широк спектар на вештини од најразлични области, вклучувајќи сметководство, туризам, стратешко планирање и развој на бизнис.

ВО ЦЕСО ВЕРУВАМЕ ДЕКА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, МАЛИТЕ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА СЕ КЛУЧНИ ДВИГАТЕЛИ НА ЕКОНОМСКИТЕ, СОЦИЈАЛНИТЕ ПРОМЕНИ И ЦЕЛОКУПНИОТ РАЗВОЈ

Организацијата постои веќе 50 години на меѓународно ниво. Колку земји и компании досега биле вклучени во програмите на ЦЕСО и кои се резултатите во однос на економскиот развој, намалувањето на сиромаштијата…?

В. Харис: ЦЕСО има работено во 123 земји, откако започна со работа во 1967-та година. Имаме извршено 50.100 задачи низ годините, опслужувајќи околу 300 клиенти годишно, а тоа е еднакво на 6.000 дена на советодавни услуги.

Во ЦЕСО веруваме дека приватниот сектор, малите и средни претпријатија се клучни двигатели на економските, социјалните промени и целокупниот развој. Во текот на изминатите 50 години, нашето работење со приватниот сектор вклучуваше обезбедување на институционален развој кај малите и средни претпријатија (МСП), животната средина, јакнење на правата на жените, но и придонес во развојот на јавните институции.

 

Македонија ќе биде една од ретките земји во Европа каде советниците на ЦЕСО ќе им помагаат на локалните бизниси. Кои се вашите очекувања и дали сметате дека во иднина и други земји ќе се вклучат во вашите програми?

В. Харис: ЦЕСО работи и делува во Источна Европа, како и на Балканот уште од 90-тите години. Некои земји со кои сме работеле се: поранешниот Советски Сојуз, Србија и Црна Гора, Бугарија, Романија, Ерменија, Грузија и Казахстан.

Нашата програма го поддржува приватниот и јавниот сектор во одбрани земји, со цел да ја зголеми нивната способност за прилагодување кон пазарна економија, како и да обезбеди административно и стратешко водство на невладините организации во развој.

Од неодамна работиме со малите и средни претпријатија во Казахстан, како и со Националната комора за претприемачи во Република Казахстан.

 

Партнерствата се основниот водечки принцип и една од главните вредности на ЦЕСО. Каква е нивната улога во спроведувањето на програмата?

В. Харис: Уникатниот модел на партнерство на ЦЕСО ги спојува канадските експерти кои имаат големо искуство и вештини, со локални клиенти и партнери. Целта на партнерствата е заеднички да се утврдат потребите на локалните клиенти и нивниот обем на работа, и на тој начин да се развие серија од краткорочни задачи кои ќе им помогнат на клиентите да ги постигнат своите цели.

Преку овој модел, нашите експерти можат да го пренесат своето високо знаење и експертиза на клиентите односно да споделат успешни искуства преку разни тренинзи, советување и менторство. Моделот е флексибилен и ни овозможува да се прилагодиме на потребите на нашите партнери и општеството во кое тие работат и живеат.

 

Некои од стратешките цели на Македонија2025 е забрзување на економскиот развој, спроведување на образовни програми кои го поттикнуваат лидерството, застапување на идеите за транспарентно, демократско и инклузивно општество итн. Овие цели се многу блиску до самата визија на ЦЕСО во однос на градење на посилна економија и подобар живот за граѓаните. Дали токму овие заеднички вредности беа мотив за соработка со семејството Битов, кои се мошне активни во работата на Македонија2025?

В. Харис: Да, вредностите на ЦЕСО се поклопуваат или се во иста линија со оние на Македонија2025. Јасно е дека постои природен спој помеѓу нашите организации. Среќни сме што имаме прилика да работиме на ова партнерство за да го зајакнеме влијанието врз малите и средни претпријатија во Македонија.

Разговарашe: Мирче Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top