Интервјуа
БЕЗ ПУБЛИКА НЕМА ТЕАТАР

Синиша Евтимов
креатор на хит претстави

Театарски режисер кој во поновата историја на македонскиот театар е можеби единствен кој умее да направи апсолутен хит од претстава. Сите негови режиски постановки се однапред распродадени. Публиката ги препознава како искрени, приземни и позитивни. Според него претстава со тројца сладокусци во партерот нема поента. Ако нема френетичен аплауз на крајот и парите кои државата преку театарот ги вложила во проектот не се вратат преку продажба на билети, тогаш зошто воопшто би се занимавал со оваа професија...

Неодамна се вративте од Црна Гора каде што режиравте на сцената на Кралскиот театар во Цетиње. Направивте храбар избор одлучувајќи се да го режирате наградуваниот текст на француската авторка Јасмина Реза, особено што текстот доби планетарен успех откако Роман Полански го филмуваше ова дело во 2011 година со извонредна актерска екипа. Се исплатеше ли вложениот труд?

С. Евтимов: Драмите на Реза секогаш ме провоцирале, а во последниве неколку години сериозно размислував за продукција на „Бог на Масакрот“ во Македонија. Се разбира, како што обично бива, идејата лебдеше меѓу мноштвото други чекајќи да биде реализирана кога како гром од ведро небо дојде поканата од Лидија Дедовиќ, уметничкиот директор на „Кралскиот Театар“ од Цетиње, Црна Гора. Целата приказна од инцепција до готов продукт се одвиваше навистина брзо, во фантастични услови, со сензационално добри млади актери штотуку излезени од Академијата за драмски уметности, подготвени и целосно посветени. Театарот презадоволен од мојата работа, јас презадоволен од целосниот прием, публиката среќна, а за живо чудо и критиката.

Што повеќе Ве испровоцира да го поставите ова дело, лажната љубезност и отсуството на емпатија или примитивниот конфликт како рефлексија на денешните „исчашени“ вредности и ниските страсти на современата булумента?

С. Евтимов: Се наоѓаме во еден навистина чуден период од нашето постоење, политичката коректност нè „исчаши“ до карикатури, алиенација, воајеризам, војни, идиократија, какистократија, некрофилија... полека, но сигурно, копаме една голема дупка, вишокот земја од дупката се фрла на сите страни, креира планини и врвови кои, се плашам, ќе бидат премногу високи за искачување доколку разбереме дека можеби и не е лоша идеја да престанеме да копаме, за почеток. Имаме проблеми и тие се мултиплицираат. Трошиме енергија, време, емоции за непотребни работи, нема емпатија, забораваме зошто сме овде и која е нашата цел ако воопшто ја имаме. Ова е некое мое скромно опсервирање на моментот, од континуираната (д)еволуција на човечката раса. „Бог на масакрот“ е фантастична драма која и тоа како ги отвора овие проблеми и состојби.

Изјавивте дека итно секој од нас треба да се погледне во огледало доколку сакаме да бидеме подобри луѓе. Што мислите, колкумина од нас имаат капацитет да направат чесен индивидуелен и интроспективен опит погледнувајќи се во огледало?

С. Евтимов: Во моментов, не доволно. Сите сме одговорни, но малкумина сакаат да признаат. Зборуваме за идентитет, а забораваме дека сме луѓе. Еволуцијата има свои амплитуди, сега се наоѓаме во не толку кул дел од процесот. Но, проблесоци секогаш има, индивидуалци кои имаат визија за подобро утре, верувам во нив. Битно е да бидеме искрени кон себе и барем да се обидеме да дознаеме како можеме да бидеме корисни за општеството, кое е моето место, како да придонесам за општото добро и едноставно да бидам среќен со тоа.

Само да не заборавивме, најголем број од нас имаат погрешна проекција за самите себе. Малкумина се тие кои постојано се преиспитуваат, најголемиот број во деструктивен занес ги кријат под килим и од самите себе патолошките особини заслепено убедувајќи ги другите за нивниот лажен хабитус.

С. Евтимов: Една од работите со кои се борат карактерите во драмата на Реза е токму таа проекција за себе која сакаме луѓето да ја имаат за нас наспроти она што навистина сме. Кога веќе сме констатирале дека е така кај другите, тоа е добар почеток. Ако барем малку размислуваш, многу бргу ќе се запрашаш дали си и ти таков. Мојата професија е поврзана со поставување прашања и постојано барање одговори. Можеби поради тоа имам подобра стартна позиција во потрагата по себе самиот. Во секој случај е подобро отколку да ја барам смислата на животот и сето останато расправајќи за неа на рендом социјална платформа. Мислам дека тоа е погрешна локација. Точната локација се наоѓа во длабочините на сè уште најмоќниот компјутер, човечкиот мозок. Но, и тој, како и секој компјутер си бара апдејт. За жал, во последно време апдејт правиме само на нашите смарт уреди. Оттука и алиенацијата.

Актерската екипа изјави дека имале шанса да соработуваат со режисер кој има специфичен однос кон актерите и наедно знае да води грижа за нив. Во што е Вашата особеност и авторски креативизам Синиша?

С. Евтимов: Луѓето веќе не се слушаат меѓу себе. Тие комуницираат, општат, разменуваат информации, но не се слушаат. Секој го слуша само она што нему му одговара. Состојбите во театарскиот свет не се поинакви. Многу мои колеги ја злоупотребуваат непишаната хиерархија создавајќи непремостив јаз меѓу нив самите, од една и актерите, од друга страна. Јас само се обидувам да бидам нормален човек, полн со љубов и ентузијазам за мојата работа, ценејќи го секој момент кој го поминувам на сцена, со полна почит и љубов кон моите колеги, пријатели со кои креираме нешто посебно и прекрасно. И да, се слушаме, јас нив, тие мене. Понекогаш малите нешта се многу битни.

Претстави распродадени до последен билет

Радикална редукција на опипливоста. Денес квантитетот е во очајничка надеж да го достигне квантитетот, но дали?

С. Евтимов: Кому како му чини. Битно е да знаеш зошто го работиш она што го работиш и која е крајната цел. Дали си ти среќен со она што го работиш, дали доволно веруваш, дали си задоволен со производот кој го креираш и на крајот, како сопствените проценки на квалитетот на готовиот продукт соодветствуваат со реалниот прием на продуктот кај потрошувачот / публиката. Доколку мојата проценка се совпадне со онаа на потрошувачот, имаме случај. Мојот продукт можеби не е елитен, но е ефектен. Се разбира, ова е размислување базирано на лични искуства и многу театарски продукции во моја режија кои доживеале повеќе од 50, 100, па и 200 изведби. „Сомнително лице“, „Стјуардеси“, „Вардарски пастуви“, „Не се клади на Енглези“, „Чолак“... Ова се претстави кои, условно речено, никогаш нема да ги видите селектирани од страна на еминентни театарски дејци, на некои фестивали, ниту пак глорификувани од големите македонски театролози, критичари или пак од мојот професор ако сакате, поради нивниот општествен импакт, но еве го парадоксот, апропо социјалниот импакт: сите овие претстави се распродадени до последен билет неколку изведби однапред.

Предизвик ли е да се тренираат сопствените репери надвор од границите на домашниот терен? Каков е погледот однадвор, еве имавте шанса да „помирисате“ инаква театарска средина...

С. Евтимов: Секогаш е предизвик да се одигра на гостински терен. Ова е мое второ гостување по „Празен град“ на Дејан Дуковски кој го работев во 2008 година во ХНК, Сплит. Третманот е поинаков, нема предрасуди, притисокот е посладок. Особено во мојот случај кога повеќето од мојата работа е врзана со мојот роден град. Иако по вторпат надвор од државава, за мене ова беше како некој нов почеток, едно сосема ново поглавје во мојата кариера, кое допрва ќе го евалуирам. Сепак Скопје е мојот град и омилен терен за играње.



Синиша Евтимов: Јас само се обидувам да бидам нормален човек, полн со љубов и ентузијазам за мојата работа, ценејќи го секој момент кој го поминувам на сцена, со полна почит и љубов кон моите колеги, пријатели со кои креираме нешто посебно и прекрасно

Но, она што барем мене ме фасцинира кај Вас како режисер е што во поновата историја на македонскиот театар сте можеби единствен режисер кој умее да направи апсолутен хит од претстава без да се возите на бранот на ларпурлатизамот. За Вас тетарот сепак треба да има социјална и морална функција, не само да биде убаво визуелно спакуван.

С. Евтимов: Уметност заради уметност е причината зошто сè почесто си го поставувам прашањето што точно е уметноста денес. Се обидувам да бидам конкретен во мојата професија. Живееме во корпоративно-консумеристички ориентирано општество кое од петни жили се труди да го инкорпорира социјалниот елемент. Безуспешно, барем засега, чест на исклучоци. Јас само се адаптирам на условите во кои живеам и работам, па оттаму сум фокусиран и на самоодржливоста на проектот, во финансиска смисла, покрај другите сегменти од театарската креација. Кога државава, преку националната установа, театар, веќе вложила пари во проектот, зошто тие пари да не се вратат на театарот преку продажба на билети? Дали тоа што размислувам на економската оправданост на проектот ми ја компромитира уметничката креација? Апсолутно не. Моите претстави се искрени, се приземни, се позитивни, а публиката го препознава тоа.

Аналогно на ова што го говорите, имам чувство дека точно го имате дијагностицирано пулсот на публиката и точно знаете каде и како да ја „заскокоткате“, најчесто „наивно“ удирајќи врз сите осакатени параметри на нашето современие и врз кревкото его на публиката, без дел од неа и да е свесна за тоа.

С. Евтимов: Тоа е во опис на работното место. Го надградувате секојдневно. Го учите дома, на училиште, на сцена, на улица, секојдневно. Се надевам сите мои колеги се занимаваат со ова. Но, не се согласувам дека публиката не е свесна, напротив. Нивното (не)присуство е доказ за тоа.

Кога државава, преку националната установа, театар, веќе вложила пари во проектот, зошто тие пари да не се вратат на театарот преку продажба на билети? Дали тоа што размислувам на економската оправданост на проектот ми ја компромитира уметничката креација? Апсолутно не. Моите претстави се искрени, се приземни, се позитивни, а публиката го препознава тоа.

Дали задоволувајќи ги апетитите на пошироката публика го угнетувате своето креативно либидо? Со други зборови, имате порив да направите претстава која можеби нема да допре до поширокиот аудиториум, но затоа плаузибилно на неа ќе реагираат вистинските сладокусци.

С. Евтимов: А како се скротува креативноста? Секако дека не. Театарот и публиката имаат квалитетна врска и за мене таа хемиска реакција е непрекинлива. За мене претстава за тројца сладокусци во партер нема апсолутно никаква поента. Тоа нема никаква врска со нашата професија и оној кој не се согласува со ова треба сериозно да се запраша дали е на вистинскиот пат. Ако нема аплауз на крај се поставува прашањето зошто сме овде, кому и за што служиме. И на крајот на денот зошто постоиме? Без публика нема театар.

Разговараше:
Ивана Тасев

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top