Перспектива
10 ГОДИНИ ОД ВРВОТ НА ГЛОБАЛНАТА ФИНАНСИСКА КРИЗА, КАКО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ГО ИЗБЕГНА НАЈЛОШОТО

Зоран Јовановски

Има една изрека во банкарството, којашто вели: Лоши кредити се даваат во добри времиња. Светот беше безгрижен, опиен од чувството дека ужива во незадржлив економски раст. Цените на недвижнините во САД достигнаа невидени височини, во финансискиот сектор во светот изгледаше како да се појавил алхемичар што измислил финансиски инструменти кои се безризични и со чија употреба сите се големи победници. Глобалната финансиска криза започна во 2007 година, но во 2008 година го достигна врвот. Одредени економисти предупредуваа за акумулирањето на ризиците во секторот на недвижности и опасноста што се создава за финансискиот сектор. Светски познати имиња станаа Нуриел Рубини и Роберт Шилер, впрочем Шилер ја доби и Нобеловата награда за економија во 2013 година. Но, како што обично се случува во такви околности, соочувањето со реалноста се случи во моментот кога балонот пукна.

Една деценија после кулминацијата на кризата светот сеуште не може да каже дека ги елиминирал целосно причинителите и последиците. Своевидна утеха може да биде фактот дека светот избегна нова „голема депресија“ и помина само со „голема рецесија“. Сериозноста на опасноста ги мотивираше клучните финансиски играчи да преземат крупни чекори за санирање на состојбите и превенирање на повторување на кризата. Потенцијалот на класичните монетарни мерки беше релативно брзо исцрпен, па беа воведени нови, иновативни мерки. Дополнително, беше зацврстена соодветната регулатива, да ги спомнеме Базел III стандардите за капитал и ликвидност, а финансиската стабилност стана втора, формална или неформална, цел на монетарната политика. Некои финансиски институции пропаднаа, некои беа спасени. Како што напиша Фајненшл Тајмс минатата година, во целиот период после кризата во САД се покренати обвиненија против 324 поединци обвинети за криминал поврзан со финансиската криза. Меѓу нив нема ниту еден висок претставник од Волстрит.

Сепак, кога сѐ ќе се резимира, всушност, повеќе прилега да кажеме дека сме сведоци на „нова нормала“ во која каматните стапки и понатаму се блиску до историски најниските нивоа. На глобално ниво, во релативно поново време, главните централни банки, со различна, некоординирана динамика, го отпочнаа или најавија процесот на зголемување на референтните каматни стапки. Тоа е одраз на закрепнувањето на економскиот раст, но некои нивоа на долг, државен и секторски, остануваат значително високи.

Без оглед на среќните околности, во моменти кога пропаѓаа глобални финансиски гиганти кои до тој момент изгледаа недопирливи клучниот предизвик беше да се спречи прелевање на „заразата“ од недоверба во банките. Потребна беше брза и ефикасна акција. Тимот на Народна банка беше компактен и успеа да ја задржи ликвидноста на банкарскиот сектор и довербата во него. Се разбира, целиот тој процес немаше да биде доволно успешен без сериозен прудентен пристап на деловните банки во земјава

Во оваа прилика, со временска дистанца, добро е да се потсетиме како Република Македонија успеа да го избегне најлошото. Тоа беа своевидни историски моменти. Впрочем, во Македонија, кога и не биле? Во тој момент бев на чело на Секторот за банкарска супервизија, регулатива и финансиска стабилност во Народна банка на Република Македонија. Како ми изгледаа мене тие моменти?

Имаше среќни околности. Можеби најзначајна беше таа дека банките во Република Македонија немаа во својата актива т.н. „токсични средства“, односно немаа трансакции со софистицираните финансиски инструменти што ја предизвикаа кризата.

Понатаму, во други земји, каде што странските банки-мајки, заради потребата самите да се санираат, ја повлекоа во домицилната земја ликвидноста од своите банки-ќерки и им ја одзедоа можноста за кредитна експанзија. Во Македонија тоа не се случи, делумно заради ограничувањата на регулативата, но уште повеќе затоа што кредитната активност на банките во земјава се финансира со домашни депозити, а не со позајмена ликвидност од странство.

Што направивме ние во централната банка? Најпрвин, имавме преземено превентивни активности пред да пукне балонот на глобално ниво. Успеавме да издејствуваме носење на промени во регулативата што фрлија песок во тркалата на деловните банки и почнаа да ја забавуваат нивната кредитна експанзија. Не беше лесно убедувањето надвор од Секторот околу потребата од вакво забавување затоа што времињата изгледаа безгрижни. Во тоа време, во земји од регионот, на пример, Бугарија и Романија, стапките на кредитен раст „го пробија таванот“. Во Република Македонија кредитирањето, особено на секторот население, доби невидена брзина. Едноставно, во Секторот верувавме дека сето тоа не е одржливо и дека треба да забави. Значи, една од клучните работи беше дека успеавме, водејќи се од сопствените убедувања, во рамките на можното, да делуваме превентивно и да обезбедиме „меко приземјување“.

Без оглед на среќните околности, во моменти кога пропаѓаа глобални финансиски гиганти кои до тој момент изгледаа недопирливи клучниот предизвик беше да се спречи прелевање на „заразата“ од недоверба во банките. Потребна беше брза и ефикасна акција. Тимот на Народна банка беше компактен и успеа да ја задржи ликвидноста на банкарскиот сектор и довербата во него. Се разбира, целиот тој процес немаше да биде доволно успешен без сериозен прудентен пристап на деловните банки во земјава.

Пред десетина години во соработка со Светска банка успешно беше реализирана т.н. FSAP (Financial Sector Assessment Program) мисија за оценка на состојбата во финансискиот сектор на земјава. Неодамна, на состанок со претставници од Светска банка од Вашингтон разбрав дека се подготвува нова FSAP мисија за 2018 година. Tоа е добро за македонскиот финансиски сектор.

Стресот од тогашната глобална финансиска криза помина, јавноста во Република Македонија не почувствува ништо и земјата успеа да го избегне најлошото. Важни кадровски фигури од тоа време не се повеќе во Секторот, но капацитетот таму остана висок, а испорачаниот резултат квалитетен. Нека биде ова едно мало сведоштво за посветеноста на вработените во Народна банка во извршувањето на своите задачи. Нивната работа и резултати ретко добиваат посебно место и признание на големата сцена. Можеби овој текст ќе фрли малку повеќе светлина на знајните и незнајните чувари на „здравјето“ на банкарскиот сектор во Република Македонија.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top