Општество
ПОПУЛИСТИЧКА ИНТЕРНАЦИОНАЛА

Љупчо Поповски
Авторот е новинар

Просечниот број на популистичките гласови во 2000 година во земјите на ЕУ беше 8,5 отсто. Во 2017 година тој веќе изнесува 24,1 процент. Бројот на европските влади во чии кабинети седат популисти се зголеми од седум во 2000 година на 14 денес. Од петнаесетте источноевропски земји, популистичките партии ја имаат власта во седум, во две се дел од владината коалиција, а во три тие се најсилната опозициска сила.


Може ли класичните (или ако сакате повеќе – традиционалните) европски партии да му се спротивстават на популистичкиот бран од кој не е поштедена ниедна земја во Европа? Во 2017 година Европа ја преживеа кризата со изборите во Франција, во Холандија и во Германија (по шокот со Брегзит и Доналд Трамп во 2016 година), па многумина оценија дека западните либерални норми се одбранети и дека популизмот се измори. Тоа, на некој начин, беше самоизмама. Во очекување на изборите во Унгарија во април (и сигурната победа на автократот Виктор Орбан), неизвесниот исход од гласањето во Италија на почетокот на март, повеќемесчната криза при составувањето на новата влада во Германија, парламентарните избори во Шведска во септември годинава и во Данска следната година, повторниот избор на комунистот што се трансформира во социјалдемократ, а најпосле во радикален проруски популист, Милош Земан за претседател на Чешка – од перцепцијата на Европската Унија изгледа како навала на популистички орди.

Иако стравот кај политичарите од мејнстрим партиите го доби размерот на паника последниве три-четири години, порастот на популизмот, и од левата и од десната страна, па дури и отвореното кокетирање со профашистичките ставови не е од сега. Тој може да се мери од декада во декада. Финансиската криза од пред десет години и миграцискиот бран од Африка и од Азија само му дадоа нова енергија на растот на популистите, кој почна уште од 80-тите. Според студијата на Јаша Моунк од Универзитетот Харвард, просечниот број на популистичките гласови во 2000 година во земјите на ЕУ бил 8,5 отсто. Во 2017 година тој веќе изнесуваше 24,1 процент. Тоа е драматично зголемување кое предизвика вистински потрес во европската политика oсобено во источниот дел на континентот, кој по падот на железната завеса се приклучи во клубот на европските демократии.
Бројот на европските влади во чии кабинети седат популисти се зголеми од седум во 2000 година на 14 денес. Од петнаесетте источноевропски земји, популистичките партии ја имаат власта во седум, во две се дел од владината коалиција, а во три тие се најсилната опозициска сила.

Тврдокорните популисти се држат стриктно кон една приказна – тие го претставуваат народот наспроти корумпираните и отуѓени политички и бизнис-елити. Тие тврдат дека мора да има директна врска меѓу граѓаните и политичарите (притоа го нудат својот образец), што остава многу мал простор за независното судство или слободниот печат или пак за наметливите малцинства, а бегалците од исламските земји се најстрашната Баба Рога.

Што е популизам?
Професорот по политика од Универзитетот Принстон, Јан-Вернер Милер, чија последна книга „Што е популизам?“ веднаш стана незаобиколно четиво на политичките и на социолошките проучувачи, вели дека „популистите тврдат дека тие и само тие го претставуваат народот... Полагањето на правото на исклучиво претставување не е емпириско, туку секогаш изразито морално“. Кога се во опозиција популистите ги критикуваат елитите, а потоа кога ќе станат елита на власт, тие се вртат во станизирање на политичкиот противник и на оние кои гласаат за него. Девизата е едноставна: политичкиот противник е мој непријател.
Милер пишува: „Популистичката логика имплицира дека секој кој не ги поддржува популистичките партии не може да биде дел од вистинскиот народ. Речиси половина Турција ѝ се спротивставува на политиката на Ердоган, но тој е уверен дека единствен зборува во името на народот затоа што за него гласаат ’вистинските Турци‘. ’Ние сме народот. Кои сте вие?‘ Се разбира, тој знае дека тие се Турци исто така. Јарослав Качињски вели дека не ги претставува сите Полјаци, туку ’вистинските Полјаци‘.“

ПОПУЛИСТИТЕ СЕГА, ВСУШНОСТ, ЖИВЕАТ КАКО ПАРАЗИТИ ВО ТЕЛОТО НА КЛАСИЧНИТЕ ПАРТИИ И СЕ ХРАНАТ ОД НИВНАТА КРВ. ЗА НАЈСПОСЛЕ, МОЖЕБИ, ДА ГО ИЗЕДАТ ЦЕЛОТО ТЕЛО НА НИВНИОТ ДОМАЌИН

Некои од политичките научници тврдат дека партиите од мејнстримот треба подобро да го разберат овој популистички повик за да можат да им се приближат на барањата на граѓаните. Други велат дека кокетирањето со популистичките пораки од лево и од десно ќе го подјаде општеството и ќе доведе до маглива кохезија од фашистички тип. Но, факт е дека отстапките што им се прават на популистите ги трансформираат државите во авторитарни општества. Најдобар пример за тоа е Унгарија. Европските политичари одбиваат да преземат цврст став кон Виктор Орбан по подјармувањето на сите независни државни институции и независниот печат затоа што неговата партија Фидес е дел од најголемата политичка групација во ЕУ, Европската народна партија (каде што се и Ангела Меркел, и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани).
Орбан првпат беше премиер од 1998 до 2002 година со класична конзервативна програма. Кога повторно се врати на власт во 2010 година, неговата партија направи неколку чекори уште подесно обидувајќи се да го освои просторот на партијата на радикалната десница, Јобик. По победата во 2014 година, Орбан веќе длабоко заседна во просторот на популистичката десница и за време на бегалската криза ги прифати паролите за расната нееднаквост и загрозеноста на христијанството. Во еден политички пресврт, Јобик ја трансформира својата политика кон центарот. Речиси сосема сигурно Орбан на изборите во април ќе го добие и третиот последователен мандат.

УНГАРИЈА Е НА ПАТОТ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ (ДО 2021 ГОДИНА) ДА ДОБИЕ 25 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД ФОНДОВИТЕ НА ЕУ, ШТО ЗАЕДНО СО ПОЛСКА ЈА СТАВА НА ВРВОТ НА ПРИМАЧИ НА ЕВРОПСКА ПОМОШ ПО ЖИТЕЛ

Унгарските олигарси
Тоа е политичкиот дел од приказната за „спасителот на Европа“, како што Орбан самиот се нарекува. Другиот дел е поврзан само со три збора – пари, пари, пари. Унгарија е на патот за седум години (до 2021 година) да добие 25 милијарди евра од фондовите на ЕУ, што заедно со Полска ја става на врвот на примачи на европска помош по жител. Но, во едно диригирано општество тие огромни пари се распределуваат според партиски и пријателски врски од кои потоа се раѓаат олигарси. Ингеборг Грасле, членка на партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која е претседател на Комитетот за буџетска контрола на Европскиот парламент, неодамна повика на детална истрага како се трошат европските пари во Унгарија. „Европската Унија се претвори во каса за празнење од политичарите или од нивните пријатели“, предупреди Грасле.
Антикорупцискиот орган на ЕУ, Олаф, води истрага за повеќе случаи за корупција во Унгарија. Еден од нив е поврзан со Иштван Тиборч, зетот на Орбан за најстарата ќерка. Неговата компанија добила од европските фондови 40 милиони евра за осветлување со ЛЕД-сијалици на улиците во повеќе унгарски градови. Компанијата на Тиборч немала никакво искуство во ваквиот бизнис кога ја добила зделката преку Владата, а згора на тоа цените што ги понудила биле за 50 отсто повисоки од вообичаените. Друг случај е за двата милиони евра европски пари употребени за изградбата на туристички воз со пруга од неколку километри која води од родното село на Орбан, Фелчут, до друго село. Композициите на оваа пруга речиси секогаш се празни.

Во Фелчут беше изграден фудбалски стадион за 4 000 гледачи (двојно поголем од бројот на жителите) само за да се задоволи огромната фудбалска страст на Орбан – фудбалот. Изградбата на стадионот му беше доверена на неговиот најблизок пријател Леринц Месарош кој во во исто време е и градоначалник на Фелчут. Месарош поседува 121 компанија, кои се занимаваат со градежништво, со недвижнини, со медиуми, со винарство и со земјоделство. Тој сега е осмиот најбогат човек во Унгарија и според независните истражувачи дури 83 отсто од заработките на компаниите на Месарош доаѓаат од европските фондови.
Додека Орбан ја води акцијата „Стоп Брисел“, фирмата на неговиот татко ја доби зделката да испорачува цемент и камен за изградба на канализациски мрежи и пругата околу езерото Балатон, исто финансирани со европски пари. Брисел сè уште чека на поврат на 283 милиони евра злоупотребени од Владата при изградбата на новата линија на метрото во Будимпешта поради тоа што Олаф пронајде „сериозни нерегуларности – измама и можна корупција – во сите фази на проектот“ кој чинеше 1,7 милијарди евра.

Дали е тоа она што може да се научи од европските популисти како што укажуваат некои аналитичари? Во некои земји популистичките политичари одбираат посуптилен начин за влез во владата. Случајот од Шведска е илустративен. Десничарската популистичка партија со екстремистички корени Шведски демократи (СД) чекор по чекор освојува дел од политичката сцена. Во 2015 година тогашниот лидер на партијата од десниот центар и поранешен премиер Фредрик Рајнфелт го опиша водството на СДС како „расистичко и цврсто ксенофобично“ и отфрли секаква соработка со нив. Но, неговата наследничка на чело на партијата, Ана Кингберг Батра, веќе зборуваше за формирање влада со поддршка на СД по наредните избори. Тоа предизвика гнев во партијата и таа мораше да поднесе оставка. Новиот лидер на партијата, Улф Кристерсон, ја отфрли ваквата можна соработка велејќи: „Во Шведска ние зборуваме шведски“. Но, кој може да биде сигурен дека по изборите на дневен ред нема да биде ставена ваквата соработка.

„Копирање“ на популистичките пораки

Како што сега се случува во: Австрија, Бугарија, Финска, Данска, Летонија, Холандија и Норвешка. Левичарската влада во Словачка има сличен аранжман со популистите. Младиот лидер на австриската Народна партија, Себастијан Курц, пред ланските избори реши да гради „мостови“ кон екстремистичката Слободарска партија, одбирајќи го наједноставниот начин – да „копира“ значаен дел од нејзините политики. Нему тоа му донесе победа на изборите и го намали очекуваниот резултат на екстремистите. Но, тој „мост за копирање“ на политиките на Слободарската партија ги внесе екстремистите во Владата. Слично се случи и по изборите во Холандија. Десничарскиот премиер Марк Руте го зачува местото, но ги внесе во Владата „добрите популисти“. Републиканците во Франција на поранешниот претседател Никола Саркози во декември го избраа својот нов лидер, Лоран Вокез, кој презеде значаен дел од паролите на Националниот фронт на Марин Лепен, особено за имигрантите и за спротивставувањето на хомосексуалните бракови.



На другата страна на спектарот францускиот претседател Емануел Макрон извојува спектакуларна победа на ланските избори, промовирајќи ги либералниот плурализам и граѓанското општество наспроти ксенефобичната реторика на Лепен. А со истите политички премиси неговата новоформирана партија триумфираше на парламентарните избори. Во Шпанија Либералната партија Сиудаданос (Граѓани) формирана во 2006 година сега води во анкетите, инспирана од платформата на Макрон, оставајќи ги назад левичарските популисти од Подемос, а и Народната партија на премиерот Маријано Рахој. Нејзиното водство од седум проценти пред партијата на Рахој се темели најмногу на силниот резултат на изборите во Каталонија каде што беа победници, но немаа доволно пратеници да имаат мнозинство за влада. Слоганот на нејзиниот лидер Алберт Ривера е „Каталонија е мојата земја, Шпанија е мојата држава и Европа е нашата иднина“ – првата фраза изговорена на каталонски, втората на шпански, а третата на англиски.

Во потрагата по одговорите каде се корените на популизмот – зошто, на пример, гласачите на Подемос, Движењето 5 ѕвезди во Италија и Сириза во просек се пообразовани, а во скандинавските земји е нормално тие и да го немаат завршено формалното образование – научниците се обидуваат да дадат одговори кои ќе бидат блиску до вистината. Професорот Милер од Принстон ја посочува главната водилка во пледоајето на популистите: „Тие тврдат дека имаат ексклузивно право да ја презентираат морално чистата и целосно обединета нација која е предадена од елитите кои ги сметаат за корумпирани или во некоја рака морално инфериорни“.
Вака или онака, на популистите не им треба победа по секоја цена на изборите затоа што нивните политики се шират и во мејнстрим партиите. Популистичките партии создаваат атмосфера во општеството во која омразата е оправдана. Нобеловецот Пол Кругман опоменува: „Можеби ќе тргнеме по истиот пат – дали сме сигурни во тоа? – но, наголемо е во тек разградба на демократијата зад маската на нејзината појавност“. Популистите сега, всушност, живеат како паразити во телото на класичните партии и се хранат од нивната крв за најспосле, можеби, да го изедат целото тело на нивниот домаќин.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top