Општество
КАКО ТРЕБА ДА СЕ РАЗГОВАРА... НА СЕЛСКО ГУМНО

Гордан Георгиев
Авторот е политиколог

Не можам точно да се сетам, и почнав да пребарувам по старите записи бидејќи за среќа интернет не помага секогаш, но ми се чини дека во 18 век стариот добар и подзаборавен Сен Симон тврдеше дека доколку во Франција одеднаш бидат убиени (по старо) или се иселат (по ново) најдобрите десет луѓе во секоја општествена област (десетте најдобри лекари, филозофи, научници, политичари, уметници, писатели), државата веднаш ќе се распадне. Цветот на општеството во една држава ја прави државата одржлива и просперитетна. Тој цвет треба редовно да се полева, да се негува, да се изнесува на сонце, но сепак да не се изложува премногу на екстерни влијанија за да не се исуши. Мудрите држави претставуваат постојан историски екстракт на ваквите цветови на знаењето, на доблеста и на умереноста. Џиновите на чии рамена сме качени се нашите важни предци кои имале нешто важно да кажат или да направат за ние денес да сме горди на нивното постоење, постоење кое го потврдува и нашето сегашно битисување. Да можеме подалеку да гледаме токму бидејќи сме качени на нивните рамена. Имаме ли барем премолчен договор дека некои од тие џинови се Глигор Прличев, Гоце и Ѓорче, Блаже Конески, комитите и партизаните, црквата и фрескописците, Личеноски и Мартиноски, Киро Глигоров, Борис Трајковски?

Дали ние, денешните џуџиња, ги „убиваме“ нашите важни луѓе кои оставиле или треба да остават трага и ѝ овозможиле на оваа држава да се оддржи на геополитичката и идентитетска ветрометина наречена Балкан?
Фамозниот „егзодус“ на млади (и не толку млади) образовани и вредни наши сограѓани дејствува разорно на нашата свест, иако не забележувам дека претерано ја копка нашата совест. Со секое ново заминување како да вадиме по една тула од куќата која нашите претходници ни ја изградија. Статистиката, таа маќеа на вистината, се (зло)употребува од политичките актери за собирање на дневни политички поени. Но, сепак, секој од нас познава некој или некој кој познава некој што, ете, решил да замине од Македонија накитен со своето знаење, дипломи, лузни на бесперспективноста и празен џеб.

ДАЛИ НИЕ, ДЕНЕШНИТЕ ЏУЏИЊА, ГИ „УБИВАМЕ“ НАШИТЕ ВАЖНИ ЛУЃЕ КОИ ОСТАВИЛЕ ИЛИ ТРЕБА ДА ОСТАВАТ ТРАГА И Ѝ ОВОЗМОЖИЛЕ НА ОВАА ДРЖАВА ДА СЕ ОДДРЖИ НА ГЕОПОЛИТИЧКАТА И ИДЕНТИТЕТСКА ВЕТРОМЕТИНА НАРЕЧЕНА БАЛКАН?

Но, јас познавам и други луѓе, многу побројни од тие што заминале, многумина од нив и барем еднакво квалитетни како тие што заминале. Познавам и такви кои стекнале разни знаења и вештини на Запад и сакаат да се вратат дома, и се вратиле, ако во меѓувреме не заминале повторно. И секој од нив со различни мотиви и секакви алибија во главата. Некои од едноставно чувство на патриотизам, другите од силно чувство на поврзаност со заедницата, пријателите и семејството, трети бидејќи сакаат да бидат први во селото, а не последни во градот. Сите овие причини се легитимни и вредни за враќање дома, особено таква ми се чини последнава. Станувајќи прв во село значи натпревар со самиот себеси, натпревар за доброто на селото, на гумното, на селската чешма, за подобри пасишта за нашите овци, за чиста река за добронамерните туристи, за добар патлиџан (најдобар на светот!). Станувајќи први во село исто така значи свест и совест за соселаните, да им биде и ним добро и да ги делат плодовите со нас. Во село сите се знаеме, ќе пукне срам и морална санкција ако немаме почит и солидарност кон соселаните. Ќе нè дознаат и во другите села по лошо. Значи и нужна соработка со селата од околината, споделени ниви, заеднички пазар, размена, заеднички настап на трет пазар (во градот, во ЕУ, во светот), значи постојана седржечка поткрепа. Ова е национализам? Потпишете ме и мене под таа магловита парола!

Отаде нашето село постои, нели, и глобално село. За тоа глобалното село многу сме слушале, некои од тамошните овошки и зеленчуци сме ги пробале. Некои се вкусни, некои се горчливи, од некои пак имаш чувство на ретрогусто. Нема избистрена ситуација, некако не е вин вин работата.

Светот се глобализира и светот истовремено останува локален. Да бидеш прв во градот, во глобалниот свет, е тешка мисија. Ретки се таквите ѕверки, без разлика од кое село доаѓаат. Последен во селото е статус кој дури можеш и гордо да го носиш, кој не те обременува премногу. Но, чувството на последен во градот, е тоа е навистина тешко. Градската периферија е плодно тло на најголемите фрустрации и историски родно место на најбруталните радикализми. Патот е трнлив, тоа сите го знаеме, а дури и најпрвиот во градот некогаш дошол од село.

Селото значи и селски доктор, човекот кој ги познава сите селани пациенти и не може да биде изненаден од ненадејни болести. „Да се пишуваат рецепти не е тешко, но да се разбереш со луѓето за сите останати работи, е тоа е навистина тешко“ – изјавува селскиот доктор во истоимениот расказ на Кафка.



Отворете Фејсбук, земете весник во раце, изгледајте една ТВ-дебата, ќе забележите дека секој говорник (бидејќи соговорници одамна не постојат!) има свој рецепт за тоа како треба да биде и што треба да се направи. Или како не треба да биде и што не треба да се направи. Едната група на општествени доктори пропишува плацебо лекови, т. е. лекови кои не му помагаат на пациентот бидејќи селската болест не се лечи со светски лекови. Другата група на општествени доктори предлага радикални хируршки зафати – најчесто ампутации на болното ткиво на другиот.

Настрана дневнополитичките зајадливости и предизборни пароли од типот „дојде живот“, се чини дека македонското општеството тешко ги залечува длабоките лузни. Трауматичните настани кои ги преживеавме како да не беа доволна траума за доволно голем број граѓани. Изгледа очекувањата им биле или премногу ниски или гледале со поинаква диоптрија и „прагматичен“ пристап кон промените. И двата аспекта ги разбирам, иако ни двата не ги почитувам. Некој ќе рече: не, не, баш напротив, имавме гооолеми очекувања и се разочаравме. Последнава реченица, често слушана деновиве од очекувани и од неочекувани агли на општеството, е токму епитом на еден од најтемелните проблеми со кои се соочува македонското општество. Проблем кој од темел ја тресе Републикава и чии афтер шокови далекусежно се вплетуваат во ткаенината што би можеле да ја наречеме „македонски штоф“. Проблемот се нарекува „како да научиме да разговараме меѓусебно“.

Меѓусебното разговарање подразбира разговор, дијалог меѓу две или повеќе „себства“, своевидни „јас“ кои имаат свој став, свој разум и разумно просудување, свој интегритет, дури и ако таквиот интегритет е позајмен, ама втемелен, а не изнајмен / рентан. Разговорот претпоставува и некаков изграден идентитет на соговорниците и поседување сопствена сила да се лишиме од нашиот аргумент доколку оној на другиот е повистинит или макар само да се лишиме од својот (погрешен) аргумент, та дури и не го прифатиле оној на другиот. Зашто, нели, ако и двајцата грешат, тогаш вистината живее на друго место. Или постојат повеќе вистини. Или повеќе аспекти на вистината, еднакво важни и еднакво вистинити за секоја од страните.
Можно ли е на исто прашање да има различни, дијаметрално спротивставени, а вистинити одговори? Нашето општество, делејќи се по сите основи, упорно, дрско и бескомпромисно вели НЕ. Не може да има помирување, мора секој да плати за сè, а другиот да наплати за сè. Не се исти партизаните и фашистите, велат самопрогласените партизани. Не се исти патриотите и предавниците, велат самопрогласените комити. Не се исти Илирите и Словените, велат самопрогласените балисти. Овој тип разговор имплицира анихилација, длабока и до крај. Овој разговор е разговор без смисла бидејќи анихилацијата го убива разумот, т. е. смислата.

Дали сте апсолутно сигурни во вашата вистина? Јас лично неколкупати се имам фатено во замката на сопствената „апсолутна“ вистина верувајќи дека таа е единствената вистина бидејќи вистината нели може да биде само една. Како поминува времето сè помалку сум убеден дека мојата вистина е единствена, допуштајќи секојпат да им дадам предност на нијансите, да ги поносам малку туѓите чевли, колку и да се тесно скроени и полни со камчиња. Сакам да верувам дека различната перспектива на вистината не мора да сочинува две конфликтни вистини. Дека постојат различни општествени актери кои различно ја доживуваат вистината и не мораме заради тоа доживување да се мразиме. Но, кога некого би нарекол „идиот, глупак, сељак, примитивец“ и со леснотија би ги употребувал таквите квалификации на секое место и неместо, јас го убивам разговорот.

ЗА ДА ИЗРАЗАМ НЕСОГЛАСУВАЊЕ СО СТАВОТ НА СОГОВОРНИКОТ, НАЈНАПРЕД ТРЕБА ДА ГО РАЗБЕРАМ НЕГОВИОТ СТАВ, ДА ГО ИСЛУШАМ ВНИМАТЕЛНО, ИСКРЕНО ДА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАМ ЗА НЕГОВИТЕ ПОГЛЕДИ, ДА СЕ ОБИДАМ ДА ГО ПРОНАЈДАМ ИЗВОРИШТЕТО НА ТАКВИТЕ СТОЈАЛИШТА, ДА МУ ДАДАМ „МОРАЛНА ПОЧИТ“ НА СПРОТИВСТАВЕНИОТ СТАВ, ДУРИ И ДА ИЗРАЗАМ ЕМПАТИЈА ЗА НЕГОВИТЕ РАЗМИСЛУВАЊА И МОТИВИ

За да изразам несогласување со ставот на соговорникот, најнапред треба да го разберам неговиот став, да го ислушам внимателно, искрено да се заинтересирам за неговите погледи, да се обидам да го пронајдам извориштето на таквите стојалишта, да му дадам „морална почит“ на спротивставениот став, дури и да изразам емпатија за неговите размислувања и мотиви. Конечно, да се обидам да прифатам дека можеби неговиот став ќе ја разубеди мојата претходно втемелена вистина или да најдам начин двете вистини да коегзистираат во истиот простор во кој живееме. Ваквиот метод на несогласување има сила да ги залечи лузните или барем да не ги продлабочи.
Притоа сосема сум свесен дека нашето општеството стана толку токсично што позицијата и „минатиот труд“ на многумина од оние со кои треба интелигентно да не се согласам за нешто веројатно го компромитира и самиот почеток на разговорот зашто соговорникот во старт има црвјосана морална заднина. Но, има ли друг пат и друг метод кој може да дејствува плодотворно?

Како поминува времето и како искуството неминовно се зголемува, моите вистини се намалуваат. Можно ли е да исчезнат до крајот на животот? Можно ли е Сократ да бил навистина во право кога „знаел дека ништо не знае“ и дека умрел незнаејќи ништо?

Мора ли, на пример, партиската позиција да биде вечен чувар на сите вистини?
Можеме ли по 10-годишната траума на ЕДНА вистина (која ве наградува ако ја негувате, а ве казнува ако ѝ се спротивставите) да имаме право на своја вистина? И онака од колачот за делење останаа само ронки, та нели никој ништо не очекуваше, нели само слободата беше важна...

Влегувањето во табори ги радикализира дури и оние луѓе кои се сметаат себеси за умерени бидејќи нагласениот радикализам им овозможува безбедно место во групата за да не бидат волци самотници или изгубени јагниња. Тоа го турка општеството на радикални краеви, а центарот го остава празен. Не мислам на политичкиот центар, туку на агората, на гумното, на местото каде што треба да се среќаваме и да разговараме, каде што и најрадикалните ставови можат да добијат мнозинска поддршка ако општеството е подготвено на тоа или ако политичките елити радикално отишле во погрешен правец. На агората / гумното ретко се случуваат комуникациски хаварии. Не се сеќавам некој мудар и разумен човек да бил протеран од гумното, а тоа протерување да не било на сметка на самото гумно и да не навестувало идна дезинтеграција на заедницата.
Затоа, ајде најпрво да си го средиме гумното, да се посветиме на нашето село за да можеме да го освоиме градот. Да ги извадиме добрите и разумни луѓе на рамноденица за да не ги голтне ноќта.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top