Интервјуа
ОРГАНИЗИРАМЕ ГОЛЕМ БИЗНИС ФОРУМ „ФРАНЦИЈА-БАЛКАН 2018“

Пјер Лињо
Директор на канцеларијата на Бизнис Франс во Грција

Вие сте дел од Бизнис Франс. На почетокот на ова интервју, што точно е Бизнис Франс? Кога е воспоставена и кои се нејзината мисија и цел?

П. Лињо: Бизнис Франс е француска владина агенција која е формирана не многу одамна, пред околу три години, на 1 јануари 2015 г. Таа настана со спојување на две други владини агенции, едната задолжена за промоција на инвестициите, Агенција за инвестиции во Франција, а другата задолжена за промоција на трговијата, УБИФРАНС (UBIFRANCE).
Нашата главна мисија е да им помогнеме на француските компании да најдат нови бизниси, надвор од Франција, на странските пазари. Втората мисија ни е да им помогнеме на странските компании да ја изберат Франција и да инвестираат во Франција. И, третата мисија ни е да го промовираме економскиот имиџ на Франција, особено од гледна точка на индустријата и на иновациите. Всушност, сакаме Франција да се перципира не само како земја на мода, на добро вино и на добро сирење туку и како земја на иновативни индустриски решенија. Во тој поглед Бизнис Франс води две кампањи, едната е Креатив Франс (Creative France), а втората е Френчтеч (FrenchTech).

Како се шират активностите на Бизнис Франс низ светот? Колкав е бројот на земји во кои работите?

П. Лињо: Нашата канцеларија е со седиште во Атина. Сепак, оваа канцеларија не е само за Грција, од таму ние покриваме шест земји, главно од западниот дел на Балканот: Србија, Албанија, Црна Гора, Македонија, Грција и Кипар.
Но, ова се однесува само за канцеларијата во Атина. Бизнис Франс има светска мрежа од околу 70 канцеларии и покриваме речиси 80 земји во светот.

Некои земји употребуваат модел на економска дипломатија користејќи ги нивните дипломатски канцеларии низ целиот свет. Од организациска гледна точка, каква е интеракцијата меѓу Бизнис Франс и мрежата на амбасади на Франција?

П. Лињо: Како што реков, Бизнис Франс е агенција на Владата на Франција и ние сме во надлежност на три министерства, Министерството за економија и финансии, Министерството за територијална кохезија и Министерството за надворешни работи. Значи имаме тесна соработка со мрежата на амбасади, особено во земјите каде што немаме свои канцеларии. Исто така тесно соработуваме со Економскиот оддел на Амбасадата на Франција, како и со аташето за односи со јавност. Надвор од Амбасадата имаме многу блиска соработка со билатералната стопанска комора, доколку постои. На пример, во Србија работиме со Српско-француската стопанска комора, во Албанија со Француско-албанската стопанска комора.

Н.Е. Кристиан Тимоние, Амбасадор на Франција во Република Македонија (десно)

„Постојат одлични перспективи за унапредување на француско-македонската трговска размена“,
е пораката на Амбасадата до деловните луѓе во двете земји.

Агенцијата Бизнис Франција (Business France) е агенција на француската држава за промовирање на надворешната трговија, инвестициите и сликата за економскиот амбиент во Франција. Агенцијата има канцеларија во Атина, која е надлежна за целиот балкански регион. Работи во непосредна консултација со Амбасадата, а нејзиниот директор редовно ги посетува македонските економски чинители: министерства, стопански комори, компании итн. Не толку одамна, во јули 2016 година, Бизнис Франција (Business France) организираше, во рамките на Парискиот самит за Балканот, средби меѓу раководители на француски компании и нивни балкански колеги. Агенцијата, без сомнение, располага со најдобриот адресар во Франција, со искусен персонал препознатлив по квалитетот на советите што ги нуди и по професионалната посветеност. Крајот на политичката криза во Македонија отвори нов период и Амбасадата силно ја охрабри Бизнис Франција (Business France) да ги искористи можностите што ги нуди оваа земја, која располага со значајни адути, со компетентна работна сила, во која постои консензус во врска со европската интеграција и каде што е утврдена определбата на новите власти за понатамошен напредок во поттикнувањето на инвеститорите и транспарентноста на трговијата. Амбасадата смета дека Бизнис Франција (Business France) треба да ја држи за збор Владата која успеа да го преточи во реалност тоа што премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев ми го кажаа уште при мојот прв состанок. Белградскиот форум ќе биде единствена можност да се покаже дека Македонија се враќа и дека потенцијалот на нашата трговска размена конечно е искористен.

 

Бизнис Франс исто така организира и настани. Какви настани се тие и кои се учесниците?

П. Лињо: Да, за промоција на трговијата имаме два начина на дејствување. Прво, можеме да работиме индивидуално за една француска компанија. На пример, за некоја француска компанија која би сакала да најде деловни партнери во Македонија за дистрибуција на своите производи би можеле да организираме програма на деловни средби со потенцијални македонски деловни партнери. Можеме да го сториме тоа во секој сектор и во секоја земја. Значи ова е индивидуален начин да се донесе компанија на странскиот пазар.
Исто така правиме и колективни настани, тоа е вториот начин на дејствување. Овие настани се користат за промовирање на француското знаење, на француската експертиза во одреден сектор. Ова може да се направи преку француски павилјон на меѓународна саемска манифестација, но исто така може да биде и настан кој ние самите го организираме, како на пример состаноци меѓу купувач и продавач.

Која е причината за Вашата посета на Скопје во февруари?

П. Лињо: Главната цел на мојата посета денес и утре е да ги информирам различните министерства и разните трговски тела како што се Стопанската комора на Македонија, Инвест ин Маседонија итн., за големиот бизнис-форум што ќе го организираме во Белград на крајот од мај. Сакаме да ги информираме релевантните субјекти и да го рекламираме овој бизнис-форум насловен како „Франција-Балкан 2018“.

Можете ли да ни дадете повеќе детали за бизнис-форумот „Франција-Балкан 2018“?

П. Лињо: Во минатото организиравме конкретни настани поврзани исклучиво со Македонија. На пример, во 2016 година организиравме семинар за Македонија во Франција. Но, овој форум што ќе го организираме во 2018 година ќе биде голем регионален настан. Идејата е во Белград да се донесе делегација од компании од Франција составена од околу 40 до 50 компании. И исто така да се донесе делегација од компаниите од дванаесет земји кои треба да бидат вклучени во овој бизнис-форум.

Како ја оценувате досегашната економска соработка меѓу Франција и Република Македонија?

П. Лињо: Дефинитивно економската соработка меѓу Франција и Македонија не е на нивото на кое треба да биде. Затоа го организираме големиот бизнис-форум во Белград. Компаниите кои учествуваат на форумот ќе имаат корист од тоа. Идејата е да се соберат компании од пет главни сектори. Избравме пет сектори кои се релевантни за сите балкански земји. Тие сектори се агроиндустрија, ИТ, инфраструктура, енергија, особено обновлива енергија и туризам. Значи ќе се фокусираме на овие пет сектори.
Ќе има официјално отворање на форумот со министри од Франција и од земјите од балканскиот регион. Ќе се одржи пленарна сесија со три главни теми, како на пример како да се биде успешен во бизнисот со балканските земји, како да се финансираат деловните настани на Балканот и како да се инвестира на Балканот. Значи ќе имаме различни панелисти и дискусии за овие три теми на пленарната сесија. Ова ќе биде првата половина од првиот ден.
Вториот ден ќе биде целосно посветен на средби меѓу бизнисите. Очекуваме 250 учесници. Исто така ќе имаме онлајн платформа за спојување и за организирање средби меѓу бизнисите. Компаниите ќе се регистрираат директно на платформата. Тие ќе го стават својот профил, нивните центри на интерес, какви бизнис-партнери бараат и ќе можат да бараат средби. Барањето за средба може да биде прифатено или одбиено, а платформата ќе изготвува и ќе организира индивидуална програма за секој учесник.
Секако ќе има и гала вечера каде што луѓето ќе имаат време за неформално вмрежување. Мислам дека развивањето на личните односи е исто така важно ако сакате да развиете бизнис, можеби особено на Балканот.
Исто така ќе имаме секторски тркалезни маси за петте сектори што ги споменав. Значи компаниите и институциите ќе можат да разменуваат ставови и да предложат некои промени со цел да го подобрат деловното окружување за компаниите.
Крајната цел е навистина да се донесат француски компании во Белград за да се запознаат со нивните идни деловни партнери кои би сакале да купат производи, да добијат знаење (know-how), да најдат индустриски партнер за коинвестирање, да воспостават соработка со локалните компании за аутсорсинг или за заеднички влез на трет пазар.

Претпоставувам дека овој пристап е тестиран во други региони во светот и дека дава добри резултати.

П. Лињо: Да, така е. Всушност, имаме организирано два бизнис-форуми за Балканот, еден во 2012 година и уште еден во 2014 година, во Софија, Бугарија и во Букурешт, Романија. Сега во 2018 година ќе биде во Белград, Србија.

КОМПАНИЈАТА ЌЕ ЈА БАРА НАЈДОБРАТА ДЕЛОВНА МОЖНОСТ, „КОЈ Е НАЈДОБРИОТ БИЗНИС-ПАРТНЕР ЗА МЕНЕ“. МИСЛАМ ДЕКА ОВА Е ПРВАТА ПРИЧИНА ЗА НЕКОЈА СТРАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Каква респонзивност очекувате од македонскиот бизнис-сектор во врска со бизнис-форумот во Белград?

П. Лињо: Навистина се надевам дека Македонија ќе биде претставена со бројна делегација на компании на високо ниво. Денес се сретнавме со министерот за економија, двајцата министри задолжени за странски директни инвестиции, исто така со Инвест ин Маседонија, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на Македонија. Одговорот беше многу позитивен. Ние сме сосема сигурни дека ќе имаме одлична соработка со сите овие институции.
Можам само да ги охрабрам македонските компании кои сакаат да имаат поблиски деловни односи со француските компании да дојдат во Белград и да започнат соработка.

Од Вашето искуство со француските компании, дали кога одлучуваат за тоа со кого да соработуваат прават разлика меѓу земјите кои се членки на НАТО и оние кои не се? Дали е тоа фактор?

П. Лињо: Воопшто не. Јас сум малку изненаден од прашањето.

Причината зошто го поставувам ова прашање е тоа што податоците покажуваат дека странските директни инвестиции значително се зголемуваат кога земјата ќе влезе во НАТО бидејќи тоа им дава поголема сигурност на странските инвеститори.

П. Лињо: Да, тоа може да е така. Но, не мислам дека само членството во НАТО ќе донесе повеќе странски директни инвестиции. Тоа е комбинација од различни фактори. Се разбира, сигурноста на инвестицијата е исклучително важна, но исто така и кога една компанија инвестира во некоја земја, тоа не мора да значи дека таа бара најсигурна инвестиција. Компанијата ќе ја бара најдобрата деловна можност, „кој е најдобриот бизнис-партнер за мене“. Мислам дека ова е првата причина за некоја странска инвестиција.
Потоа и други фактори можат да помогнат. На пример, предвидливоста, односно дали фискалните и другите закони во земјата се менува на секои шест месеци или не. Странските инвеститори се деловни луѓе, тие преземаат ризици, но пресметани ризици. Колку е посигурно и поподатливо за бизнис деловното окружување, толку е подобро.

Ви благодарам за интервјуто и Ви посакувам многу плоден и продуктивен бизнис-форум во Белград на крајот од мај.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top