Интервјуа
ПРОМОВИРАМЕ ЕКОНОМСКИ РАСТ И ЈАКНЕЊЕ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ВРЕДНОСТИ И ИНСТИТУЦИИ

Дејвид Атебери
претставник на УСАИД за Македонија

Да започнеме со големата слика. Што претставува УСАИД во светот?

Д. Атебери: УСАИД е основана од Конгресот на САД по наредба од претседателот Џон Ф. Кенеди во 1961 година, истата година кога е формиран и Мировниот корпус, а денес работи во преку 100 земји. Бидејќи УСАИД дејствува како катализатор кој води до развојни резултати, нашата работа ги подобрува и националната безбедност на САД и нашиот економски просперитет, ја покажува американската дарежливост и промовира начин за постигнување отпорност и самоодржливост на земјите кориснички на нашата помош. УСАИД исто така е и водечката агенција на Владата на САД за координација и распределба на хуманитарна и помош во случај на природни катастрофи насекаде во светот.

Постои една изрека Времето е најважно. Оваа година се одбележуваат 25 години од почетокот на активностите на УСАИД во Република Македонија. УСАИД започна да ѝ помага на Македонија во многу важно време за македонската економија. На што се фокусираше помошта во тој почетен период?

Д. Атебери: Навистина, по распадот на Југославија, кога Македонија ја започна својата транзиција кон пазарна економија, УСАИД помогна со програми за реформа во земјоделството, агробизнисот, банкарството и енергетиката. За да се промовира добро управување, УСАИД финансираше иновативни активности за децентрализација и поддршка на локалната власт, како и на граѓанските организации во Македонија преку Програмата за демократски развој. Овие програми помогнаа да се постават основите за демократско владеење и слободна пазарна економија. Денес, по 25 години, нашата цел и понатаму е да продолжиме да ѝ помагаме на Македонија да премине кон пазарна економија со силни демократски норми, практики и институции.

Во текот на последниве 25 години, УСАИД посвети повеќе од 250 милиони долари средства од даночните обврзници на САД за да ѝ помогне на македонската економија. Што сметате дека се главните постигнувања во овој период?

Д. Атебери: Всушност, од 1993 година УСАИД инвестираше повеќе од 610 милиони долари во Македонија, од кои околу 250 милиони долари за економски раст; сепак, бројката во долари не дава вистинска слика за тоа како ние ја гледаме нашата помош. Нашите напори имаат цел да овозможиме, да бидеме катализатор на промените кои едноставно не можат да се измерат во долари. Постојат неколку главни постигнувања на кои сме горди, но еве неколку за кои сакам да зборувам:
• Работевме со релевантните министерства за да ѝ помогнеме на Македонија да стане членка на Светската трговска организација. Тоа е значително постигнување кое и понатаму ќе има позитивно, долгорочно влијание врз економијата на земјата.
• Во 2004 година, преку неколку проекти, УСАИД го донесе безжичниот интернет до сите граѓани. Нашата првична цел беше да го поврземе секое училиште во Македонија со интернет-мрежата. Додека го правевме тоа, безжичниот интернет почна широко да се користи и цената за приклучок се намали за речиси 70 проценти. Денес интернетот е лесно достапен во Македонија и горди сме што учествувавме во овој процес.
• Согледавме дека голема пречка за растот на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) во Македонија е недоволниот пристап до финансиски средства. Со текот на годините, поддршката на УСАИД доведе до формирање на единствените три институции во државата за микро финансирање и позајмување – Финансиски услуги на луѓето во Македонија (ФУЛМ), Можности и Развојната фондација Кримсон – кои на МСП им даваат финансиска помош која им е многу потребна за да го прошират својот бизнис.

Кога ќе ги погледнам проектите во кои бевте вклучени забележувам дека тоа се проекти за прашања кои вообичаено се истакнуваат како приоритети од засегнатите страни, претпријатијата и Владата. Ова е многу важно за ефикасно користење на достапните средства. Како ги избирате областите во кои ќе развивате проекти?

Д. Атебери: Прво и најважно, нашите програми се засноваат на потребите и на приоритетите идентификувани од Македонија. Од искуството научивме дека најуспешните и најодржливите програми на УСАИД се оние кои потекнале од локална иницијатива и се водени / имплементирани од локални субјекти. Штом ќе се идентификуваат и ќе се разберат националните приоритети, бараме допирни точки со националните интереси на САД и тие се основа за избор на прашања на кои ќе се фокусираме. Во Македонија нашата цел е да промовираме економски раст и да ги зајакнеме демократските вредности и институции, а истовремено да помогнеме при евроатланската интеграција на Македонија.

ПРВО И НАЈВАЖНО, НАШИТЕ ПРОГРАМИ СЕ ЗАСНОВААТ НА ПОТРЕБИТЕ И НА ПРИОРИТЕТИТЕ ИДЕНТИФИКУВАНИ ОД МАКЕДОНИЈА. ОД ИСКУСТВОТО НАУЧИВМЕ ДЕКА НАЈУСПЕШНИТЕ И НАЈОДРЖЛИВИТЕ ПРОГРАМИ НА УСАИД СЕ ОНИЕ КОИ ПОТЕКНАЛЕ ОД ЛОКАЛНА ИНИЦИЈАТИВА И СЕ ВОДЕНИ / ИМПЛЕМЕНТИРАНИ ОД ЛОКАЛНИ СУБЈЕКТИ

Во моментов се спроведуваат неколку важни проекти. На пример, има проект за зголемување на конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија со потенцијал за раст и креирање нови работни места. Што вклучува овој проект?

Д. Атебери: Проектот на САД за микро и мали претпријатија беше проект со вредност од 3,1 милион долари и со времетраење од шест и пол години. Целта беше да ги зајакне микро претпријатијата, да го зголеми нивниот придонес во националната економија, да го подобри економскиот раст и да го зголеми потенцијалот за создавање работни места. Проектот заврши минатиот месец. Се спроведуваше преку Центарот за претприемништво и извршен развој (CEED) Македонија, во партнерство со Владата на Швајцарија, и обезбеди практични едукативни програми за микро претприемачите, услуги за деловна поддршка за регионално проширување на бизнисот и мали инвестиции во удели во сопственоста на претпријатијата, мезанин финансирање (комбинација од вложување во сопственоста и должничко финансирање) или инвестиции од бизнис-ангели во микро претпријатијата. Иако проектот заврши, поддршката за претприемачите во Македонија ќе продолжи преку Центарот на CEED HUB кој неодамна беше префрлен во просториите на Машинскиот факултет во Скопје.
Исто така со тоа што центарот е лоциран таму каде што се студентите се надеваме дека тој ќе поттикне повеќе млади луѓе да го посетат Центарот на CEED HUB и да научат за многуте можности кои ги нуди. Претприемачите кои се во подем можат да ги претворат иновативните идеи кои ќе се изродат во училницата во производи и услуги кои може да се воведат на пазарот преку нови бизниси кои ќе се развиваат во Центарот CEED HUB.

Едно од главните прашања за малите претпријатија и за домаќинствата со ниски приходи е пристапот до финансиски средства. Кои се моменталните активности на УСАИД во оваа област?

Д. Атебери: Во своите 25 години во Македонија, УСАИД постојано вклучуваше компонента за пристап до финансии во своите активности за економски развој. Ние ги поддржавме финансиските институции во Македонија со воведување нови услуги и производи и им помогнавме на бизнисите да развијат решенија кои можат да бидат прифатливи за банките. На пример, пред 15 години УСАИД го поддржа формирањето на две институции за микро финансирање, ФУЛМ и Можности. Во текот на последниве 15 години, овие организации им помагаат на микро претпријатијата и на новите компании кои не би имале пристап до традиционалните комерцијални банки. Слично на ова, УСАИД обезбеди средства за единствениот локално регистриран инвестициски фонд кој бара потенцијални микро и мали претпријатија во кои би можел да инвестира без оглед на секторот.
Исто така го поддржавме и формирањето на Клубот на бизнис-ангели кој инвестираше во неколку македонски нови компании. Работевме со Македонската банка за поддршка на развојот која за првпат воведе услуги за факторирање на извозот – за да го подобри готовинскиот тек на компаниите, а неодамна започнавме нов проект Факторинг со цел да ја промовираме оваа финансиска услуга и кај домашните компании.
Минатиот месец УСАИД го започна и Проектот за развој на деловниот екосистем кој ќе работи со традиционалните и нетрадиционалните финансиски институции со цел да се зголемат изворите на финансиски средства кои им се на располагање на малите и средни претпријатија за тие да го прошират својот бизнис и да ги зголемат напорите за создавање нови работни места.

ВО ТЕКОТ НА ИЗМИНАТИВЕ 25 ГОДИНИ ОБЕЗБЕДИВМЕ СОВЕТОДАВНА ПОДДРШКА ЗА ВЛАДАТА ВО ИЗГОТВУВАЊЕ НА ПРИМАРНОТО И СЕКУНДАРНО ЗАКОНОДАВСТВО ЗА ЕНЕРГЕТИКА, КАКО И ПРИ НЕЈЗИНИТЕ НАПОРИ ВО ИСПОЛНУВАЊЕТО НА БАРАЊАТА НА ЕНЕРГЕТСКАТА ЗАЕДНИЦА

Во однос на владиниот сектор, УСАИД во моментов е вклучен во подобрување на деловната политика и климата за инвестирање. За што е поконкретно проектот?

Д. Атебери: Проектот на УСАИД Партнерство за подобра деловна регулатива на бизнисот е четиригодишен проект, во вредност од 1,9 милиони долари, со цел да им помогне на микро и малите претпријатија да ги подобрат своите способности за исполнување на законските барања и за учество во подготвувањето на политики кои се однесуваат на нивното работење.
Четирите главни стопански комори во Македонија – Стопанската комора на Македонија, Комората на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори и МАСИТ (Комората за ИКТ) – заеднички ја спроведуваат оваа програма со тоа што им помагаат на микро, малите и средните претпријатија да ги исполнат законските барања; организираат форуми за подобрување на информираноста и исполнувањето на правните и на финансиските регулативи; поддржуваат дијалог меѓу јавниот и приватниот сектор преку работилници и ги зајакнуваат способностите за застапување и лобирање на партнерските комори.

Знаеме дека вистинска конкурентност не може да се оствари без солидна основа во секторот енергетика. Како УСАИД ги поддржува напорите на Владата во оваа област?

Д. Атебери: Нашата поддршка за реформите во секторот енергетика траеше во текот на сите изминати 25 години. Економични, доверливи и сигурни извори на енергија се од фундаментално значење за економскиот раст на земјата. Енергетските системи честопати се протегаат и надвор од границите на земјата, па нашата програма за енергетика секогаш се спроведувала заеднички со регионалните програми кои ги поддржува Вашингтон.
Сеопфатниот пристап на УСАИД вклучува повеќе аспекти – системски реформи, институционален развој, промоција на чиста енергија, енергетска ефикасност и зајакнување на севкупната енергетска сигурност. На пример, го поддржуваме разделувањето на вертикално интегрираните комунални системи со цел тие да бидат финансиски подостапни и да промовираме транспарентност во системот. Помошта од УСАИД беше од клучно значење при воспоставувањето на независна регулаторна комисија и развојот на регулаторна средина која поттикнува инвестиции во овој сектор. Работевме со операторите на преносниот систем во Македонија и во регионот на стратешко планирање и развој на приоритетни интерконекции што помогна да се обезбедат преку 1 милијарда долари во форма на инвестиции во преносната инфраструктура во регионот, а се идентификуваа и дополнителни потребни проекти.
Во однос на промовирањето на енергетската ефикасност, УСАИД е единствената донаторска агенција која работеше и во резиденцијалниот и во индустрискиот сектор. Преку Хабитат за хуманост Македонија основавме револвинг фонд со околу 950 000 долари кои се користеа за реновирање на 32 станбени згради со 671 домаќинство. Во индустрискиот сектор воведовме системи за управување со енергија во 17 компании и им помогнавме да се зголеми нивната ефикасност, а да се намалат вкупната потрошувачка на енергија и трошоците за неа.
Во текот на изминативе 25 години обезбедивме советодавна поддршка за Владата во изготвување на примарното и секундарно законодавство за енергетика, како и при нејзините напори во исполнувањето на барањата на енергетската заедница. Исто така изготвивме и насоки за тоа како Владата може да го поедностави процесот и да го скрати времето за инвестирање во проекти за искористување на обновлива енергија, да ги стимулира инвестициите во чиста енергија и во различни извори на енергија.

Кои проекти се подготвуваат во иднина?

Д. Атебери: Продолжуваме со нашите тековни програми во однос на развојот на приватниот сектор; промовирање на поголемо учество на граѓаните во политичките институции и процеси; подобрување на капацитетот на граѓанските организации за нивен ангажман во политиките и одбрана на човековите права; развој на младите и зајакнување на способноста на Собранието да ја врши поефикасно својата законодавна и надзорна функција.
УСАИД исто така ќе продолжи да се фокусира на подобрување на деловните политики и климата за инвестирање преку зајакнување на капацитетот на главните економски министерства и агенции во Владата на Македонија да развиваат и да спроведуваат политики и програми за економски развој.
Во блиска иднина разгледуваме можности за подиректна поддршка на Владата преку градење капацитети, административни реформи, решенија за е-владеење и ИКТ, како и други активности кои ќе им бидат од корист за граѓаните на Македонија.

Дозволете ми да се навратам на една нематеријална придобивка за македонската економија од помошта на УСАИД обезбедена во последниве 25 години. Постојат примери за глобален успех кој го постигнале македонски компании, на пример компанијата FX3X која подготвува специјални ефекти за холивудските високобуџетни филмови. Нематеријалната придобивка од помошта обезбедена од УСАИД е зголемувањето на самодовербата на македонските претприменачи, ставот дека всушност можеме да успееме. Кој е Вашиот коментар за ова?

Д. Атебери: Нашата улога е всушност да дејствуваме како катализатор – тука сме за да обезбедиме помош, но на крајот граѓаните на Македонија се тие кои се носители на промените и растот во земјата. Горди сме на она што го имаме постигнато во партнерство со граѓаните на Македонија, но како што вели администраторот на УСАИД Марк Грин „Целта на странската помош треба да биде состојба во која веќе нема да има потреба од неа. Секоја наша програма треба да го очекува денот кога таа веќе нема да биде потребна.“ Поради тоа се трудиме да се оддалечиме од традиционалниот развоен однос и да работиме повеќе како билатерално партнерство кое им служи на стратешките интереси на двете наши земји.

Ви благодарам за интервјуто.

Д. Атебери: Ви благодарам.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top