Општество
СПОРОВИ ОД ЗАШТИТАТА НА ИНТЕРНЕТ ДОМЕН ИМИЊА

Емилија Ѓорѓиоска
Aвторот е Докторант на Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје

Имајќи ја предвид експанзијата на користењето на интернетот, како и фактот што голем број од трговските зделки на глобално ниво се склучуваат преку интернет или благодарение на интернетот, името на доменот често се смета како едно од правата на индустриска сопственост. Домените се значајно средство за остварување на дејноста на правните субјекти на т.н. „виртуелен пазар“. Името на доменот претставува текстуална адреса која се употребува од физички и правни лица за пристап и водење на страници на интернетот. Тие можат да содржат називи на трговски марки, географски називи, па и фирми на правните лица, а преку кои им се овозможува на нивните носители да остваруваат контакт со потрошувачите, односно да дејствуваат на „виртуелниот пазар“. Со раширување на употребата на интернетот сѐ повеќе внимание се посветува на заштитата на имињата на домените. 

Регистрацијата на домен имињата се врши во компании регистратори на принципот „прв дојден - прв услужен“ при што компанијата регистратор единствено врши проверка дали има регистрирано друг домен со исто име. За разлика од правата од индустриска сопственост кои се заштитуваат пред државни органи во посебна управна постапка по проверка на пропишаните законски критериуми, домен имињата се регистрираат пред правни лица кои извршуваат дејност на регистрација на домен имиња во рамките на домен имиња од „највисоко ниво“. При регистрацијата на домен имињата настанува договорен однос меѓу носителот на името на доменот и правното лице кое врши регистрација. Во согласност со Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа (Службен весник на РМ бр. 124/2010, 47/2011, 41/2014), Македонска академска истражувачка мрежа (МАРнет) управува со македонскиот домен и води единствен Регистар на регистрирани поддомени во МК-доменот. Во согласност со Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски .мк домен и врвниот македонски .мкд домен, регистрација на домени во Република Македонија врши МАРнет, но има можност правото да вршат регистрација на домени МАРнет да го пренесе и на трети лица во својство на регистрари. Во моментов својствo на регистрари имаат 18 правни лица. Во согласност со објавената статистика на МАРнет регистрирани се 17 564 мк домени и 455 мкд домени. [Податоци од 27.12.2017 година.]

Бидејќи при регистрацијата на домените регистрарите не вршат проверка дали со доменот чија регистрација се бара се врши повреда на некое заштитено или стекнато право на индустриска сосптвеност, во практиката често се среќаваат спорови за заштита на права од индустриска сопственост повредени со регистрацијата на некој домен. Во теоријата, врз основа на разни ситуации од практиката, се прават различни категоризации на видовите повреди. Па така спорните ситуации во врска со користењето на името на домените можат да се категоризираaт во неколку категории во зависност од причините на кои се заснова настанувањето на спорот. Така потребно е да се разликува ситуација кога и двете странки имаат право на користење на еден назив (конкуренција на правата) од активности како што се cybersquatting, typosquoating , сметање на конкурентски фирми или искористување на туѓа пазарна репутација за која е потребна лоша верба на страна на странката која го користи спорното домен име. Cybersquatting настанува кога поради разликата на цената која се плаќа за регистрација на име на домен и износот за кој се продаваат некои веќе регистрирани имиња на домен, одреден број лица регистрираат имиња на домен со цел подоцна да ги продаваат за имотна корист. На овој начин овие лица регистрираат имиња на домен кои инкорпорираат познати имиња или знаци за чие користење немаат право. За typosquoating станува збор во ситуација кога се регистрира име на домен кое содржи некој заштитен назив или име кое е намерно напишано со грешка, најчесто во таква форма во која корисниците на интернет несвесно или од незнаење го прават при пишувањето на името на доменот (пр.ayhoo.com наместо yahoo.com). На овој начин typosquating лицето кога регистрира име на домен се обидува да профитира на тој начин што искористува некој заштитен назив или име.

Установи за решавање на споровите од заштита на домен имиња по пат на арбитража


Во ситуација кога некоја страна смета дека и е повредено некое од правата: името на доменот е исто или слично со името на трето лице; постои сличност или поистоветеност меѓу имињата на домените; корисникот на доменот нема право или законски интерес за користење на домен со такво име или користењето на доменот е спротивно на начелото на совесност и чесност, може да поведе постапка за заштита на правата. Доколку оваа заштита се поведе пред надлежен суд, тогаш постапката се води во согласност со Законот за парничната постапка.

До донесувањето на Одлуката за укинување на Правилникот за арбитражна постапка при Македонска академска истражувачка мрежа, пред МАРнет за овој вид спорови можеше да се води арбитражна постапка. Арбитражата како механизам за заштита при МАРнет функционираше од декември 2013 година до јануари 2016 година. Арбитражната постапка можеше да се води пред арбитер поединец или арбитражен совет сочинет од тројца арбитри. Во согласност со поднесено барање за пристап до информации од јавен карактер за бројот на поведени и завршени постапки пред МАРнет, добиен е официјален одговор дека до 30.3.2016 година пред МАРнет се поднесени вкупно 46 барања за поведување на арбитражна постапка од кои 36 се решени, а за останатите 10 барања постапките се во тек. Специфика на арбитражната постапка на МАРнет беше што во оваа постапка не може да се истакнува друго барање и арбитражата да донесува одлука за други прашања како што се надоместок на договорна и вондоговорна штета, ниту одлука со која на регистрантот на доменот му се наложува нешто да трпи, да направи или да презема дејствија, како и други видови трошоци. Со одлуката од арбитражата при МАРнет можеше да се нареди некое трпење, чинење, бришење на регистрираниот домен и друго дејство кое се однесува на регистрираниот домен. Конечната одлука од арбитражната постапка задолжително се доставуваше до регистрарот кој е должен да постапи по арбитражната одлука. Арбитражната постапка пред МАРнет се карактеризираше со тоа што таа завршуваше за временски краток период, но и за многу пониски трошоци за разлика од водењето на судската постапка. Само како илустрација, трошоците за водење на арбитражна постапка пред МАРнет изнесуваа 3 000 денари доколку во постапката одлучуваше арбитер поединец.

ОДЛУКАТА ДА СЕ УКИНЕ АРБИТРАЖАТА ПРИ МАРНЕТ, КОЈА МОЖЕБИ ПРОИЗЛЕЗЕ КАКО РЕЗУЛТАТ НА НЕДОВОЛНАТА ИНФОРМИРАНОСТ ЗА ПРЕДНОСТИТЕ НА АРБИТРАЖАТА, НО И ПОРАДИ ОДРЕДЕНИ НОРМАТИВНИ НЕДОСТАТОЦИ ПРИ УРЕДУВАЊЕТО НА АРБИТРАЖАТА, Е ЛОШО РЕШЕНИЕ И ВРАЌАЊЕ ЧЕКОР НАЗАД

Бидејќи им беше оставена можност на страните да бараaт заштита пред надлежен суд или да поведат други постапки предвидени со закон и по завршување на арбитражната постапка при МАРнет, во практиката често се случуваше споровите решавани во арбитражна постапка пред МАРнет да бидат повторно предмет на одлучување во судска постапка. Сметајќи дека националните судови се покомпетентни за решавање на овие спорови, донесена е одлуката да се укине арбитражата при МАРнет. Меѓутоа Одлуката за укинување на Правилникот за арбитражна постапка е во спротивност со светските трендови за решавање на овој вид спорови по пат на арбитража. Арбитражата во споровите од заштита на домен имињата, како механизам за решавање на спорови, постои пред повеќе установи меѓу кои се: Центарот за арбитража и медијација при WIPO, National Arbitration Forum (NAF) и Asia Domain Name Dipute Resolution Center (ADNDRC). Центарот за арбитража и медијација при WIPO е водечка институција во администрирање и решавање на спорови за интернет домен имиња. Како илустрација, само Центарот за арбитража и медијација при Светската организација за интелектуална сопственост досега има процесуирано над 37 000 спорови за име на домен. Постапката за арбитража во спорови од интернет домен имиња по правило е писмена без одржување на усна расправа, било со користење на телефонска конференција, видеоконференција или на кој било друг начин, освен ако арбитрите не одлучат дека за потребите на постапката нужно е да се одржи расправа. Со цел полесно и поедноставно поведување на постапката, најчесто специјализираните арбитражни установи за решавање на спорови од интернет домен имиња имаат објавено модел на тужба – барање за поведување на постапка. Постапките се едноставни и најчесто во Правилата за арбитража се пропишани кратки рокови во кои треба да биде донесена одлуката за спорот.

Иако првенствено целта на домен имињата беше техничка – олеснување на поврзувањето на компјутерите со интернет, домен имињата, пред сѐ поради својата форма лесна за помнење, станаа дел од идентитетот на голем број бизниси. Нивната употреба стана рутинска, како средство за рекламирање и потврдување на присуството на фирмите на интернет. Компаниите на овој начин пронајдоа нов метод со голем потенцијал за обезбедување податоци до потрошувачите за стоките и услугите кои ги нудат. Меѓутоа поради фактот што системот за регистрација на домен имињата со регистрите на заштитените трговски марки не се меѓусебно поврзани, бројот на можни повреди и спорови се зголемува, но и можностите за нанесување штета на голем број компании. Затоа е потребен механизам кој ќе овозможи брза и ефикасна заштита од неовластено користење или регистрирање на домените. Сметам дека одлуката да се укине арбитражата при МАРнет, која можеби произлезе како резултат на недоволната информираност за предностите на арбитражата, но и поради одредени нормативни недостатоци при уредувањето на арбитражата, е лошо решение и враќање чекор назад. Добро е да се остави правна можност за водење арбитражна постапка при МАРнет за неовластено користење на домените, особено што арбитражната постапка како алтернатива на судската постапка се карактеризира со тоа што завршувањето и решавањето на спорот е во пократок временски период и за сметка на помалку парични ресурси за разлика од судските постапки кои се поскапи, подолги и посложени.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top