Е-Б-Ф-Б
КОИ НАСТАНИ ВРЕДИ ДА СЕ ПОСЕТАТ ОВАА ПРОЛЕТ?

Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk

Разгледајте внимателно, одредете што точно ви треба, колку и каков тип знаење, инспирација, вмрежување… спакувајте ги куферите и на пат… и онака работиме секаде каде што има интернет

Често повторувам, за интернет најмногу можеш да научиш на интернет. Притоа не мислам на онлајн курсевите и безбројните написи со совети и со искуства. Да, секако дека од нив можете да научите и тоа многу, немам намера да го намалувам нивното значење, ама во оваа ситуација мислам на можноста која речиси уникатно ни ја нуди интернетот. На интернет секогаш е можно „копање“ по сајтовите и кампањите на конкуренцијата, директна или индиректна. Огромен дел од решенијата, алатките, сервисите, техниките кои ги преземаат „иновативните“ маркетери по светот се достапни на увид. Најчесто треба само да бидете љубопитни, да научите да ги следите ситните детали, во адресата, на самиот сајт, да го видите кодот на сајтот, малку инспект елемент (inspect element), малку искуство и може да се научи многу.
Но, постои уште една, исклучително важна форма на учење, старите добри офлајн конференции. Јас сум голем фан на конференции и сл. настани и сè уште мислам дека работите кои најчесто ги прераскажувам сум ги дознал на настани, а не сум ги прочитал иницијално на интернет. Си има додадена вредност кога си таму, кога имаш шанса директно да слушнеш, да прашаш и да поразговараш на темите од интерес. Дополнително зад сцената секогаш има шанса да ги дознаеш не толку розовите работи кои се слушаат на сцена или се пакуваат во совршената студија на случај.
Како и секоја пролет и оваа понудата на настани во регионов е сосема солидна. Во продолжение еве неколку препораки за настани на кои или сум бил или имам „сигурна дојава“ дека вреди да се посетат. Подредени се по датум.

 
1. InOrbit – 15 и16 март, Порторож, Словенија 
InOrbit е веројатно еден од најквалитетните настани на тема перформанс маркетинг во регионот и пошироко. Повеќе насочен кон европската публика отколку кон регионалната, оваа година настанот е на нова локација, но има и сериозен исчекор во програмата. Претставници од Букинг.ком, Хабспот, Клик тејл, Мајкрософт (Booking.com, HubSpot, ClickTale, Microsoft)… предводени од број еден ППК (PPC (pay per click)) експертот во светот два дена на словенечкото крајбрежје ќе се обидат да ве научат многу.

 

 

2. Webiz – 22 и 23 март, Зрењанин, Србија
Webiz веќе е институција во Србија, повеќе години на повеќе локации, се труди да избега од сенката на поголемите настани и навистина одработува одлична задача во помалите, условно речени позапоставени делови од Србија. Но, тоа не значи дека се жртвува и на квалитет. Оваа година во Зрењанин во рамките на e-комерц едукацијата има навистина искусни и квалитетни професионалци кои верувам ќе споделат многу конкретни знаења од оваа област. Србија секако е во одредени сегменти чекор, па и два пред нас кога станува збор за интернет-трговијата, па затоа можеби и не е лошо да се појде и да се слушне некое искуство повеќе.

 

 

 

3. Konverzija – 14 април, Бања Лука, Босна и Херцеговина
Нема премногу настани во Босна и Херцеговина, но Конверзија се случува веќе втора година по ред организиран од легендарниот SEO експерт Недим Шабиќ. SEO, SEM, CRO, Фејсбук огласување, Дропшипинг, Адвордс... (Dropshipping, AdWords…), ако нешто од ова ви е важно во работата, а секако треба да ви биде, тогаш разгледајте ги опциите дали ќе ви се исплати да отпатувате до Бања Лука за еднодневен настан.

 

 

4. Spark.me – 26 и 27 мај, Будва, Црна Гора
Од 2013 година, па навака Spark.me е неисцрпна инспирација за серија други настани во регионов, вклучувајќи го во одредена мера и нашиот AllWeb. Атмосферата таму е на друго ниво, предавањата може не се толку практично ориентирани за да добиете премногу конкретни знаења, но секако може да сфатите во која насока се движи маркетинг индустријата. Оваа конференција не е фокусирана само на маркетинг, туку вклучува и други бизнис-теми и секако медиуми. Spark.me има своја енергија која задолжително мора да се осети, а судејќи по најавата на првите двајца говорници (Mark W. Schaefer, {grow} и Kerry O’Shea Gorgone, MarketingProfs) оваа година програмата ќе си „крцка“.

 

 

5. WordCamp Europe 2018, 14 до 16 јуни, Белград, Србија
Ако земеме предвид дека денес глобално најкористен CMS е Wordress, и фактот дека овој CMS е се почесто решение за поголем број локални компании, несомнено е дека треба да постои интерес за најголемиот, на европско ниво, собир на Wordpress професионалци. Влезниците не се многу скапи, програма допрва се очекува, но судејќи по претходните настани не може да се очекува ништо помалку од супер корисен настан.
Има уште многу други настани кои нема да не остават да седиме во канцеларија во следниве неколку месеци, разгледајте ги внимателно, ниту еден нема да ви биде залудно потрошено време, само одредете што точно ви треба, колку и каков тип на знаење, инспирација, вмрежување… спакувајте куферите и на пат… и онака ние дигиталните маркетери работиме секаде каде ќе се закачиме на интернет.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top