Општество
ИТАЛИЈА ПОВТОРНО ИЗБИРА

Европскиот естаблишмент пред нов тест

Додека Јункер, во придружба на Јоханес Хан, од Меѓународниот аеродром Скопје летнува за Тирана на својата балканска турнеја во обид да ја консолидира европската ориентација на Западниот Балкан, веднаш наспроти нив, преку Јадранското Море, третата европска економија и една од политички најнестабилните европски земји, Италија, ги брои последните денови од изборната кампања пред парламентарните избори закажани за шести март. Иако со прилично непредвидлив исход, постои нагласена смиреност во Брисел, но и во Париз и во Берлин, како најсилни европски политички центри за претстојните италијански избори. Европа или се навикна да живее со политички нестабилниот популизам и радикализам или, поверојатно, јавната непредвидливост на општествените текови во Италија и не се баш толку непредвидливи за поголемите политички играчи. А пред само една и пол година, кога на овие страници правевме анализа на италијанскиот политички систем, на само два месеци пред историскиот референдум за промена на Уставот и изборниот систем на Италија, констатиравме силна возбуденост од можните политички промени во Италија и кај елитите во Брисел, но и кај поважните политички центри во Европа. Тоа беше период кога низ Европа се тркалаше политичкиот моментум на популизмот и на радикалната десница, предизвикан најмногу од успешноста на референдумот Брегзит, но и од изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Накратко, Италијанците беа ставени пред изборот да гласаат за промена на т.н. Совршено симетричен дводомен парламент, посебен политички систем кој за целиот период од Втората светска војна па наваму имаше цел да обезбеди стабилност на земјата и контролни механизми за ограничување на моќта на поединците во согласност со тогашната доктрина за земјите кои поминале низ периодот на фашизам – „никогаш повторно“. Системот е така создаден за да оневозможи концентрација на моќта на одредена политичка елита, што ги принудува политичките партии на формирање коалициски компромиси со цел обезбедување стабилно мнозинство. Точно е, тоа создава шаренолик диверзитет на политичката сцена во државата, но во исто време создава и политичка нестабилност имајќи предвид дека во изминативе седумдесетина години во Италија се смениле над 60 премиери! Практично, во својата модерна историја како Република, Италија немала ниедна влада што успеала да го истера целиот свој мандат, а најчесто владите едвај дотеруваат и до половина. Матео Ренци, тогашната либерална политичка ѕвезда на Италија, најмладиот премиер во историјата, ги нижеше своите политички успеси обезбедувајќи стабилна поддршка од јавноста, но и стабилно мнозинство во двата дома. Тоа му даде сила да се обиде да создаде историски пресврт и да ризикува со уставен референдум преку кој би обезбедил општествен систем кој би произвел политичка стабилност на државата. Во обид невешто да „кокетира“ со расположението на граѓаните, Ренци непотребно го стави својот политички кредибилитет зад успешноста на референдумот и со тоа практично предизвика негова неуспешност по што следеше и негово повлекување од премиерската позиција. Со тоа завршија златните моменти на Демократската партија, а на политичката сцена повторно почнаа да се актуализираат политиките на десницата.
А враќањето на италијанската десница како главен фаворит на политичката сцена не би била воопшто интересна доколку на сцена не се врати и поранешниот премиер со најдолг стаж во Владата, но и со најголемите бунга-бунга контроверзии кои притоа го следеа, Силвио Берлускони. Последен пат Берлускони беше премиер на Италија во 2011 година од кога десницата запаѓа во сериозна криза што, пак, предизвика и распад на тогашниот политички крупен субјект Слобода на народот. Во 2013 година, поради извршни пресуди против него за затајување данок, Берлускони доби еден вид забрана за вршење на јавна дејност, што му оневозможи во иднина да се кандидира за премиер на Италија. Сепак, и покрај забраната, истата година Берлускони ја реактивираше неговата партија – Форца Италија!


Но, политичкиот „колач“, предизвикан од растот на поддршката за десницата, Берлускони сега мора да го дели со повеќе партии и предводници меѓу кои, покрај бројните ултра десничарски и неофашистички партии од периферијата на политичкиот спектар, се наоѓа и Матео Салвини со неговата партија Северна лига, чија идеолошка матрица почива на цврста антимигрантска политика, ветувања за директно протерување на мигрантите, евроскептицизам и останати политички позиции со кои Салвани се наметна како лидер на радикалната десница, но со значајно поизбирлива позиција од фундаменталистите на периферијата. Иако формално припаѓа на десно-центристичката коалиција, идеолошката поставеност на Салвини поблиску одговара до Движењето 5 ѕвезди отколку до коалициските партнери во водечката коалиција. Тоа, ќе видиме подоцна, претставува веројатно и најголемата опасност за мејнстрим политичките елити на Италија.

Периодот за референдумот и падот на левичарската либерална политичка доктрина на Италија го обележува и растот на Движењето 5 ѕвезди, автентичната популистичка партија на комедијантот Бепе Грило, кои прераснаа во најрадикалната релевантна евроскептична партија во Италија. Иако идеолошки себе си се поставуваат како мешавина од левиот и десниот спектар, својот успех најмногу го темелат на критиките кон европското обединување, но и антимиграциската политика и слични политички ставови кои доаѓаат од просторот на крајната десница. Бепе Грило со својот политички габарит претставува стожер на движењето, но со својата фундаменталистичка доктрина подолго време претставува и пречка која не дозволува финален пробив на движењето кон гласовите од центарот со што ја ограничува и можноста за успех. Веројатно од тие причини, пред безмалку шест месеци, Бепе Грило не само што ја напушти челната позиција во партијата туку и целосно се повлече од политичката сцена со што на својот наследник, Луиџи Димајо, му остави простор за промоција на партијата како избирлива опција и за поумерените гласачи.


Со тоа се исцрта политичката сцена на Италија пред претстојните парламентарни избори каде што, според бројните релевантни анкети, овие три опции, левоцентристичката коалиција, десно-центристичката коалиција и Движењето 5 ѕвезди ќе ги поделат гласовите на 3 дела. При поделбата како победник се очекува да излезе десната коалицијата предводена од Силвио Берлускони за која, исто така, со сигурност се очекува да нема мнозинство во ниеден од двата дома, што ќе предизвика таканаречен „Висечки парламент“ или состојба во која политичките елити ќе бидат упатени на компромис за создавање владејачка коалиција. Тука, со оглед на исклучително сложената политичка сцена во Италија, состојбата станува многу понепредвидлива.

Имено, непредвидливоста станува уште позаплеткана ако се има предвид дека, иако десно-центристичката коалиција ја предводи Силвио Берлускони и неговата Форца Италија, сепак, во пропорционалниот систем, според кој се избираат преку 60 % од пратениците во двата дома, партиите настапуваат самостојно, па поделбата на мандатите внатре во коалицијата не е однапред позната. На тоа треба да се додаде и фактот што двете водечки партии, Форца Италија и Северната лига имаат практично изедначена поддршка, па сè уште е непознато која од нив и де факто ќе ја предводи победата. Ова станува исклучително важно за идната политичка разврска имајќи предвид дека Берлускони сепак ќе ја преферира проевропската опција обидувајќи се да направи коалиција со левицата предводена од Матео Ренци, додека Салвини и неговата Северна лига повеќе гравитираат кон доктрината на Движењето 5 ѕвезди и нејзиниот, сега веќе избирлив предводник, Луиџи Димајо. Со тоа сцената во Италија прераснува во борба за секој глас имајќи предвид дека секој пратеник може да претставува победа на едната или другата опција. На крајот на февруари, кога и е пишуван овој текст, нервозата во италијанското општество е во фаза на кулминација, па секојдневно се случуваат инциденти, насилни протести, дури и одредени вооружени пресметки кои, секако, претставуваат предизвик за одржување мирни и слободни избори.
Сепак, за разлика од пред неколку години, општата клима во Италија е многу подобрена, економијата стабилна и во постојан раст, долгот иако најголем во Европа по грчкиот, сепак е стабилен, а невработеноста се намалува. Оваа позитивна конјуктура има силно влијание и врз политичкото расположение на Италијанците за клучните прашања, па така, иако популистичките и радикалните политички центри сè уште одржуваат одредена политичка релевантност на сцената, нивниот моментум повеќе претставува повеќе инерција од минатите успеси, отколку придонес на некоја нова политичка енергија. Напротив, како и низ цела Европа, политичкиот бран на популизам и на радикализам и во Италија е во заоѓање, што веројатно е причина и за омекнувањето и промените и кај радикалните партии. И Димајо, како поумерена верзија на Пепе Грило, но и Салвини, сè поретко говорат за напуштање на еврозоната или пак за ревидирање на политичкото учество во Европската Унија, додека својот популизам и радикализам го задржуваат кон антимигрантската политика која сè уште корелира со политичката емоција на Италијанците. Дека популизмот губи здив веројатно најдобро илустрира и промената на реториката на Берлускони кој ја зачлени неговата Форца Италија во групацијата неевропски народни партии, потпирајќи се на поддршката од Меркел, но и промовирајќи го како можен кандидат за иден премиер на Италија сегашниот претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани. Веројатно, следејќи го трендот, големите мејнстрим политички центри на моќ во Европа не покажуваат посебна загриженост за изборите во Италија, нешто што не може да се каже и за политичките елити во земјата, чии судири од дебатите се преселија и на улиците.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top