Интервјуа
МНОГУ Е НАПОРНО ЧОВЕК ДА МИСЛИ ДЕКА СЕКОГАШ Е ВО ПРАВО

Владимир Мартиновски
Владимир Мартиновски

Владимир Мартиновски е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар и преведувач. Редовен професор е на Kатедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на повеќе поетски книги и добитник на неколку книжевни награди. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Меѓу студентите е познат како професор кој сака да ги вкрстува перспективите на уметностите и да ја компарира книжевноста со останатите сфери од уметноста. Проучувањето на книжевноста за него претставува отворена и слободна дискусија и е речиси невозможна доколку не постои продуктивна интеракција меѓу професорот и студентите. Еден е од ретките непристрасни толкувачи на нашата реалност. 


Не знам зошто, ама често ми пролетува низ мислите онаа препознатлива максима на Жан Кокто дека поетот е лажливец кој секогаш ја зборува вистината. Како Вие ја толкувате?

Следејќи ја логиката на Кокто, еве ветувам дека во интервјуво ќе ја зборувам вистината (се смее). Зошто некој би губел време да чита разговор со поет-лажливец? Се сомневам дека е возможно цел живот да се говори само вистината, ама и се согласувам со Кокто дека поетите и уметниците создаваат уметнички вистини. Може да се насети дека во оваа максима Кокто луцидно полемизира со Платон кој меѓу првите на поетите и на уметниците во „Политеја“ им ја залепи етикетата „лажливци“, велејќи дека „уметноста е далеку од вистината“. Парадоксално е што и Платон тоа го кажал во еден од своите извонредни дијалози кои, несомнено, имаат и уметнички квалитети. Кај Кокто има една убава иронија: како поет, тој се декларира како „лажливец“ кој ни кажува една вистина. Оваа максима на Кокто ја сакам бидејќи упатува дека книжевноста постојано ги преиспитува односите меѓу вистината и лагата, фикцијата и стварноста, сонот и јавето, убавото и грдото, видливото и невидливото, кажаното и сугерираното. Огромен број драмски дела со своите фабули ни покажуваат дека секоја вистина, а и лага, кога-тогаш испливува на површина. Всушност, како аманет Жан Кокто ни ја оставил една од најубавите дефиниции на уметноста. Тој вели дека таа е брак меѓу свесното и несвесното.

Проучувањето на книжевноста претставува отворена и слободна дискусија и е речиси невозможна доколку не постои продуктивна интеракција меѓу професорот и студентите. Го практикувате ли овој метод на професорување?

Како поинаку? Наставата по уметноста на зборот е незамислива без интеракција. Секој час го гледам како прилика да се вкрстат, да се споделат и да се споредат доживувањата и толкувањата на книжевните дела со колегите студенти. Во секое предавање ми е клучен токму разговорот кој се темели на читателското искуство на секој студент. Низ таа интеракција и јас постојано учам и напредувам заедно со студентите. Без таа интеракција наставата би можела да се претвори во сувопарно и здодевно меморирање на податоци.

Мартиновски е автор на поетските книги: Морска месечина (2003), Скриени песни (2005), И вода и земја и оган и воздух (2006), Квартети (2010), Побрзај и почекај (2011), Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014), Внатрешни планини (2016) и Сонувани и будни песни (2017), како и на книгите хаибуни Ехо од бранови (2009), Мачка во магла (2016) и Небо без ѕвезди (2016). Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици.

Автор е и на книжевно-теориските книги: Од слика до песна (2003), Споредбени триптиси (2007), Les Musées imaginaires (2009), Слики за читање (2009), Споредбени диптиси (2011) Зоон поетикон (2013) и Narro ergo sum (2015). Приредил 6 антологии и 4 зборници со научни трудови. Добитник е на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).


Земајќи предвид дека сте поет, есеист, професор, музичар, а неретко сакате и да цртате, дали Ви е возбудливо да ги вкрстувате перспективите на уметностите? Се фаќате ли себеси како ја компарирате книжевноста со останатите сфери од уметноста?

Тоа постојано го правам со огромно задоволство како на научен, така и на креативен план. Односите меѓу книжевноста и ликовните уметности ги проучувам веќе две децении и постојано откривам нови врски, аспекти и финеси. Посебно ми се возбудливи комбинирањата на можностите на уметностите и размената на творечките импулси. Тоа е една возбудлива и бескрајна авантура.

Во една прилика изјавивте дека е смелост денес да се пишува по Софокле и Рембо, да се компонира по Бах и Стравински, да се слика по Микеланџело и Пикасо и да се режира по Кјубрик и Тарковски. Како се охрабрувате себе си и надоаѓачките генерации дека современото доба носи нови канали на изразување?

Ремек-делата од минатото можат дури и да инхибираат, но тие се пред сѐ репер, патоказ, стандард не само за времето во кое биле создадени. Иако милион пати е кажано „Ништо ново под сонцето“, секојдневно се создаваат дела во кои се втиснува и духот на нашето време. Нашето време не само што нуди нови облици и канали за уметничко изразување, ама и неповторлив „материјал“ за книжевна обработка

Што се случи изминативе години професоре, додека пустошеше авторитарниот режим низ земјава, органскиот интелектуалец како да стана тромав, нем, скриен, бутнат во ќош. Треба ли да се амнестира одговорноста на овие луѓе кои молчеа предолго и кои се охрабрија пред самото финале да исчекорат и јавно да проговорат?

Точна ви е дијагнозата. Долго време беше потребно за да се постигне критична маса. Но, никогаш не е доцна. И порано, и сега, и во иднина ни е потребна храбра и здрава критичка мисла. Не ми се допаѓаат прозивките од типот „Кај беше ти тогаш и тогаш за да критикуваш?“. Секој освестен граѓанин може и треба да критикува јавно.

Знам дека попаметниот секогаш попушта, а писмените и воспитаните по навика се тивки и го креваат гласот само кога навистина имаат нешто да кажат, но можеби созреа времето кога треба да се замолат паметните повеќе да не попуштаат и да им прогледуваат низ прсти на полуписмените кои по дифолт се гласни и се дрски.

За жал, во нашава средина долго владее педагогијата на конформизмот и попустливоста пред агресивноста. Така нѐ воспитуваа – да се попушта за да не се замериш со никого. Ама попуштањето може да нѐ доведе до заблуда дека сме попаметни, а всушност да станеме полунеми сведоци, а со тоа и соучесници во безброј аномалии и неправди.

Мислам дека социјалните мрежи се огледало на моралниот интерегнум во кој сѐ уште воспитаните ја трпат тортурата на егоистичните и насилни изданоци на транзицискиот егоизам и се одличен психолошки пресек на карактери и слика на времето во кое живееме. Ќе се согласите?

Ми се допаѓа вашата споредба на друштвените мрежи со огледалото. Тие можат да се набљудуваат и низ призмата „огледалце, огледалце“ како метафора за самовљубеноста на современиот човек. Друштвените мрежи и екраните станаа лавиринти со огледала. Таму секој може да изрази мислење за сѐ, што е секако позитивна придобивка, но се плашам дека како нусефект се појавија безброј „експерти“ за сѐ и сешто.


ЗА ЖАЛ, ВО НАШАВА СРЕДИНА ДОЛГО ВЛАДЕЕ ПЕДАГОГИЈАТА НА КОНФОРМИЗМОТ И ПОПУСТЛИВОСТА ПРЕД АГРЕСИВНОСТА. ТАКА НÈ ВОСПИТУВАА – ДА СЕ ПОПУШТА ЗА ДА НЕ СЕ ЗАМЕРИШ СО НИКОГО. АМА ПОПУШТАЊЕТО МОЖЕ ДА Нѐ ДОВЕДЕ ДО ЗАБЛУДА ДЕКА СМЕ ПОПАМЕТНИ, А ВСУШНОСТ ДА СТАНЕМЕ ПОЛУНЕМИ СВЕДОЦИ, А СО ТОА И СОУЧЕСНИЦИ ВО БЕЗБРОЈ АНОМАЛИИ И НЕПРАВДИ

Што е пак со оние кои „секогаш се во право и сѐ знаат“? Чувствувате ли потреба да се „лактате“ со нив или едноставно им оставате време да созреат и да дораснат за конструктивна полемика?

Многу е напорно човек да мисли дека секогаш е во право. Вистинската култура на дијалог подразбира да се слушнат аргументите, идеите и ставовите на соговорникот. Конструктивните полимики се денес ретки како пандите.

Остана ли здраво и витално ткиво во сферите на општеството живеење по години и години понижување на виталните професии?

Уверен сум дека постои простор за надеж во „здраво ткиво“ и покрај сета свест за нашето „диво месо“. Инаку, сите професии се витални и се неопходни, па затоа треба да се врати токму професионализмот. Секој да го работи тоа што најдобро знае и умее. Видовме до каде нѐ доведе тоа што еден човек сакаше да биде и политичар и градски архитект и режисер и уредник на телевизиските дневници, меѓу другото.

Што е со компримираниот гнев наталожен во сите нас, не гледам дека стивнува „хејтањето“, сѐ уште на цена е истата реторика „ако не размислуваш како нас, тогаш си од нивна“.

Меѓусебната омраза и реваншизмот можат само да нѐ повлечат уште подолу. Омразата кон злоупотребата на моќта, на криминалот, на селективната правда и на корупцијата ми е наполно разбирлива, но судската власт има надлежност да ги детектира и да ги санкционира тие појави. Мора да најдеме начин да се надрасне таа упростувачка логика на етикетирање на „наши“ и „ваши“. А слободата на изразување се освојува и се брани секојдневно.

Како до интелектуално созревање, до продуктивна мисла необремената од лични комплекси, непристрасна, плодна и зрела?

Веројатно само ако знаеме што точно сакаме да постигнеме, а за такво созревање и зацелување како на една личност, така и на целото општество е неопходна долгорочна искрена посветеност и прифаќање на одговорноста.

Ние потфрливме и срамно е сега да ја амортизираме нашата одговорност преправајќи се дека можеме да го надоместиме изгубеното време кое го имавме. Додека размазено бевме окупирани со нашата скопска ароганција, не бевме ни свесни како постепено дозволивме да нѐ изгазат диви орди, орки. Чест на исклучоците кои повикуваа на освестување, додека ние слушавме музика. Како ја проценувате направената штета?

Штетата е непроценлива, можеби и ненадоместлива, а сите имаме одговорност. Долгоодложуваниот попис веројатно конечно ќе може да нѐ освести колкумина ја напуштија нашава земја бидејќи биле уверени дека во неа не можат да живеат достоинствено. Инаку, не гледам ништо лошо во тоа да слушаме или да свириме музика. Неодамна бев во еден дуќан за стари инструменти и мајсторот ми кажа нешто за неговиот татко кој изработувал музички инструменти. Велел дека се радува што прави тамбури кои ќе ги веселат срцата на луѓето. Нека му ја мислат тие што прават и продаваат оружје – велел стариот мајстор.

За среќа, иднината останува на генерациите по нас. А меѓу нив има светли точки, кои ми го стоплуваат срцето, полни со креативни идеи, храбри да истапат, бестрашни индивидуалци, наобразовани и воспитани. Ги забележувате и Вие? Можеби немаме директен приклучок со овие генерации, но тука се, доаѓаат и не се малку на број...

Секако дека ги забележувам и се радувам што имам среќа да работам со такви луѓе. Ним многу им должиме: за почеток чист воздух, нормално општество, подобро образование, здравство, средина во која квалитетот ќе ја добие својата шанса.


Разговараше:
Ивана Тасев

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top