Интервјуа
ФИЛМОТ Е НАЈВАЖНАТА ГЛАВНА РАБОТА НА СВЕТОТ

Игор Иванов
Режисер

Во едно неодамнешно интервју Драган Бјелогрлиќ, познато лице на српската телевизиска и филмска сцена, многу ги пофали актерите од Македонија. Меѓу другото, рече дека по глава на жител Македонија можеби има и повеќе добри актери од другите земји. Ова е големо признание. Ценети ли се македонскиот театар и филм повеќе во странство одошто дома?

И. Иванов: Отсекогаш сме имале извонредни актери, познати и ценети во регионот. Неодамна една колешка од Србија ми рече: има нешто посебно во македонскиве глумци, во нив има енергија и живот, го има југот, види ги зрачат, како Сонце... А дали тие и дали македонската уметност воопшто повеќе се ценети надвор отколку тука е прашање кое е тесно поврзано со вредностите кои ги негуваме. Чинам дека нашиот систем на вредности, кој и онака е кревок, во последнава деценија целосно се разори. Ние немаме систем на вреднување во ниедна сфера од културата и често ни се случува уметници од различен маштап, чии дела се разликуваат како небо и земја, да бидат третирани еднакво. Често се ставани во иста група, во иста програма, добиваат еднаков третман и поддршка. Нашата кинотека, на пример, во програмата за реставрација и дигитализација на македонските филмски класици (што патем е исклучително макотрпен и скап процес), меѓу нашите вредни филмски дела од минатото помести и филмови кои не поседуваат елементарни синеастички и естетски вредности, а немаат ниту какво било друго општествено значење. Ова се случува во сите области од културата. Ако сакаме да се цениме мора да изградиме систем на вредности и вредното да го раздвоиме од безвредното.

Вие бевте поканет и ја режиравте осмата епизода на српската серија Сенки над Балканот. Какво беше Вашето искуство од учеството на еден ваков проект?

И. Иванов: Креатор на овој ултра популарен историски трилер е Драган Бјелогрлиќ, што за мене значеше приклучок кон веќе изграден универзум. И тоа беше мое прво искуство на проект во кој самиот врв на креативната хиерархија му припаѓа на некој друг. Во таква ситуација, креативниот учинок е во насока на креација на решенија кои го оплеменуваат контекстот и нудат еден вид „сенчење“ или малку поразличен агол на гледање на ликовите, нивните меѓусебни релации и состојби. Бев пријатно изненаден од Бјелогрлиќ, неговата посветеност и отвореност за прифаќање на секој предлог кој оди во насока на подобар производ. За десетина снимачки денови имав прилика да соработувам со педесетина извонредни актери од Србија, од Македонија, од Црна Гора, од Босна, од Хрватска... Оваа плејада од таленти, темпераменти и суети, пренесени во највозбудливата епоха од поновата балканска историја, е искуство што долго ќе го паметам.

Во економските води, меѓународната заедница инсистира на зголемена соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. Во сферата на културата таа соработка отсекогаш постоела, во музиката, на филмот, во театарот. Имате ли Вие чувство дека регионалната соработка во културата дополнително ќе се интензивира во периодот што доаѓа?

И. Иванов: Едноставно не постои друг пат. Деновиве е актуелно Европското првенство во ракомет. Многумина коментираат дека од шеснаесет репрезентации, пет се од Бившата СФРЈ, претпоставувајќи каква би била денес една репрезентација сочинета од овие пет. Несомнено непобедлива! Ако нешто презирам, тоа е Југо-носталгијата. Но, во доменот на културата, културните мостови меѓу овие народи мора да се возобноват. Ние имаме длабоки културни релации, во голема мера споделуваме заедничка историја и лесно се разбираме. И ако земјите од Вишеградската група, оние од Скандинавија или Бенелукс настапуваат заедно, на ниво на „културни региони“, градат заедничка стратегија и културни политики за што подобро и што подалеку да ги пласираат своите културни продукти, зошто не би го правеле тоа и ние.

МАКЕДОНИЈА Е ПРЕМАЛ ПАЗАР, А И ПРЕТЕСНО ГОВОРНО ПОДРАЧЈЕ СО КИНОМРЕЖА КОЈА Е ЦЕЛОСНО УНИШТЕНА. ЗАТОА НАМ, КАКО И НА ОСТАНАТИТЕ ПОМАЛИ КИНЕМАТОГРАФИИ, НАЈМНОГУ НИ ОДГОВАРА ДА ЕГЗИСТИРАМЕ ВО РАМКИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ФИЛМСКО СЕМЕЈСТВО ВО КОЕ СЕ НЕГУВА ПОЛИТИКАТА НА КУЛТУРНА ДИВЕРЗИФИКАЦИЈА

Што би можело да се направи во областа на културата во земјава од аспект на политиките на државава?

И. Иванов: Политиката мора да сфати дека културата не треба да се субвенционира, туку во културата треба да се инвестира. Политиката не смее да ја доживува културата како „нужен трошок“. Ако субвенцијата се замени со инвестиција, тогаш непродуктивните културни производи логично ќе отпаднат. Се разбира, кога го велам ова не мислам дека нашата опера, театар, фолкорните ансамбли или галериите треба да станат профитабилни. Продуктивна култура е онаа која врши влијание, го подига националното културно ниво и го гради нашиот идентитет. Таа нѐ претставува пред светот. Затоа мора да изградиме механизми за проверка и за евалуација на културните политики кои ги генерираме и сѐ што е вредно и општествено корисно да продолжи да се негува, а сѐ што е бескорисно и гнило да згасне. Кому му се потребни музеи кои никој не ги посетува? Или домови на културата кои единствено служат за одржување на политички собири за време на кампања? Ставовите дека некои работи едноставно мора да постојат се неодржливи. Наспроти ова постои потенцијал во кој треба да се инвестира, а тој потенцијал е во живата култура. Колку и таа некому да изгледа недоветна и слаба, неодговорна или индолентна, автохтоната култура која се создава овде и сега е највредниот производ од Македонија.

Да се свртиме кон филмската уметност. Што е актуелно, кои се главните предизвици, но и можности? Пред извесно време имаше протест на филмските професионалци пред Министерството за култура. За што стануваше збор?

И. Иванов: Филмските професионалци излегоа да го изразат својот револт поради „кратењето“ на средствата за филм од буџетот за култура за претстојната година. Точно е дека во минатото бевме соочени со низа афери во дејноста и дека меѓу нас се провреа нечесни поединци и профитери. Точно е и тоа дека меѓу филмските остварувања во изминатиов период имаше и катастрофални промашувања. Но, зарем поради нечија нечесност или недоветност треба да страдаат актуелните генерации филмски творци? За среќа бевме експресно примени и сослушани од страна на министерот Алаѓозовски кој даде ветување дека во иднина, при креирањето на буџетот за филм и промените во легислативата која се однесува на нашата дејност, филмските професионалци ќе земат активно учество. Во Европската Унија, буџетите за аудиовизуелна дејност перманентно се зголемуваат. Овој незапирлив тренд е тесно поврзан со новите медиуми и технологии кои ја одбележуваат дигиталната ера.

Да ја ставиме на страна финансиската поддршка на државата за филмската уметност. Зошто богати поединци или компании од земјава не размислуваат за инвестирање во филмска продукција? Постои ризик, но и можностите за заработувачка се големи, поголеми од инвестирање во некои финансиски инструменти. Зошто во земјава во филмската сфера не се инвестира повеќе од приватни извори? Дали богатите инвеститори не се доволно анимирани за такво нешто?

И. Иванов: Европскиот систем на финансирање филм е поставен на други основи. Како бизнис-модел тој е дијаметрално спротивен со принципите на либералната економија или поточно, тој е целосно антикапиталистички. За разлика од Холивуд или пак Боливуд, каде што филмот е реален и суров бизнис, се вложуваат директни средства и се работи на нивно враќање и профит, европските филмови се финансираат од фондови, од филмски и аудиовизуелни центри на национално, на регионално и на локално ниво. Европа е конгломерат од неколку големи, а многу повеќе средни и мали нации. Европскиот филм, оставен сам на себе, фрлен на слободниот пазар, во директна конкуренција со Холивуд, би се стопил за миг. Или би опстанал, но под сурови околности наметнати од условите губејќи го сопствениот уметнички префикс. Од овие причини, а имајќи ја предвид важноста од слободна национална и европска кинематографија како водечка комуникациска алатка во современиот свет, воведен е фондовски систем на финансирање. Фондовите пак ги полнат даночните обврзници, се разбира посредно и во најголем дел станува збор за средства од државен, од регионален и од општински буџет. Но, во голема мера, фондовите се полнат и од средства кои процентуално се одвојуваат од продажбата на кинобилети, игри на среќа, откуп на права за телевизиска дистрибуција на кинематографски дела и други форми на финансирање. Се разбира, ова не ја исклучува можноста за приватни вложувања, но во Европа таквата пракса претставува исклучок, не правило. Македонија е премал пазар, а и претесно говорно подрачје со киномрежа која е целосно уништена. Затоа нам, како и на останатите помали кинематографии, најмногу ни одговара да егзистираме во рамките на европското филмско семејство во кое се негува политиката на културна диверзификација. Повеќето европски земји практикуваат даночни олеснувања при вложувања во филмски проекти. Кај нас такво нешто постои единствено во спортот. Проширувањето на овој модел и кон кинематографијата ќе овозможи насочување на интересот на бизнис-елитата кон филмската дејност.

Излезе ДВД со филмот Соба со пијано кој го режиравте пред неколку години. Мене лично многу ми се допадна филмот и бев многу изненаден кога беше објавено дека таа година ниеден филм нема да биде испратен за да учествува во конкуренцијата на филмови за Оскар за најдобар странски филм? Зошто се случи тоа?

И. Иванов: Тоа беше акт кој го отсликува духот на времето. Токму пред четири години го живеевме „пикот“ на едно трагично поглавје од нашата политичка стварност. Тогашното раководство на фестивалот Браќа Манаки, во манир на политиката која ги поддржуваше, имаше потреба да покаже сила. Да се знае кој одлучува за сѐ што е поврзано со филм во Македонија. Кој пали, а кој гаси, па во соработка со луѓе од Друштвото на филмски работници го прогласија мојот филм за неподобен, што е повеќе смешно, отколку трагично зашто претставува вистински пример за докажување на таканаречениот „македонски комплекс“. И годинава токму ним им се случи истото. Сега нивниот филм беше отстранет од трката за Оскар, па тие станаа жртви на сопствениот преседан кој, еве, за жал, стана правило. Македонија треба да учествува во трката за Оскар од неанглиско говорно подрачје и да кандидира филм секоја година. Американската академија во своите регулативи не поставува никакви ограничувања. Дали е филмот добар или лош, подобен или неподобен е работа на комисиите и на членовите на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Патем, во случајот со Соба со пијано, повеќе угледни магазини, меѓу кои и Холивуд рипортер (Holywood Reporter) изразија чудење од малата централно-балканска кинематографија која филмовите кандидати за Оскар ги прогласува за „неподобни“.

Да позборуваме малку и за специјалните ефекти во филмовите. Дали специјалните ефекти се предуслов за успешност на филмовите денес или тоа е повеќе поврзано со очекувањата што ги има одредена возраст на публиката? Кои се глобалните трендови во филмската индустрија?

И. Иванов: Специјалните ефекти (SFX) во филмската терминологија претставуваат широк поим и подразбираат практична симулација на одредени феномени. Дожд, снег, молњи и магла, сето тоа се специјални ефекти и се користат во речиси секој филм. Огромниот напредок со поддршка на дигиталните технологии се случува на полето на таканаречените визуелни ефекти (VFX), а можат да се однесуваат на „сѐ и сешто“, од едноставно бришење на бандера или светлечка реклама од кадарот до генерирање на најкомплексни фото-реалистични објекти кои подоцна ќе бидат имплементирани во претходно снимената филмска акција. Се разбира, големите спектакли денес подразбираат „лавини“ од визуелни, специјални и оптички ефекти, такви се очекувањата на публиката. Киното од самите свои почетоци до денес се бори на два фронта: едниот е забава, вториот уметност. Првиот вгнезден во мултиплекс кината, вториот на филмските фестивали. На крајот, и од едниот и од другиот се помнат само добрите филмови. Филмската индустрија прави огромни вложувања во таканаречените истражувања на пазарот, впрочем како што тоа го прават сите индустрии денес, во обид да пласираат производ кој е близок до очекувањата на консументот. Но, за разлика од автомобилската, текстилната или фармацевтската индустрија, во филмот процентот на непредвидливост и „грешка“ е многу поголем. Едноставно, и покрај огромните вложувања и видливиот напредок во заштитувањето на инвестициите, сепак заклучокот е дека не постои формула за успешен филм. Она што е најзначајно за индустријата е фактот што и во дигиталната ера филмот останува водечки медиум кому интернетот не само што не му претставува закана (како што некои прогнозираа на крајот на минатиот век) туку и го прави многу подостапен и повлијателен од кога и да е порано.

ЗА РАЗЛИКА ОД ФУДБАЛОТ, КОЈ Е НАЈВАЖНАТА СПОРЕДНА РАБОТА НА СВЕТОТ, ФИЛМОТ Е НАЈВАЖНАТА ГЛАВНА РАБОТА НА СВЕТОТ

Како ќе закрепне светот на филмот од т.н. Вајнштајн скандал?

И. Иванов: На светот на филмот ништо не му фали. Напротив, ваквите скандали само му одат во прилог на бизнисот. Овој навидум негативен или „лош“ ПР генерира огромни профити, но уште позначајно, врши еден вид „проветрување“ во фелата и го забрзува процесот на смена на генерациите. Сега под притисок на јавноста едни ќе мора да се повлечат, некои дури и да го напуштат бизнисот за на нивно место да дојдат други.

Подготвувате ли нови филмски проекти за годинава?

И. Иванов: Шеќерното дете е насловот на проектот на кој со продуцентот Томи Салковски напорно работиме веќе три години. Станува збор за првиот македонски филм за деца инспириран од легендарната Шеќерна приказна од Славко Јаневски. Тој е копродукција меѓу Македонија и три европски земји, проект поддржан од европската програма МЕДИА и други значајни институции. Во игра се и други филмски проекти кои успешно се развиваат, а и еден регионален мини серијал кој многу ветува. Каков ќе биде продукцискиот план годинава зависи од повеќе фактори, а точната динамика ќе ја имаме напролет.

Да се осврнеме и на телевизиската сфера. Есенва хит на телевизиите во Македонија се домашните серии. Како режисер Вие директно учествувате во реализацијата. Како ги оценувате сериите? Дали ова што се случува со бранот нови телевизиски серии е еднократен настан условен од финансиската поддршка од странски извори или ќе уживаме во нив подолг период?

И. Иванов: Во годината што измина имав прилика да работам на четири ТВ-серијали, што е неверојатно. Последниве две години се снимија повеќе серии одошто во целокупната историја на Независна Македонија. Ова е време на телевизијата која доживува нова ренесанса. На некој начин ние го почувствувме тој светски тренд и ги вложивме својот потенцијал и заложби за заживување на македонската играна ТВ-продукција. За жал, ова немаше да биде возможно без финансиската поддршка од странски извори. Сметам дека таа иницијална каписла ќе ги оправда очекувањата и дека општеството ќе ја разбере потребата од негување на сопствена ТВ-продукција, а политиката и бизнисот тоа ќе го овозможат. Гледаноста на ТВ-сериите е повеќе од задоволителна, но за да бидат стопроцентно самооддржливи потребно е уште малку време, трпение и инвестиции. Во овој процес со значителни сопствени вложувања би требало да учествуваат и самите телевизии, каков што беше случајот со ТВ Телма и серијата Инсајдер. Во целата оваа приказна, националниот сервис (Македонската телевизија) го нема никаде. Тој би требало да претставува стожер на националната ТВ-продукција како што тоа го прават РТС или ХТВ. Националниот сервис има обврска да обрaзува и да врши културно влијание, да претставува еден вид естаблишмент наспроти кој приватните телевизии и независните продукции ќе понудат алтернатива. Воедно, доколку бизнисот во играните серии не препознава здрави основи за инвестиција и за профит, можеби ќе препознае општествена одговорност. На таков начин ќе одигра клучна улога во „менувањето“ на увезените шунд серии со македонски производи, што ќе биде акт на вистински патриотизам.

Филмот во суштина е магична работа. За крајот на ова интервју, како би го опишале Вие филмот?

И. Иванов: За разлика од фудбалот, кој е најважната споредна работа на светот, филмот е најважната главна работа на светот.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top