Е-Б-Ф-Б
ГРАЃАНИТЕ КАКО РЕГИСТРИРАНИ ДДВ ОБВРЗНИЦИ

Павле Гацов
Авторот е претседател на Собранието на Сојузот на сметководители на Република Македонија

Даночна бура во чаша вода

Деновиве многу се пишуваше и се зборуваше за (НЕ)основаноста на обврската за ДДВ регистрација на граѓаните. Се пишува и овде и не само во овој текст. За да не се повторуваме со сите други ќе ги издвоиме само концепциските (не)согласувања со општата и стручната јавност.

 

Наместо вовед
Даноците не се природна појава, тие не се гравитација, не се ниту дожд. Не постоеле и не се плаќале отсекогаш. Плаќањето на даноците само по себе не се подразбира. Напротив...
Даноците се општествена појава. Нивното плаќање започнало откако се уредила норма (обврска) за плаќање. Даноците се плаќаат само ако пишува (во законска норма) дека се плаќаат, на начин и под услови кои се јасно дефинирани. Ако обврската не е пропишана, односно ако тоа не е направено на јасен и недвосмислен начин, законодавецот треба тоа да го поправи, да го појасни..., односно да го уреди нејасното. Се чини дека во Македонија се созреани условите за едно вакво „проветрување“ на Законот за данокот на додадена вредност со кој се уредува оданочувањето на прометот на добра и услуги, се дефинираат даночните обврзници и се утврдува самиот праг за задолжителна ДДВ регистрација. Оваа обврска спаѓа во описот и пописот на работните обврски на фискалните авторитети.
„Наместениот вовед“ е иницијално загревање за продолжението на текстот посветен на повторената хит даночна тема – ДДВ регистрација на граѓаните.

Дежа ву ситуација со ДДВ регистрацијата на ГРАЃАНИТЕ
Лани во овој период од годината се одвиваше општествена и стручна дискусија на јавна сцена на истата тема: дали граѓаните треба да се регистрираат за ДДВ, ако треба – која група граѓани, под кои услови и над кој праг за регистрација... Под тогашниот силен притисок на јавноста, даночниот орган зазеде позиција на хибернирање и неекспонирање во врска со темата за ДДВ регистрација на граѓаните.
Се чини дека хибернацијата на даночниот орган заврши со првата декада од месец јануари 2018 година.
Имено, преку информација поставена на официјалната интернет-страница на УЈП на 11 јануари 2018 година, само ДВА работни дена пред последниот рок за ДДВ регистрација, се бара граѓаните да извршат регистрација за ДДВ до 15 јануари 2018 година за остварен промет од 1 милион денари во текот на 2017 година.

Изворот на правото не е во Информацијата на УЈП, туку во Законот за ДДВ
Треба ли „обичните“ граѓани да се регистрираат за ДДВ ако го пречекориле прагот за регистрација утврден со Законот за ДДВ? И дали обврската за регистрација со пречекорен праг за регистрација не се однесува само на самостојните вршители на стопанска дејност (СВД)?
Членот 9 од Законот за ДДВ даночниот обврзник го дефинира како ЛИЦЕ кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.
Во продолжение на истиот член се дообјаснува дека стопанска е секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги (како услуга Законот за ДДВ ја дефинира секоја дејност која не е промет на добра), која има цел остварување на приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, на земјоделството и шумарството, како и на отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење.
Законот не го смета за самостојна дејност остварувањето на приходи од работен однос за што се прима плата и се работи под упатствата на работодавачот, како и прометот направен од страна на филијалите или другите поединечни организациски делови на некое претпријатие (деловни единици кои немаат правна самостојност). Во ваков случај ДДВ обврзник е матичното претпријатие во чии рамки работат деловните единици.
Ако се има предвид вордингот што се користи, како и општествено-економската околина во времето во кое се пишувани цитираните законски одредби, како потенцијални ДДВ обврзници ќе ги препознаеме – граѓаните, регистрирани самостојни вршители на стопанска дејност запишани во соодветни регистри (трговец-поединец, регистриран земјоделец, занаетчија и лица кои вршат дејност на адвокати, на нотари, на лекари, на ветеринари, на инженери, на архитекти, на сметководители, на ревизори, на консултанти, на новинари, на вештаци, на стечајни управници и сл., а не се сметаат за трговци).
Даночниот орган смета дека во наброените приходи за прагот на регистрација влегуваат и приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорни одбори и сл.
Од друга страна, во флаерот на УЈП, како промет кој влегува во прагот за регистрација се спомнува само закупот на деловен простор. Меѓутоа, во прагот за регистрација влегува остварениот промет од изнајмување на сите видови движни и недвижни добра, со исклучок на изнајмувањето на стенбен простор (станови) како промет кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на влезното ДДВ. Изнајмувањето на станбените објекти за деловни цели (на деловни субјекти кои вршат некаква дејност во нив), како и на земјиште (ниви, шуми...) влегува во прагот за регистрација.
Самостојните вршители на стопанска дејност кои оствариле вкупен промет над 1 000 000 денари (во вкупниот промет се брои и припаѓачкиот персонален данок на доход) имаат обврска да се регистрираат за ДДВ.

Приходи од несамостoјни активности кoи не треба да пoдлежат на регистрација за ДДВ
Сметаме дека под критериумите на УЈП за трајно или повремено самостојно вршење на стопанска дејност не треба да се набројуваат следниве ситуации:
- Ангажманите на вработените во установите (образовни, здравствени и други) кои се вршат надвор од работните задачи утврдени со договорот за вработување, иако во флаерот на УЈП е наведено дека начелно тие се самостојни активности (пример со професорите и со доцентите !?). Имено, ако нивниот ангажман го договара, го организира и за сработеното одговара работодавачот, се смета дека ваквата услуга е дадена во име, за сметка и на одговорност на работодавачот, а не на ангажираниот вработен. Вработениот не стапува директно во однос со клиентите и не добива хонорар од нив, па оттука добиениот хонорар од работодавачот за ваквите ад хок ангажмани не е од вршење на самостојна дејност.
- Одржаните предавања, научните истражувања, авторски пишуваните текстови (материјали, скрипти, книги и прирачници) и други дела создадени од некои вработени за цели на обуки и презентации, кои се организирани и дадени како услуги од страна на работодавачот. Вработениот не стапува директно во однос со клинети, а добива надоместок како хонорар, одделно од платата по договор за вработување и
- Надоместоците на членови на преставнички тела на државната власт и телата на локалната самоуправа, членови на собранија, управни и надзорни одбори на правни лица, судии, поротници... Сите овие лица не можат да се третираат како вршители на стопанска дејност затоа што не ги исполнуваат основните услови за тоа (самостојност, трајност во вршење на дејноста, намера за остварување на приходи). Имено, се работи за функции и за ангажмани на кои се доаѓа преку избор (а не преку слободна понуда на пазарот) и не со цел за остварување на приходи, туку пред сѐ за извршување на функцијата. (Според писмени толкувања на даночните прописи во Хрватска и во Бугарија, овие ангажмани не се сметаат за стопанска дејност и не се оданочуваат со ДДВ, а во останатите земји од регионот не се спомнуваат како промет воопшто.)

Одбивка на ДДВ од влезни промети кај граѓанин ДДВ обврзник
Правото на одбивка на претходниот (влезен) данок, физичкото лице регистриран ДДВ обврзник може да го оствари доколку се исполнети ТРИТЕ услови предвидени во членот 34 од Законот за ДДВ, односно доколку:
1. ги употребува набавените или увезените добра, односно примените услуги за цели на неговата стопанска дејност (врз чија основа е регистриран за цели на ДДВ или за друга започната оданочива дејност);
2. поседува исправна ДДВ фактура или декларација од увоз и
3. фактурата, односно декларацијата да се евидентирани во даночната евиденција што лицето е должно да ја води за цели на точното пресметување на данокот во даночни периоди...

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top