Општество
ОСНОВНИ НАЧЕЛА НА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Никола Главинче
Авторот е адвокат

Веќе навикнавме во зимскиот период една од главните теми да биде анализа на состојбите со загадувањето и креирањето мерки за негово намалување. Сведоци сме на постојани препораки и совети за намалување на штетните последици, најчесто од аерозагадувањето. Без да се впуштиме во анализа на еколошките политики и реализацијата на акциските планови, во оваа прилика потсетуваме на фактот дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на Уставот на Република Македонија, а правото на здрава животна средина е едно од основните. Притоа е нагласено дека секој е должен да ги унапредува и да ги штити животната средина и природата, а Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Основната регулација на прашањето за заштитата и унапредувањето на животната средина и природата е во рамките на Законот за животната средина.

Заштитата се однесува на „медиумите“ на животната средина, и тоа: почвата, водата, воздухот, на областите на животната средина, на биолошката разновидност и други природни богатства, како и на заштитата на озонската обвивка и заштитата од негативното влијание на човекот врз климатскиот систем и одделните области на животната средина. Тоа се постигнува преку преземање мерки и активности кои се однесуваат на заштитата од штетните влијанија од: вршењето различни дејности, загадувачките супстанции и технологии, отпадот, бучавата и вибрациите и  јонизирачкото и нејонизирачкото зрачење.

НАЧЕЛОТО БР. 9 ГЛАСИ „ЗАГАДУВАЧОТ ПЛАЌА“. СПОРЕД ОВА НАЧЕЛО ЗАГАДУВАЧОТ Е СО ОБВРСКА ДА ГИ НАДОМЕСТИ ТРОШОЦИТЕ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ОПАСНОСТА ОД ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ДА ГИ ПОДНЕСЕ ТРОШОЦИТЕ ЗА САНАЦИЈА И ДА ПЛАТИ ПРАВИЧЕН НАДОМЕСТОК ЗА ШТЕТАТА ПРИЧИНЕТА ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, КАКО И ДА ЈА ДОВЕДЕ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ВО НАЈГОЛЕМА МОЖНА МЕРА, ВО СОСТОЈБА КАКО ПРЕД ОШТЕТУВАЊЕТО

Владата на Република Македонија е должна да обезбеди од Буџетот на Република Македонија финансиски средства за заштита и унапредување на животната средина, а општините и Град Скопје од своите буџети.

Со оглед на обемноста на содржините на овој Закон, кој има посебно значење и за стопанството и за бизнис-секторот поради мерките и обврските кои ги наметнува и при увозот и извозот на одредени опасни супстанции, штетни материи и производи во/од/низ Република Македонија во согласност со прописите за распоредување на стоките на форми на извоз и увоз, како и при добивање на определени дозволи, изготвување елаборати и сл., во овој текст се задржуваме само на основните начела за заштита на животната средина кои претставуваат и основни постулати врз кои се креираат и останатите законски решенија. Пред тоа значајно е да се истакне дека Република Македонија има ратификувано и повеќе од 40 меѓународни протоколи и конвенции во насока на исполнување и на меѓународните минимални стандарди за заштита на животната средина.

Во воведниот дел на Законот наведени се 14 начела.
Начело на висок степен на заштита, во согласност со кое секој е должен при преземањето активности или при вршењето дејности да обезбеди висок степен на заштита на животната средина и на животот и здравјето на луѓето.
Начело на интегрираност, кое предвидува основите и целите на политиката за заштита и унапредување на животната средина да се интегрираат во сите развојни, стратешки, плански и програмски документи кои ги донесуваат органите на државната власт и органите на општината и на Град Скопје.

Според начелото на одржлив развој, заради задоволување на потребите за здрава животна средина, како и социјалните и економските потреби на сегашните генерации, без притоа да се загрозат правата на идните генерации да ги задоволат сопствените потреби, при преземањето на секоја активност или вршење на која било дејност задолжително треба да се води сметка за рационалното и одржливото користење на природните богатства.
Начелото бр. 9 гласи „Загадувачот плаќа“. Според ова начело загадувачот е со обврска да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надоместок за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето.
Начелото бр. 10 воведува обврска корисникот да плаќа. Корисникот на природните богатства е должен да ги надомести трошоците за обезбедување на одржливиот развој, како и за санација на деградацијата на медиумите и одделните области на животната средина која настанала со користењето на природните богатства.

ЕДНО ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ НАЧЕЛА Е И НАЧЕЛОТО НА ПРЕВЕНЦИЈА. СПОРЕД НЕГО МЕРКИТЕ И АКТИВНОСТИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА СЕ ПРЕЗЕМААТ ПРЕД ДА ДОЈДЕ ДО ШТЕТНИ ПОСЛЕДИЦИ

Според начелото на супсидијарност, општините и Град Скопје, во рамките на своите надлежности определени со закон, имаат право и должност на своето подрачје да ги преземаат сите мерки и активности за заштита и за унапредување на животната средина, кои не се во исклучива надлежност на државните органи.

Значајно е начелото и на пропорционалност врз чија основа системот за заштита на животната средина се заснова на усвојувањето и на спроведувањето на законите, на плановите, на програмите и на одлуките кои обезбедуваат пропорционалност меѓу потребите за развој и потребите за заштита на животната средина.

Во Законот е пропишано и начелото на претпазливост според кое доколку постои основано сомневање дека одредена активност може да предизвика штетни последици врз животната средина се преземаат неопходни мерки за заштита пред да стане достапен научниот доказ дека такви штетни последици би можеле да настанат.

Едно од најзначајните начела е и начелото на превенција. Според него мерките и активностите за заштита на животната средина се преземаат пред да дојде до штетни последици.
Освен наведениве, законодавецот се базира и на начелото на почисто производство (што бара да се зголеми економската и еколошката ефикасност); начело на меѓународна соработка (преку воведување на законската обврска активно да учествува во билатерална, регионална и поширока меѓународна соработка во оваа област); начело за учество на јавноста и пристапот до информации (според кое државните органи се должни да ги обезбедат сите потребни мерки и да пропишат постапки со кои се обезбедува остварување на правото на пристап до информациите и учество на јавноста во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на животната средина); начело на подигање на јавната свест за значењето и заштитата на животната средина; и начело, односно заштитна клаузула (според која заради заштита на животот и здравјето на луѓето и на животната средина, органите на државната власт и органите на општината имаат право и обврска да преземаат мерки и активности кои се однесуваат на привремената или трајната забрана за вршење на определени дејности или промет на определени производи).

При примена на овие начела, пред започнување на каква било деловна активност која влегува во зоната на заштита на животната средина, неопходно е подетално запознавање со содржината на овие одредби без да се заборави дека правото на здрава животна средина е едно од основните човекови права, а загадувањето е резултат на човековата активност и е штетно за квалитетот на животната средина, животот и здравјето на луѓето, а може да предизвика штета и врз имотот и да ја наруши биолошката и пределската разновидност.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top