Општество
ПЕТАР МАЗЕВ – ГЕСТ И ЕКСПРЕСИЈА

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

Во Националната галерија Даут Пашин амам неодамна беше затворена ретроспективната изложба Петар Мазев, 90 години од раѓање.
Меѓу најзначајните чинители на нашата современа уметност, неконвенционална фигура во македонскиот ликовен пејзаж, го паметам како професор и еден од основачите на Фалкутетот за ликовни уметности. Ние бевме млади студенти (да не речам деца) кога слушавме разни приказни за него, за неговиот експлозивен начин на сликање, за неговата автентична природа и неформален стил на облекување, сѐ на сѐ – карактер неоптоварен од социјалните норми. Вонакадемски (стил, композиција, естетски вредности, колорит..., го оставам тоа на ликовните критичари) би се обидела, иако е невозможно, со малку зборови да ја доловам вибрацијата на неговите дела – автентичен израз и несебични количини експресија.
За деталите од овој настан разговарам со Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија.

Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија
 

Од кој период се прикажаните дела, од каде се позајмени и кој беше куратор на изложбата?

Куратори на изложбата се кустосите Маја Неделкоска-Брзанова и Татјана Бундалевска. Делата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и Музеј од Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, ЦК Aнтон Панов од Струмица, но и голем број приватни колекционери.
Изложбата претставува своевиден пресек на ликовното творештво на Петар Мазев, следејќи го неговиот развоен и творечки пат од самите почетоци во 50-тите години од минатиот век, па сѐ до неговата смрт во 1993 година. Меѓу изложените дела има и такви кои се малку или воопшто не се познати, дела кои биле малку или воопшто не биле изложувани досега. Тие условно следат еден временски дискурс откривајќи го неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот ликовен гениј од самите почетоци во 50-тите години на минатиот век, со надреални, фигуративни мотиви, преку карактеристичниот енформелски израз во 60-тите години на минатиот век, па сѐ до последните години од неговиот живот кога неговата карактеристична експресивна природа кулминира со експлозивни платна со апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит.

Наидов на податоци дека ова е најпосетена изложба годинава, за колкава публика се работи?

Изложбата имаше околу 10 000 посетители од најразлични профили: организирани посети на основни и средни училишта, факултети, љубители на уметноста од сите возрасни групи, деца, млади луѓе, пензионери. Притоа, не само годинава, туку и последниве години не сме имале толку многу посетуван ликовен настан.

Стилот на Мазев е препознатлив. Која е неговата историска важност во нашето културно наследство?

Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Станува збор за автор со нагласена индивидуалност, исклучителен дух, неуморен и бескомпромисен во постојана потрага по нов ликовен предизвик. Оттука неговиот ликовен опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Петар Мазев одигра клучна улога во оформувањето на новиот ликовен израз во македонската современа ликовна уметност и ослободувањето од дотогашните конвенционални начини на ликовно изразување.
Неоспорно е неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори.

Какви сознанија донесе изложбата на Мазев од аспект на улогата на Националната галерија на Македонија да ги промовира клучните вредности на македонската ликовна и фигуративна уметност?

Се уверивме уште еднаш дека Националната галерија не е само ,,статичен чувар’’ на делата на авторите со клучна и класична вредност. Тие имаат свој живот и динамика. Ние во изложбата на Мазев, која се подготвуваше во еден долг период, го пронајдовме ,,клучот’’ на делата и авторите кои имаат временска и трансвременска димензија во уметноста така што не беше случаен импактот со многубројната публика. Уметникот создава во текот на целиот свој живот, тоа е голем пат, а остануваат големите дела како негови трајни светилници. Изложбата Мазев за нас во Националната галерија беше уверлива парадигма и предизвик за повторно ,,откривање’’ на неодминливите вредности. Следен предизвик е творештвото на Борка Лазевски...

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top