Општество
ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ФРАНКОФОНИ ЖЕНИ ВО БУКУРЕШТ

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

„Ако едуцираш еден маж – си едуцирал личност, но aкo едуцираш жена – си едуцирал семејство и нација.“ Позната африканска изрека

Под високо покровителство на претседателот на Романија, во организација на Министерството за надворешни работи на Романија и на ОИФ (Интернационалната организација на франкофонија), под мотото Креација, иновација, претприемништво и развој неодамна беше одржана Интернационалната конференција на франкофони жени. 

Со свечен прием во претседателската палата Котрочени во Букурешт и поздравен говор од страна на претседателот на Романија, господин Клаус Вернер Јоанис, конференцијата беше отворена во присуство на бројни гости од сите страни на светот. Пленарните седници продолжија во Парламентот, проследени со тематски ателјеа и сведоштва од областа на претприемништво, образование, уметност, високи технологии итн.
Преку 700 учеснички од: Франција, Канада, Египет, Мароко, Тунис, Бугарија, Црна Гора, Виетнам, Маврициус, Хаити, повеќе земји од Африка (Камерун, Буркина Фасо, Сенегал...) можеа да ги споделат искуствата и проблемите.
Три доминантни теми го привлекоа вниманието: Женските права и пристапот кон пазарот на трудот; Иновацијата и женското претприемништво; Жените лидери во економското владеење.
Но, покрај позитивните примери, општа констатација беше дека жената сѐ уште нема еднакви шанси за успех во општеството. Освен богатството на лични контакти и размена на информации, ова резултираше и со креација на платформа наменета за олеснување на контактите преку вмрежување и помош во финансирањето на разни претприемнички проекти. Воедно беше составен и документ наречен Апел на Букурешт кој предвидува детерминирана акција за стимулирање на економската независност и подобрување на положбата на жената во општеството, кој понатаму ќе биде ратификуван во ОН.
Како претставник на Македонија имав можност да се сретнам со успешни и инспиративни жени.


Паскал Брак – Франција, потпретседателка на Националниот комитет на жени од Франција во Обединетите нации

Госпоѓо Брак, Вие сте одговорна за развој и односи со големи клиенти во интернационалната групација за осигурување Алианз (Allianz), администратор во Асоцијацијата на алумни на елитната париска школа Сиенс По (Sciences Po), активна сте во ОН. Во што се состои Вашата работа?

Мојата работа се состои во тоа да се креираат врски кои создаваат иновативна динамика во работењето. Одговорна сум за развивање партнерства, иновации и институционални врски, односно за развој на врски меѓу мултинационални, француски и европски фирми во областа на финансиите и осигурувањето.
Ако го земеме примерот на компанијата во која работам – професиите се претежно технички и постои тенденција да се работи во една определена патека. Професионалците кои работат со лични и пензиски осигурувања немаат обичај да разговараат со инженерите кои се занимаваатт со големите групи, а всушност го имаат истиот клиент. Самиот клиент има идеја дека организацијата е комплицирана, а различните сектори кои работат за него не се познаваат меѓу себе. Мојата работа е да креирам врски меѓу овие универзуми. Пред сѐ, луѓето треба да се запознаат и да работат заедно. На тој начин согледуваат дека работејќи заедно можат да дојдат до иновативни решенија и така да му обезбедат на клиентот оптимална услуга.
На истиот начин, со истите овие компетенции, како потпретседателка на Националниот комитет на жени од Франција во Обединетите нации и одговорна за партнерства, овде сум на лично ниво за да го дадам својот придонес. Врската меѓу ОН жените од Франција и франкофонијата е сосема природна. Ние сме единствениот франкофон комитет во ОН и целта на нашето присуство тука е да ги зацврстиме потенцијалните врски меѓу франкофоните жени, воедно и мрежата на франкофони претприемнички која беше лансирана на оваа конференција.

Кои се Вашите впечатоци од конференцијата? Дали мислите дека беше успешна, каков е потенцијалот за понатаму, сметате ли дека мрежата ќе се развие?

Првпат доаѓам и воодушевена сум од средбите, од разноликоста на земјите на потекло и од профилите на жени кои ги поврзува францускиот јазик. Тоа беше магично, навистина чувствувам гордост. Оваа заедничка динамика, мрежата која беше лансирана, како и можноста да се работи во група ќе придонесат за афирмација и развој на контактите на жените претприемнички. Во англосаксонскиот свет веќе постојат вакви слични иницијативи и тие се обидуваат да го освојат остатокот од светот. Но, со ова се исклучени големи географски зони со креативност и енергија на многу жени претприемнички кои воопшто не зборуваат англиски. Тука, во иницијативата да се даде француска алатка постои голем предизвик.
Исто така тоа што го гледам и се надевам дека ќе можам да придонесам со мое размислување во оваа платформа е пронаоѓање и посочување на изворите на финансирање. Секако финасиите се една од главните прашања на кои мора да се одговори за да постои развој. Сѐ повеќе растат свеста и констатацијата за квалитетот на жените како претприемнички, за важноста тие да бидат автономни. Станува сѐ поважно да се сензибилизираат големите интернационални финансиери, како јавни, така и приватни, кои не секогаш мислат да финансираат жени – а тоа јас ќе го следам од блиску како член на работната група. Има уште еден влог, а тоа е да се создаде заедничка видливост меѓу нив, односно кои се изворите на финансии во различни организации во светот, кои жените претприемнички можат да ги побараат. Целта на ова вмрежување е да се прекине со изолацијата која тие ја чувствуваат во нивните географски зони, во нивните заедници, особено ако се оддалечени од големите центри на моќ и носење одлуки.


 
Соба со поглед - најголемиот парламент на свет, рамен на егото на Чаушеску

 

Оидад Башамауи – Тунис,
Нобелова награда за мир, претседателка на Унијата за индустрија, трговија и занаетчиство на Тунис (УТИКА)

Дали Нобеловата награда го смени Вашиот живот или сѐ остана како вообичаено?
Дали Вашата мотивација е поголема или веќе доволно ја имате?

Секако дека ме мотивира, со оваа награда можам уште повеќе да зборувам за Тунис, за улогата на жените во туниското општество, за туниската младина. Тоа ми дава можност на интернационално ниво да зборувам за нашите постигнувања и за нашето знаење.

 


 

 

Мона Францис – Египет,
директорка на Смарт вилиџ

За каков проект се работи?

Смарт вилиџ е бизнис-парк со административни згради фокусирани на телекомуникации и на информатика, на пример ги имаме Мајкрософт, Ериксон, ХП, Хуавеи, трите оператори на ГСМ итн.
Порано тоа беше само еден терен во пустина, никој ништо со тоа не правеше. Ние дојдовме на идеја да го запоседнеме, да го развиеме, да направиме инфраструктура, оптички влакна и да почнеме да го управуваме сето тоа, менаџментот беше многу важен. Секако дека државата не ни го даде тоа поради нашите убави очи, таа е партнер на 20 % од нашиот капитал. Значи ние сме приватна египетска компанија, независни сме во нашите одлуки и направивме сѐ што можевме за да создадеме идеално место за работа од паркот.

Дали бевте инспирирани од Гугл или тоа воопшто не беше Ваш пристап?

Малку бевме инспирирани од Силиконската долина. Ги имаме сите овие компании лоцирани на исто место, тие се задоволни од начинот на кој го менаџираме сето тоа. Денес имаме 120 вработени во компанијата Смарт вилиџ, но во почетокот беше тешко – ги учевме лекциите на потешкиот начин (on a hard way), но сега веќе се развиваме и го лиценцираме нашето искуство. Креиравме Смарт вилиџ во Јордан, во Тунис, потпишавме меморандум за соработка со уште две африкански земји. Не можете да си замислите колкава е можноста за развој и промоција на регионот со овој проект – работите на место кое е прекрасно, достоинствено, а тоа го менува менталитетот, ја менува културата на работење.

Дали кај Вас има место за жените?

Многу место... и за мажите – ги толерираме (вели таа на шега).

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top