Општество
ШЕСНАЕСЕТ ДРЖАВИ ВО „НИЧИЈАТА ЗЕМЈА“ МЕЃУ КИНА И ЗАПАДНА ЕВРОПА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Замката на Тукидид: Кога новата растечка светска сила почнува да влева страв кај постојниот, веќе етаблиран, светски хегемон тоа неминовно води кон војна. Грахам Алисон
 

Без разлика дали како симбол на падот на хегемонијата на западната цивилизација ќе го земете БРЕГЗИТ или изборот на Доналд Трамп, симболот кој го претставува оформувањето на новата светска политичка сила на геополитичката мапа е XVI конгрес на Комунистичката партија на Кина (КПК) каде што Ши Џинпинг ја исцрта стратегијата за „повторно голема“ Кина, а себе за новиот Парамаунт лидер на кинеската држава. Тоа е веројатно логичен континуитет на политичката доктрина трасирана уште во времето на Денг Шјаопинг кога Кина и уставно го дефинира новиот транзиторен социјалистички систем од кинески тип, а каде што економскиот плурализам вирее паралелно со политичкиот монотеизам. Изминатава деценија овој сѐ уште недоизграден политички прагматизам очигледно станува директна конкуренција на темелите на кои почива западната цивилизација – либералниот капитализам и либералната демократија.
Пробивот на кинеската доктрина на светската геополитичка мапа уште од порано паралелно се исцртува преку бројни иницијативи како што е БРИКС со сите свои финансиски и развојни институции. Азиската развојна инфрастуктурна банка, на пример, веќе одамна работи на паралелни инцијативи со Азиската развојна банка, па дури и со Светската банка; Шангајската организација за соработка, од друга страна, е посветена на соработката меѓу Кина, Русија, како и неколку азиски земји, но и Индија и Пакистан, што претставува конкуренција или паралелна сфера на интерес со Евроазиската економска унија која ја предводи Русија; т.н. „среден коридор“, на иницијативата „Еден појас, еден пат“, во својата основа ги има истите постулати и е наменет за земјите од Југоисточна Азија кои се веќе упатени на слична соработка во организацијата АСЕАН. Во оваа смисла, иницијативата која е започната уште во 2012 година за посебна соработка на Кина со земјите од Централна и Источна Европа е само уште едно камче од иницијативата на Кина на геополитичката мапа и претставува паралелна иницијатива на бројните билатерални и мултилатерални иницијативи во Европа како што се Берлинскиот процес, ИПА-фондовите итн.

Членки на Иницијативата 16+1

Единаесет земји членки на Европската Унија: Бугарија, Романија Унгарија, Чешка, Словачка, Полска, Словенија, Хрватска, Латвија, Литванија, Естонија

Пет земји аспиранти за членство во Европската Унија: Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија

Има нешто многу сомнително и, во најмала рака, исклучително податливо за оформување на теориите на заговор во иницијативата на Кина за соработка со 11 земји членки на Европската Унија, но и дополнително 5 земји од Западниот Балкан, аспиранти за членство во Унијата, сите 16 поранешни социјалистички земји кои изминативе две-три децении ги поминаа во период на транзиција. Не постои политички аналитичар на Земјинава топка што не си го поставува прашањето: „Кој е интересот на номинално третата светска економија (прва според куповна моќ) да инсистира на соработка со најсиромашните во Европа?“.
Една е секако Теоријата за „срцевијата“ (Hartland) на авторот на поимот геополитика, Џон Мекиндер, инаку водечката светска доктрина на втората половина од XX век. Според Мекиндер, поради бројни географски, историски, па дури и антрополошки предиспозиции, оној кој владее со Источна Европа управува со т.н. „срцевија“ (средишниот дел на Европа и на Азија); тој што владее со „срцевијата“ управува и со т.н. „светски острови“ (периферијата на Азија и на Европа, вклучувајќи ги и Британија, Јапонија итн.; а тој што владее со „светските острови“ управува со светот. Иако не е наивна, теоријата на која почиваше геополитиката во XX век денес е предмет на интерес на теориите на заговор и, сега за сега, таму и ќе остане.

Она што е веројатно поинтересно е прагматичниот, реален интерес на Кина, интересот на земјите од Источна Европа, но и преголемата внимателност на земјите од Западна Европа за интересот на Кина за соработка, а тоа е пробивот на кинеската економија, политика, па и нејзиното културно и општествено влијание на светската мапа на глобализација. И логично, сите засегнати страни имаат различен интерес и различен пристап на овој раст на кинеското влијание на светската сцена.
Најпрво е самата Кина. Веќе неколкупати пишувавме за развојот на кинеската држава и за оној што го следел и анализирал патот по кој се развивала државата изминативе 50 или 100 години, однесувањето на Кина е веројатно логично. Имено, за разлика од западната цивилизација, развојот и успешноста на кинеската економија и на кинеското општество не почива на темелите на либералната демократија. Моделот, чии темели прв ги поставува Ли Куан Ју во Сингапур (веројатно најуспешниот пример на економски капитализам со политичка автократија), станува основа за изградба на современата држава по Втората светска војна. Денг Шјаопинг, како и останатите кинески лидери сѐ до денешниот Ши Џинпинг на оваа доктрина ја темелат успешноста на кинеската држава и во оваа насока тие планираат да ја зацврстат својата позиција на светската мапа. Како и да е, економската успешност на Кина ја наметнува нејзината светска улога и во политичка смисла и токму на овие постулати е изградена најголемата и најзначајната иницијатива на Ши Џинпинг и Кина за инфраструктурно,за комуникациско и за енергетско поврзување со Европа – „Еден појас, еден пат“ (ЕПЕП). Воопшто, гледајќи го само технички ЕПЕП, неговата реализација е невозможна без оформување на т.н. „Порта на Европа“, т. е. инфраструктурно, економско, политичко, енергетски и севкупно општествено поврзување на земјите од Источна Европа. Тоа е примарниот интерес на Кина и за овој интерес тие се подготвени да вложат сериозни средства.
Политичката доктрина на земјите од Централна и Источна Европа се темели на една заедничка колективна меморија, а тоа е дека речиси секоја од нив има поминато низ еден период на недолична и трауматична сиромаштија, менувајќи го комунистичкиот и диктаторски режим со принципите на либералната демократија. Овие земји, иако веќе голем број од нив делумно успешни во својот развој, во својата колективна меморија немаат изградено политичка „светост“ кон постулатите на либералната демократија, индивидуалната слобода итн. Нивниот политички „бекграунд“ има солидна основа да ги суспендира овие постулати доколку тоа обезбеди ефикасност, безбедност, стабилност и економски просперитет. Оттаму кинеската понуда за брзи инвестиции, беа условување за политички реформи, напротив, проследени со иницијатива за „ефикасност наспроти транспарентност“, претставува вистинско освежување за овие земји во замена за бирократските, тромави и неефикасни системи за финансиска и инвестициска поддршка од страна на Европската Унија. Уште подлабоко, дел од овие земји веќе и јавно зборуваат за успешност на алтернативната демократија или т.н. „илиберална“ демократија, а неформално овој принцип веќе се применува по целата линија на движење на југ од Турција, преку Балканот, па сѐ до Унгарија и Полска на север.

Земјите од Западна Европа кои економски и техничко-технолошки претставуваат високоразвиени земји, многу поразвиени и од Кина и од земјите од Источна и Централна Европа, се земји чија успешност е изградена на принципот на слободата, на индивидуализмот, на претприемништвото, но и на политичките догми на слободното изразување, на политичкиот плурализам итн. Во политичка и безбедносна смисла, тие имаат значаен интерес својата доктрина да ја наметнат и на земјите од Централна и Источна Европа и со мали недостатоци досега тоа успешно го спроведуваат. Иако обременет со значајни предизвици, сонот за обединета Европа по западен терк веќе се остварува и успешноста на тој проект изгледа извесно. На тој пат, и тоа не е тајна, земјите од Западна Европа го користеа методот „морков и стап“, па своите инвестиции и финансиска поддршка ги условуваат со значајни реформи во насока на изградба на општество од западен модел, со цврсти демократски институции и политички систем кој почива на постулатите на либералната демократија. Уморни од овој притисок, но и мотивирани од комплексот поради недостаток од личен политички израз, стереотипните политичари кои доаѓаат од поранешните социјалистички земји од Европа на кинеската иницијатива гледаат како на можност за воздишка, како насушна потреба од конкуренција на западните држави, која им остава простор за нивна поголема факторизација и незаслужено, но долго очекувано унапредување на нивното политичко значење.
Балканот, земјите од Централна и Источна Европа, денес живеат со современите предизвици и закани кои се надвиснати и на останатите земји од западната цивилизација. Заканите од насилен тероризам, пробивот на политичкиот радикализам, разгорувањето на национализмот, успехот во креирањето на алтернативна реалност под влијание на лажните вести, претставуваат заеднички предизвици за сите земји од западната цивилизација. Голем број од овие предизвици претставуваат обид за уривање на темелите на кои почива таа и во оваа смисла стравот од некои диктаторски режими во околината на Европа е оправдан, а внимателноста соодветно е подигната на максимално ниво. Сепак, кинеското влијание е дијаметрално спротивно од овие курентни предизвици. Иако Кина ја промовира својата политичка доктрина која не почива на постулатите на либералната демократија, таа во ниеден момент, во ниеден случај и во ниедна држава не се обидела да дејствува на промена на општествените текови, да влијае на политичката доктрина, и најважно, да ја загрози безбедноста на некоја од земјите или регионот. Напротив, кинескиот интерес за унапредување на глобализацијата, иако потекнува од автократски политички систем, во својата суштина е изграден на принципот на стабилизација, на соработка, на безбедност и има благородна намера. Со други зборови, сега за сега, кинеската иницијатива претставува придобивка на светската политичка сцена. Токму на овој начин и е препознаена од поголемиот број западни политичари, па кинеската инцијатива, иако се следи со значително внимание, сепак го добива заслуженото зелено светло и од земјите од Западот.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top