Е-Б-Ф-Б
ОРГАНСКИ ДОСЕГ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ – МИТ ИЛИ СÈ УШТЕ РЕАЛНОСТ?

Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk

Во 2018 година голем број глобални, регионални и локални брендови во самата своја стратегија за социјални медиуми дефинитивно нема воопшто да сметаат на органскиот досег.

Дочекуваме уште еден крај на година, ја испраќаме 2017 година полна со драма, со тензии и со промени и ја дочекуваме 2018 година која се надеваме ќе биде полна со предизвици, со развојни стратегии и со мали и големи успеси.
Обично за крај на година се предвидуваат/споделуваат трендовите за следната, ама такви текстови секако ќе има доволно, па затоа јас решив овој последен текст за оваа година да го посветам на една малку болна тема која, секако, е дел од речиси секоја листа со трендови за дигиталниот маркетинг во 2018 година. Велам болна затоа што јас така ја чувствувам, не дека е за секој таква или дека моето чувство е комплетно оправдано.
Во 2017 година дефинитивно се соочивме со реалноста која ја очекувавме, ама потајно се надевавме дека нема да дојде. Семоќниот, мислам на Фејсбук, си остана цврсто на својот збор и драконски го намали органскиот досег на објавите на брендовите/страниците. Се разбира, целта е многу јасна, сакаат да заработуваат повеќе пари. И очигледно не донесоа погрешна одлука. Последните информации кои доаѓаат од овој гигант бележат раст од 74 % на парите потрошени на неговите платформи за огласување. Статистиките и анализите на Емаркетер (eMarketer) за американскиот пазар наведуваат дека парите потрошени за реклами на Фејсбук надминуваат 25 % од вкупните потрошени средства на дигитално огласување. Овој процент се очекува да се зголеми на 29 % до 2019 година. Трендовите не се поразлични ниту на останатите пазари, а тоа значи и на нашиот.
Оваа, 2017 година, буџетите потрошени за промовирање на објави на Фејсбук и на Инстаграм се зголемуваа, но во стратегиите сѐ уште имаше надеж или подобро речено не се откажувавме од картата наречена органски досег. Објавуваш, чекаш да видиш дали и колку ќе повлече објавата органски, се крстиш Фејсбук да се смилува и подоцна по кој знае кој пат си потврдуваш дека нема да стигне далеку без да потрошиш некое евро и дисциплинирано си ја спонзорираш објавата. Веќе ни стана јасно дека на органскиот досег не влијаат онака како што некогаш (мислевме) дека влијаат интеракциите, оптимизацијата и сл. Сега многу тешко може да се детектираат правилата на игра, ако воопшто и ги има. Може да имаш голем број на споделувања и лајкови, па пак да немаш голем органски досег. И тоа е тоа. Реалноста е таа. Стратегиите се сменети или се менуваат.

Фејсбук е новата телевизија
Во 2018 година голем број глобални, регионални и локални брендови во самата своја стратегија за социјални медиуми дефинитивно нема воопшто да сметаат на органскиот досег. Веќе се изработуваат планови и буџети во кои за секоја објава има предвидено средства за спонзорирање, а со спонзорирањето се започнува веднаш, при самата објава. Ова секако значи и промена во стратегијата за зачестеност на објавите, промена во содржината и ред други дел свесни дел потсвесни промени кои допрва ми се чини дека полека, но сигурно ќе го уништуваат социјал (social) делот од социјалните медиуми.
Далечната 2012 година, велам далечната затоа што маркетингот изминативе 5 години екстремно многу се менуваше, во поткастот (именувам #комкаст) на нашиот блог комуникации.нет заедно со моите колеги Сеад Џигал и Мите Кузевски си поставивме предизвик да го дебатираме токму она што сега веќе на големо се случува. Епизодата ја насловивме Фејсбук е новата телевизија. Тогаш беше потешко да се аргументира, а и Нетфликс (читај нелинеарно гледање на ТВ) не беше толку застапен. Потешко затоа што паралелите ги влечевме само врз база на голема, масовна публика и на копирањето на начинот на обраќање кој го знае(в)ме од масовните медиуми. Малку се трансформираше таа комуникција на локалниот пазар, но и реално немаше кога тоа да се случи затоа што Фејсбук денес навистина направи квалитетна содржина, интеракцијата и не е толку важна тука, важно е да платиш за да ја видат твојата реклама повеќемина.
ОК, можам јас да плачам на темава многу повеќе, но нема потреба. Не е ова баш и црно сценарио. Оптимистичката варијанта на исходот од сево ова е дека брендовите ќе се фокусираат да произведат помалку, но поквалитетна содржина и дека ќе внимаваат на што се трошат многу пари. Всушност на глобално ниво оваа дебата силно е поделена на два табора, едните велат дека органскиот досег е минато, другите велат сѐ уште тој е суштината на изворната отворена комуникација со фановите.
Во меѓувреме еве ги всушност трендовите на кои треба да се фокусирате во 2018 година зашто на Фејсбук нема што толку многу да му ја мислите веќе, тој смисли за вас/нас.

На што да се посвети внимание во 2018 година?
Баш би сакал да верувам дека органскиот досег е како енергија, не исчезнува, туку само се трансформира. Ако е така, тогаш периодов тој може да се најде на Инстаграм. Внимавајте на Инстаграм, и тоа конкретно на „стори“ (story) делот од оваа апликација. Од неодамна 24 часа достапните кратки видео и фото парчиња од нашето секојдневие станаа достапни и на десктоп верзијата (што и не е толку важно). Поважно е што веќе некое време постои можноста да се рекламирате токму меѓу овие вертикални и вртоглави слики и видеа полни со стикери и метаподатоци. Ефектот сега за сега е одличен и вреди да се експериментира. Секако целната група (гледано по демографија) е поограничена, но е многу недоволна.
Следете го и вклучете се во развојот на персонализираната комуникација преку чет платформите. Всушност нивниот развој, пред сѐ, благодарение на чет-ботовите е замената за интерактивноста и вклученоста која претходно ја имавме и/или ја посакуваме на Фејсбук. Она што долго време се зборуваше дека е можна и потребна персонализација денес се реализира во форма на директна еден на еден комуникација со тоа што овојпат не се одвива пред очите на масата, туку приватно, во инбокс. Фејсбук сега ги форсира и овие опции за рекламирање, директно во чет каде што всушност директно ги повикувате на интеракција вашите постоечки или потенцијални купувачи. Нова година, нови предизвици, многу нови опции. Среќна нека е.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top