Општество
АВТОПОРТЕТ (ВО ПИСМО ДО ЌЕРКА МИ)

Емануел Рембер
Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје

 

 


Најдрага моја Матилда,

Ти благодарам за новостите. Но, ми се видоа куси. Раскажи ми за Лондон! Разговарај повеќе со татко ти. Утринава лесна самотија ме поттикна да ти кажам што има ново кај мене. Ме прашуваш како сум?

ЛАКИ ДЕДИ (LUCKY DADDY)
Па еве сум! Добро ми е. Непроменет во изгледот. Ниту полн, ниту слаб, просед и проќелав. Главно изгледам како патник со среден раст и со става на дипломат во Скопје, по Брисел, Триполи, Братислава, Осло – патник што останува вчудовиден од сè околу себе, како во тинејџерско доба. Наликувам повеќе на птица, отколку на крт.
Менувам патишта, адреси. Ваквите патувања ни ги насочуваат погледот и мислите кон убавото. Пишувам дневник што го полнам со лични исповеди и општи размисли. Сакам да коментирам. Ах!... секако дека има и лоши денови, но треба да имаш нешто книжевно во себеси за да бидеш и тогаш задоволен.
Познато ти е детство во Нормандија, ноќи поминати на брегот на една река, ловејќи јагули, пастрмки и слушајќи го звукот на водата. „Научи да пешачиш, да читаш и да ловиш риба“ би можело да биде мото на Ремберови. Имам сини очи, заоблено лице, превисоко чело. Бев дете налик на Таличниот Том (Lucky Luke на француски) што потпевнува, со перо в рака. Денес, лаки деди (lucky Daddy) што сака да гужва хартија. Мала манија кога пишувам (ќе се навратам на ова). Дете кое научи да избега со мислите набљудувајќи ги водопадите и водните теченија.
Пред некој ден те охрабрував да пишуваш. Ми одговори: „Да, но за што?“ Книжевникот го пронаоѓаме пишувајќи за себе, надвор од темата, не мислејќи на кариерата. Пишувај што било, пишувај за звукот на ланецот од велосипедот. Само пишувај. И внимавај на дилентантизмот! Еден ден помислуваме на нова книга, потоа забораваме да ја напишеме и тоа ни преоѓа во навика.
Кога денот е ќор, гледај го од профил. Биди среќна! Неуспесите се богатство. Пишувај за привиденијата и сети се дека внатрешниот отпор е единствениот излез од затворот.

ДВИЖЕЊЕТО ЧАП (CHAP*)
Значи ова е мојата за почит, простодушно задоволна, сегашност. Многу си ја сакам работата. Сакам сè што се движи, ги сакам небесните висини, лисјата, дрвјата, светлината. Сакам да зборувам за рагби, за литература на француски или на англиски јазик. И цигари со прекини (не заборавив на твоите препораки), особено при кашлање и бакнеж. Татко ти пие малку и само добро вино. Црвено, секако. Сакам кога ми се јавуваш за да ти кажам какво шише да одбереш кога им подаруваш нектар на твоите пријатели во Британија. Виното е многу повеќе од само вино, кажи го тоа околу себе.
Татко ти не користи многу пцости. Стабилен карактер. Приврзаник е на движењето Чап (Chap*), она забавно движење на денди анархисти со британски корени, основано од Густав Темпл во 90-тите години. Чап (Chap) приврзаниците не се сфаќаат сериозно самите себеси и се поборници на „Твид-револуцијата“. Да размислиме малку за ова. Меѓу останатото, приврзаниците на движењето Chap нè советуваат да ги читаме Бодлер и Бајрон. Нот бед (Not bad). Изобилие од елеганција. Но, Чап (Chap) приврзаниците немаат претензија да ја разјаснат вселената.
Попладнево ќе посегнам по капијата на Марковиот манастир (од 14 век) кој се наоѓа на дваесетина километри на југ од Скопје или отаде планината Водно каде што живеам. Секој го изодува светот на свој начин. Во дваесет километри ќе остарам шест векови. Ќе ти испратам фотографии. Ги љубам светите места кои го пленуваа Уисманс, оние свети места во кои Сиоран си го освежуваше очајот.

Силно те прегрнувам,
Тато

* ЧАП (CHAP (од англискиот збор chap ’кицош, џентлмен‘)) е движење во кое спасот за модерното општество од вулгарноста се бара во убавите манири. ЧАП (CHAP) движењето има свој Манифест, содржан во 130 страни, а напишан од Густав Темпл и Вик Дарквуд од истоимениот англиски магазин. Во Манифестот се вели дека ова движење е повеќе од идеологија; се работи за морален принцип и уметност на живеењето втемелени врз принципите на елеганцијата, учтивоста, пишаниот збор и хуморот.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top