Е-Б-Ф-Б
КАИЗЕН БЛИЦ (KAIZEN BLITZ)

Дејан Јанчевски
Авторот е економски истражувач

Трагајќи по одговор на прашањето како неповолните природни појави и сѐ поприсутните воени дејствија влијаат врз економскиот развој на една држава, статистичките податоци на површина „исфрлаат“ резултати кои го поткопуваат здравиот разум и создаваат дополнителни варијабли кои ќе треба да се вклучат во идните нацрти на геополитичката и економската логика, а со сигурност ќе станат дел од посветлата страна на светската историја. Периодот по ваков настан е опкружен со многу прашалници и сите се обидуваат да извлечат максимум. Во тој „максимум“ историјата покажала дека највреден аутпут е човечкиот потенцијал. За тоа колку ваквите појави можат да го променат начинот на размислување ќе наведеме два примера, кои биле од исклучително значење за глобалната економија, а имаат потекло од јапонската работна филозофија наречена Каизен (Kaizen).
Првиот пример е од поново време и опфаќа настан кој покажува како може на микро ниво да се развие бизнис-идеја дури и во најтешките моменти. Имено, станува збор за Масимо Ботура (Massimo Bottura), oсновач и сопственик на ресторанот со 3 Mишелинови ѕвезди, „Остерија франческана“ („Osteria Francescana“). Ресторанот се наоѓа во областа Емилија Ромања (Emilia-Romagna), Италија, а токму таму во 2012 година се случи катастрофален земјотрес кој со себе однесе многу човечки животи и причини голема финансиска и еколошка штета. Регионот Емилија Ромања (Emilia-Romagna) е познат по неговиот пармезан пармиџано реџијано (Parmigiano Reggiano) и како главна дејност на многу локални жители беше под знак прашалник нeговото опстојување поради тоа што голем дел од складиштата за пармезан беа речиси уништени од земјотресот. Решението го пронајде токму готвачот Масимо Ботура (Massimo Bottura) кој за 2 дена осмисли сосема нов начин на приготвување на рижото користејќи го локалниот пармезан во неколку варијанти. Поради неговата планетарна популарност, рецептот ризото кацио е пепе („Risotto cacio e pepe“) беше прифатен речиси од сите ресторани во светот, а Масимо (Massimo) несебично го споделуваше со цел што поголем дел од пармезанот да биде продаден. Големината на ваквиот чекор не е само во тоа што ги „спаси“ локалните производители, туку ја одржа стабилноста на банките во Болоња бидејќи голем број од нив го прифаќале пармезанот како колатерал при склучување на должничко-доверителски односи со бизнис-секторот.

„ТОЈОТА“ (TOYOTA) СЕ СМЕТА ЗА ПИОНИР НА КАИЗЕН ФИЛОЗОФИЈАТА И ОСНОВОПОЛОЖНИК НА ПРИМЕНАТА НА „МЕКИ“ МЕНАЏМЕНТ-ТЕХНИКИ

Вториот пример е поврзан со производителот на автомобили „Тојота“ (Toyota), која се смета за пионир на Каизен филозофијата и основоположник на примената на „меки“ менаџмент-техники. Токму во „Тојота“ почнал да се гради сонот за возобновување на националната јапонска економија која била „на колена“ по завршувањето на Втората светска војна. Во „Тојота“ биле свесни дека човечките ресурси се најзначајниот капитал на компанијата и дека токму врз него може да се изгради „тврдина“ која ќе се заснова на константно подобрување на квалитетот, на технологијата, на процесите и на културата на компанијата. Својот зенит Каизен филозофијата го достигна во 2008 година за време на почетокот на глобалната економска криза кога „Тојота“ уште еднаш потврди дека принципите врз кои е поставена компанијата се здрав темел, дури и во најтешките моменти. Главната одлика на „Тојота“ беше економичното производство кое се карактеризира со намалување на залихите на минимум. Исто така менаџментот на „Тојота“ доби повеќе од 75 000 предлози за унапредување на компанијата од повеќе од 7 000 вработени. На крај, 99 % од овие предлози беа прифатени и беа применети. Благодарение на тоа, „Тојота“ најбезболно ја преброди економската криза од сите конкуренти на пазарот.
Иако за македонски услови ваквите долготрајни процеси на менаџмент-култура сѐ уште се во својот зародиш, сепак можеме да искористиме дел од глобално распространетите варијации на Каизен (Kaizen). Станува збор за Каизен блиц (Kaizen Blitz), менаџмент-техника чија цел е во краток временски период, обично 1 недела, да направи мали промени во работењето на компанијата, да ги сведе грешките во работењето на минимум, да ја подобри економичноста, да внесе ентузијазам и задоволство, пред сѐ кај вработените, а со тоа и кај компанијата во целина. Терминот Каизен (Kaizen) е составен од 2 дела: првиот дел, „kai“, значи промена, додека „zen“ значи добро. Комбинацијата од двата збора значи промена кон подобро, а кога на тоа ќе се додаде германскиот збор „blitz“ кој значи молња, тогаш сфаќаме дека компанијата која го применува овој модел за многу кус период ќе биде поразлична од претходно.
Популарноста на Каизен блиц (Kaizen Blitz) е поради неговата експедитивност, дефинирањето на јасни цели и мерливоста на повратот од инвестицијата. Сѐ започнува со дефинирање на проблемот, реорганизација на вработените, дискусија и дизајнирање на решение и на крај имплементација на замисленото. Иако навидум изгледа лесно, при самиот процес мора да се вградат голем број промени. Поентата на моделот е да се вклучат што поголем број на вработени и од нив да се црпат идеи за решавање на проблемот бидејќи токму тие најдобро го разбираат соочувајќи се со него секојдневно. Во целиот овој склоп мора да се прифаќаат само неконвенционалните идеи и да се размислува во насока како може да се реши проблемот, а не зошто не може да се реши. Поради лимитираното време не смее да има изговори, ниту да се бара перфекција. Најбитно е воочените грешки веднаш да се коригираат. Зад секој успешен Каизен блиц (Kaizen Blitz) мора да стои лидер во кој вработените ќе имаат доверба за проектот, лидер за кого инвестициите нема да бидат супститут на идеите и чии одлуки ќе бидат засновани на податоци, а не на сопствени убедувања, лидер кој подобрувањата нема да ги бара во канцеларија, туку на терен.
Идејата на моделот е од ништо да направи нешто, а најуспешните компании се оние кои најбрзо се прилагодуваат на промените. Малите и континуирани подобрувања на долг рок носат голема заштеда и подобрување на сите процеси и притоа сите активности кои не додаваат нова вредност се елиминираат. Иако постојат голем број препреки за помасовна употреба на моделот, пред сѐ во индивидуализмот и меѓусебното натпреварување на вработените, сепак за компаниите кои се одлучија да го применат тој стана начин на живот. Каизен блиц (Kaizen Blitz) филозофијата е во позитивна корелација со човековата природа, постојано да се напредува и да се развива, и токму затоа не признава никакви култоролошки, политички или религиозни пречки. Големината на моделот е во неговата универзалност, односно широкиот дијапазон на области во кои може да се примени, од производство до финансиски сектор, од вселенска технологија до парламент.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top