Lifestyle
„ИСЦЕЛИТЕЛ“

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Тајната состојка веќе одамна не е тајна. Тоа е марихуаната. Расте и на диво низ Македонија, особено во Струмичкиот Регион.

 


Одблиску со Ѓорче Ставрески

Го гледав „Исцелител“ десетина дена по неговата скопска премиера, во една типично скопска понеделничка вечер. Пуста и загадена. По завршената проекција, џагор и муабети меѓу претежно младата публика која полека ја напушта кино-салата, враќајќи им се на мобилните телефони и на секојдневието. Се прашувам дали филмот ќе им испровоцира една малку поинаква перспектива за секојдневието, за градот во кој бетонското сивило од Автокоманда ја нема меланхоличната убавина доловена преку камерата на Дејан Димески, ниту пак железничкото депо и луна-паркот имаат симболична и сентиментална вредност. Сепак, ниедна фикција не може да биде почудна и позабегана од реалноста во која живееме.
Набргу потоа го канам Ѓорче Ставрески на еден стотројкашки муабет. Во договореното време го пресретнувам помалку збунет и вџашен. Не, не се работи за влезот на Македонската радиотелевизија. Престижниот Варајети (Variety) само што објавил рецензија за филмот. Успевам да го прочитам само почетокот, и крајот кој гласи: „Прекрасниот ’Тајна состојка‘ (наслов за надворешна употреба) кој не само што ќе послужи како силна отскочна штица за кариерата на Ставрески, туку дури може да ја повлече напред и пошироката македонска филмска индустрија – сосема заслужи да го добие колачот набиен со трева и да го изеде.“
Разговорот не може да почне во подобро расположение. „Не знам што да кажам, уште сме под импресии, не можеме да се соземеме. Варајети мисли дека сме направиле одличен филм.“ По премиерното прикажување на Солунскиот филмски фестивал и освоената награда од публиката, филмот не само што континуирано добива позитивни критики од странство туку и за момент ја реанимира македонската филмска критика која одамна е на апарати. „Можеби изгледа како да сме некои хохштаплери, мора да сме сомнителни чим ни го фалат толку филмот“ – се шегува Ѓорче.
„Од првите напишани зборови во сценариото, па сѐ до премиерата на филмот поминаа седум години. Патот е трновит, јас лично се изнаплукав крв. Веројатно за прв целовечерен филм и нема друг пат, треба да се вложи сѐ и да се ризикува многу. Товарот и одговорноста се големи, во целиот тој долг процес се вклучени многу луѓе, се користат пари на граѓаните и нормално е да сториш сѐ за да ги оправдаш очекувањата. Но, едноставно може да се случи филмот да не го добие вниманието кое го заслужува, да немаш среќа или пак да не му е погодено времето.“
Политичкиот и економски контекст во кој живее и дејствува (не)зависниот македонски креативец е сурово чистилиште, но истовремено и возбудлив и непресушен извор на инспирација за оние кои ќе преживеат. „Три години по ред, секоја пролет се случуваше некој голем хаос, од Смилковско Езеро преку Диво насеље, па сѐ до насилниот влез во Собранието на 27 април. И секоја пролет си викав, Ѓорче, ништо од филмот. Се трудиш ти, добро момче си, ама џабе, ќе почне граѓанска војна. Си почнал снимање, ама нема да ти ги исплатат парите за филмот. Секоја година исто. Кога им кажувам на пријателите од странство низ какви времиња се правеше филмот, не им се веруваше. Беше тежок и чуден период за сите нас, и тоа треба да го прифатиш и да го ставиш на грб.“
По непосакуван случај на постпродукциски околности, Ставрески ќе заврши и како монтажер на звук на сопствениот филм. Нема кој друг, а некој мора. „Филмот е непредвидлива работа ако сакаш да го дадеш најдоброто од себе, како автор мораш да дејствуваш како некоја сигурносна мрежа за сите проблеми. Нема предавање.“
„Исцелител“ е филм кој балансира на кршливата драматуршка спрега меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. „Јас како човек отсекогаш сум уживал во арт-хаус драми кои секогаш ми биле при срце, иако сум љубител и на жанровски филмови. Првите три верзии на сценариото беа напишани како семејна драма, меѓутоа не сакаа да го примат филмот на пичинг форуми и така ’се продадов себеси‘. Си реков, добро Ѓорче, филмот е уметност, а таа повеќе нема смисла, особено по постмодернизмот (се смее). Прави што ќе правиш, битно уживај во процесот. Додека монтиравме со Мартин Иванов постојано се смеевме, но истовремено се прашувавме дали ќе бидеме единствени во кино кои ќе се маваат со пуканки, а публиката ќе остане ’мртва ладна‘ . Целото тоа шизофрено играње топло/ладно, прекршувањето на драмскиот емотивен набој со црн хумор беше едно од најсуштествените креативни предизвици и премрежја. Но, судејќи според реакциите од Солун, од Скопје и од Талин, тоа за среќа не се случи.“
Искреноста и непретенциозноста на филмот се неговиот најголем шарм кој прави да му ги простите или да ги засакате фалинките и несигурностите. Почнувајќи од духовитата промо кампања, преку позитивните фестивалски одгласи, па сѐ до посебната проекција на која присуствуваа механичарите од Македонски железници и статисти во филмот, „Исцелител“ отворено и гордо комуницира со публиката и со општеството, во и надвор од кино-салата.
За понатамошниот живот на филмот е задолжена престижната француска агенција Вајд (Wide).
„Уште кога филмот беше во фаза на развој имавме среќа да склучиме договор со нив. Тие ни се партнери, го движат филмот напред, преговараат за фестивали и дистрибуција и веќе има новости во тој поглед. Сами не можевме да избуткаме ваква промоција и драго ми е дека ги имаме во тимот. Така функционираат работите, не можеш сѐ сам, ти треба помош.“
Од претходната средба со Ѓорче забележувам дека тој има некое кило повеќе, доволно насмевка и руменило на лицето. И тоа ме радува. Очајнички ни се потребни добри вести.
И малку повеќе да се опуштиме и да се исцелиме. Само тогаш тајната состојка ќе може да биде прашање на слободен избор.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top