Е-Б-Ф-Б
Што очекувате од 2018 година? Живко Мукаетов: ГЛАВЕН ПРИОРИТЕТ НА БИЗНИСОТ И ПОЛИТИКАТА ДА БИДЕ ЗАЈАКНУВАЊЕТО НА ЕКОНОМИЈАТА

Генерален директор на Алкалоид АД Скопје

Во изминатава деценија се соочивме со светската економска криза, економската рецесија, европската должничка криза, конфликтот во Украина, економските санкции на Русија, мигрантската криза и многу други предизвици, но за време на сите тие геополитички збиднувања македонските компании покажаа дека се прилично жилави. Сосема разбирливо: моќна бизнис-заедница значи генерирање поголем економски раст, па оттука сметам дека треба да постои синергија меѓу бизнисот и политиката каде што фокусот и главен приоритет на обете страни би бил зајакнување на економијата. Економската програма на новата македонска влада е прилично реалистична и отворена за сугестии од страна на бизнис-заедницата, па можам да кажам дека се чувствува нов, оптимистички тек за македонската економија. Проектираниот БДП на околу 3,2 % за 2018 година би можело да значи добар вовед за прекупотребниот раст од (над) 4 % годишно. За Алкалоид АД Скопје, 2018 година очекувам да биде уште една успешна година на деловен план. Консолидираните пласмани на компанијата очекуваме да ја надминат сумата од 150 милиони евра, што ќе претставува повеќе од двојно зголемување споредено со пласманите од пред една деценија наназад. Во 2018 година единствено би посакал компанијата да остане на позитивниот курс и во духот на компаниското мото: „Здравјето пред сѐ“, уште еднаш да ја потврдиме перцепцијата на Алкалоид како компанија која е достоинствено исправена и подготвена да одговори на сите предизвици.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top