Перспектива
ПАТОКАЗИ КОН ЗАЕДНИШТВО

Зоран Јовановски

Деновиве слушнавме за иницијатива презентирана од европратеникот Иво Вајгл, а за која наводно се согласил и еврокомесарот Хан, за примена на механизмот на Европскиот парламент за процес на дијалог наречен „Жан Моне“. Идејата е претставници на Владата на Македонија и опозицијата да се среќаваат во Франција и да разговараат за прашања важни за напредокот на Република Македонија во процесот на нејзиното евроинтегрирање. Патем, на ваквите средби на водечките партиски групи од земјава не би се носеле одлуки, местото за тоа е во Парламентот на Македонија, но тие треба да доведат и до генерална релаксација на нивните, мошне затегнати, меѓусебни односи. Пораката е јасна: треба да се гради атмосфера на толеранција и на заедништво како предуслов за придвижување на земјата напред на патот кон ЕУ.
Но, гледано од аспект на релациите со ЕУ, пристапот што упатува кон поголемо заедништво не е ограничен само на внатрешните потреби на поодделни земји. Кон заедништво упатуваат активностите во рамките на една поширока регионална рамка на Западниот Балкан. И, таа иницијатива не е сосема нова, но значително се интензивираше во последно време.
Пред една година, во ноември 2016 година, на конференцијата „Перспективи 2016“, организирана од Економија и бизнис, на еден од панелите за дискусија му поставив прашање на Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во нашава земја, за заднината на пристапот на ЕУ кој поттикнува зголемена регионална соработка и притоа идентификува шесторка од земји од регионот на Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово). Парафразирано, ме интересираше дали има основа ваквата иницијатива за поголема регионална соработка во нашиот регион да се протолкува како обид за реставрација на некои поранешни облици на земји и дали тоа, во некаква преодна и пролонгирана фаза, би било супститут за членство на овие земји во ЕУ. Одговорот на Жбогар беше краток и прецизен: не се обидуваме повторно да ја создадеме Југославија.
Како што одминува времето, работите стануваат сосема јасни. ЕУ поставува патоказ за земјите од нашиот регион, упатувајќи ги кон значително зголемување на регионалната економска и политичка соработка. На одреден начин тоа се потврди и на шестиот ексклузивен регионален собир на бизнис-лидерите од Југоисточна Европа, наречен Самит 100, кој минатиот месец се одржа во Скопје.

ОНА ШТО Ѝ Е ПОТРЕБНО НА МАКЕДОНИЈА Е И НЕШТО ПОВЕЌЕ, НЕШТО ШТО ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ ЗАРАДИ САМИТЕ НАС, А НЕ ЗАРАДИ ТОА ШТО НЕКОЈ ГО БАРА ОД НАС. ПОТРЕБНО НИ Е АВТЕНТИЧНО, СУШТИНСКО, НАТПАРТИСКО ЗАЕДНИШТВО ПО СИТЕ ЛИНИИ КАКО ОСНОВА ЗА ГРАДЕЊЕ НА ДОЛГОРОЧНО ОДРЖЛИВА, ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

Од она што го слушнав на Самитот, меѓу бизнис-лидерите постои неподелено мислење дека потенцијалот за регионална економска соработка е голем. Како што беше кажано, изгубените 26 милиони часови годишно поради интрарегионалните бариери резултираат со логистички трошоци што се еквивалент од 1 % од БДП. Протокот на стоки мора да се олесни и да се забрза. Истовремено ми изгледаа по малку и забавно некои од идеите за соработка или размислувања што беа презентирани. Во секој случај, ја потенцираа досетливоста на регионот. На пример, Босна и Херцеговина и Србија работат на заедничко воведување туристичка тура наречена „По патеките на Валтер“, оној кој го „бранеше Сараево“, наменета за туристи од Кина каде што филмот своевремено беше мега популарен. Или укажувањето на директорот на Школата за менаџмент „Мокра Гора“, на една од работилниците насловена „Кон економија базирана на знаење“, дека за извршните директори кои ја посетуваат програмата на таа школа поважно е да запознаат некој колега од регионот со кој имаат реална шанса да соработуваат одошто некој од Бразил или од Индија на некоја програма некаде далеку во светот. Од економски апсект, регионалната соработка не може да се ефектуира без сериозни инвестиции во инфраструктурата, а за тоа постојат значителни фондови во ЕУ за кои, според еврокомесарката за транспорт и мобилност Виолета Булц, пристап е овозможен и за земји од Европа што сѐ уште не се членки на Унијата.
Но, колку и да се економските аспекти на регионалното заедништво издржани, тие не можат да се реализираат без значајна политичка поддршка за поголема соработка. На политички план, премиерите на четири од шесте земји од Западниот Балкан покажаа висок степен на добра волја и усогласеност во гледиштата и практично се надополнуваа во искажаните гледишта. Добро беше да се слушне дека за Балканот чекањето заврши, дека за Европа е сѐ поважно да сме во ЕУ и дека мораме да бидеме оптимисти. Притоа сесијата со четворицата премиери помина со голема медиумска помпа и огромен број камери од телевизиски куќи од целиот регион. Она што мене ми остави впечаток е дека немаше таков медиумски интерес за некои други, исто толку важни панел-дискусии на Самитот поврзани со суштински економски прашања. Тоа сознание донекаде ми го намалува оптимизмот затоа што јас сум од оние кои цврсто веруваат дека светот не треба да се врти околу политичарите.
Иницијативите за поголемо заедништво, како во Македонија така и во регионот на Западен Балкан, наведени погоре во овој текст, сепак ги ставам под заеднички наслов „наменско заедништво“ насочено кон остварување на конкретна цел, напредок на европскиот пат. Но, она што ѝ е потребно на Македонија е и нешто повеќе, нешто што ќе го направиме заради самите нас, а не заради тоа што некој го бара од нас. Потребно ни е автентично, суштинско, натпартиско заедништво по сите линии како основа за градење на долгорочно одржлива, просперитетна иднина. Со Економија и бизнис дејствувам во тој правец со години. И тоа е ѓаволски тешко во длабоко поделено општество. Но, сега веќе патоказите кон заедништво, во земјата и во регионот, стануваат сѐ побројни.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top