Интервјуа
ОТВОРАЊЕТО НА ВЕРО ВО МАКЕДОНИЈА БЕШЕ РИЗИЧЕН ПОТЕГ, НО СЕ ПОКАЖА ДЕКА Е МНОГУ МУДРА ОДЛУКА

Николаос Веропулос
Претседател на компанијата Веропулос

Отворањето на првиот Веро маркет во скопската населба Аеродром пред 20 години беше пионерски потег во малопродажната трговија во земјава. Оттогаш до денес компанијата Веропулос се етаблираше како една од најуспешните компании во Македонија, која континуирано остварува позитивни финансиски резултати. Во периодот кога Веро го одбележува 20-годишниот јубилеј, разговаравме со претседателот на компанијата Веропулос, Николаос Веропулос, за досегашните достигнувања и идните планови.

 

Господине Веропулос, времето лета, поминаа 20 години од отворањето на првиот супермаркет Веро во Скопје. Кога гледате назад од оваа временска дистанца, кои беа околностите поради кои ја донесовте таа бизнис-одлука? Дали сметавте дека е ризична?

Н. Веропулос: Овој одговор може да биде многу долга приказна. Сепак причината поради која одлучивме да излеземе надвор од грчкиот пазар беа негативните индикатори на политичкото и економското опкружување во Грција уште во тоа време. Затоа решивме да се обидеме на некој нов пазар и да го мултиплицираме она што најдобро го знаеме. Да, тоа се сметаше за ризичен потег и многу од моите конкуренти во тоа време се „смееја“ на оваа наша одлука. Многу ми е мило што се покажа дека воопшто не беа во право. Лично јас никогаш не сметав дека правам нешто ризично. Напротив, бев многу сигурен во својот потег и многу ми беше мило што никој друг не го гледаше она што го гледав јас.

Во меѓувреме, Вашата компанија го прошири својот бизнис и денес има 12 Веро маркети во Скопје, во Битола и во Тетово. Колку сте задоволни од начинот на кој се развива Вашиот бизнис во земјава од финансиски аспект (вклучувајќи ја и вкупната инвестиција досега), квалитетот на работната сила и сл.?

Н. Веропулос: Бизнисот се развива според моите очекувања бидејќи секогаш многу внимателно ги планираме чекорите што ги преземаме за развој на нашата компанија во Македонија. Секогаш анализирав што направивме погрешно во изминатите години на грчкиот пазар и се обидував да не ги повторам тие грешки. Се покажа дека тоа е многу мудра стратегија. Поради оваа причина профилот на Веро е многу поразличен и подобар од профилот што го имавме на пазарот во Грција. Уште од самиот почеток се обидов да изградам маркети во кои и самиот би уживал да пазарувам. Не штедев на ништо, ги избирав најдобрите локации, ја користев најдобрата опрема и изградив многу убави маркети. Во изминативе 20 години компанијата Веропулос инвестираше повеќе од 60 милиони евра во земјава за отворање нови маркети, зголемување на вработеноста и обезбедување најдобри услуги за илјадници потрошувачи во маркетите. За овој период изградивме добра компаниска клима каде што многу млади луѓе успеаја да изградат значајна професионална кариера и личен развој. Само во оваа година, преку програмата за лојалност наменета за нашите потрошувачи, ќе инвестираме вкупно 2,19 милиони евра во директни промоции на производи преку намалување на нивните цени.

Каква е структурата на производите што ги продава Веро во однос на нивното производно потекло? Каква е Вашата бизнис-стратегија во тој поглед?

Н. Веропулос: Во нашите маркети претежно се продаваат производи од локално производство, како и од поранешните југословенски републики кои, повеќе или помалку, се сметаат за локални. Дополнително се продаваат и мултинационални производи преку локални дистрибутери. Но, преку нашиот Сектор за продажба увезуваме ексклузивни производи кои можат да се најдат само во маркетите на Веро и тоа е уште едно дополнително нешто по кое се разликуваме од останатите маркети. Сѐ повеќе и повеќе се потпираме на оваа стратегија на ексклузивност. За да може да биде успешна, нашиот тим за продажба вложува многу труд и напорна работа со цел да се увезат производи со највисок квалитет и со конкурентни цени.

Како ја оценувате бизнис-климата во земјава, имате ли некакви сугестии за тоа како може да се подобри?

Н. Веропулос: Македонија има уникатна бизнис-клима во која ние се прилагодивме да работиме уште од првиот ден. Економијата се развива со цврсти чекори и без неочекувани изненадувања. Не би сакал да си дадам преголемо значење и да споделувам совети за тоа како се раководи со земја и со цела економија. Сигурен сум дека овдешниот политички систем знае како да се справи со тоа. Можам само да дадам еден совет – обидете се да не ги направите грешките што ги направи Грција. Трошоците за јавните служби треба да бидат под контрола, инаку тоа може сѐ да уништи.

Веропулос по Македонија го прошири својот бизнис и во Србија. Се чини дека се сконцентриравте само на овие две земји. Која е економската причина за одлуката да го проширите Вашиот бизнис во регионот?

Н. Веропулос: Точно е, се проширивме во Србија од 2001 година, на пазар кој е поголем и многу конкурентен. Нашиот развој на српскиот пазар е успешен и многу сум задоволен од постигнатите резултати, особено во 2016 година и во 2017 година. Нашиот успех на пазарот во Србија покажува дека комбинацијата на Веро со Џамбо е формула која е многу тешко да се победи. По сѐ изгледа дека потрошувачите во Македонија и во Србија ги ценат стилот и квалитетот на нашата работа и стануваат наши лојални потрошувачи. Успехот на Веро во Србија е доказ дека добрите резултати во Македонија не беа случајни и дека имаме знаење и стручност да креираме успешна приказна и на нови пазари.

Да се осврнеме малку и на групацијата Веропулос. Можете ли за нашите читатели да споделите некои значајни податоци за компанијата која, освен Веро маркетите, има и франшиза за продавниците Џамбо и рестораните за брза храна Гудис. Какви се плановите на групацијата за идниот бизнис-развој?

Н. Веропулос: Ако се погледнат бројките, имаме многу причини да сме задоволни од постигнатото. Само во 2016 година, Веро во Македонија и во Србија оствари бруто-промет од 109 милиони евра. Групацијата во овие две земји има вкупно 17 продавници со 1 400 вработени, а продавниците лани имаа 12,8 милиони купувачи. Вредноста на имотот на групацијата Веропулос во Македонија и во Србија изнесува 100 милиони евра. Точно е дека имаме долгогодишни договори за двете франшизи за Џамбо и за Гудис кои ни даваат ексклузивност на двата бренда уште долго време. И двата договора ме прават многу среќен така што нашата стратегија е да го комбинираме Веро со Џамбо и со Гудис секаде каде што имаме таква можност. Освен отворањето нови маркети, следен чекор во нашите планови е да ги реновираме постарите продавници со нова опрема и модерна технологија со цел на нашите потрошувачи да им обезбедиме уште подобра услуга. Како награда за нивната долгогодишна лојалност, преку Веро картичката ќе им обезбедиме уште поголеми бонуси и привлечни изненадувања.

Какви се најновите глобални трендови во дејноста во која работите? Како новите технологии влијаат врз вашиот бизнис и дали и во иднина локациите на маркетите ќе играат значајна улога во бизнисот со малопродажни синџири?

Н. Веропулос: Трендот на малопродажба на прехранбени производи станува сѐ поконкурентен поради што само најспособните компании ќе преживеат во иднина. Малопродажбата на прехранбени производи е комплексна операција која сѐ повеќе се потпира на модерната технологија и на подобро разбирање на потребите на потрошувачите. Развиените алатки на информатичката технологија се клучни, но најдобрите локации секогаш ќе бидат примарен критериум за успех. Без нив сѐ останато ќе биде потешко да се оствари. Искуството покажува дека премногу чини да се привлечат купувачи на погрешни локации.

Какви се Вашите идни планови во земјава? Што можат да очекуваат македонските граѓани од Веро во блиска иднина?

Н. Веропулос: Можат да очекуваат многу иновации и подобрувања во нашето работење со оглед на тоа дека сум директно вклучен во сите нови активности. Немам трпение за лошо раководење и сакам да сум сигурен дека континуирано напредуваме и постојано го подобруваме нашето работење. Како резултат на тоа, нашите потрошувачи веќе имаат на располагање уште поконкурентни цени, подобри понуди и услуги, поголем избор и подобри маркети. И сето ова е само почеток.

Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top