Е-Б-Ф-Б
Александар Стојков: РАМЕН ДАНОК 2.0

Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

 

Зарем некому нешто вреди писанието кое неминовно ќе биде натопено со плунката на показалецот на многу прелистувачи? А можеби некого и ќе го заинтересира да го прочита. Макар допрело само до мал број заинтересирани читатели (не и прелистувачи), макар било обележано како патетично и егоцентрично, би сакал да остане скромна писмена трага во дебатата за рамниот версус прогресивниот данок. Иако многумина се обидуваат политички да ја обојат оваа дебата, убеден сум дека има социјалдемократи кои се залагаат за зачувување на рамниот данок и конзервативци на кои им е прифатлива идејата за прогресивно оданочување.
На самиот почеток логично е човек да се запраша за што воопшто дискутира. Прво, во услови кога македонската држава се соочува со агенда за редефинирање, кому му е грижа дали системот на оданочување е пропорционален или прогресивен. Второ, да не ја заборавиме демографската реалност, најдобро насликана со билетите во една насока за илјадници – претежно млади – македонски граѓани. Тоа се многу повеќе од загубени даночни обврзници. Многу пострашно, тоа се неповратно отселени научници, професори, бизнисмени, градежници, новинари, медицински сестри, келнери... Добро, има и криминалци, но тие ги имаме во изобилство и за нив не ми е толку жал. И онака не се исполнителни даночни обврзници. Како и да е, во иднина ќе има сѐ помалку даночни обврзници на персоналниот данок на доход!
Зошто прогресивен данок?
Даночната политика на Република Македонија мора да настојува да ја исправи историската неправда нанесена во текот на транзицијата. Историската неправда е во брзото и нечесното акумулирање на огромен материјален имот од страна на матни ликови, особено во деведесеттите години на XX век. Тоа е период кога немаше закон за јавни набавки, не постоеше државен завод за ревизија и немаше слободни медиуми. Неправедната приватизација ја трасираше траекторијата на македонската економија за следните 30 до 40 години. Македонското општество оттогаш се претвори во песочен часовник кој речиси си ја завршил својата задача со видно преполнет долен дел. Транзициските олигарси се задржаа во горниот дел на песочниот часовник оставајќи ја средната класа заглавена во теснецот на економската и моралната транзиција и исплашена од крикот на огромниот сиромашен сегмент на дното на часовникот.
Дел од богатството на транзициските олигарси беше изнесено од Македонија, но дел остана во форма на депозити, акции, удели, недвижен имот и сл. Овој дел од „транзициското“ богатство се мултиплицира и генерира различни доходи кои заслужуваат и треба да бидат оданочени со повисоката стапка во системот на прогресивно оданочување.

ИАКО СИНДИКАТИТЕ ВО ОВАА ДРЖАВА СЕ РЕЧИСИ БЕЗГЛАСНИ, СИГУРНО ДЕКА ЌЕ ПОБАРААТ ПОВИСОКА БРУТО-ПЛАТА СО ЦЕЛ ПОПРАВЕДНО ДА СЕ ПОДЕЛИ ЗГОЛЕМЕНИОТ ДАНОЧЕН ТОВАР МЕЃУ ВРАБОТЕНИОТ И РАБОТОДАВАЧОТ. ВО СПРОТИВНО, ПРИ НЕПРОМЕНЕТА БРУТО-ПЛАТА И ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК, ВРАБОТЕНИОТ ЌЕ ДОБИВА ПОНИСКА НЕТО-ПЛАТА

Замолчена елита
Незанемарлив дел од академската и политичката елита остварува релативно висок доход, барем во споредба со просечниот македонски граѓанин. Иако интимно се согласува со моделот на прогресивниот данок на доход, сепак на крајот пресудува во сопствена полза. Елитата (со или без наводници) тесноградо и рационално заклучува дека токму таа ќе биде најпогодена од ваквата даночна реформа и одбива да ја понуди својата интелектуална поддршка. Таа заклучува дека подобро е да молчи и да го плаќа персоналниот данок на доход според сегашното законско решение и сегашниот модел на рамен данок.

Вресокот на бизнис-заедницата
Традиционалната даночна теорија истакнуваше дека вештината на оданочувањето е како скубењето гуска. Потребно е да се искубат што повеќе перја со што помалку вресок. Сосема очекуван е вресокот на бизнис-заедницата која е веќе вознемирена од помислата дека ќе се променат правилата на игра и дека ќе се напушти системот на рамниот данок. Да не заборавиме дека е најавено и укинување на максималната граница за плаќање на придонесите на плати, што неминовно води кон повисоки трошоци за платите на менаџерите.
За очекување е дека особено странските инвеститори ќе се чувствуваат измамени во поглед на нивната перцепција за бизнис-окружувањето во Република Македонија. Иако синдикатите во оваа држава се речиси безгласни, сигурно дека ќе побараат повисока бруто-плата со цел поправедно да се подели зголемениот даночен товар меѓу вработениот и работодавачот. Во спротивно, при непроменета бруто-плата и прогресивен данок, вработениот ќе добива пониска нето-плата.
Истовремено ќе се размислува за сите можни модалитети на даночната евазија. Наместо креативноста да се насочи во сферата на производството и на услугите, економските агенти ќе ја употребуваат својата имагинација за минимизирање на паричните текови кон Управата за јавни приходи (УЈП). Делумно зголемената даночна евазија треба да биде пресметан ризик при воведувањето на прогресивниот данок на доход. Поинаку кажано, доколку има политичка волја, институционалниот капацитет на УЈП е доволно висок за да спречи процут на даночната евазија. За последново тврдење постојат докази во низа документи, како во периодот од 1995 до 2007 година, кога се вршеше прогресивно оданочување на персоналниот доход во Република Македонија, така и во изминативе десет години кога е извршена длабинска реорганизација и модернизација на УЈП.

Графикон бр. 1: Сегашното наспроти предложеното годишно лично ослободување



Графикон бр. 2. Прераспределба на даночниот товар меѓу даночните обврзници

Моделот 10 % – 18 %
Дебатата за даночните стапки и прагови не може да избега од политичката реалност. Во Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017 – 2020 година само е најавено дека персоналниот данок на доход ќе има две стапки: 10 % и 18 %. По сѐ изгледа втората стапка е некоја реминисценција на втората стапка од „стариот“ систем на прогресивен данок кој постоеше пред 1 јануари 2007 година (15 %, 18 % и 24 %). Како и да е, многу поважно прашање останува неодговорено: на кое ниво ќе биде утврден даночниот праг за премин во повисоката даночна транша.
Моја претпоставка е дека прагот ќе биде поставен многу високо за да „погоди“ мал сегмент од електоратот и да ги минимизира политичките загуби. На пример, во даночниот модел на Република Србија даночниот праг е шест просечни годишни плати. Како поинаку да се сфати синтагмата „највисок доход“ која стои во владината програма? Декларативно ќе се исполни ветувањето за враќање на системот на прогресивно оданочување. Фактички многу мал сегмент од популацијата ќе биде засегнат од маргиналната даночна стапка од 18 %. Предноста на ваквото решение е во неговата политичка изводливост. Единствено високоплатените менаџерски позиции ќе бидат погодени од даночната реформа, но менаџерите веројатно ќе издејствуваат предоговарање на бруто-платата со акционерите / сопствениците со цел да го споделат товарот на повисокото оданочување. Со други зборови, со високо поставен даночен праг овој модел нема да генерира многу повисоки даночни приходи за Буџетот на Република Македонија.
Во продолжение ќе бидат презентирани неколку варијанти на оданочување на персоналниот доход.

Рамен данок 2.0
Наспроти моделот 10 % – 18 %, според мене многу поинтересен е моделот на рамен данок со редефинирано лично ослободување кој може да се нарече рамен данок 2.0. Да потсетиме дека сега личното ослободување е позиционирано на ниво од 89 472 денари годишно или 7 456 денари месечно (графикон бр. 1). Во моментов тоа претставува 32,7 % од исплатената нето-плата во јуни 2017 година. Личното даночно ослободување се утврдува во согласност со член 15-а, став 2 од Законот за персоналниот данок на доход. Според податоците на Министерството за финансии, сегашното лично ослободување обезбедува целосно даночно ослободување само за првите 16 најсиромашни центили од даночните обврзници во Република Македонија. Поинаку кажано, само најниско платените 16 % од даночните обврзници остваруваат право на целосно (лично) ослободување од обврската за персонален данок на доход!
Личното ослободување е законско право кое им припаѓа и на богатиот банкар и на сиромашната текстилна работничка. Но, зошто би имало лично ослободување за некој кој заработува шест или седум милиони денари годишно?

Табела бр. 1. Распределба на личното ослободување

Мојот предлог е:
- за најниско платените 50 % од даночните обврзници (од 1 до 50 центил има 470 413 даночни обврзници) – да се зголеми личното ослободување за плата и пензија на износ од 8 333 денари месечно (100 000 денари годишно), што претставува 36,5 % од просечната нето-плата во Република Македонија. Во споредба со сегашното решение, предложеното годишно лично ослободување би било повисоко за 11,8 %,
- за следните 46 % од даночните обврзници (од 51 до 95 центил има околу 432 759 даночни обврзници) да остане на сила сегашното законско решение за личното ослободување (во моментов е 89 472 денари годишно или 7 456 денари месечно).
Бидејќи идејата е побогатите граѓани да понесат поголемо даночно оптоварување, „најбогатите“ 4 % од даночните обврзници не би имале право на лично ослободување (од 96 до 100 центил има 37 632 даночни обврзници).
На овој начин се врши реструктуирање на даночниот товар пред воведувањето на прогресивниот данок: (1) многу повеќе даночни обврзници де факто би плаќале нула денари персонален данок на доход наспроти оние кои би се оданочувале со 10 % и (2) многу повеќе даночни обврзници би се соочиле со понизок даночен товар.
Сега личното ослободување ќе биде привилегија само за пониско платените даночни обврзници кои, за жал, сочинуваат 96 % од вкупниот број на даночни обврзници (табела бр. 1).
Од аспект на Буџетот на Република Македонија, доколку нема дополнителна даночна евазија, приближниот нето фискален ефект од оваа мерка е скромно позитивен, односно нови 10,5 милиони денари во Буџетот. „Губитници“ од ова преструктурирање се најбогатите 4 % од даночните обврзници (37 632 даночни обврзници), а „добитници“ се околу 319 884 даночни обврзници од посиромашната половина (графикон бр. 2).
Формално станува збор само за редефинирање на личното ослободување и нова варијанта на рамниот данок – рамен данок 2.0. Суштински ова е модел на благо прогресивно оданочување на персоналниот доход со ефективни стапки од 0 % и 10 %. Моделот не предвидува воведување нова и повисока даночна стапка, но има потенцијал да го прераспореди даночниот товар од посиромашните кон најбогатите даночни обврзници.

(Продолжува)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top