Перспектива
ТРИ ПРИМЕРИ КОГА ПАЗАРОТ ВО МАКЕДОНИЈА ПОТФРЛИ

Зоран Јовановски

Ако на некој пазар дојде до зголемување на понудата тогаш таа по дефиниција треба да доведе до зголемена конкуренција кај понудувачите. Во такви околности, според економската теорија, во зависност од тоа што се случува со побарувачката, треба да дојде до пад на цената на она што се нуди или до подобрување на квалитетот на понуденото. Но, во мали земји може да се случи да не функционираат најдобро пазарните законитости. Причините за тоа можат да бидат разновидни, постоењена т.н. природни монополи, некаква друга дисторзија на пазарот, итн. Република Македонија не е исклучок во овој поглед. Еве три примери каде што пазарот потфрли и неговите механизми заради одредени причини не функционираа како што треба.

Прв пример – високото образование. Во времето кога јас студирав, пред повеќе од 30 години, во земјава имаше два економски факултети, тие во Скопје и во Прилеп, и во еден период во Штип. Во меѓувреме, а особено во последните десетина години, дојде до експлозија на страната на понудата на пазарот. Се појавија бројни приватни факултети, но и нови државни универзитети, а истовремено се овозможи драстично зголемување на бројот на студенти на постојните државни факултети. Дополнително беше воведен концептот на дисперзирани студии.

Дали сето ова доведе до зголемување на конкуренцијата на пазарот? Се разбира. Но, дали сето ова, во просек, го подобри квалитетот на наставата и произведе дипломци со поголемо знаење? Тешко прашање. Можеме да се обидеме да ги анализираме бројките од разни рангирања и да изведуваме заклучоци. Но, она што е можеби порелевантно се видувањата на сериозни бизнисмени на страната на побарувачката за дипломци, кои ќе ви речат дека согласно резултатите од интерните тестирања при прием на нови вработени размислуваат за тоа дали во иднина воопшто да разгледуваат апликации од одредени факултети. Или, видувањата на професори, кои ќе ви речат дека при речиси неограничен број на примени стотици студенти доволно е сите да тропнат на вратата на професорот за кратка консултација и неговото време за тој ден заврши. Големиот пораст на понудата на пазарот на високото образование во Македонија не успеа да го произведе очекуваниот пораст на квалитетот на студиите. Набљудувано во просек, пазарот потфрли.

ГОЛЕМИОТ ПОРАСТ НА ПОНУДАТА НА ПАЗАРОТ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ УСПЕА ДА ГО ПРОИЗВЕДЕ ОЧЕКУВАНИОТ ПОРАСТ НА КВАЛИТЕТОТ НА СТУДИИТЕ. НАБЉУДУВАНО ВО ПРОСЕК, ПАЗАРОТ ПОТФРЛИ.

Втор пример – пазарот на печатени медиуми. Се сеќаваме на времето кога во Македонија постоеја два дневни весника. Во меѓувреме се појавија и други дневни весници и списанија. И тоа траеше додека траеше, денес повторно сме на речиси идентична почетна позиција. Очигледно нешто се случи на пазарот.

Една, можеби и главна, причина за ваквиот развој на настаните се технолошките промени, како што е појавата на интернетот и префрлањето на комуникацијата на мобилните телефони, како апарати со масовна глобална употреба. Овие промени доведоа до фантастична брзина на движење на информациите и своевидно „застарување“ на концептот на дневен весник во печатена форма. Малкумина се тие, обично многу постарите генерации кои следат некои свои навики, кои го чекаат денешниот дневен весник за да се информираат за вчерашните настани.

Пазарот на печатени медиуми потфрли затоа што во себе имаше сериозни дисторзии. Приливот на буџетски средства на државата ја замагли состојбата на пазарот и ги направи сите „играчи“ да се чувствуваат дека би можеле да го положат тестот на пазарот дури и без финансиските инјекции од рекламирањето на државата. Но, праксата го потврди спротивното. Многу ретки се печатените медиуми што без владини реклами и без жестока дневна политика во своите содржини успеаја да го положат тестот на пазарот. Уште повеќе, најавата дека новата влада ќе се рекламира само на социјалните мрежи и на јавниот сервис, ќе има свој неповолен одраз и врз идното работење на електронските медиуми. 

Значи, примерот со печатените медиуми, а веројатно времето ќе го покаже тоа и кај електронските медиуми, покажа дека зголемената понуда на пазарот, кога не е креирана од автентични и одржливи извори, само создава меур за којшто потоа прашање на време е кога ќе се распрсне, како што впрочем и се случи во Македонија. 

Трет пример – невладините организации. Сведоци сме дека со текот на годините во земјава дојде до појава на огромен број на невладини организации коишто се занимаваат со најразновидни општествени прашања. Веројатно за тоа има неколку причини. На пример, можноста за младите, во услови на голема невработеност, многу елегантно да дојдат до одредени финансиски средства, потоа финансиската издашност на меѓународната донаторска заедница и секако, автентичниот порив за општествен ангажман.

Дали зголемената понуда и конкуренција на пазарот на невладини организации доведе до зголемен квалитет на она што тие го испорачаа во општеството? Сигурно најдобриот одговор на ова прашање може да го даде меѓународната донаторска заедница. Но, она што може да послужи како своевидна индикација е, би рекол, масовната преселба, која се случува во моментов, на бројни видни претставници од невладиниот сектор на работни места во владиниот сектор. Се разбира, не се сомневам дека во еден мошне специфичен општествен момент, сите тие имаат желба да помогнат во реформските зафати, овојпат од страната на владините редови. Но, тоа може и да претставува индикација дека невладиниот сектор во земјава, и покрај огромниот интерес низ годините да се учествува во него и големиот пораст на понудата на невладини организации, или токму заради тоа, не е перцепиран, од страна на самите досегашни првенци во него, како долгорочно одржлива лична професионална дестинација. Претпоставувам дека на сите нив им е јасно дека преминот од невладиниот во владиниот сектор на одреден начин „обојува“. Се разбира, тие формално ќе можат во даден момент и при променети околности да се обидат да се вратат назад во невладиниот сектор, но „бојата“ ќе остане. И, таа ќе има свој одраз врз кредибилитетот на нивните тогашни идни ангажмани. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top