Lifestyle
СТОП МЕЈКИНГ СЕНС (STOP MAKING SENSE)

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Стоп мејкинг сенс (Stop Making Sense)е резултат на возвишена креативна симбиоза меѓу Токинг хедс (Talking Heads)и Џонатан Деме (Johnatan Demme). „Once In A Lifetime.“

...

На 29 април оваа година, на 73 години, почина американскиот режисер Џонатан Деме (Johnatan Demme). Ќе остане запаметен како еден од најеклектичните холивудски филмаџии. Во неговите дела најдобрите традиции на американската популарна култура се филтрирани низ ексцентричен хумор и субверзивен израз, но секогаш со искрена емпатија и хуманизам во доловувањето на комплексниот мултикултурален американски контекст. Како и во случајот на многу други американски режисери (Копола, Скорсезе, Богданович, Камерон (Coppola, Scorsese, Bogdanovich, Cameron итн...)), занаетот го пече под менторство на Роџер Корман (Roger Corman) работејќи на повеќе експлоатациски Б филмови во средината на 70-тите. Се етаблира со постмодернистичките комедии Ситизенс бенд (Citizen's Band (1977)) и Самтинг вајлд (Something Wild (1986)), а славата ќе ја достигне со оскаровците Кога јагнињата ќе стивнат (1991) и Филаделфија (1993) кои истовремено ќе го означат и креативниот зенит.

Во 1983 година њујоршкиот бенд Токинг хедс (Talking Heads) го објавија албумот Speaking In Tounges, прв во отсуство на долгогодишниот продуцент Брајан Ино. Звукот на бендот се трансформира и се отвора за најразлични музички влијанија. На концертите бендот е во животна форма. „Визуелниот аспект на концертот беше извонредно филмичен. Членовите на бендот целосно внесени, харизматични и возбудливи за гледање. Имав едно чувство кое е невозможно да се опише, како да гледам еден вид приказна во која ликовите се менуваат со секоја нова песна. Беше нешто многу повеќе од прекрасен концерт. Си отидов трогнат, стимулиран и опседнат со идејата да направам филм од тоа.“ Од оваа страст на Џонатан Демe се раѓа Стоп мејкинг сенс (Stop Making Sense (1984)), концертен филм кој ги трансцедентира постулатите на жанрот.

На почетокот на филмот Дејвид Брн (David Byrne) зачекорува  на соголената сцена со кренати кулиси, само со акустична гитара и касетофон. Од песна во песна, еден по еден, постепено му се приклучуваат и останатите членови на бендот. Театарската сцена постепено се надградува. Наративната градација го стимулира чувството на исчекување и возбудата од секој нареден чекор, за секоја наредна песна. Гледачот е инволвиран во самиот процес на создавање на перформансот. Не случајно и самите сценски работници се составен дел од поставката наместо да бидат исфрлени во монтажата. Изоставени се вообичаените елементи карактеристични за жанрот. Не постојат бекстејџ интервјуа или каков било надворешен коментар. Нема крупни кадри врз свирените инструменти. Кадри од публиката во делириум се појавуваат дури на крајот на филмот кога бендот свири бис, и во случајов навистина имаат смисла.

„Вештината на Џонатан беше во тоа што успеа да го види и да го доживее концертот како дело на театарски ансамбл во кој ликовите и нивните каприци ќе ѝ се доближат на публиката, давајќи ѝ така можност да ги запознае членовите на бендот како луѓе, секој со својот посебен карактер“ – ќе изјави Дајвид Брн кој со своите неверојатни перформативни квалитети е централна фигура во филмот.

Креативниот тим го сочинуваат и директорот на фотографија Џордан Кроненвет кој две години претходно го сними Блејд ранер (Blade Runner) и монтажерката Лиза Деј, свежа од искуството со Летс спенд д најт тугедр (Let's Spend The Night Together) во кој Хал Ашби ги документираше концертите на Ролинг стоунс (Rolling Stones). Филмот е сниман во текот на четири концерти, но се гледа и се ужива во еден здив.

Сценски, секоја од 16-те песни е третирана на различен начин, со ново чувство и атмосфера, користејќи различни изразни средства и елементи: танц, пантомима, игра на светло и сенки, видео проекции. На ваквата динамика совршено се надополнува и филмскиот израз кој знае да чувствува и слуша. Деме е свесен дека ниеден запис не може да го замени вистинското искуство кое подразбира физичко присуство. Филмот ги преиспитува и ги редефинира начинот на кој ги гледаме и ги доживуваме концертите и работи на повеќе нивоа: чиста забава, експериментален театар, музички перформанс, вежба по деконструкција... 

Поголемиот број концертни филмови се дела со ограничена намена, маркетиншка алатка во рацете на музичката индустрија. Тие најчесто имаат вредност исклучиво за фановите на бендот, како еден вид колекционерски сувенир. Триесет и три години подоцна, во ерата на континуиран и бесмислен лајв стриминг (live streaming) на социјалните мрежи, кој создава симулакрум на присуство насекаде и во секое време, Стоп мејкинг сенс (Stop Making Sense) останува неповторливо ремек дело кое допрва ќе добива на смисла. Затоа што е вистински таму.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top