Интервјуа
ОСИГУРИТЕЛНИОТ СЕКТОР ВО МАКЕДОНИЈА БЕЛЕЖИ РАСТ И ПОКРАЈ НАГЛАСЕНИТЕ НЕЕКОНОМСКИ РИЗИЦИ

Климе Попоски
Директор на Агенција за супервизија на осигурувањето

За почеток, што покажуваат клучните параметри што го отсликуваат работењето на осигурителниот сектор во Република Македонија во последниве пет години? Дали турбуленцијата низ која поминува нашево општество се одрази на осигурителниот бизнис?

К. Попоски: Изминатиов период беше поволен за осигурителната индустрија во Република Македонија и покрај нагласеното влијание на ризици од неекономска природа. Во последниве пет години осигурителниот сектор бележи раст во однос на сите значајни индикатори со кои се мери развојот на оваа индустрија како што се: раст на бруто полисираната премија (БПП) и број на продадени договори за осигурување, зголемена профитабилност, пораст на капиталот и на резервите, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемен број на вработувања.
Изразено како кумулативен ефект, целиот сектор на осигурување остварил поголема бруто полисирана премија за 24,39 % (8,72 милијарди денари на крај на 2016 година) во периодот 2012 – 2016 година со тоа што кај друштвата за неживотно осигурување овој пораст е 15,85 % (7,43 милијарди денари), додека кај друштвата за осигурување на живот порастот е дури 116,01 % (1,29 милијарди денари на крај на 2016 година).

Кој дел од осигурителниот сектор во моментов е најразвиен во земјава? Каде го гледате потенцијалот за раст во иднина?

К. Попоски: Структурата на осигурителното портфолио во земјава веќе подолг период е слична. Гледано преку податоците за 2016 година најзначајна категорија е задолжителното осигурување од автоодговорност (АО) со учество од 44,22 % или остварена премија од 3,86 милијарди денари.
Втора поголема категорија во структурата на БПП претставува осигурувањето на имот со 17,83 % учество. Кај оваа класа на осигурување се забележува пад од 5,14 % со БПП 1,55 милијарди денари (2015 година: 1,64 милијарди денари) при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 11,65 %, што е показател за изразената ценовна конкуренција меѓу друштвата за осигурување, што доведува зголемениот број на продадени полиси да биде реализиран со пониски цени во однос на претходната година. Анализирајќи по групи, кај физичките лица порастот од 13,77 % на склучените договори е проследен со зголемување од 12,02 % на БПП, додека пак кај правните лица порастот од 6,42 % на склучените договори е проследен со пад од 8,71 % на БПП.


Трето по големина неживотно осигурување претставува доброволното осигурување на патнички возила (каско) кое учествува со 8,70 % во вкупната БПП. Осигурувањето од незгода учествува со 7,63 % во вкупната структура.
Осигурување на живот во вкупната структура учествува со приближно 15 % и претставува трета по големина најважна класа на осигурување во целокупното портфолио. Најголемо учество во осигурувањето на живот зазема традиционалното осигурување на живот (мешаното осигурување) со учество од 73,82 %, потоа следува осигурување на живот во случај на доживување со 8,27 %, ризико осигурување со 5,56 %, осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот со 4,45 % и дополнителното осигурување на живот со 7,89 %.
Потенцијалот за раст го гледам преку зголемување на понудата на нови или на подобрени осигурителни производи кои ќе одговорат на потребата за заштита од постоечките, но и од новопојавените ризици како што се ризици од професионална одговорност, ризици од одговорност при консумирање производи, ризици од сајбер (cyber) напади. Во однос на постоечките ризици за кои степенот на пенетрација на осигурување е многу мал, потенцијалот го гледам во сегментот на доброволното здравствено осигурувње, земјоделското осигурување, осигурување на имотот на граѓаните и на правните лица, како и државниот имот од ризици од катастрофална природа, осигурување од финансиски загуби. Понатаму потенцијалот на осигурување на микро, мали и средни претпријатија е огромен. За овој пазарен сегмент, друштвата за осигурување треба да развијат посебни осигурителни програми имајќи ги предвид специфичностите на ризиците и тесната врска меѓу личниот капитал и имот на претприемачите и на нивните бизниси. Во сегментот на осигурување на живот како најголем потенцијал за иден развој постои во осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот (популарно наречен unit linked животно осигурување), како и во ризико осигурувањето поради развојот на банкоосигурувањето како нов продажен канал. На крај не помалку важно е прашањето за микроосигурување, како нов концепт кој нуди едноставни, лесно разбирливи осигурителни производи, со ниска премија и помало покритие на финансиски загуби, но подостапни за население со понизок животен стандард и помала вредност на имот со кој располагаат.

Сѐ поголем замав зема и банкоосигурувањето. Како ги цените случувањата во тој дел?

К. Попоски: Банкоосигурувањето добива сѐ поголемо значење во однос на заинтересираноста на банките да постанат дистрибутивен канал на продажба на осигурителни производи на задоволство на сите засегнати страни: друштва за осигурување, осигуреници, како и на самите деловни банки. Можноста за намалување на фиксните трошоци, популарноста за брендот во дадениот географски регион, постојаната интеракција со потрошувачите и зголемената употреба на технологијата се значајна конкурентна предност на дистрибуцијата на осигурителни производи преку банките во однос на другите дистрибутивни канали.
За првпат деловна банка која врши застапување во осигурувањето доби дозвола за работа на 29.10.2012 година и со тоа беше пионер на македонскиот финансиски пазар во промоција на интегриран производ кој е спој на кредит и ризико осигурување на живот (во случај на смрт на договорувачот на осигурувањето) винкулирано во корист на банката. Кај овој производ во случај на смрт на кредитокорисникот или траен инвалидитет пред враќањето на кредитот, друштвото за осигурување на живот го исплатува неисплатениот дел од кредитот. Овие карактеристики го прават овој спој успешен за управување со ризици и корисен како за банката, така и за семејствата. По ова искуство, заинтересираноста на банките за вршење застапување во осигурување е зголемена и во моментов на пазарот се присутни 3 банки кои вршат застапување во осигурување, а имаме најава и за вклучување на нови деловни банки.
Податоците сведочат за тоа дека првичните искуства во банкоосигуруваењто се позитивни. Иако во апсолутни износи обемот на работа е мал (БПП 2016 година: 122,15; 2015 година: 39,4; 2014 година: 11,8; 2013 година: 3 милиони денари), сепак во релативно краток рок се забележува значителен пораст на бруто полисираната премија преку овој дистрибутивен канал, а воедно банките покажуваат подготвеност да ја подобрат својата пазарна позиција и да ја зголемат конкурентноста.

Иако кај нас сѐ уште му претстои позасилен раст на она што е класичен производ во животното осигурување, во Европа веќе се појавуваат иновативни производи поврзани со животното осигурување. За што станува збор?

К. Попоски: Во 2016 година поголем замав во нашава земја забележува осигурувањето на живот кога инвестицискиот ризик е на товар на осигуреникот, меѓународно познато како unit linked осигурување. Ова осигурување за првпат се појави на домашниот пазар на крајот од 2015 година кога беа склучени 325 договори со вкупна БПП од 7,71 милион денари, а веќе во 2016 година се забележува огромен пораст со склучени 1 466 договори со вкупна БПП од 57,46 милиони денари.
Овој тип осигурување на живот на граѓаните им нуди да ја прилагодат штедната компонента од производот во согласност со нивните преференции за ризик. Агенцијата за супервизија на осигурување смета дека најважно е корисниците точно да ги знаат сите аспекти на ова вложување со цел да бидат свесни за сите можни исходи од вложувањето, како и за сите придружни провизии.
Исто така во делот на осигурување на живот очекуваме голем потенцијал во осигурувањето на ануитети за корисниците на пензиски надоместоци од задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. Имено, според нашиот реформиран пензиски систем, лицата кои ќе остварат право на пензиски надоместок од вториот и третиот пензиски столб своите заштеди ќе можат да ги инвестираат преку купување на осигурување на ануитети за корисници на пензиски надоместоци.

Интересно е дека во Република Македонија сѐ поголем замав зема здравственото осигурување. Како го објаснувате ова?

К. Попоски: Во минатата година се забележува голем подем и во продажбата на доброволното здравствено осигурување. Здравственото осигурување е релативно нов осигурителен производ со скромни почетоци во 2013 година, а со кој друштвата за осигурување сѐ поинтензивно се занимаваат. Во 2016 година беа склучени 1 300 договори за здравствено осигурување со вкупна БПП од 45,22 милиони денари во споредба со 2015 година кога биле склучени само 368 договори со вкупна БПП од 6,37 милиони денари.
Доброволното здравствено осигурување им овозможува на осигурениците да добијат покритие за трошоците за здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување, повисок стандард на здравствените услуги кои произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување, трошоците за покривање на здравствените услуги користени во дополнителната дејност, како и за користење на здравствените услуги во здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи во која се врши здравствената дејност и кај правните лица кои вршат изработка, издавање и сервисирање на ортопедски и други помагала.

Една од областите за која често се зборува е осигурувањето во земјоделието. На земјоделците им е овозможено и субвенции за премијата, но некако не заживеа осигурувањето во земјоделието. Има ли решение за ова чувствително прашање?

К. Попоски: Од 2008 година воведена е мерка за субвенционирање на 60 % од премијата за осигурување како дополнителна поддршка за развој на земјоделството од страна на државата. Притоа секоја година се врши ревидирање на политиката за субвенционирање на премијата во насока на проширување на опфатот на мерката. Покрај политиката на субвенционирање, многу важна алка претставуваат разните форми на соработка меѓу земјоделските стејкхолдери и осигурителниот сектор со цел да се зголеми т. н. осигурителна култура или ниво на едуцираност на земјоделците. Така, на пример, успешен пример за соработка претставува заедничката иницијатива за едукација на земјоделците. АСО заедно со Агенцијата за промоција на развој на земјоделството, здруженијата на земјоделци, како и со друштвата за осигурување здружени преку Стопанската комора на Македонија изготви промотивен материјал за предностите на земјоделското осигурување, а со цел запознавање со земјоделското осигурување и предностите од осигурувањето при што беа организирани и директни средби со земјоделците.
Иако секоја година имаме позитивни стапки на пораст на продажба на договори за земјоделско осигурување, сепак нивото на покриеност на земјоделците со полиси за земјоделско осигурување е ниско. Од вкупен број на регистрирани фармери само 2,1 % поседуваат полиси или заклучно со крајот на 2016 година остварена е БПП од 175,69 милиони денари и продадени се 4 023 договори за земјоделско осигурување. Причини за ниската пенетрација е комбинација на повеќе фактори: државата директно врши обесштетување на земјоделците по секоја поголема природна непогода и на тој начин земјоделците се обесхрабруваат да купуваат полиси, високи цени на осигурување поради сѐ поголемата фреквентност и јачина на природни непогоди како директна последица од глобалните климатски промени, поголема претпазливост од страна на самите друштва за осигурување во преземањето ризици, малата доверба на земјоделците воопшто спрема финансиските институции и сѐ уште ниската свесност за осигурувањето како ефикасен инструмент за управување со ризиците.
Светските искуства покажале дека развојот на земјоделското осигурување може да се постигне со долгорочна и со одржлива имплементација на форма на јавно приватно партнерство и формирање на осигурителни пулови каде што сите засегнати страни ќе го пронајдат својот интерес.

ЗА МИНАТОГОДИШНИТЕ КАТАСТРОФАЛНИ НАСТАНИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД ПОПЛАВАТА ВО СКОПСКИОТ РЕГИОН ВО АВГУСТ И ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СЕПТЕМВРИ, ДРУШТВАТА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ИСПЛАТИЈА 867 ШТЕТИ ОД ПОПЛАВИ И ДЕСЕТИНА ШТЕТИ ОД ЗЕМЈОТРЕС ВО ИЗНОС ОД 36 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Една друга област, за која речиси секогаш се зборува кога е предоцна, е осигурувањето од ризици од природни катастрофи. Се сеќаваме на поплавите и на силните земјотреси во Скопје што се случија минатата година. Како стојат работите во овој домен?

К. Попоски: Во делот на осигурувањето на имот од катастрофални ризици се забележува раздвижување. Во сегментот на осигурување од поплава вкупниот број на продадени договори за осигурување е 17 064, што претставува зголемување во однос на 2015 година кога бил 8 932, односно 6 654 во 2014 година. Посебно треба да се истакне силниот пораст на продажба кај физичките лица така што во 2016 година биле продадени 14 307 договори, 6 810 договори во 2015 година, односно 4 997 договори во 2014 година.
Истото се однесува и за бројот на продадени договори за осигурување на имот од ризик земјотрес. Во 2016 година се продадени 9 190 договори, а во 2015 година бројот на продадени договори за осигурување на имот од ризик земјотрес изнесувал 4 931 и 2 812 договори во 2014 година. Треба да се потенцира дека 86,16 % од продадените договори за осигурување на имот од ризик земјотрес се однесуваат на физички лица.
За минатогодишните катастрофални настани предизвикани од поплавата во Скопскиот Регион во август и земјотресот во септември, друштвата за осигурување исплатија 867 штети од поплави и десетина штети од земјотрес во износ од 36 милиони денари. Штетите беа исплатени во релативно краток период и со фер проценета вредност, што претставува добра лекција дека осигурувањето го претставува најдобриот механизам за заштита од потенцијални финансиски загуби предизвикани од природни катастрофални ризици.

Следуваат измени во законската регулативата што го регулира осигурителниот бизнис во земјава. Дел од тоа е новата Директива за солвентност II. Што носи таа?

К. Попоски: Имајќи ја предвид стратешката определба на Република Македонија за стекнување полноправно членство во ЕУ, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување заеднички спроведуваат твининг проект со цел да се изработи нов Закон за осигурување усогласен со одредбите на Европската директива за осигурување Солвентност 2. Новата регулаторната рамка се темели врз три столба:
1 столб – квантитативни барања за осигурителните друштва во однос на основата за одредување и пресметка на техничките резерви, одредување и проценка на сопствените средства на друштвата, вреднување на ставките од билансот на состојбата, пресметка на минималниот потребен капитал, пресметка на минималниот солвентен капитал, определување правила за инвестирање на средствата итн.
2 столб – квалитативни барања за корпоративното управување на осигурителните друштва, определување на принципите на внатрешната контрола и системот за управување со ризиците, спроведување сопствена проценка на ризиците и солвентноста, како и воспоставување нови принципи на супервизорската оцена.
3 столб – пазарна дисциплина и известување.

Ви благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top