Општество
НОВАТА ПИСМЕНОСТ

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

 

Комет пинг-понг (КПП) е популарна пицерија во главниот град на САД, Вашингтон, чија посебност претставуваат пинг-понг масите во задниот дел од објектот, како и настапите на бројните бендови. На 4 декември 2016 година, околу 15 часот, кога местото е преполно со муштерии, во КПП влегол 28-годишен човек кој со автоматска пушка упатил закани до вработените да му го посочат местото каде што се кријат киднапираните деца. За среќа (веројатно и поради искрената намера на заканувачот), тој од пушката испукал предупредувачки куршум дури откако муштериите и вработените успеале да го напуштат објектот и набргу потоа мирно се предал на полицијата.

ПИЦАГЕЈТ (#PIZZAGATE) ЗАГОВОРОТ
Едгар Мадисон Велч, според објавените формални сознанија, важи за смирен и за пристоен млад човек. Тој е татко на две деца (ќерки) и за него органите на прогон немаат регистрирани случаи на насилство во минатото. Утрото на денот на инцидентот, според неговиот исказ во полиција подоцна, на домашните им рекол дека има некои обврски и со своето возило се упатил на пат долг преку 500 километри од малото место во кое живеел во Северна Каролина во градот Вашингтон. Негова цел била да ја расчисти аферата за киднапираните и за сексуално злоставуваните деца кои се чуваат во просториите на пицеријата КПП и кои се дел од синџирот на трговија со деца и педофилија. Мотивот за ова „добро дело“ на Велч претставува аферата „#PizzaGate“ што во текот на изборите за претседател на САД стана една од попопуларните ултрадесничарски теории на заговор на веќе познатите „фејк-њуз“ портали. Заговорот почнал уште со е-пораките на Џон Подеста, менаџерот на кампањата на Клинтон, кои беа објавени од страна на Викиликс. Во претседателската трка овие е-пораки беа извор за креирање црна кампања, а една од приказните се базираше на честата употреба на зборот пица (pizza) во е-пораките на Подеста, што од неразјаснети причини во заговорот почна да се толкува како код, шифра со која се заменува зборот педофилија. Иако навидум комична приказна, овој заговор набргу почна да се мултиплицира преку социјалните мрежи сѐ со цел да се претстави фамилијата Клинтон, а и самата Хилари, како педофили и трговци со деца. На крајот, бидејќи Џејмс Алефантис, сопственикот на пицеријата КПП е спонзор и јавен поддржувач на кампањата на Хилари Клинтон, неговата пицерија одлично се вклопи во теоријата на заговор за педофилија. Така КПП стана цел на теоријата на заговор, а Велч жртва на лажните вести.

СВЕТ КОЈ ИМА ВАКВА МЛАДИНА, ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖИ ЗА СВОЈАТА ИДНИНА
Неподготвеноста на општата јавност за новиот формат на информации кои доаѓаат од брзите портали и уште побрзите социјални мрежи е тема која одамна ги преокупира ПР-експертите и професионалците, како и научната и академската јавност. Иако младите се сметаат за вешти корисници на социјалните мрежи и на интернетот, истражувањето на Универзитетот Стенфорд меѓу младите луѓе покажа поразувачки резултати и крајна неподготвеност и неспособност на младите луѓе да ја препознаат секојдневната вистина и манипулација на интернет. Нивниот примерок се состои од 7 800 анкетирани лица поделени во три групи: млади средношколци, повозрасни средношколци и студенти. Најмладата група, младите средношколци, меѓу другото биле соочени со едноставен предизвик, на официјален медиумски портал да одредат кои прилози претставуваат вистински вести, а кои реклами. Традиционалните (банер) реклами тие лесно и масовно ги препознале, но најголемиот број од младите средношколци не можеле да ги идентификуваат спонзорираните прилози како рекламни, иако тие биле соодветно обележани. Некои едноставно не го забележале обележјето, а повеќето, иако го забележале, сепак сметале дека содржината не претставува реклама, туку вистински новинарски прилог. Повозрасните средношколци во својата категорија не поминале ништо подобро. Само еден пример покажува дека не ја препознале вистината кога биле соочени со фотографија од чудно израснати цвеќиња, за која е потврдено дека е автентична фотографија (не е монтирана) и која одела со натпис дека во Фукушима, Јапонија, поради влијанието на радијацијата од неодамнешната хаварија се појавени цвеќиња мутанти. Повеќе од половина повозрасни средношколци не се ни обиделе да ја проверат сторијата, дали е фотографијата навистина сликана во Фукушима и дали има каква било поврзаност меѓу чудно израснатите цвеќиња и радијацијата. Тие (поголемиот број) веднаш ја оцениле информацијата како автентична, секако, водејќи се од тоа дека фотографијата е автентична. Студентите, иако позрели од своите испитувани колеги, сепак покажале неспособност да се носат со предизвиците на новите медиуми слично како и своите помлади колеги. Тие биле соочени со предизвик да идентификуваат вистински од лажни организации, автентични од неавтентични здруженија, наивно лажни вести итн. и најголемиот број од нив не се ни потрудиле да направат мало истражување (гуглање) преку кое веднаш би можеле да ја препознаат манипулацијата имајќи предвид дека биле посочени релативно невешти манипулации. Во своите заклучоци истражувачите со фасцинација говорат за неспособноста на младите луѓе да препознаат манипулација, наклонетост, измислица итн., иако со својата вештина навидум изгледаат дека се наоѓаат на познат терен кога се во прашање интернетот и социјалните мрежи. Всушност, испитаниците биле повторно и повторно манипулирани од страна на анкетарите и не покажале суштинско подобрување во текот на анкетирањето.

НОВАТА ПИСМЕНОСТ – ПРЕДИЗВИК ЗА ЕДУКАЦИЈАТА
Сѐ поголемиот број истражувања и примери покажуваат дека ситуацијата не само што не се подобрува туку и во одредена смисла се влошува. Порано неспособноста на широките маси да се носат со предизвиците на новите медиуми соодветствуваше со сличен степен на невештост и неспособност кај манипулаторите. Токму затоа на почетокот од дигиталната револуција, иако проблемот на лажните вести беше идентификуван, тој се третираше како периферен проблем кој сам по себе ќе предизвика самоедуцирање, навикнување и ќе исчезне. Денес, во период кога најголемиот број баби и дедовци своите внуци најмногу ги гледаат на Фејсбук, социјалните мрежи и новите медиуми станаа основно средство за информирање, а лажните вести станаа основна играчка за спроведување на масовни пропаганди и создавање лажна реалност. Големите центри на моќ ја препознаа можноста на новата пропаганда и сега проблемот станува уште посериозен. Истражувањата покажуваат дека новата реалност, и соодветно на тоа одлуките на луѓето, веќе не се оформува по основ на автентичните настани, туку неа ја креираат лажните вести и манипулациите. Во круговите кои се занимаваат со општествените текови, црвеното светло е веќе запалено. Голем број невладини организации, тинк-тенкови, академски здруженија, поединци итн. апелираат до соодветните власти за сериозно воведување едукативни содржини од сферата на интернетот и новите комуникации во севкупното образование. Идентификувањето, препознавањето, начинот на проверки на информациите треба да станат дел од „новата писменост“ (New Literacy) која досега се однесуваше само на вештината при употребата на современите алатки. Овој реформски зафат во образованието мора да се воведе уште од најмала возраст, во основното образование, и континуирано едукацијата да биде задолжителна сѐ до завршување на формалното задолжително образование. И аналитичарите од Стенфорд кои го спроведоа истражувањето, но и бројни други експерти се согласни дека едукацијата не смее да остане на теориска основа, туку мора да биде поткрепена со практична настава која вистински ќе ги подготви младите луѓе за новите предизвици. Всушност, практичната примена на теориски знаења е идентификувана како најголем недостаток кај младите, нешто што претставува основа за нивната неспособност да ги препознаат новите предизвици. Во голем број земји дел од оваа материја веќе е покриена со формалното образование, но сѐ уште најголем дел од овој едукативен процес го водат невладините организации и останати неформални организации.
Едгар Велч во моментов се наоѓа во притвор и ќе му се суди за загрозување на безбедноста, нарушување на јавниот ред и мир итн. Она што ќе претставува олеснителна околност во неговиот случај ќе биде фактот што тој нема регистрирани случаи на насилство во минатото, важи за пристоен човек и, најважно, при овој настан не повредил никого. Сепак поинтересно е она што ќе се смета за дополнителен товар врз неговото дело. Велч во своите искази за медиумите и за судот прифаќа дека се кае за непотребното агресивно однесување во КПП, но во исто време смета дека бил погрешно насочен за објектот каде што се чуваат децата, но дека интернет-аферата #PizzaGate е реална. Примерот на Велч покажува колку работата е сериозна и колку многу е пропуштено во оваа сфера. Сега, додека светот се бори со бројните фиктивни реалности и начините како да се справи со новиот феномен, Велч сѐ уште ќе ги бара да ги спаси „злоставуваните киднапирани деца кои ниедна институција не сака да ги спаси“.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top