Е-Б-Ф-Б
ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА НЕ Е ДОБРА РЕКЛАМА ЗА ТУРИЗМОТ

Мирче Јовановски
Авторот е новинар

И најдобрата кампања може да падне во вода доколку земјава ги полни странските медиуми со негативни вести за политичката состојба.

 

Политичката криза не го остави на страна ниту туризмот, една од значајните стопански гранки кај нас во која се полагаат големи надежи за поголем девизен прилив. Инцидентот во Куманово предмината година фрли сенка врз безбедносната ситуација во земјава. Но, и протестите со кои изобилуваше речиси целата ланска година, како и овие од годинава, се само врв на затегнатата политичка ситуација. Бранот протести во Скопје и во другите градови во Македонија ги вознемири и странските амбасади кои во почетокот на годинава ги повикаа своите државјани кои престојуваат во Македонија да бидат внимателни особено ако се во близина на големи групи народ, на протести и на демонстрации.
Тоа не е добра реклама за земјава, коментираат туристичките работници. „Се надеваме дека оваа година нема да имаме никакви проблеми и дека ќе имаме повеќе туристи од минатите години“, велат тие, додавајќи дека тоа ќе зависи и каква ќе биде ситуацијата во државава. Тие, сепак, за претстојната сезона ги засукаа ракавите во очекување на зголемен број туристи. И државава прави напори да ја промовира земјава како привлечна туристичка дестинација преку учество на бројни специјализирани саемски манифестации. Сепак, и најдобрата кампања може да падне во вода доколку земјава ги полни странските медиуми со негативни вести за политичката состојба.
Ако се погледнат податоците што ги презентира Државниот завод за статистика, работите и не се толку црни. Така лани статистиката евидентирала вкупно 856 843 туристи, што во однос на претходната година кога имало 816 067 гости е пораст од 5 отсто. Притоа лани поголем раст имало кај странските туристи, за 5,1 отсто (вкупно во земјава лани престојувале 510 484 странски туристи, а една година претходно 485 530), а кај домашните порастот изнесувал 4,8 отсто или лани имало 346 359 домашни туристи, а во 2015 година– 330 537.
Сепак, поголемиот број гости не е проследен соодветно и со повеќе ноќевања при што лани порастот бил 2,8 отсто. Или минатата година биле евидентирани вкупно 2 461 160 ноќевања, а една година претходно 2 394 205. Во однос на ноќевањата, поголем пораст е регистриран кај домашните гости, за 3,6 отсто, а кај странските за скромни 1,7 отсто. Или лани имало 1 407 143 ноќевања од домашни гости (1 357 822 во 2015 година) и 1 054 017 од странски (во 2015 година – 1 036 383).
Во првиот месец годинава, пак, земјава ја посетиле 25 031 странски турист кои оствариле 46 137 ноќевања. Во јануари најмногу гости дошле од: Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Србија. Во истиот месец имало 18 189 домашни гости кои оствариле 41 757 ноќевања.

ЛАНИ СТАТИСТИКАТА ЕВИДЕНТИРАЛА ВКУПНО 856 843 ТУРИСТИ, ШТО ВО ОДНОС НА ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА КОГА ИМАЛО 816 067 ГОСТИ Е ПОРАСТ ОД 5 ОТСТО. ПОГОЛЕМ РАСТ ИМАЛО КАЈ СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ, ЗА 5,1 ОТСТО, А КАЈ ДОМАШНИТЕ ПОРАСТОТ ИЗНЕСУВАЛ 4,8 ОТСТО

Ако се гледа кој каде се сместувал, излегува дека странците ги претпочитаат хотелите со пет, со четири и со три ѕвездички, а домашните гости не се воздржуваат да се сместат и во капацитети со понизок ранг, како во хотели, така и во мотели, одморалишта и во приватни соби или куќи.
Така во хотелите со пет ѕвезди имало 11 845 гости од кои 9 420 биле странци, а 2 425 домашни. Истовремено, во становите, односно собите за изнајмување имало 4 391 гостин од кои дури 4 373 биле домашни туристи, а само 18 странски. Снегот што го имаше во изобилство веројатно придонесе јануари годинава да биде бериќетен – со 13,3 отсто повеќе гости во однос на истиот месец претходната година и со 11,7 отсто повеќе ноќевања.
„Што ви паѓа на ум кога ќе чуете за Република Македонија како туристичка дестинација? Освен ако не сте од овој регион, љубител на историјата или екстремен зависник од патувања, веројатно знаете многу малку за една од најмладите европски земји во Јужниот Балкан. Всушност, за Македонија се напишани само неколку водичи, а тешко е да се најдат и тековни информации за патување.“ Овој вовед, кој е дел од поголем текст кога се пребарува за туризмот во Македонија, „испливува“ меѓу првите, иако е напишан кон крајот на 2013 година како блог на еден од најпопуларните интернет-сајтови во светот, Хафингтон пост. Текстот нуди повеќе корисни информации за нашава земја, за нејзината историја, традиција, знаменитостите, храната...


Во годините што следуваа, од страна на повеќе специјализирани портали и светски познати весници, Македонија неколку пати беше избрана за една од новите туристички дестинации што треба да се посетат, Охрид како една од топ знаменитостите, Македонија беше претставена на многу саемски манифестации, постојано се зголемува бројот на авионски линии од и кон скопскиот аеродром...
Сепак останува фактот дека работите не можат да се променат преку ноќ, па Македонија, од аспект на туризмот, и натаму е џуџе опкружено со туристички џинови како што се, пред сѐ, Грција, Турција, Хрватска, па и Бугарија, Словенија...
Во овој контекст се и податоците од најновата публикација Травел енд туризм економик импакт 2017 - Македонија (Travel & Tourism Economic Impact 2017 - Macedonia) на Советот за патување и туризам во светот (World Travel & Tourism Council – ВТТЦ (WTTC)) според кои нашава држава е рангирана на 151. место од 185 земји според значењето на оваа гранка во вкупното учество во домашниот бруто-производ. Нешто подобро, на 139. место, е според релативното учество на приходите од патување и туризам во БДП за 2016 година, а радува прогнозата дека годинава според растот ќе бидеме на 66. место, што донекаде се влошува со прогнозата за долгорочниот раст на оваа гранка (за периодот 2017 – 2027 година) каде што Македонија е рангирана на 92. место.
Еве што кажуваат клучните факти на ВТТЦ (WTTC) за нашава земја пресметани според цените и девизните курсеви од 2016 година: директното учество на секторот Патувања и туризам во домашниот бруто-производ минатата година бил 10,4 милијарди денари (0,2 милијарди американски долари), односно 1,8 отсто од вкупниот БДП во 2016 година. Според прогнозата за годинава, порастот на гранката ќе изнесува 5,9 отсто, како и дека во наредните десет години ќе расте во просек по 4,2 отсто годишно достигнувајќи 16,7 милијарди денари (0,3 милијарди долари) или 2,1 отсто од вкупниот БДП во 2017 година.
За разлика од директното учество, вкупниот придонес на оваа гранка, според публикацијата, лани бил 38,5 милијарди денари (0,7 милијарди долари) или 6,7 отсто од БДП, а растот годинава ќе изнесува 5,2 отсто со прогноза за наредните десет години од 4,3 отсто годишно со што во 2027 година би достигнал 7,8 отсто од БДП.
Во однос на вработувањата, според ВТТЦ (WTTC), патувањето и туризмот директно придонеле за 12 000 работни места (1,6 отсто од вкупниот број вработени). Се очекува порастот годинава да изнесува 4,7 отсто, а во 2027 година да достигне 14 000 вработувања или 2 отсто од вкупниот број вработени. Вкупниот придонес за вработеноста, пак, во што се вклучени и работните места индиректно поддржани од оваа гранка, лани бил 6,1 отсто од вкупниот број вработени (или 44 илјади лица). До 2027 година се проценува дека тој ќе достигне 51 илјада работни места или 7,2 отсто од вработените.



Со оглед што туризмот е и значајна извозна гранка, Советот за патување и туризам во светот во брошурата дава процени и за овој аспект на индустријата. Така, според нивните податоци, извозот генериран од посетителите се проценува на 15,7 милијарди денари (или 282,8 милиони американски долари), што изнесува 5,4 отсто од вкупниот извоз во 2016 година. Годинава растот ќе изнесува 6,4 отсто, а во наредните години по 5 отсто годишно достигнувајќи 27,1 милијарда денари (488 милиони долари) во 2027 година, но тоа ќе биде 4,7 отсто од вкупниот извоз. Конечно, во однос на инвестициите, според ВТТЦ (WTTC), лани кај нас во гранката биле инвестирани 4,5 милијарди денари (0,1 милијарда долари) или 2,4 отсто од вкупните инвестиции. Годинава инвестициите ќе се зголемат за 6,9 отсто, а во наредните години во просек по 4,6 отсто годишно така што според овие прогнози во 2027 година би достигнале 7,6 милијарди денари или 2,8 отсто од вкупните инвестиции.
Инаку, Советот за патување и туризам во светот (World Travel & Tourism Council (WTTC)) е непрофитна и невладина организација, односно форум на индустријата за патување и туризам. Бил формиран во осумдесеттите години на минатиот век од страна на членовите на глобалната бизнис-заедница и работи со владите за подигање на свесноста за значењето на оваа стопанска гранка. Активностите на Советот вклучуваат истражувања за економското и за социјалното влијание на оваа стопанска гранка, а нивните глобални и регионални самити се фокусираат кон прашања и теми кои се од значење за развојот на гранката.

Најбројни Турците, со најмногу ноќевања Холанѓаните

Според бројот на гости најбројни се туристите од Турција, но најмногу ноќеваат Холанѓаните. Тоа, според туристичките работници, се должи на фактот што Турците доаѓаат како дел од балканските тури во кои имаат едно ноќевање во Скопје, едно или две во Охрид или во Струга, и продолжуваат за Црна Гора, за Босна и Херцеговина или за Србија. Кога станува збор за туристите од Холандија, пак, тие претежно доаѓаат со чартер летови и остануваат во земјава повеќе денови. Придонес за ова секако имаат и субвенциите кои ги добиваат странските туристи. Во последно време има сѐ повеќе гости и од далечните земји како што се Јапонија и Кина.

За развој на туризмот важна е понудата. Според категоризацијата на хотелите од февруари минатата година, која може да се најде на интернет-страницата на Министерството за економија, во Македонија до овој датум имало само пет супериор хотели со пет ѕвезди: Александар Палас - Скопје, Принцес - Гевгелија, Радика - Леуново, Буши - Скопје и Холидеј ин - Скопје. Со пет ѕвезди, но без ознаката супериор, се уште 12 хотели, супериор хотели со 4 ѕвезди се седум, а со четири ѕвезди (без супериор) се вкупно 63 итн. Треба да се има предвид дека во меѓувреме беа отворени и други капацитети, како на пример хотел Мериот во строгиот центар на Скопје, како дел од познатиот светски синџир хотели, потоа Ибис исто така во непосредна близина на скопскиот централен плоштад итн.
Од март минатата година стапија во сила законски измени со кои сите угостителски објекти за сместување како хотели, мотели, пансиони, туристички апартмани, планинарски и ловни домови, заклучно со февруари годинава требаше да бидат повторно категоризирани. За таа цел беше предвидена тринаесетчлена комисија за категоризација на угостителските објекти за сместување, како и надзорна комисија. Категоризацијата ќе важи три години, а за секоја доделена ѕвездичка надоместокот изнесува 100 евра, односно за 5 ѕвезди ќе чини 500 евра, за четири - 400 евра итн.

Инфраструктура

Лошата инфраструктура, пред сѐ патиштата, се една од причините која ги одвраќа туристите. Изградбата на нови автопатишта и реконструкцијата на постојните сообраќајници ќе придонесат за зголемен број туристи, но како што велат луѓето од туризмот, тоа требаше да се направи уште пред 15 години.

Впечаток е дека пред туристичките работници во нашава држава и натаму е загатката – кој пат да се фати и која е формулата која ќе обезбеди туристите да не ја избираат Македонија претежно како транзитна дестинација во која ќе престојуваат два-три дена, туку да останат повеќе, а со тоа и ќе потрошат повеќе пари.
Дали тоа ќе бидат езерата, на чело со Охрид со својот епитет заштитено културно наследство од страна на УНЕСКО (кое е под закана да го изгуби), или можеби Крушево, Кратово..., дали се тоа зимските туристички центри Маврово, Попова Шапка, Пелистер (во кои треба многу да се инвестира) или изобилното културно наследство, запоставените бањи кои треба да се развијат во современи велнес и спа центри, здравствениот туризам, алтернативниот туризам и екстремните спортови...
Или, како што сметаат многумина, македонскиот туристички мозаик треба да го сочинуваат сите овие елементи во складна целина која ќе им овозможи и на сѐ попребирливите гости да го најдат она што ги интересира.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top