Е-Б-Ф-Б
ЕКОНОМСКИТЕ ОЧЕКУВАЊА НИЗ НОВА ДИОПТРИЈА

Мирче Јовановски
Авторот е новинар

Сите релевантни меѓународни и домашни организации и институции ги коригираа надолу очекувањата за раст на македонската економија. Дали новата влада може да донесе пресврт во стопанските движења?

 

Економските прогнози се едни од работите кои најтешко се погодуваат. Тоа отприлика е како да се нишани подвижна мета. Многуте варијабли кои влијаат врз економскиот раст, инфлацијата, (не)вработеноста, инвестициите, придонесуваат предвидувањата ретко кога да се поклопат со реалните остварувања. Аналитичарите знаат да кажат дека економските прогнози се розови, односно дека кога се зборува за идните развојни достигнувања во преден план се истакнуваат големи инвестиции, зголемување на вработеноста, побрз економски раст... Во реалноста, пак, излегува дека тие најчесто – потфрлиле. И тоа не само оние на владите на одделни земји, кои, разбирливо, се пристрасни, туку и на најреномираните финансиски институции како Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, ЕБРД... Споредбите на очекуваното и на реализираното покажуваат дека „грешката“ е поголема за земјите кои имале побрз раст во минатото, како и кога се проектира за подолги временски интервали.
Сево ова се потврдува и во случајот со македонската економија каде што „нишанот“ веќе е нивелиран на многу пократки дострели од оние што се очекуваа пред само пет - шест месеци. Тоа неодамна го направија Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, нешто подоцна и Европската комисија, а кон крајот на мај и Народната банка на Република Македонија. Заеднички именител на сите овие надолни корекции е – политичката криза.
Во време на предавањето на овој текст во печат се „крчкаше“ составот на новата влада. Но, фактот дека од одржувањето на последните парламентарни избори до почнување со работа на новиот владин кабинет поминаа речиси шест месеци зборува за ситуација која оневозможуваше каква било посериозна интервенција во стопанството, што најбизарно се виде преку проблемот да се исплатат субвенциите на земјоделците. Да не зборуваме за други проблеми кои бараат решавање, како борбата со сивата економија или подобрување на регулативата.

СПОРЕД ПОДАТОЦИТЕ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ММФ ИЗЛЕГУВА ДЕКА МАКЕДОНИЈА ПОЛЕКА ГО ГУБИ ЧЕКОРОТ СО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ. ПА ТАКА, АЛБАНИЈА СЕ ПРЕДВИДУВА ДА ОСТВАРИ РАСТ ОД 3,7 ОТСТО, КОСОВО 3,5 ОТСТО, ЦРНА ГОРА 3,3 ОТСТО, А СРБИЈА И БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА 3 ОТСТО

„Намалувањето на економскиот раст, пред сѐ, е последица од намалувањето на инвестициите кои беа погодени од политичката криза“, изјави за време на презентацијата на извештајот за земјите во регионот на Светската банка Бојан Шимбов, економист во банката, додавајќи дека основната моторна сила која го поттикнуваше растот е градежништвото кое, пак, беше главно поддржано од јавните инвестиции во делот на патната инфраструктура. Но, како што забележаа економистите, не и од приватниот сектор каде што статистиката бележи пад на инвестициската активност.
Така во извештајот „Побрз раст, повеќе работни места“ на Светската банка, во кој се анализираат земјите од Западен Балкан, за Македонија се прогнозира раст на БДП од 2,8 отсто во 2017 година и 3,3 отсто в година. Стапките можеби и не би биле толку лоши доколку се едни од најниските во споредба со другите земји во опкружувањето и ако уште се земе предвид сознанието дека не толку одамна токму Македонија предничеше според економскиот раст. Ова покажува дека не само што растот забавува туку и дека го губиме чекорот во споредба со регионот. Според овој извештај, главниот ризик е продолжената политичката неизвесност и нејзиното влијание врз довербата на потрошувачите и кај инвеститорите, како и поради пролонгирање на нужните структурни реформи.


За време на пролетните средби во Вашингтон на двете најважни финансиски институции, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, ММФ во „Светскиот економски преглед“ прогнозираше дека македонската економија ќе оствари раст од 3,2 отсто годинава, што е за 0,4 процентни поени помалку од претходните очекувања кои беа позиционирани на раст од 3,6 отсто.
И според податоците во извештајот на ММФ излегува дека Македонија полека го губи чекорот со другите земји. Па така, Албанија се предвидува да оствари раст од 3,7 отсто, Косово 3,5 отсто, Црна Гора 3,3 отсто, а Србија и Босна и Херцеговина 3 отсто, но треба да се има предвид дека кај нив динамиката е во нагорна линија исто како и кај Хрватска каде што по подолго време се предвидува солиден раст од 2,9 отсто.
Во општата клима на надолни корекции се вброи и онаа на Европската комисија, која во пролетните прогнози за Македонија годинава прогнозира раст од 2,9 отсто, што е повеќе од ланските 2,4 отсто, но помалку од растот од 2,6 отсто што се предвидува за идната година.
Пред само половина година, кога беа презентирани зимските прогнози на ЕК, растот на македонскиот БДП се предвидуваше годинава да изнесува 3,2 отсто, а во 2018 година 3,6 отсто.
„Економската експанзија забави во 2016 година со оглед на тоа што инвеститорите чекаат крај на политичкиот ќор-сокак… Инвестициите и приватната потрошувачка може да бидат попречени од помалиот прилив на странски директни инвестиции и на приватни трансфери“, беше наведено во пролетниот извештај на ЕК. Самиот наслов на делот за Македонија („Економското закрепнување сѐ повеќе загрозено од политичките пречки“) зборува доволно.
И сето ова во време кога, како што посочи еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси, Европа влегува во својата петта година по ред на раст поттикнат од приспособливата монетарна политика, робусниот бизнис и довербата на потрошувачите, односно подобрувањето на светската трговија.
Ова, само како илустрација, дека ваквото подобрување секако ја засега македонската економија, која е зависна од движењата на европскиот пазар каде што извезува и најголем дел од производите и од услугите.
Дека сепак, не е сѐ црно покажуваат податоците за невработеноста која се намали на 23,7 проценти и доколку продолжи да се намалува со истото темпо ќе достигне 20 отсто во 2018 година. Слични се и очекувањата за натамошен раст на извозот кој, според ЕК, ќе остане стабилен благодарение на странските инвестиции во слободните зони. За разлика од извозот, за увозот се предвидува дека нема целосно да се остварат прогнозите поради „тоа што плановите за нови производствени капацитети се ставени во мирување“.
Охрабрува и констатацијата дека економските фундаменти за домашната побарувачка и извозот останале силни, но загрижува забелешката дека „негативните ризици на позитивниот аспект произлегоа од трајната политичка криза со оглед на тоа што институционалните капацитети за спроведување на структурни реформи се попречени, а стабилизацијата на долгот останува неостварлива во поглед на одржливите фискални дефицити и потребите за задолжување на јавните претпријатија“, како и дека политичката криза најмногу влијаеше и кај стопанските субјекти кои се воздржуваа од инвестирање.
Европската комисија, сепак, остава простор за корекција бидејќи, како што се вели во извештајот, „проекциите зависат од решението за политичката криза, што негативно влијае на домаќинствата и на довербата на потрошувачите и ја ограничува способноста на Владата да ги спроведе многу потребните структурни реформи и да изврши капитални расходи на Буџетот“.
Во однос на перспективите, пак, од една страна се вели дека инвестициите и приватната потрошувачка можат да бидат попречени од помалиот прилив на странски директни инвестиции и на приливот на приватни трансфери. Тука е и констатацијата дека економската експанзија сѐ повеќе зависи од производството на странските компании наспроти анемичноста на домашните, што претставува ризик за одржливост на високи стапки на раст. Тука се и предупредувањата за јавните финансии, високите буџетски дефицити, како и големите фискални ризици кои го загрозуваат стабилизирањето на долгот на Македонија...
По сите овие корекции со големо нетрпение се очекуваше и анализата на Народна банка на Република Македонија која, барем досега, се покажа како добар прогнозер. Сега НБРМ ги ревидираше очекувањата за годинава на пораст од 2,5 отсто, што е значително помалку од претходните процени во октомври лани кога „нишанот“ беше наместен на раст на домашниот бруто-производ од 3,7 отсто. Корекцијата главно се должи на продолжената политичка криза, што влијае негативно врз однесувањето и довербата на потрошувачите и на инвеститорите.
„Главните фактори на растот ќе бидат како и минатата 2016 година – најмногу извозот и личната потрошувачка. Кај инвестициите, пак, годинава очекуваме намалување, а в година повторно да преминат во позитивната зона“, изјави на презентацијата на ревизијата на макроекономските проекции гувернерот Богов. Од НБРМ очекуваат последиците од политичката криза да се чувствуваат во текот на годинава, но и нејзино постепено разрешување, што ќе придонесе, заедно со пораст на извозот, идната година растот да се интензивира и да изнесува 3,2 отсто.
Во НБРМ исто така се оптимисти дека извозот ќе биде поттикнат од новите капацитети, но и од порастот на традиционалниот извоз на што на рака ѝ оди зголемената побарувачка и закрепнувањето на европската економија, како и порастот на цените на металите. Структурата на извозот е значајно сменета главно поради странските инвестиции. Пред десет години повеќе од 60 отсто од извозот отпаѓаше на текстилните производи и на металите, а сега нивното учество во вкупниот извоз е околу 30 отсто. Од друга страна, голем пораст има учеството на машините, на транспортните уреди и на хемиските производи кои достигнуваат 50 отсто од вкупниот извоз. Колкава цена плаќа стопанството порди неизвесноста зборува и податокот дека бруто-инвестициите годинава ќе бидат во минус 1,3 отсто наспроти проекцијата од октомври лани која прогнозираше раст од 3,9 отсто. Ваквиот оптимизам лани се темелел на очекувањата дека од почетокот на оваа година политичката неизвесност значајно ќе се намали и дека ќе се стабилизираат состојбите.
„Во такви услови требаше да дојде до пораст на инвестиците. Но, речиси сме на половина од годината, а тоа не се случи така што тоа соодветно се рефлектира и врз стапката на пораст на бруто-инвестициите, која сега е негативна“, изјави гувернерот Богов.

ПОНЕКОГАШ МОЖЕБИ Е ПОДОБРО НА ЕКОНОМСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ ДА СЕ ГЛЕДА НИЗ ПОТЕМНИ ОЧИЛА – ЗА РЕАЛНОСТА ДА ИЗЛЕЗЕ ПОРОЗОВА

Од централната банка уверуваат дека постулатите на македонската економија се солидни. За тоа зборува фактот дека и во услови на длабока политичка криза се остваруваат позитивни стапки на раст, како и дека податоците на повеќето компании кои котираат на Македонската берза покажуваат добри деловни и финансиски резултати, дури и изненадувачки пораст на профитите. Сепак, цената која ја плаќа стопанството е висока. Таа се состои во она што можело да го испорача, а поради прелевањето на политичките неизвесности во економијата не го направило.
Еве неколку податоци како илустрација. Според прогнозите од 2014 година, НБРМ очекувала во 2015 година растот да биде 4,2 отсто. Наспроти тоа биле остварени 3,8 отсто или потфрлање за 0,4 процентни поени. Наредната, 2016 година, се очекуваа 4,5 отсто, а беа остварени 2,4 отсто, што значи дека потфрлањето беше уште поголемо – 2,1 процентен поен. За годинава, пак, од тогашна перспектива се очекуваше раст од околу 4,5 отсто, а процените сега се сведоа на скромни 2,5 отсто, значи уште два процентни поени.
„Таа разлика на економскиот пораст кој македонската економија можеше да го оствари, бидејќи сите индикатори упатуваа на таков раст, а не го оствари, е штетата која ја претрпе, а со тоа и целокупната бизнис-заедница и граѓаните“, рече Богов.
Ако се има предвид дека македонскиот БДП отприлика е околу 10 милијарди долари, тогаш лесно може и квантитативно да се пресметаат загубите кои политичката криза ги чинеше и компаниите и земјава во целина.
Дали формирањето влада ќе значи пресврт? Тоа го очекуваат и го посакуваат сите. Но, како што беше посочено и на презентацијата на макроекономските прогнози во НБРМ, формирањето политичка влада по автоматизам не значи и политичка стабилност. А на Македонија ѝ е потребна политичка стабилност за да може да испорача поголеми стапки на раст.
Понекогаш можеби е подобро на економските перспективи да се гледа низ потемни очила – за реалноста да излезе порозова. На резултатите, сепак, нема да чекаме во недоглед. Тоа ќе го покажат веќе наредните извештаи на ММФ, на Светската банка, на Европската комисија, на НБРМ...

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top