Е-Б-Ф-Б
ПРОЕКТОТ „ЛИДЕР“ НА МАКЕДОНИЈА 2025 ПРОСЛАВИ ДЕСЕТГОДИШНИНА


Неодамна во Скопје се одржа десеттото издание на проектот „ЛИДЕР“ на Македонија 2025. Нови 40 млади професионалци од Македонија зедоа учество во најновата обука за претприемачи и менаџери, во рамки на овој проект, што се спроведува во соработка со Бизнис школата „Ричард Ајви“. Обуката се состоеше од десетдневна интензивна бизнис програма дизајнирана според програмата за специјалистички и магистерски студии (МБА) на универзитетот „Вестерн Онтарио“од Канада. За таа цел разговаравме со предавачите во рамките на проектот.

 

Како извршен директор на проектот Лидер, како го оценувате проектот, дали ги исполни очекувањата? Професионално сте воделе програми за маркетинг и комуникации во широк распон на организации, како компании од Форчн 500 така и непрофитни организации. Кои се разликите во пристапот и каков е Вашиот совет за македонските компании?

Ф.Курји: Проектот Лидер е прекуморска програма за економски развој при Бизнис-школата Ричард Ајви. На постојните и на идните претприемачи им овозможуваме да се стекнат со аналитички алатки и вештини за носење одлуки за да се справат со комплексни деловни предизвици. Моментно работиме во седум земји во светот и имаме обучено преку 8 000 претприемачи во текот на изминативе 26 години. Нашето влијание го мериме преку анкети и фокус групи со нашите инструктори, студенти и партнери на терен. Годинава воспоставивме и Комитет за проценка на ефектите кој развива рамка за да можеме да ги следиме нашите ефекти во иднина и на долг рок.
За денес да успеат организациите, без оглед дали се профитни или непрофитни, треба да имаат приказна.Треба да се способни да артикулираат кои се, вредноста што им ја даваат на своите клиенти и на главните акционери и влијанието што го имаат во заедниците во кои работат.

Во овој дел од светот топ менаџерските позиции обично се поврзани со дипломци за бизнис или за економија. Што треба да направат инженерите за да си ги подобрат менаџерските изгледи во своите кариери? Вие сте и активен член на стартап заедницата во Канада. Во услови кога невработеноста на младите е мошне сериозен проблем во земји како Македонија, дали стартапите се решение и што треба да се направи во врска со тоа.

Ц. Гупта: Инженерите имаат огромна вредност на топ менаџерските позиции, имајќи ги предвид нивниот систематизиран начин на размислување и аналитичкиот ментален склоп. Меѓутоа, тие имаат потреба да го стекнат и да го разберат јазикот на бизнисот за да го пресликаат таквото размислување во вистинска бизнис-вредност. Проектот Лидер е една патека на која можат тоа да го направат. Покрај тоа верувам дека дружењето и вклученоста во заедници на интердисциплинарни решавачи на проблеми може исто така да им помогне на инженерите да ги развијат своите менаџерски инстинкти.
Денес, со големите потреси, стартапите се идеални лансирни рампи за нови идеи и поинакви начини на правење на работите. Како што стартап заедницата оди од идеја до идеја, совладувајќи ги проблемите што се појавуваат, таа исто така нуди и нетрадиционални кариери што брзо се менуваат, нудејќи можности што во друг случај не би постоеле. Програмите, како што се оние што ги нуди Македонија 2025, се идеални за поттикнување на овие заедници на стартапи и на претприемачи.


ПРЕДАВАЧИТЕ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „ЛИДЕР НА МАКЕДОНИЈА 2025“, ОД ЛЕВО: ФЛАВИУ ДОБРЕСКУ, ФАРА КУРЈИ, АЛИСОН МОРИН И ЧАНАКЈА ГУПТА

Која беше Вашата улога во проектот Лидер? Од Вашето искуство, колку е важно да се биде изложен на претриемништво рано во животот? Во Вашата професионална кариера, Вие бевте импресионирани од претприемачкиот и мултифункционален начин на функционирање на корпорацијата Канедиан Тајр. Можете ли да споделите со нас зошто мислевте дека е толку важно?

А. Морин: Растењето во претприемачко семејство ми овозможи да почувствувам како се развива и расте еден бизнис без притоа воопшто да сфатам дека учам за тоа. Човечките ресурси, намалувањето на трошоците и маркетингот, меѓу другото, се дневна грижа. Во училница можете да научите за бизнис толку колку што ќе научите, реалниот свет е тој што ви дава увид во финесите и во деталите за тоа како функционира еден бизнис. Оваа мултифункционалност и пристап од реалниот свет при учењето се рефлектираше добро врз мојата работа во Канадиан Тајр. Менаџирав портфолио на производи во вредност од 175 милиони долари и брзо сфатив дека рекламирањето, изборот на производи, брендирањето и одредувањето на цената не се индивидуални одлуки, туку мора да бидат разгледани заедно. Овој мултифункционален пристап им овозможува на луѓето да го видат својот бизнис со поглед од 360 степени наместо од само една перспектива. Да се биде во можност да се доживее ова толку рано во мојата кариера ми овозможи да имам аналитички и динамички „очила“ за решавање на бизнис-проблемите.

Вие сте менаџмент консултант и специјализирате во модели за раст на бизнисите на дигитални екосистеми. Бранот на дигитализација и веројатната голема дигитална конвергенција се перципирани како нови трендови што ќе го преобликуваат бизнисот, онаков каков што го знаеме денес. Како гледате на тоа? На што треба да обрнат внимание македонските компании и како да се прилагодат и да се развиваат?

Ф. Добреску: Имајќи предвид дека македонските компании генерално се во почетните фази на големата дигитализација, најпрвин за нив ќе биде суштинско да ги идентификуваат областите од нивниот бизнис каде што дигитализацијата ќе произведе најголема вредност. Одлично место за старт е развивање на дигитална стратегија „клиентот на прво место“. Растечките очекувања на клиентите создаваат голем притисок врз организациите за да испорачаат одлична услуга тогаш и таму каде што клиентите ја сакаат, а денешните клиенти тоа го сакаат онлајн. Директорите би биле умни да разберат дека конкурентскиот пејзаж се поместува. Банките обично си конкурираа со други банки за бизнис, но она што денес го гледаме е дека клиентите ги споредуваат услугите на сите играчи во нивниот екосистем. За срцата на нивните клиенти, банките започнуваат да си конкурираат со телеком оператори, малопродажни субјекти и дури кафулиња. Беспрекорното дигитално доживување ќе биде тоа по што ќе се разликуваат организациите.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top