Општество
РАЗБИРАЊЕТО НА КУЛТУРАТА И НА ЕКОНОМИЈАТА

Роберт Алаѓозовски
Авторот е книжевен критичар и докторант по културен менаџмент

Во оваа колумна имам потреба повторно да се навратам на прашањето на културата и на економијата. Без разлика што идните културни политики, по децениското владеење на досегашната културна власт ќе се занимаваат со низа наследени, поприоритетни или порутинизирани прашања од полето на културата, прашањето на културата погледната низ економската призма останува клучно. Тоа е централната преокупација на европските културни политики, но и на целата глобална заедница, од Канада до Африка и од Нов Зеланд до Јужна Кореjа.

Поголемиот дел од постојната културна класа низ Европа, но и во Македонија кон ова прашање има главно негативен став. Тој потекнува од вековно старата идеја за сакрализација на уметничкиот порив и за една константна технофобија кај уметниците и интелектуалците. За нив економскиот пристап значи „продавање на душата (културата) на ѓаволот (пазарот)“ и крај на хуманизмот. Од тој аспект, економистите со нивните квантификации, мерливи индикатори, статистики ги валкаат немерливите и езотерични поими како уметност, творештво, култура. За нив тоа не може да се подложи на економски мерки. За комплексните прашања на еден комплексен феномен како културата потребни се комплексни холистички пристапи кои ќе дадат едно општо разбирање на нештата, а не низа симплифицирани операции кои покажуваат како функционираат причинско-последичните врски меѓу одредени варијабли.

За несреќа, досега и економистите имаа еднакво дистанцирани предрасуди кон културата. Тие културата ја сметаа за скапа елитна играчка која претставува луксуз и не ја одредува вистинската динамика на економијата. Тоа е непродуктивно трошење што во првиот бран на финансиска криза треба да се исече од буџетот.

Но, во изминативе две децении се случи вистинска револуција во однос на улогата што ја игра економијата во анализата на културата. Всушност може да се каже дека економистите први ја отворија вратата за полето на културата. Тие се обидоа да ја сфатат важноста на културата за современата економија. За да ја илустрирам сегашната голема промена ќе го наведам славниот Џереми Рифкин кој вели дека капитализмот ја менува својата суштина со тоа што претворањето на материјалните добра во стока повеќе не е примарен извор на профит, туку дека тоа е сè повеќе платената забава, трансформирањето на културните добра во лични искуства за кои постои подготвеност да се плати и голема цена. Од друга страна, се појавија и луѓе од културата кои сакаат да ги убедат публиката и политичарите дека културата и творештвото не се само езотеричен и самодоволен порив туку дека е тоа поврзано и со туризмот, урбаното планирање, инфраструктурата, услужните дејности итн. Луѓето систематично се обидуваат да го зголемат нивото на среќа, на благосостојба, на корист, а тоа се постигнува во голема мера преку создавањето производи, активности и симболички вредности од сферата на културата и на креативните дејности.

Секако, како што забележува Рут Тауз, една од најглавните придобивки што ги дава економската наука на културата е обезбедувањето емпириски докази. Во доба на енормен раст на информатиката, статистиката, дата базите и слично, податоците за културните активности се несфатливо мали. Вистинската моќ на економската наука е што таа може да обезбеди алатки за мерење на кој начин се менува реалноста. На пример, да се обезбедат емпириски докази дека варирањето на цената на влезниците врз основа на побарувачката нема вистински ефект врз музеите. Оттаму токму културниот економист ќе изведе заклучок дека публиката нема да се зголеми доколку билетите се ниски и дека стратегиите на демократизација не треба да се засноваат на цената (или единствено на неа). А политичарите и директорите на музеите го тврдат токму спротивното. Со други зборови економијата се обидува да утврди кои се мотивите, преференците врз чија база луѓето купуваат книги, влезници за одредени филмови, зошто одат на часови по гитара или по креативно пишување, зошто некои изложби или креативни студија се отвораат во поранешни фабрики и слично.

Во економскиот пристап улогата на културата се оценува врз основа на капацитетот да го зголеми нашиот културен и социјален капитал, чувството на припадност и идентитет, да ни ги прошири сензитивноста, креативноста, когнитивноста, комуникативноста, експресивноста. Во таа смисла токму економските анализи на културата покажуваат дека многу денешни културни политики не се многу ефективни во придонесот кон претходно елаборираните вредности (тоа секако се однесува и на земјите во транзиција како нашава). Не ги употребуваат правилно ресурсите и во најголемиот број случаи се екстремно нееднакви – најчесто, пристап и корист од културните политики имаат повисоките општествени елити на сметка на пониските слоеви.

Какви културни политики ни се потребни?

Новите културни политики треба да создадат можности за задоволување на креативните потреби на индивидуалците и на заедницата подобрувајќи ги емотивните, естетските, духовните, когнитивните или комуникациските вредности во нашиот живот. Треба да ги намалат разликите од етничко, родово и друго потекло, а да ја олеснат инклузивноста и да ја зголемат слободата. Во потесната смисла на зборот, да создадат механизми за отворање нови работни места и процеси што ќе создадат економски вредности и доволен вишок за финансирање на претходно наведените вредности.

Новото разбирање и новите цели на културните политики се одразува преку создавањето стратегии за развој на т. н. културни и креативни индустрии. Тие стануваат централно прашање во многу земји, па и во нашава. Се стимулира нивниот развој, иако често наместо првична рецепција преку домашните експерти и професионалци се оди на преземање веќе создадени обрасци од други средини, што не е најпродуктивно. Во таа матрица останаа заробени досегашните обиди да се внесат креативните индустрии во нашите политики и културни сцени. Ако ја поставиме ситуацијата од почеток, за да се поттикне развојот на културните и креативните индустрии потребно е да се работи паралелно на неколку полиња. Потребно е да се создаде образовен систем што ги продлабочува знаењата од областа на уметноста и што ги засилува креативните вештини на луѓето. Таквото образование треба да биде достапно до што поголем дел од населението. Само така може да се создаде доволно голема критична маса на поединци со творечки вештини и креативни капацитети. Освен вештини, тој тип образование треба да создаде и луѓе кои се отворени кон новото, кон иновативни решенија, кои се политички активни, но кои имаат чувство за отвореност и толеранциија кон различноста. Потребно е да се создаде културен систем во кој ќе функционираат повеќе чинители, од развиен пазар за културни и креативни производи до доволен број културни и креативни простори за создавање, за промоција и за пристап до тие производи од различни категории луѓе, посебно надминувајќи ги класните, економските, родовите, етничките и сите други разлики што го отежнуваат учеството во културата.

Системот на фиинансирање треба да биде разновиден. Не само државно, буџетско финансирање, туку и поттикнување на сите други форми на поддршка: приватни донатори, спонзорства, приватно-јавни партнерства, цивилни партнерства, механизми за даночни ослободувања и олеснувања, зафаќања од лотарискиот профит, грантови и кредити за развој и покренување на организации, на институции, на иницијативи итн.

Потребно е да се создаде еден општ културен и општествен систем кој ќе ја признае економската вредност на културниот производ, вредноста што се создава во процесот на обликување на заедницата, симболичниот поредок, социјалниот капитал, да се избегне експлоатацијата, преголемата социјална несигурност и флуктуацијата на трудот преку подобро уредување на правата на професионалците од културата и креативните индустрии, дури и во крајно динамичните и флексибилни подрачја, што ќе овозможи намалување на стресот и на несигурноста, и одржување на ниво на животна сигурност и стабилност. Потребно е да се создаде еден динамичен систем од организации, државни тела, национални институции, приватни донатори и спонзори, кои заедно креираат богати и комплексни културни политики што ќе знаат како на најдобар начин да ги прифатат и да ги канализираат разновидните културни и креативни иницијативи кои доаѓаат од групи или од поединци. Системот треба да има и рамномерен територијален развој за да овозможи идеите и иницијативите да се шират, да се развиваат, да бидат инспиративни за другите, интердисциплинарно да се поврзуваат, да се создаде општествена атмосфера која ќе знае и да ги препознае и да ги прифати културните иницијативи и синџирот на вредности, кои се протегаат и во поширокото економско и општествено поле.

Талентот е најголемиот ресурс

Истражувањата потврдуваат дека концентрацијата на културни и на креативни активности во одредено подрачје влијаат врз логиката и функционирањето на економската динамика. Тие влијанија се комплексни и зафаќаат разни категории. Начинот на кој денес се уредуваат работните простори, начинот на управување со човечките ресурси, ставањето на креативноста и иновативноста во центарот на економскиот процес бара подобри врски меѓу културата и иновативноста. Од друга страна, во полето на културата постои едно постојано преиспитување на категориите на етичноста, експлоатацијата, несигурноста и флексибилноста на трудот кои добро се сложуваат со економските барања за економски развој, за биоетичка економија, за зелена економија и слично.

Во овој моментот талентот е еден од најголемите ресурси на земјава. Мора да создадеме услови тој талент да се развие и да земе клучно учество во создавањето нов, корисен и значаен културен, економски и општествен поредок.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top