Интервјуа
ГИ ЗАЈАКНУВАМЕ И ПОВРЗУВАМЕ ИСТРАЖУВАЧКИТЕ КАПАЦИТЕТИ НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН

Василис Монастириотис
Професор, Лондонска Школа за економија и политички науки

Годи сознанието дека светски реномираната Лондонска Школа за економија и политички науки има интерес да му помогне на Западниот Балкан. Го формираше  ЛСЕЕ Рисрч (LSEE Research) со цел да помогне за развивање на истражувачките капацитети во нашиот регион и за поврзувањето на истражувачите со носителите на политиките. Василис Монастириотис е професор на Лондонска Школа за економија и политички науки и директор на ЛСЕЕ Рисрч (LSEE Research). Со него разговараме за разновидните аспекти на овој потфат, за конференцијата што се одржа во Скопје во април годинава, но и пошироко, за глобалните случувања. Тој зборува за силната врска помеѓу економијата и политиката, за подемот на т.н. „економски патриотизам“ во Европа и САД, за растечкиот интерес за предметот Политичка економија...

 

На почетокот од ова интервју кажете ни што точно претставува ЛСЕЕ Рисрч (LSEE Research)? Посочете ни некои детали за неговиот профил, колку долго постои итн.

В. Монастириотис: ЛСЕЕ е истражувачка единица на Лондонската школа за економија (London School of Economics), востановена во 2009 година, со специјален фокус на Западниот Балкан и на поширокиот регион на Југоисточна Европа. Покриваме три широки тематски области: социјална кохезија (пазари на работна сила, образование, социјална политика, нееднаквости, регионален развој); макроекономија (трговија, фискални политики, економско управување, регионална соработка и ЕУ); безбедност (вклучително малцинства, градење држава и меѓународни односи). Потпирајќи се на нашата голема мрежа на академски истражувачи од регионот на Балканот се ангажираме во тематски истражувања, во истражувања што се релевантни за политиките и во академски размени. Целта ни е да ги засилиме истражувачките капацитети во регионот и да ги информираме јавните политики во регионот преку висококвалитетни истражувања што се релевантни за политиките. Имаме екстензивна програма на јавни настани, во Лондон и на Балканот, преку кои сакаме да ги унапредиме политиките и академскиот дијалог за клучни прашања за регионот и да ја подигнеме јавната свест за таквите прашања, од економската транзиција и развојот до демократизацијата, меѓудржавните односи и пристапувањето во ЕУ.

КАКО ШТО ЕУ СЕ СООЧУВА СО СОПСТВЕНИ ПРЕДИЗВИЦИ СТАНУВА РАСТЕЧКИ ВАЖНО ЗА ЗЕМЈИТЕ ВО РЕГИОНОТ ДА НАЈДАТ СВОЈА СОПСТВЕНА ИНТЕРНА ДИНАМИКА ЗА ПОДДРШКА, НО И ИЗНАОЃАЊЕ НА НАСОКА ЗА НИВНИОТ ЕКОНОМСКИ, ИНСТИТУЦИОНАЛЕН И ПОЛИТИЧКИ РАЗВОЈ

Мошне е интересно тоа што така високо рангирана школа, во глобални рамки, како што е Лондонската школа за економија, е заинтересирана за регионот на Југоисточна Европа. Од каде дојде мотивацијата за тоа?

В. Монастириотис: Со отворањето на процесот на проширување на ЕУ кон Истокот и распадот на Југославија, Југоисточна Европа се појави како регион на значителен интерес, општествено-економски, политички и интерес за политиките. Предизвиците со кои се соочи регионот покренаа бројни аналитички прашања и прашања поврзани со политиките, кои се однесуваат на политичко-економските процеси на интеграција и на дезинтеграција, национализам и градење држава, економски развој и пазарна либерализација, миграција и многу други. Преку Европскиот институт (нашиот домашен академски оддел) ЛСЕЕ има традиција да се ангажира во глобални и регионални прашања од општествен интерес, а исто има силен фокус врз Европа и поширокото европско соседство. Основањето на ЛСЕЕ дојде како логична последица на ова: од студирање „што е Европа и што прави Европа“ ние природно сакавме да се отвориме за прашања кои се однесуваат на европската перспектива на Балканот и, преку ова, прашањата за демократизација, економски развој и градење институции во регионот. Анализирањето на овие прашања на Балканот го зголемува нашето знаење и разбирање за целиот европски континент и ја зацврстува нашата анализа на политиките поврзани со Европската Унија и иднината на Европа во целина.

Кои беа досегашните активности на ЛСЕЕ во регионот? Колкава мрежа на истражувачи е креирана?

В. Монастириотис: Од 2011 година ЛСЕЕ води Истражувачка мрежа за социјална кохезија на Југоисточна Европа, што денес има преку 60 членови кои доаѓаат од секаде низ регионот, и е широко дефиниран (со вклучени Молдавија, Турција, итн.). Исто така воспоставивме врски со бројни јавни и приватни универзитети, тинк-тенкови и истражувачки институти, како и со клучни регионални и меѓународни организации активни во регионот. Редовно организираме разновидни тематски работилници и настани што ги вклучуваат политиките, одржуваме тригодишна конференција, последната се одржа во Скопје, во април 2017 година. Покрај тоа што со овие активности поддржуваме и дистрибуираме индивидуални истражувања, исто така потпирајќи се на експертизата на нашата мрежа учествуваме во големи регионални истражувачки проекти: за трговските ефекти од ЦЕФТА, во соработка со Секретаријатот на ЦЕФТА; за дестинациите на вработување на дипломираните и несовпаѓањата на пазарот на работна сила, финансирани од Европската комисија; и за политиките за вработување и активирање, финансирани од Советот за регионална соработка. Резултатите од овие студии се комуницирани со релевантните заедници преку меѓународни конференции и таргетирани презентации, вклучително неодамна на Здружената научна конференција на Берлинскиот процес. Понатаму членовите на нашата мрежа ја имаат користа од можностите за академска размена со колегите од ЛСЕЕ, на пример, преку истражувачки посети и визитинг стипендии за ЛСЕЕ.

Организиравте конференција во Скопје, во април, заедно со Народна банка на Република Македонија. Ваш локален партнер е и Универзитетот Американ колеџ Скопје. Дали настанот беше успешен?

В. Монастириотис: На конференцијата имаше 46 презентации на академски трудови од 7 различни земји во регионот. Посетена беше од преку 100 учесници, не само академски претставници, туку и членови на заедницата поврзана со политиките, вклучително и од разновидни регионални и меѓународни организации како што се Светска банка и Европската фондација за обука. Конференцијата покри широк опфат на теми, од невработеноста на младите и половата нееднаквост до економско управување и Стратегијата на Југоисточна Европа 2020. Тоа беше интензивен дводневен настан што овозможи размена на истражувачки идеи меѓу истражувачите, како и дисеминација на наодите од тековните истражувања на публиката поврзана со политиките.
Нашето партнерство со Универзитетот Американ Колеџ Скопје и, за првпат, со Народна банка на Република Македонија беше од огромно значење за овој успех. Поврзувајќи се со Годишната конференција на НБРМ ја имавме можноста да допреме до поширока публика поврзана со политиките и да ја зголемиме нашата интеракција со заедницата поврзана со политиките во Македонија. Преку финансиската поддршка на нашите партнери, како и Европскиот универзитет на Тирана, бевме во можност да го финансираме присуството на истражувачи од делови на регионот каде што институционалната поддршка за учество на меѓународни конференции е поограничена со што директно придонесовме за нашата цел за зацврстување на академската размена и интеракција меѓу членовите на академската заедница во регионот.

Што покажува досегашното искуство, дали овие истражувачки студии успеваат да влијаат на дизајнирањето на политиките во регионот?

В. Монастириотис: Заедницата што ги одредува политиките во регионот на Југоисточна Европа има традиција да биде интровертна, со ограничена интеракција со академски истражувања и внимание насочено кон истражувачките наоди. Во оваа смисла, нашето присуство и активностите во регионот се клучни, не само за академската туку и за заедницата поврзана со политиките. Со здружување на истражувачите и на носителите на политиките ние помагаме да се надмине релативната изолираност на двете заедници и креираме размена меѓу нив за интересот и за идеите за политиките.
Понатаму, академските истражувања во регионот долго време страдаа од последиците на достапноста на голема група надворешни организации што финансираа директно мали проекти насочени кон нивните сопствени агенди за истражувања и политики, феномен познат како „проектизација на истражувањата“. Активностите на ЛСЕЕ нудат многу вредна централна точка за академски истражувања за да се надмине ова распарчување на делчиња и да се развие своја агенда поврзана со пошироки прашања, применети и теоретски, кои се покренати во меѓународната литература. Како што можеше да се види на неодамнешната конференција, оваа централна точка им овозможува на истражувачите од регионот да се ангажираат во пошироки академски дебати и да го пласираат своето истражување поцврсто во овие дебати на начин што следствено дозволува поефективна комуникација на наодите од истражувањата со заедницата поврзана со политиките: не само со концентрирање на тековно важни прашања за политиките што се наметнати од надворешни финансиери туку и со продуцирање на висококвалитетни оригинални истражувања што можат да ја променат рамката и да ги придвижат напред овие агенди. Навистина, во текот на изминативе години видовме значајно поместување во пристапот на регионалните носители на политиките во поглед на академските истражувања, а особено во однос на истражувањата произведени од страна на нашата мрежа на истражувачи. Ова е многу охрабрувачко: важно е не само во поглед на поефективно дизајнирање на релевантни социјални и економски политики во регионот туку исто така и за понатамошен развој на академските истражувања, како и на истражувачките капацитети во самиот регион.

Какви се плановите за ЛСЕЕ за иднината?

В. Монастириотис: Имаме интензивна програма за истражувања и активности за дисеминација како во сегашноста, така и за во иднина. И покрај продолжувањето со нашите три тематски тека (социјална кохензија, макроекономија, безбедност), нашите тековни истражувачки напори се концентрираат нешто повеќе на прашања од пазарот на работна сила. Во 2017/2018 година започнуваме нова истражувачка програма за истражување на лепеза реформи на пазарот на работна сила и социјалната политика на Балканот, истражувајќи ги особено нивните социоекономски последици и проблемите што овие реформи треба да ги разрешат, од невработеноста на младите и половата нееднаквост до сиромаштијата, социјалната кохезија и исклученост од пазарот на работна сила. Иствремено сакаме да го зацврстиме нашето покривање на макроекономските прашања и прашањата на економско раководење. Неодамнешните случувања во Европа го ставија под знак прашалник „Европскиот проект“, а со тоа, иако можеби индиректно, целата европска перспектива на регионот. Како што ЕУ се соочува со сопствени предизвици станува растечки важно за земјите во регионот да најдат своја сопствена интерна динамика за поддршка, но и изнаоѓање на насока за нивниот економски, институционален и политички развој. Ние веруваме дека ова претставува значаен предизвик за политиките и во исто време важна истражувачка агенда за иднината. Планираме да продолжиме со нашата лепеза на активности во и за регионот, од академски конференции и настани за политиките до академски размени и проекти за истражувачка соработка за да обезбедиме нашата мрежа на истражувачи да продолжи да биде на чело на истражувањата, академски и оние поврзани со политиките во овие области.

СЛУЧУВАЊАТА ВО ЕКОНОМИЈАТА ИМААТ ЗНАЧИТЕЛНИ СОЦИЈАЛНИ И ПОЛИТИЧКИ ПОСЛЕДИЦИ, ШТО МОЖАТ ДА ВОДАТ ДО ДЛАБОКИ, МОЖЕБИ НЕПОВРАТНИ ПРОМЕНИ ВО ОДНЕСУВАЊЕТО И ПРЕФЕРЕНЦИИТЕ НА ЈАВНОСТА

Вие сте професор по Политичка економија на Лондонската школа за економија и политички науки. Како гледате на глобалните случувања и на интеракцијата меѓу економијата и политиката?

В. Монастириотис: Од глобалната финансиска криза наваму научивме две лекции. Прво, дека нашите модели за разбирање како функционира економијата се премногу тесни и недоволно го земаат предвид поширокиот политички контекст и бихејвиористичката динамика што раководи со економските односи. Второ, дека случувањата во економијата имаат значителни социјални и политички последици, што можат да водат до длабоки, можеби неповратни промени во однесувањето и преференциите на јавноста. Порастот на економскиот патриотизам во Европа и во САД, и особено антиевропеизмот во различни делови на Европа, е на одреден начин поврзан со растечките нееднаквости во западните капиталистички демократии во текот на последните три децении и политиките на „затегнат ремен“ што уследија по глобалната финансиска криза и кризата на еврозоната. Ако за тоа воопшто постоеше сомнеж, овие случувања ја покажаа неизбежната врска меѓу политиката и економијата.
Долго време академските истражувања и моделите за политиките ја гледаа економијата како одвоена од политиката, како прашање на ефикасноста кое треба да се третира објективно и надвор од барањата за редистрибуција или од грижите за еднаквоста. Неодамнешните глобални и регионални случувања (Брегзит, претседателствувањето на Трамп, кризата во Грција, уставните случувања во Унгарија и во Турција) покажаа дека прашањата за еднаквоста, идентитетот, распределбата и суверенитетот, со еден збор политичкото, останува во јадрото на динамиката што ги одредува економските преференции и селекцијата во однос на политиките. Како што рече американскиот политички научник Петер Гуревич, во „тешки времиња“ политиката, а не економијата или технократијата, е таа што ги диктира политиките.

Дали интересот да се слуша предметот Политичка економија се зголеми или се намали последниве години?

В. Монастириотис: Навистина, последниве години постои зголемен интерес за Политичката економија на капитализмот и за меѓудржавните односи. Од „подемот на БРИКС“ во доцните деведесетти години, до „подемот на 99 %“ во две илјадитите години и „подемот на економскиот патриотизам“ денес, односот меѓу демократијата, суверенитетот и глобализацијата, она што Дани Родрик го опиша како „трилема на светската економија“, стана клучно за разбирање на политичките и на економските случувања на сите нивоа (од сецесионистичките движења во државите – нации до антиинтегративните ставови на клучни меѓународни актери на глобалната арена).
На Европскиот институт, нашиот домицилен оддел, нудиме уникатна програма за Политичката економија на Европа, која низ интердисциплинарни аналитички очила гледа на случувањата во врска со овие прашања како во рамките, така и надвор од ЕУ. Нашата програма ја посетуваат енергични групи на студенти од цела Европа (вклучително и мал број студенти од Балканот) при што има растечки број на студенти од Азија и од САД. Последниве две години апликациите за нашата програма се зголемија значително, што е одраз токму на растечкиот академски и професионален интерес за прашањата од Политичката економија кои се однесуваат на Европа (кризата на еврозоната и Брегзитот како клучни „моменти“ што го ставаат под знак прашалник „Европскиот проект“) и на светот (антиглобализација, економски и политички патриотизам, дестабилизација на глобалниот финансиски систем и политички поредок). Иако поради несреќни околности, денес е можеби најсоодветното време да се студира Политичка економија, особено по линиите на трите главни патеки на Класичната, на Компаративната и на Меѓународната политичка економија, како што го правиме ние тоа на Европскиот институт.

Ви благодарам за интервјуто.

 

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top