Перспектива
БЕСПЛАТНИОТ РУЧЕК И НЕФОРМАЛНИОТ ДОГОВОР

Зоран Јовановски

Многу рано студентите по економија ја учат лекцијата дека нема бесплатен ручек. Некој ручек може навидум да изгледа како да е бесплатен, но не е. Некој ќе мора да го плати, односно да го покрие трошокот за неговото подготвување. Дали тоа ќе биде тој што го нарачал и изел ручекот, некој што исто така учествувал во јадењето, ама рекол дека ќе почести, или ќе го плати тој што го зготвил, или некој сосема друг, тоа е сеедно, важно е дека на крајот некој ќе мора да го покрие трошокот, бидејќи тој реално е настанат. Се разбира, зборот „ручек“ во овој контекст го употребувам во фигуративна смисла, всушност мислам на било каква бенефиција, корист.

Оваа лекција од економија, иако многу едноставна, не е прифатена од многумина во Македонија. Намерно велам не е прифатена, што е различно од не е разбрана. Но, за тоа подоцна. Да се вратам на темата, многумина во Македонија, а со текот на годините нивниот број растеше сѐ повеќе, свесно се залажуваат себеси дека бесплатен ручек- постои. 

Да погледнеме неколку примери. Ете, некои пензионери мислат дека е нормално, со владин декрет, како со волшебно стапче, да се зголемуваат пензиите дури и кога нема пари за тоа. Дури и во тешки времиња, во години кога не ѝ цветаат рози на економијата, кога пензискиот систем не е самоодржлив и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија самиот нема доволно пари за да ги исплати пензиите, па  секој месец му се потребни големи дотурања на пари од државниот буџет за да се исплатат редовните, незголемени пензии, а камоли пак зголемените. Ако и во вакви услови пензиите се зголемуваат, тогаш тоа го создава привидот за „бесплатен ручек“. Инаку, да појаснам, јас воопшто не зборувам за тоа дали сегашните пензии се доволно високи за пристоен живот, туку врз основа на што и до кога би можеле да се покачуваат.

МНОГУ РАНО СТУДЕНТИТЕ ПО ЕКОНОМИЈА ЈА УЧАТ ЛЕКЦИЈАТА ДЕКА НЕМА БЕСПЛАТЕН РУЧЕК. НЕКОЈ РУЧЕК МОЖЕ НАВИДУМ ДА ИЗГЛЕДА КАКО ДА Е БЕСПЛАТЕН, НО НЕ Е. НЕКОЈ ЌЕ МОРА ДА ГО ПЛАТИ, ОДНОСНО ДА ГО ПОКРИЕ ТРОШОКОТ ЗА НЕГОВОТО ПОДГОТВУВАЊЕ. ОВАА ЛЕКЦИЈА ОД ЕКОНОМИЈА, ИАКО МНОГУ ЕДНОСТАВНА, НЕ Е ПРИФАТЕНА ОД МНОГУМИНА ВО МАКЕДОНИЈА. НАМЕРНО ВЕЛАМ НЕ Е ПРИФАТЕНА, ШТО Е РАЗЛИЧНО ОД НЕ Е РАЗБРАНА

Понатаму, земјоделците знаат дека ако некој дава субвенции во земјоделството нормално би било за возврат да очекува тие субвенции да овозможат да се засеат поголеми површини, или пак да се засеат постојните површини, но тие да дадат поголемо земјоделско производство, односно принос. Или, да се засеат постојните површини и да се добие истиот принос, ама тој да биде со повисок квалитет, на пример органско производство, и сл. Ова не е некоја филозофија, туку е обична, елементарна логика. И, ако логиката не е запазена, тогаш ете го привидот за нов „бесплатен ручек“.

Уште понатаму, вработените во државната администрација, и тие што имаат и тие што немаат биро и столче, знаат дека за возврат за тоа што некој ги примил на работа треба да дадат соодветен квалитет на сработеното. Ако отчетот за сработеното не се дава во институцијата каде што се работи, туку на некое друго место надвор од институцијата, тогаш работното место и платата добиваат карактеристики на „бесплатен ручек“.

Зошто е ова важно сознание? Затоа што кога ваквата логика ќе пушти доволно широки и длабоки корени, таа има сериозни, најпрвин политички, а потоа и општествени импликации. Како што посочи професорот од престижната Лондонска Школа за економија и политички науки во интервјуто што го направивме во овој број, расте сознанието дека досегашните економски модели биле премногу едноставни, не ја опфаќале доволно добро комплексноста на стварноста затоа што не ја вклучувале политиката. А, како што покажало времето, врската помеѓу економијата и политиката е нераскинлива. Не е изненадување тоа што во Лондон последниве години растел интересот за изучување на предметот Политичка економија.

Перцепцијата за „бесплатниот ручек“ станува опасна за општеството и неговата иднина кога ќе стане доминантна и ќе доведе до склучување на своевиден неформален договор помеѓу власта и корисниците на „бесплатниот ручек“. Тој е неформален договор, бидејќи не е потпишан и заверен кај нотар, ама обете „договорни страни“ многу добро знаат што даваат и што добиваат. Од една страна, ако знаеш дека добиваш нешто за ништо, тогаш си многу благодарен и подготвен си на избори да го дадеш својот глас без дополнително да прашуваш (или ограничуваш) што ќе прави другата „договорна страна“ со гласот што го добила. Во суштина, и не те интересира многу. Зошто во ваквиот неформален договор и втората страна (таа што ги добива гласовите на избори) добива „бесплатен ручек“? Затоа што во позадината на „бесплатниот ручек“ што таа го дава не стои здрав и долгорочно одржлив извор на средства со кои се финансира „бесплатниот ручек“, туку тоа се прави со позајмени пари, коишто, се разбира, се само привремен извор на средства, додека не дојде денот за враќање.  

Неформалниот договор важи сѐ додека некој го дава гласот и за возврат добива „бесплатен ручек“, и обратно. Ова е многу прагматична „зделка“, секој си е фокусиран на она што го добива.

И, тука, веднаш да разјасниме. Зборувам за тоа дека во Македонија во рамки на општеството со децении се создава ментален склоп, којшто нема само една или само друга партиска боја, туку се заканува да стане (или, за жал, веќе станал) доминантна филозофија на живеење, со тоа што, по правило, во одреден момент некој добива(л) „бесплатен“ ручек, а друг добива(л) ветувања и чека(л) да дојде и неговото време за таков ручек.

Поентата е во тоа што, сепак, длабоко во себе, сите потсвесно знаат дека бесплатен ручек не постои и дека сметката некој ќе мора да ја плати, кога-тогаш. Ама, изгледа, многумина свесно си велат, додека има музика - нека трае забавата.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top