Перспектива
ЛЕТ ВО МЕСТО

Зоран Јовановски

Зошто денес во нашава земја воопшто да зборуваме за економија? Навистина, сериозно, кого денес воопшто го интересира таа тема? Да зборуваме за тоа како да се развиваме економски во наредните 10 години, кои треба да бидат изворите на нашата конкурентност, како да го направиме економскиот развој долгорочно одржлив? Не. Дајте да зборуваме за политика. Сите, до еден. И, само за политика. И онака таа е доминантната, вечната тема во досегашниве 25 години независна Македонија. Сѐ е поклопено и сѐ се врти околу политиката. Кој што кажал, кој како му вратил, и така, во круг, бесконечно.

Ние како земја никогаш не дојдовме до таа точка главни ѕвезди во општеството и инспирација за младите да бидат оние автентично успешни луѓе од бизнисот коишто најмногу инвестираат во македонската економија, оние коишто отвораат најмногу работни места, оние коишто најмногу извезуваат, а со тоа го овозможуваат одржувањето на постојниот девизен курс, оние чиишто фирми имаат најмногу иновации. Кај нас никогаш не станаа ѕвезди луѓето од македонскиот бизнис сектор коишто со плаќање даноци и социјални придонеси најмногу го полнат државниот буџет, овозможувајќи со тоа од буџетот да им се исплаќа во разни форми на илјадници други луѓе.

ВО МАКЕДОНИЈА НА КРАЈОТ ОД 2016 ГОДИНА ИМАШЕ 71.519 АКТИВНИ ДЕЛОВНИ СУБЈЕКТИ. ОД НИВ, САМО 10,3% ИМАА ПОВЕЌЕ ОД ДЕСЕТ ВРАБОТЕНИ. ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ОГРОМНИ РЕЧИСИ 90% ОД СИТЕ АКТИВНИ ДЕЛОВНИ СУБЈЕКТИ СЕ ФИРМИ СО МНОГУ МАЛКУ ВРАБОТЕНИ. ТОА СЕ ОНИЕ ФИРМИ ШТО ХЕРОЈСКИ (СЕ РАЗБИРА, КАКО И ГОЛЕМИТЕ ФИРМИ) ВЕЌЕ СО ГОДИНИ МАКА МАЧАТ КАКО ДА ПРЕЖИВЕАТ. СЕ БОРАТ СО НЕЛИКВИДНОСТ, СЕ БОРАТ ДА ПРОДАДАТ НЕШТО НА ПАЗАРОТ, ПА УШТЕ ПОВЕЌЕ СЕ БОРАТ ДА ГО НАПЛАТАТ ТОА ШТО ГО ПРОДАЛЕ. ПОЛИТИЧКИТЕ ЕЛИТИ ВО ЗЕМЈАВА, СИТЕ ЗАЕДНО, ИМААТ ОДГОВОРНОСТ КОН ОВИЕ ФИРМИ, КОН НИВНИТЕ ВРАБОТЕНИ, КОН НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА. ОДГОВОРНОСТ КОН НИВ КАКО ЧОВЕЧКИ СУШТЕСТВА, НЕ КАКО ГЛАСАЧИ

Во такви околности, при перманентен фокус на политиката, можеме, како општество, да се правиме дека не забележуваме дека економијата лета во место. Со исклучок на инвестициите на државата во патната инфраструктура, инвестициите во земјава речиси сосема се замрени. Во 2016 година македонската економија имаше раст од 2,4%, но бруто инвестициите забележаа пад од 4,3%. Во два квартали од минатата година падот беше двоцифрен. Кој од приватниот сектор да инвестира во ваков амбиент, во ваква неизвесност? Кредитите коишто се дадени на фирмите главно се за обртни средства. А, пари за финансирање на квалитетни проекти има многу и каматните стапки на кредитите се намалија на незапаметено ниски нивоа. Банките пливаат во ликвидност. Според последните расположливи податоци, на крајот од февруари годинава банките имаа пласирано 32,4 милијарди денари во државни хартии од вредност, а на средината на март и уште 30 милијарди денари во благајнички записи на Народна банка. Кога сето тоа ќе го собереме и ќе го претвориме во евра доаѓаме до фактот дека банките кај овие две државни институции имаат пласирано огромни 1 милијарда и 15 милиони евра. Приходот од ваквото пласирање на парите за банките значи помали приходи во споредба со пласмани во кредити, што значи дека банките попрво парите би ги дале како кредити. Без инвестиции нема одржлив развој, а ваквата состојба трае веќе подолг период.

Не само што политиката кај нас го има тотално поклопено фокусот на општеството, туку имаме и процес на сериозно институционално слабеење, речиси до точка на целосна закоченост. Во вакви околности, можеби некој ќе си помисли, па ене ја Белгија. И таа долго време немаше влада, општеството беше поделено и раскарано, па земјата немаше гајле. Некој ќе рече, нели, ако може така Белгија зошто да не може Македонија? Зошто? Затоа што ние не сме Белгија.

Веќе станува извесно дека проекцијата за економски раст од 3,4%, по која е правен и државниот буџет за годинава, нема да се оствари. Во ситуација на практично застаната економија и во комбинација со лошите временски услови на почетокот од годината коишто неповолно влијаеја, може да се очекува првиот квартал од 2017 година да покаже не баш сјајни остварувања во однос на економскиот раст. Доколку политичкото статус кво и економските тенденции продолжат, економскиот раст ќе биде поблиску до 2%, наместо предвидените 3,4%, а тоа ќе значи помалку приходи во буџетот. Ако буџетските расходи останат исти, ќе се продлабочи буџетскиот дефицит, а за негово финансирање ќе мора од некаде да се позајмува. Или, ќе се кратат капиталните инвестиции. 

На крајот на денот, економијата, македонската економија, не може бесконечно долго да лета во место. Не можеме како земја да се задолжуваме со каматна стапка од 6 проценти, а стапката на економски раст да ни биде 3 проценти или помалку. Политичката битка има своја логика и цели, но таа не може бесконечно да живее изолирано од економијата. Едно општество може да биде обземено од политиката, но дефинитивно не може вечно да опстане без здрава економија.

Тука сакам да спомнам уште нешто. Во Македонија на крајот од 2016 година имаше 71.519 активни деловни субјекти. Од нив, само 10,3% имаа повеќе од десет вработени. Тоа значи дека огромни речиси 90% од сите активни деловни субјекти се фирми со многу малку вработени. Тоа се оние фирми што херојски (се разбира, како и големите фирми) веќе со години мака мачат како да преживеат. Се борат со неликвидност, се борат да продадат нешто на пазарот, па уште повеќе се борат да го наплатат тоа што го продале. Се борат да ги платат навреме сите давачки и, во услови на ограничени сопствени кадровски ресурси, многу внимаваат случајно да не пропуштат нешто во морето прописи. Имаат ли овие фирми време и можат ли да си го дозволат тој луксуз да се занимаваат со политика? Бараат ли премногу овие илјадници мали фирми, со уште повеќе илјади вработени кај себе, ако кажат дека сакаат стабилен и предвидлив економски амбиент, функционални и ефикасни институции?  Политичките елити во земјава, сите заедно, имаат одговорност кон овие фирми, кон нивните вработени, кон нивните семејства. Одговорност кон нив како човечки суштества, не како гласачи.

(5 април 2017)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top